Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Ми претставува особено задоволство да ви се обратам денес на претседателската сесија на 16. Евроазиски економски самит. Како и секогаш, нашите домаќини нè предизвикаа со актуелна глобална тема која е суштинска за нашиот споделен евроазиски простор.
Денес зборуваме за униполарен или мултиполарен свет. Верувам дека секогаш е корисно да се сфати суштината на концептите што толку често ги користиме. Што значат униполарноста и мултиполарноста, од каде произлегуваат и кон што водат? Која е нивната природа?
Структуралните реалисти сметаат дека распределбата на моќта меѓу државите влијае на однесувањето на државите. Во таа смисла, тие разликуваат три структури на меѓународниот систем: униполарна структура во која една доминантна држава има моќ над другите, биполарна структура, во која доминираат две држави или два сојуза на држави, налик на онаа за време на Студената војна, и мултиполарна структура во која има повеќе центри на моќ и влијание, која е историски најчеста и најдолготрајна. Причината можеби треба да се бара во тенденцијата на државите и народите да бидат свои на своето. Впрочем, и самиот Хуго Гроциус во 17. век рече дека „слободата е моќта што ја имаме врз самите себе".
Ценети екселенции,
Денешниот ден е симболичен. Пред точно три века, на 11 април 1713 година беше потпишан Договорот од Утрихт, со кој се стави крај на 13-годишната војна за шпанското наследство, и кој повторно го воспостави нарушениот европски принцип на баланс на моќта. Пред три века, мултиполарноста се врати на европската сцена.
Релативната нестабилност на балансирањето на моќта преку „Европскиот концерт" доведе до Првата светска војна. Тенденцијата за униполарна Европа, пак, заврши со Втората светска војна, и го чинеше човештвото милиони човечки животи. Пред два дена, на предавањето на Истанбулскиот универзитет реков дека Европската унија започна како мировен проект насочен кон превенирање на нови војни. Како одговор на неефикасниот европски концерт и стравот од униполарна Европа, се јави идејата за Европа како мировен проект во кој подеднакво ќе бидат вклучени сите нејзини држави и народи.
Дискурсот за униполарност и мултиполарност секогаш гравитира околу концептот на суперсила. Свесни сме дека Европската унија се соочува со бројни предизвици. Но, секој предизвик претставува и можност за нови решенија. Денес Европската унија, но и Европа воопшто, не е ниту воена, ниту економска суперсила. Но, таа е дефинитивно суперсила на животниот стил.
Дами и господа,
Има многу причини поради кои мултиполарноста доминира во историјата на светот. Но, сега нема да се задржувам на оние кои се најчесто спомнувани во контекст на меѓународните односи. Наместо тоа, сакам накратко да се осврнам на самата природа на мултиполарноста.
Универзумот не е униполарен, туку мултиполарен. Според најновите сознанија, составен е од бројни галактички супер-јата кои претставуваат огромни групации на галаксии. Ниту пак нашата планета Земја е униполарна. Таа има два географски и два магнетни пола – северен и јужен. Вртејќи се околу својата оска, ни го дава западот и истокот. Меѓу нив, на картата ги препознаваме североистокот, југоистокот, северозападот и југозападот.
Да резимирам: униполарноста во природата не постои, ниту во вселената, ниту на нашата планета. Се има своја спротивност. Поларноста е насекаде околу нас: горе-долу, лево-десно, топло-ладно, големо-мало, некои би рекле добро-лошо. И батеријата во нашите мобилни телефони има два пола – позитивно и негативно напојување. Униполарноста за која денес зборуваме е човечка конструкција.
Кога зборуваме за униполарен или мултиполарен свет, честопати забораваме дека во основа станува збор за човечки заедници.
Аристотел вели дека човекот по природа е политичко суштество - zoon politikon. Тој понатаму вели дека „оној кој не може да живее во заедница или кому ништо не му е потребно, бидејќи е доволен самиот на себе, не е дел на државата, тој е или ѕвер или бог". Токму ова отсуство на потреба да се биде со другите е една форма на униполарност. Но, таа униполарност е неполитичка, бидејќи политика, економија и размена има само во заедницата, која по природата на нештата е мултиполарна. Во историјата не постои ниту една природна и трајна човечка заедница која е униполарна.
Ценети присутни,
Меѓу нас постојат разлики. Доаѓаме од различни делови на Евроазија. Нашите држави се разликуваат според географијата, територијата, демографијата и економијата. Се разликуваат според системите, навиките, културите и традициите. Се разликуваат според историските искуства. Сите ние сме различни, а сепак имаме компас, кој ни дава јасна насока кон каде треба да се движиме.
Компасот за кој зборувам е меѓународното право. Без тој компас би било многу тешко да се снајдеме во нашиот свет. Без тој компас би владеела анархија во меѓународните односи. Владеењето на правото и човековите права се базични принципи и со нив не може да се прави компромис. Меѓународното право ни дава стабилност и поредок.
Почитувани присутни,
Физичкиот компас функционира токму поради биполарноста на нашата планета. Замислете го светот без компас. Звучи како место во кое тешко би се снашле. А замислете го светот без полови или со само еден доминантен геомагнетен пол. Како во такви услови би функционирал компасот.
На човекот му треба ориентација. Во просторот, тоа е компасот. Во темнината, тоа е светлината. На државите, исто како и на луѓето, им е потребна ориентација. Реков дека компасот е меѓународното право. Светлината, тоа се универзалните вредности и принципи како што се: слободата, човековите права и човечкото достоинство.
Од каде тогаш се јави идејата за униполарен свет? Можеби во човековата тенденција да ја смета моменталната состојба како трајна и непроменлива. Но, таа постојано се менува.
Додека за мултиполарноста може да се каже дека е правило, за униполарноста може да се каже дека е исклучок. И, како секој исклучок, се јавува ретко и кратко трае.
Затоа, ве повикувам, да зборуваме не за униполарност на светот, туку за амбиент во кој ќе се почитуваат универзалните општоприфатени човечки вредности, слободата, човековите права, безбедноста и еколошки одржливиот економски раст и развој. Да се стремиме кон свет во кој ќе се почитува богатството на различности. Свет во кој секому ќе му биде овозможен стремеж кон нешто повозвишено и поблагородно.
Ви благодарам.

|