Постхумно одликување со Медал за храброст за 32 припадници на безбедносните сили на МВР
Вторник, 07 Мај 2013   

Почитувани членови на семејствата на загинатите припадници на Министерството за внатрешни работи,

Почитувани присутни,

Во годината кога го одбележуваме Денот на македонската полиција, донесов указ за постхумно доделување на Медал за храброст на сите припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината. Со овој чин го исполнувам ветувањето што го дадов минатата година.

Ова се моменти кога со длабока тага се сеќаваме на нашите херои. Знам дека ние никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија. Но, можеме и мораме да им оддадеме почит за нивната голема жртва.

Нивните животи беа насилно и прерано прекинати. Останаа многу големи желби неисполнети, многу важни мигови недочекани, многу години непреживеани. Остана голема болка што сите ние и денес ја чувствуваме.

Но, исполнетоста и целосноста на еден човечки живот не се мери само во годините изминати на овој свет. Се мери и според делата што се направени, обврските што се исполнети, заветот што е оставен во наследство. Делата на нашите херои живеат во нашите спомени и во спомените на блиските и ближните. Сите херои кои ги одликуваме денес ја исполнија врвната обврска кон татковината. Верувам дека тие ги положија своите животи мислејќи на своите семејства, на идните поколенија, мислејќи на Македонија. За тоа сме им вечно благодарни.

Почитувани присутни,

Пред повеќе од една деценија, татковци и мајки останаа без своите чеда. Синови и ќерки останаа без своите татковци, кои храбро ги дадоа своите животи за Македонија.

Премногу боли изгубеното чедо. Премногу боли кога родителот останува без своето дете, сопругата без својот сопруг, а децата без својот родител. Потресно е кога губиме близок, бидејќи губиме дел од себе. Нашите блиски се дел од нас. Без нив, во нас и во нашите животи останува голема празнина. Раните на телото зараснуваат, но раните на душата никогаш не зараснуваат. Тоа се отворени рани кои нè печат додека сме живи.

Колку и да сакаме, колку и да се трудиме, што и да направиме, никој од нас не може целосно да ја оттргне болката од вашите срца. Никој од нас не може да направи вашата тага целосно да исчезне. Но, тука сме за да ви помогнеме, да ве утешиме и да ве увериме дека нивната жртва не беше напразна.

Секој загинат припадник на безбедносните сили е човек со име и презиме. Човек со свој поглед на светот и животот. Секој од нив имал своја приказна, свој сон, свој план за иднината. Сето тоа тие го жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија. Тие загинаа бранејќи го територијалниот интегритет на нашата единствена татковина - Република Македонија.

Затоа денес татковината се сеќава на сите нив. Затоа денес достоинствено им оддаваме почит и признание. Признание за нивната храброст и пожртвуваност. Им доделуваме Медал за храброст.

Почитувани членови на семејствата,

Во овие мигови на молк, кога во мислите навираат сеќавањата како што во очите навираат солзите, сакам да знаете дека вашата болка е и моја болка. Вашата тага е и моја тага. Свесен сум дека нема зборови што ќе го променат тоа. Но, се надевам дека денешниот чин ќе ви даде утеха и гордост.

Вашите ближни не ги дадоа своите животи залудно. Нивната пожртвуваност нè обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Да ги чуваме вредностите за кои се изборија нашите предци. Да ги чуваме слободата, независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на нашата татковина - Република Македонија.

Драги пријатели,

Како претседател на Република Македонија со овие медали за храброст сакам да пратам јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи нејзините херои да бидат запоставени и заборавени! Тие ќе продолжат да живеат во нашиот спомен како храбри синови кои го направија она што татковината во еден турбулентен период го бараше од нив.

Денес, кога македонската полиција достоинствено го одбележува својот ден, со овој чин се потсетуваме на едно трауматично поглавје од поновата македонска историја. Сум кажал и повторно ќе кажам: Сакам и барам овој чин да биде разбран и како симбол на едно ново и поинакво поглавје кое го отворивме и на кое сме целосно посветени. Да ја градиме Македонија како европска држава, со европски вредности, критериуми и стандарди. Македонија како заеднички, мирен и напреден дом за сите, без разлика на етничката, верска или каква било припадност или чувство на припадност. Нивната жртва е најголемиот влог во оваа иднина.

Нека им е вечна слава на нашите паднати херои!

Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад