Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Ми претставува особено задоволство да ве поздравам денес, на оваа конференција посветена на зацврстување на соработката меѓу бизнис-заедницата и универзитетите. Ѝ благодарам на Американската стопанска комора во Македонија за поканата и им честитам на организаторите.
Темата на оваа конференција претставува секојдневје за многу развиени земји во светот. Партнерството меѓу образованието, бизнисот и државата е општоприфатен стандард за постигнување личен и колективен успех. Но, за нас, сè уште претставува предизвик.
Почитувани присутни,
Во изминатиот период, Македонија стана препознатлива по реформите. Сето она што е направено до сега, сите инвестиции во образованието, во новите технологии, во отворањето кон странските инвестиции, промените во сферите на секојдневниот живот, е вложување за младите. Вложување во нивната сегашност и иднина. Наша заедничка обврска е да ги подготвиме.
Основна функција на универзитетите е да образуваат луѓе кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар на трудот, по знаење, вештини и иновативност. Основна функција, пак, на компаниите е преку својот успех да придонесат кон општиот успех. Државата може и треба да биде олеснувач и партнер кој ќе создава услови за секој студент, секој претприемач, секоја компанија, да ги осознаат, развијат и остварат своите потенцијали.
Во услови кога Македонија се отвора кон глобалниот пазар, неопходно е да се вратиме на принципите на моделот на понуда и побарувачка. Дојден е часот кога треба да го преиспитаме односот меѓу образованието и реалните потреби на бизнисот и општеството.
За нашите студенти и компании да бидат вистински конкурентни мораме целосно да ја надминеме состојбата во која понудата не соодветствува со реалната побарувачка.
Наследивме конзервативен образовен систем и концепт каде што студентот меморира, а професорот констатира. Денес, нашиот високообразовен систем полека, но сигурно треба да се движи кон моделот на стекнување на апликативни знаења. Суштината на високото образование е да понуди метод како да се дојде до знаење, а програмите што ги нуди треба да се усогласени со реалните потреби на пазарот и општеството.
Дами и господа,
Како претседател, но и како универзитетски професор, редовно се среќавам со најдобрите студенти од универзитетите во Македонија. Свесен сум дека постои реален вакуум во нашиот образовен систем. Недостасуваат практичната настава и апликативното знаење. Цената за тоа ја плаќаат младите кадри, компаниите, но и македонската економија. Имам разбирање и за бизнис-заедницата. Да се очекува од компаниите да ја извршуваат работата на универзитетите, е исто како вашата фирма да ја игра улогата на семејство во кое вашето дете ќе расте. Фирмата не може да го одгледува вашето дете, како што нема за задача да го учи вработениот на оние работи што требало да ги совлада за време на студиите. Основната улога на компаниите не е образовна, како што ни основната улога на универзитетите не е економска и производна.
Мора да се зголеми застапеноста на бизнисот во програмите за високо образование. Мора да се зголеми практичната работа во рамки на наставата. Мора да се посвети поголемо внимание на развивање на вештините кои студентите ќе можат практично да ги применат. Стручните и менаџерските вештини да се развиваат преку можностите за основање фирми од страна на студентите во текот на студиите. Таков позитивен пример веќе постои. Фондацијата „Претприемачки сервис за млади" преку бизнис-инкубатор поддржува формирање на мирко, мали и средни претпријатија од областа на информатичко-комуникациските технологии во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Ве охрабрувам вас, стопанствениците, да се среќавате со ректорите на универзитетите и деканите на факултетите кои образуваат кадри за вашите потреби, и да разменувате мислења за наставните програми. Ве охрабрувам да ги споделите вашите практични искуства со студентите, а преку предавања што би биле дел од наставните програми.
Ценети присутни,
Убеден сум дека можеме да го пополниме системскиот вакуум. Ќе ви дадам три позитивни примери.
Како претседател на Република Македонија иницирав проект – Школо за млади лидери, што оваа година ќе се одржи по четврти пат. Низ школото до сега минаа 115 млади лидери со различна академска и професионална позадина. Преку школата, тие се запознаваат со најсовремени знаења и искуства од докажани лидери од целиот свет. Проектот е поддржан од бизнис-заедницата во Македонија, која на тој начин инвестира во идните лидери. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите компании кои помогнаа за реализација на оваа благородна цел. Верувам дека тоа што, како претседател на Република Македонија, се обидувам да го направам со идните лидери е применливо во сите високообразовни институции.
Како позитивен пример од приватниот сектор, сакам да ја истакнам иницијативата на Фондацијата „Трајче Мукаетов". Почнувајќи од академската 2007/2008 година, Фондацијата стипендираше вкупно 222 студенти по фармација и медицина. Од нив, десеттина, веќе ја започнале својата кариера во „Алкалоид" АД - Скопје.
Уште еден пример од приватниот сектор што сакам да го спомнам е успешниот модел што го нуди Микросам Академијата, која континуирано инвестира во образованието и дообразбата на талентираните млади луѓе.
За поздравување се иницијативите на приватниот сектор. Ве охрабрувам сите вас да ги следите ваквите примери.
Драги пријатели,
Моето мото е дека треба да создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мораме да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век. Иднината за младите подразбира создавање соодветни услови за нивно вработување. Младите за иднината се високообразованите луѓе кои со својата имагинација, креативност и умешност ќе можат да бидат во чекор со времето.
Сакаме економија втемелена врз знаења, економија која ќе се гради врз тројното партнерство меѓу универзитетите, приватниот сектор и државата. Овие три столба не се исклучуваат, туку меѓусебно се надополнуваат и се прилагодуваат на потребите. Верувам дека преку концептот на ова тројно партнерство можеме да успееме.
Ви благодарам.

|