Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели, Браќа и сестри Македонци, Огромно е задоволството да се биде денес тука, во пријателска Канада, меѓу своите сонародници и меѓу нашите канадски пријатели. Тука сум да ви пренесам топли поздрави од нашата заедничка татковина Република Македонија. И благодарам на Организацијата Обединети Македонци за ова признание што го носи името на Методија Андонов – Ченто, познат како прв претседател на независна Македонија. Признанието го прифаќам со гордост и чест, не само во мое име, туку и во името на Република Македонија и македонските граѓани, и се она што правиме за заштита, унапредување и промовирање на човековите права. Признанието ми е дотолку помило и позначајно бидејќи е доделено во годината на клучни јубилеи поврзани со човековите права и слободи. Оваа година одбележуваме 65 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, која започнува со констатацијата дека „признaвaњeтo нa врoдeнoтo дoстoинствo, и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт.“ Пред 60 години на сила стапи Европската конвенција за заштита на човековите права, која служи како инспирација за голем број на механизми за заштита на човековите права низ светот. Пред 15 години беше формиран и Европскиот суд за човекови права во Стразбур - прв меѓународен суд каде европските граѓани можат да бараат заштита на своите права од сопствените држави. Почитувани присутни, Никој и никогаш не смееме да прави компромис кога станува збор за основните човекови права и достоинство. Па така, и ние, Македонците. На тоа не обврзуваат не само меѓународните конвенции и институции, туку и длабоката македонска традиција на соживот. Македонската посветеност кон толеранција и почит на различноста. Вечерва сме собрани во храмот посветен на Св. Климент Охридски, голем народен светител, просветител и преродбеник од 10. век кој преку својата дејност се бореше за правото на народот да зборува, пишува и чита на сопствениот јазик. Може да се каже дека тој, и неговите учители, Кирил и Методиј, се меѓу зачетниците на она што денес го нарекуваме право на образование на сопствен јазик. 11 века подоцна, во април 1941 година, кога македонскиот народ сеуште немаше своја држава, и кога се соочуваше со политики на асимилација, токму тоа право на сопствен јазик го бранеше Методија Андонов Ченто со следните зборови: “Не можете ниту Вие, ниту кој било друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца. Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик.“
Драги пријатели, Секоја генерација има своја борба. Борбата на св. Климент Охридски беше со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило. Борбата, пак, на Методија Андонов Ченто беше за слободна, независна демократска македонска држава. Македонците во Република Македонија и надвор од неа денес имаат и знаење и писменост. Имаме и независна македонска држава. Остварено е и духовното обединување на Македонците како дел од една слободна Европа и слободен свет. Навистина се радувам што пријателска Канада е дел од тој слободен свет во кој македонската заедница е почитувана и општествено ценета. Дами и господа, Пред речиси два милениуми, како што се наведува во Библијата, токму преку Македонија Христијанството се прошири во Европа. Денес, одбележуваме златен јубилеј – 50 години од првата македонска црква во Канада. Јубилеј кој е потврда дека вие, припадниците на македонската дијаспора со себе во Канада ги донесовте своите вредности, верувања и традиции, како голем придонес кон оваа прекрасна земја која стана ваша втора татковина. Македонија и Канада споделуваат многу нешта. Споделуваме исти вредности. Двете демократии имаат сличен модел на интеграција без асимилација, модел што подразбира негување на културната, етничката и верската разноликост. Нашите две држави промовираат толеранција и дијалог меѓу граѓаните и меѓу народите во светот. Преку својата посветеност и трудољубивост, вие придонесувате во зацврстувањето на одличните билатерални односи меѓу Македонија и Канада. Сврзувајќи го најдоброто од двете култури, македонската заедница е мостот што ги поврзува двете држави. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон добробитта и богатството на канадското општество. Вие сте тие кои во односите меѓу двете земји давате квалитет и содржина. Не заборавајте дека вие сте сликата за Македонија во Канада. Драги пријатели, Како претседател на Република Македонија, среќавајќи се со иселениците каде и да одам, знам дека меѓу државите во светот, Македонија има и пријатели, и партнери и поддржувачи. Но, пред сè, Македонија ја има својата дијаспора, која е нераскинлив дел од неа, исто како што Македонија е дел од животот на дијаспората. Знам дека имаме исти желби и визии за нашата заедничка татковина Македонија. Мојот апел до сите вас е да се обединиме околу мотото: каква Македонија создаваме, таква и ја имаме. А сакаме да имаме побогата, понапредна, европска и евроатлантска Македонија. Од Македонија да создаваме земја отворена за странски инвестиции, напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Ве повикувам заедно да ја градиме Македонија во височина, со највисоки стандарди, критериуми и вредности. На тоа не обврзуваат нашите предци, но, пред се, на тоа на обврзуваат нашите деца, кои се нашата иднина. Реков дека вие сте дел од Македонија. Вие живеете со реалноста на Македонија. Правото на глас ви го дозволува тоа. Браќа и сестри, Вратите од нашиот заеднички дом, Македонија, ви се секогаш отворени. Врската меѓу татковината и дијаспората е вредност која треба да се негува. Убеден сум дека таа поврзаност и натаму ќе се одржува и зацврстува. Ви благодарам.

|