Обраќање на претседателот Иванов на 5.Глобален форум на Алијансата на цивилизациите, Виена
Среда, 27 Февруари 2013   

Ценети екселенции,
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особена чест да се обратам на 5. Глобален форум на Алијансата меѓу цивилизациите во Виена. Му благодарам на нашиот домаќин, претседателот Фишер, за гостопримството и им честитам на организаторите за овој успешен настан.

Денешниот ден е по многу нешта симболичен. На 27 февруари е роден Константин Велики, првиот римски император што го прифати и призна христијанството, ставајќи крај на прогоните со кои се соочуваа раните христијани. На денешен ден во 380-тата година, императорот Теодосије го донесе Солунскиот едикт со кој христијанството стана државна религија на Римското Царство. По некоја случајност, годинава се одбележуваат и 330 години од битката за Виена. Денес на иста маса седат највисоките претставници на двете држави-наследнички и разговараат за важноста на дијалогот меѓу цивилизациите. Верувам дека не постои посилна порака за важноста на дијалогот. Не постои појасна демонстрација за лидерство од ова што се случува денес во Виена.

Религиите се менуваат и во просторот и во времето. Ако во минатото беа територијални, денес, во време на нови технологии и интернет религиите се нетериторијални. Тоа е и предизвик, но и можност за унапредување на комуникацијата и дијалогот.

Ценети присутни,

Честопати велам дека тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира, тој се гетоизира. Судирот меѓу цивилизациите беше резултат на отсуството на комуникацијата и дијалогот. Алијансата на цивилизациите е токму оној канал за комуникација и за размена на идеи, што ни помага да ги надминеме стереотипите и да ги промовираме споделените вредности за мир, толеранција и разновидност.

„Гневот и нетолеранцијата се непријателите на доброто разбирање", рече Махатма Ганди. Ако според плодовите се познава стеблото, токму во нетолеранцијата треба да ја бараме причината за голем дел од колективните човечки трагедии на денешницата, а ги има многу. Предрасудите, исклучивоста, маргинализацијата, омразата и нетрпеливост кон различноста водат кон трагедиите.

Антитезата на религиската нeтолеранција е религискиот плурализам. Плурализам сфатен не само како поголема различност, туку и како перцепција и прифаќање на таа различност. Религискиот плурализам е дел од начинот на живеење на луѓето, начин што не се наметнува, туку извира од реалниот живот. „Толеранцијата е последица на човечноста" вели Волтер. Луѓето не се раѓаат толерантни. Кај поединците, толеранцијата е навика што се создава и што се одржува цел живот. Кај заедниците, народите и нациите, религиската толеранција е вредност што треба да се учи, гради и надградува со децении и векови.

Дами и господа,

Македонија има што да каже на оваа тема. Религискиот плурализам кај нас е резултат на долгиот период на опстојување на империите, во чии рамки живееле заедно различни религиозни, етнички и јазични групи. Давајќи им одредена автономија на заедниците што биле во нивниот состав, империите граделе сложени нетериторијални механизми на остварување на колективните идентитети во облик на персонални автономии. Тоа особено се однесува на милетскиот систем кој барем во принцип го спречувал територијалното разграничување и овозможувал релативно мирна коегзистенција на религиите на еден ист простор.

Македонскиот модел на интеграција без асимилација извира токму од ова наследство на империите. Како географски и политички ентитет, Македонија секогаш била на крстопатот меѓу Истокот и Западот, но и на Северот и Југот. Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што е оставено во наследство. Македонија стана еден од духовните светилници на христијанството во Европа. Впрочем, во Делата Апостолски, 16:9, се вели: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Дојди во Македонија и помогни ни!'. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието". Од наведеното може да се заклучи дека преку Македонија, христијанството дојде во Европа.

Уште од тоа време животот нè учи на соживот, толеранција, меѓусебно разбирање и помагање, вредности што и денес ги практикуваме. Тоа е позитивен пример што треба да се вреднува,наградува, и да ги инспирира другите.

На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот симболично го нарекуваме комши-капиџик. Во минатото, речиси секоја куќа во Македонија била одвоена од соседната со ѕид во кој имало една мала врата – капиџик. Овие капиџици честопати биле и меѓу две религии. Познато е од дамнина, дека дури и кога портата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Капиџикот е врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена. Комши-капиџик е традиционалната македонска и балканската логика на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот.

Во основа на таа логика е искуството на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите.

Ваквата традиција на соживот и религиска толеранција создаде цврсти трансгенерациски пријателства меѓу луѓе од различни религии. А како резултат на тоа, Македонија е една од ретките земји во Европа каде православни христијани и муслимани го слават Бога во еден објект, под ист покрив. Тоа се места каде религиите не само што се допираат, туку и просторно и временски се преклопуваат.

Македонскиот религиски плурализам може да се потврди и со мисијата на мајката на 20-от век, Мајка Тереза, која е родена во Скопје. Во радиус не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза, која своето детство го минала во овој микрокосмос на религиски плурализам, стана синоним за човек кој живее во религиска отвореност и толерантност. Отвореност која, секако, влијаела на нејзиниот хуманизам, кој со себе го однесе во Индија, каде стана мајка на сиромашните, бедните и отфрлените.

Корените на оваа традиција се во заветот што ни го остави свети Климент Охридски, основачот на првиот словенски универзитет во Европа. Тој нè учи да се престигнуваме во добрина, да немаме непријателство со никого, да не се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце.

Ценети присутни,

Додека во некои други земји и региони во Европа, односите меѓу Истокот и Западот, христијанството и исламот биле обележани со конфликт, нетолеранција и изолација, во Македонија ја имаме спротивната дихотомија – мир, толеранција и интеграција.

Нашиот модел не само што го негуваме внатре, преку Уставот и политичкиот систем, туку го промовираме и надвор, преку регионалните иницијативи. Поранешниот претседател Трајковски во 2003 година го иницираше првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, што се одржа во Охрид. Охридската порака одекнува и е актуелна и денес, а во која се вели: „Ние, учесниците на Охридскиот регионален форум на дијалогот меѓу цивилизациите, се обврзуваме на култура на дијалог, толеранција и мир со цел – унапредување на просперитетот, добробитта и заемната соработка меѓу народите и државите во регионот на Југоисточна Европа". На 10-годишнината од оваа македонска иницијатива ќе ја имам честа да бидам домаќин на 11. Форум на дијалогот меѓу цивилизациите. Оваа иницијатива даде фантастични резултати за мојот регион, во време кога целиот регион излегуваше од период на изолација, нетолеранција и конфликти. Фактички и формално, она што Алијансата на цивилизациите сака да го прави на глобално ниво, Република Македонија го започна уште во 2003 година на регионално ниво.

Уверени дека дијалогот е незаменлив, во мај оваа година ќе бидеме домаќини и на третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите, што традиционално се одржува во Охрид. Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, бидејќи ги менува срцата и размислувањата на поединците.

Драги пријатели,

Пред повеќе од еден век, таткото на современата македонска држава Гоце Делчев рече: „Јас светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите". Верувам дека е време да ја прошириме перцепцијата за светот како поле за дијалог меѓу цивилизациите, кој е во основата на културниот натпревар меѓу народите.

Ви благодарам.

  Back<<Назад