Време е за конкретна соработка во ЈИЕ - обраќање на свеченото отворање на 16. Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 10 Април 2013   

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Веќе 4-та година ја имам честа да учествувам на Евроазискиот економски самит. Ова е место на кое се сплотува искуството, мудроста и интелектуалната моќ на генерациите европски и азиски - евроазиски лидери.

Како и до сега, и оваа година Фондацијата Мармара ни дава одлична можност да разговараме за актуелни теми што се однесуваат на иднината на нашиот евроазиски простор. Годинава ќе зборуваме за заканите и можностите за Евроазија, за униполарноста или мултиполарноста на светот, за енергијата, информатичко-комуникациските технологии и безбедноста, за образованието, здравствената заштита и како тоа се одразува на нашите држави, нашите економии, нашите односи.

Нелсон Мандела, рече дека добрите лидери можат искрено и длабоко да се впуштат во дебата, знаејќи дека на крајот двете страни ќе се приближат, и заедно ќе бидат посилни. Уверен сум дека овие два дена ќе бидат одлична можност за искрена дебата за проблемите и можностите со кои се соочува оваа генерација.

Ценети екселенции,

Речено е дека, на Кинески, зборот „криза“ се состои од два знаци, од кои еден означува опасност, а другиот можност. Ние живееме во време на големи и темелни промени, кога состојбата на светската економија е нејасна. Промената секогаш носи можности. На нас е да ги препознаеме и искористиме тие можностите.

Минатата година реков дека ни е потребна нова ера на регионална соработка во Југоисточна Европа исполнета со конкретни проекти. Доволно ни е декларативност и формализам. Меѓу големите работи за кои се сомневаме дека се неостварливи и малите работи за кои честопати наоѓаме изговори дека немаме време да им се посветиме, постои опасност ништо да не направиме. Време е за конкретна соработка за доброто на нашите граѓани. Годинава Република Македонија претседава со најстарата автохтона регионална иницијатива - Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Во јуни ќе бидам домаќин на Самит на кој ќе се зборува за конкретни нешта, за конкретни проблеми со кои се соочуваат сите наши земји. Ќе разговараме како конкретно да придонесеме за поголема безбедност на нашите општества од природни и од човекот предизвикани катастрофи. Тоа ќе има директна импликација на постигнување одржлив економски раст и развој во услови на промени на секој план. Промени врз кои ние не можеме секогаш да влијаеме, но кон кои мора да се адаптираме.

Кредибилитетот на нашите регионални иницијативи, на нашите регионални собири е во прашање. Граѓаните бараат дела. Оној кој има привилегија да знае, има и должност да превземе нешто, за оваа, но и за идните генерации.

Утре, на претседателската сесија, ќе имаме можност да размениме мислења за овие клучни теми.

Драги пријатели,

На самиот крај, со уверување дека овој форум ќе овозможи плодна дебата, размена на мислења и можности за соработка, дозволете ми уште еднаш да ги поздравам сите учесници и да упатам срдечни честитки до организаторите.

Ви благодарам.

  Back<<Назад