Говори и обраќања
Заврши тенденцијата за униполарна Европа, да се почитуваат универзалните човечки вредности - обраќање на Евроазискиот економски самит на тема: „Униполарен свет или мултиполарен свет?"
Четврток, 11 Април 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ви се обратам денес на претседателската сесија на 16. Евроазиски економски самит. Како и секогаш, нашите домаќини нè предизвикаа со актуелна глобална тема која е суштинска за нашиот споделен евроазиски простор.

Денес зборуваме за униполарен или мултиполарен свет. Верувам дека секогаш е корисно да се сфати суштината на концептите што толку често ги користиме. Што значат униполарноста и мултиполарноста, од каде произлегуваат и кон што водат? Која е нивната природа?

Структуралните реалисти сметаат дека распределбата на моќта меѓу државите влијае на однесувањето на државите. Во таа смисла, тие разликуваат три структури на меѓународниот систем: униполарна структура во која една доминантна држава има моќ над другите, биполарна структура, во која доминираат две држави или два сојуза на држави, налик на онаа за време на Студената војна, и мултиполарна структура во која има повеќе центри на моќ и влијание, која е историски најчеста и најдолготрајна. Причината можеби треба да се бара во тенденцијата на државите и народите да бидат свои на своето. Впрочем, и самиот Хуго Гроциус во 17. век рече дека „слободата е моќта што ја имаме врз самите себе".

Ценети екселенции,

Денешниот ден е симболичен. Пред точно три века, на 11 април 1713 година беше потпишан Договорот од Утрихт, со кој се стави крај на 13-годишната војна за шпанското наследство, и кој повторно го воспостави нарушениот европски принцип на баланс на моќта. Пред три века, мултиполарноста се врати на европската сцена.

Релативната нестабилност на балансирањето на моќта преку „Европскиот концерт" доведе до Првата светска војна. Тенденцијата за униполарна Европа, пак, заврши со Втората светска војна, и го чинеше човештвото милиони човечки животи. Пред два дена, на предавањето на Истанбулскиот универзитет реков дека Европската унија започна како мировен проект насочен кон превенирање на нови војни. Како одговор на неефикасниот европски концерт и стравот од униполарна Европа, се јави идејата за Европа како мировен проект во кој подеднакво ќе бидат вклучени сите нејзини држави и народи.

Дискурсот за униполарност и мултиполарност секогаш гравитира околу концептот на суперсила. Свесни сме дека Европската унија се соочува со бројни предизвици. Но, секој предизвик претставува и можност за нови решенија. Денес Европската унија, но и Европа воопшто, не е ниту воена, ниту економска суперсила. Но, таа е дефинитивно суперсила на животниот стил.

Дами и господа,

Има многу причини поради кои мултиполарноста доминира во историјата на светот. Но, сега нема да се задржувам на оние кои се најчесто спомнувани во контекст на меѓународните односи. Наместо тоа, сакам накратко да се осврнам на самата природа на мултиполарноста.

Универзумот не е униполарен, туку мултиполарен. Според најновите сознанија, составен е од бројни галактички супер-јата кои претставуваат огромни групации на галаксии. Ниту пак нашата планета Земја е униполарна. Таа има два географски и два магнетни пола – северен и јужен. Вртејќи се околу својата оска, ни го дава западот и истокот. Меѓу нив, на картата ги препознаваме североистокот, југоистокот, северозападот и југозападот.

Да резимирам: униполарноста во природата не постои, ниту во вселената, ниту на нашата планета. Се има своја спротивност. Поларноста е насекаде околу нас: горе-долу, лево-десно, топло-ладно, големо-мало, некои би рекле добро-лошо. И батеријата во нашите мобилни телефони има два пола – позитивно и негативно напојување. Униполарноста за која денес зборуваме е човечка конструкција.

Кога зборуваме за униполарен или мултиполарен свет, честопати забораваме дека во основа станува збор за човечки заедници.

Аристотел вели дека човекот по природа е политичко суштество - zoon politikon. Тој понатаму вели дека „оној кој не може да живее во заедница или кому ништо не му е потребно, бидејќи е доволен самиот на себе, не е дел на државата, тој е или ѕвер или бог". Токму ова отсуство на потреба да се биде со другите е една форма на униполарност. Но, таа униполарност е неполитичка, бидејќи политика, економија и размена има само во заедницата, која по природата на нештата е мултиполарна. Во историјата не постои ниту една природна и трајна човечка заедница која е униполарна.

Ценети присутни,

Меѓу нас постојат разлики. Доаѓаме од различни делови на Евроазија. Нашите држави се разликуваат според географијата, територијата, демографијата и економијата. Се разликуваат според системите, навиките, културите и традициите. Се разликуваат според историските искуства. Сите ние сме различни, а сепак имаме компас, кој ни дава јасна насока кон каде треба да се движиме.

Компасот за кој зборувам е меѓународното право. Без тој компас би било многу тешко да се снајдеме во нашиот свет. Без тој компас би владеела анархија во меѓународните односи. Владеењето на правото и човековите права се базични принципи и со нив не може да се прави компромис. Меѓународното право ни дава стабилност и поредок.

Почитувани присутни,

Физичкиот компас функционира токму поради биполарноста на нашата планета. Замислете го светот без компас. Звучи како место во кое тешко би се снашле. А замислете го светот без полови или со само еден доминантен геомагнетен пол. Како во такви услови би функционирал компасот.

На човекот му треба ориентација. Во просторот, тоа е компасот. Во темнината, тоа е светлината. На државите, исто како и на луѓето, им е потребна ориентација. Реков дека компасот е меѓународното право. Светлината, тоа се универзалните вредности и принципи како што се: слободата, човековите права и човечкото достоинство.

Од каде тогаш се јави идејата за униполарен свет? Можеби во човековата тенденција да ја смета моменталната состојба како трајна и непроменлива. Но, таа постојано се менува.

Додека за мултиполарноста може да се каже дека е правило, за униполарноста може да се каже дека е исклучок. И, како секој исклучок, се јавува ретко и кратко трае.

Затоа, ве повикувам, да зборуваме не за униполарност на светот, туку за амбиент во кој ќе се почитуваат универзалните општоприфатени човечки вредности, слободата, човековите права, безбедноста и еколошки одржливиот економски раст и развој. Да се стремиме кон свет во кој ќе се почитува богатството на различности. Свет во кој секому ќе му биде овозможен стремеж кон нешто повозвишено и поблагородно.

Ви благодарам.

Време е за конкретна соработка во ЈИЕ - обраќање на свеченото отворање на 16. Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 10 Април 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Веќе 4-та година ја имам честа да учествувам на Евроазискиот економски самит. Ова е место на кое се сплотува искуството, мудроста и интелектуалната моќ на генерациите европски и азиски - евроазиски лидери.

Како и до сега, и оваа година Фондацијата Мармара ни дава одлична можност да разговараме за актуелни теми што се однесуваат на иднината на нашиот евроазиски простор. Годинава ќе зборуваме за заканите и можностите за Евроазија, за униполарноста или мултиполарноста на светот, за енергијата, информатичко-комуникациските технологии и безбедноста, за образованието, здравствената заштита и како тоа се одразува на нашите држави, нашите економии, нашите односи.

Нелсон Мандела, рече дека добрите лидери можат искрено и длабоко да се впуштат во дебата, знаејќи дека на крајот двете страни ќе се приближат, и заедно ќе бидат посилни. Уверен сум дека овие два дена ќе бидат одлична можност за искрена дебата за проблемите и можностите со кои се соочува оваа генерација.

Ценети екселенции,

Речено е дека, на Кинески, зборот „криза“ се состои од два знаци, од кои еден означува опасност, а другиот можност. Ние живееме во време на големи и темелни промени, кога состојбата на светската економија е нејасна. Промената секогаш носи можности. На нас е да ги препознаеме и искористиме тие можностите.

Минатата година реков дека ни е потребна нова ера на регионална соработка во Југоисточна Европа исполнета со конкретни проекти. Доволно ни е декларативност и формализам. Меѓу големите работи за кои се сомневаме дека се неостварливи и малите работи за кои честопати наоѓаме изговори дека немаме време да им се посветиме, постои опасност ништо да не направиме. Време е за конкретна соработка за доброто на нашите граѓани. Годинава Република Македонија претседава со најстарата автохтона регионална иницијатива - Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Во јуни ќе бидам домаќин на Самит на кој ќе се зборува за конкретни нешта, за конкретни проблеми со кои се соочуваат сите наши земји. Ќе разговараме како конкретно да придонесеме за поголема безбедност на нашите општества од природни и од човекот предизвикани катастрофи. Тоа ќе има директна импликација на постигнување одржлив економски раст и развој во услови на промени на секој план. Промени врз кои ние не можеме секогаш да влијаеме, но кон кои мора да се адаптираме.

Кредибилитетот на нашите регионални иницијативи, на нашите регионални собири е во прашање. Граѓаните бараат дела. Оној кој има привилегија да знае, има и должност да превземе нешто, за оваа, но и за идните генерации.

Утре, на претседателската сесија, ќе имаме можност да размениме мислења за овие клучни теми.

Драги пријатели,

На самиот крај, со уверување дека овој форум ќе овозможи плодна дебата, размена на мислења и можности за соработка, дозволете ми уште еднаш да ги поздравам сите учесници и да упатам срдечни честитки до организаторите.

Ви благодарам.

Обраќање на конференцијата на AmCham - „Соработката меѓу бизнис-заедницата и универзитетите: клуч за зголемување на вработеноста кај студентите“
Четврток, 28 Март 2013

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам денес, на оваа конференција посветена на зацврстување на соработката меѓу бизнис-заедницата и универзитетите. Ѝ благодарам на Американската стопанска комора во Македонија за поканата и им честитам на организаторите.

Темата на оваа конференција претставува секојдневје за многу развиени земји во светот. Партнерството меѓу образованието, бизнисот и државата е општоприфатен стандард за постигнување личен и колективен успех. Но, за нас, сè уште претставува предизвик.

Почитувани присутни,

Во изминатиот период, Македонија стана препознатлива по реформите. Сето она што е направено до сега, сите инвестиции во образованието, во новите технологии, во отворањето кон странските инвестиции, промените во сферите на секојдневниот живот, е вложување за младите. Вложување во нивната сегашност и иднина. Наша заедничка обврска е да ги подготвиме.

Основна функција на универзитетите е да образуваат луѓе кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар на трудот, по знаење, вештини и иновативност. Основна функција, пак, на компаниите е преку својот успех да придонесат кон општиот успех. Државата може и треба да биде олеснувач и партнер кој ќе создава услови за секој студент, секој претприемач, секоја компанија, да ги осознаат, развијат и остварат своите потенцијали.

Во услови кога Македонија се отвора кон глобалниот пазар, неопходно е да се вратиме на принципите на моделот на понуда и побарувачка. Дојден е часот кога треба да го преиспитаме односот меѓу образованието и реалните потреби на бизнисот и општеството.

За нашите студенти и компании да бидат вистински конкурентни мораме целосно да ја надминеме состојбата во која понудата не соодветствува со реалната побарувачка.

Наследивме конзервативен образовен систем и концепт каде што студентот меморира, а професорот констатира. Денес, нашиот високообразовен систем полека, но сигурно треба да се движи кон моделот на стекнување на апликативни знаења. Суштината на високото образование е да понуди метод како да се дојде до знаење, а програмите што ги нуди треба да се усогласени со реалните потреби на пазарот и општеството.

Дами и господа,

Како претседател, но и како универзитетски професор, редовно се среќавам со најдобрите студенти од универзитетите во Македонија. Свесен сум дека постои реален вакуум во нашиот образовен систем. Недостасуваат практичната настава и апликативното знаење. Цената за тоа ја плаќаат младите кадри, компаниите, но и македонската економија.
Имам разбирање и за бизнис-заедницата. Да се очекува од компаниите да ја извршуваат работата на универзитетите, е исто како вашата фирма да ја игра улогата на семејство во кое вашето дете ќе расте. Фирмата не може да го одгледува вашето дете, како што нема за задача да го учи вработениот на оние работи што требало да ги совлада за време на студиите. Основната улога на компаниите не е образовна, како што ни основната улога на универзитетите не е економска и производна.

Мора да се зголеми застапеноста на бизнисот во програмите за високо образование. Мора да се зголеми практичната работа во рамки на наставата. Мора да се посвети поголемо внимание на развивање на вештините кои студентите ќе можат практично да ги применат. Стручните и менаџерските вештини да се развиваат преку можностите за основање фирми од страна на студентите во текот на студиите. Таков позитивен пример веќе постои. Фондацијата „Претприемачки сервис за млади" преку бизнис-инкубатор поддржува формирање на мирко, мали и средни претпријатија од областа на информатичко-комуникациските технологии во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Ве охрабрувам вас, стопанствениците, да се среќавате со ректорите на универзитетите и деканите на факултетите кои образуваат кадри за вашите потреби, и да разменувате мислења за наставните програми. Ве охрабрувам да ги споделите вашите практични искуства со студентите, а преку предавања што би биле дел од наставните програми.

Ценети присутни,

Убеден сум дека можеме да го пополниме системскиот вакуум. Ќе ви дадам три позитивни примери.

Како претседател на Република Македонија иницирав проект – Школо за млади лидери, што оваа година ќе се одржи по четврти пат. Низ школото до сега минаа 115 млади лидери со различна академска и професионална позадина. Преку школата, тие се запознаваат со најсовремени знаења и искуства од докажани лидери од целиот свет. Проектот е поддржан од бизнис-заедницата во Македонија, која на тој начин инвестира во идните лидери. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите компании кои помогнаа за реализација на оваа благородна цел. Верувам дека тоа што, како претседател на Република Македонија, се обидувам да го направам со идните лидери е применливо во сите високообразовни институции.

Како позитивен пример од приватниот сектор, сакам да ја истакнам иницијативата на Фондацијата „Трајче Мукаетов". Почнувајќи од академската 2007/2008 година, Фондацијата стипендираше вкупно 222 студенти по фармација и медицина. Од нив, десеттина, веќе ја започнале својата кариера во „Алкалоид" АД - Скопје.

Уште еден пример од приватниот сектор што сакам да го спомнам е успешниот модел што го нуди Микросам Академијата, која континуирано инвестира во образованието и дообразбата на талентираните млади луѓе.

За поздравување се иницијативите на приватниот сектор. Ве охрабрувам сите вас да ги следите ваквите примери.

Драги пријатели,

Моето мото е дека треба да создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мораме да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век. Иднината за младите подразбира создавање соодветни услови за нивно вработување. Младите за иднината се високообразованите луѓе кои со својата имагинација, креативност и умешност ќе можат да бидат во чекор со времето.

Сакаме економија втемелена врз знаења, економија која ќе се гради врз тројното партнерство меѓу универзитетите, приватниот сектор и државата. Овие три столба не се исклучуваат, туку меѓусебно се надополнуваат и се прилагодуваат на потребите. Верувам дека преку концептот на ова тројно партнерство можеме да успееме.

Ви благодарам.

Обраќање на претседателот Иванов на 5.Глобален форум на Алијансата на цивилизациите, Виена
Среда, 27 Февруари 2013

Ценети екселенции,
Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особена чест да се обратам на 5. Глобален форум на Алијансата меѓу цивилизациите во Виена. Му благодарам на нашиот домаќин, претседателот Фишер, за гостопримството и им честитам на организаторите за овој успешен настан.

Денешниот ден е по многу нешта симболичен. На 27 февруари е роден Константин Велики, првиот римски император што го прифати и призна христијанството, ставајќи крај на прогоните со кои се соочуваа раните христијани. На денешен ден во 380-тата година, императорот Теодосије го донесе Солунскиот едикт со кој христијанството стана државна религија на Римското Царство. По некоја случајност, годинава се одбележуваат и 330 години од битката за Виена. Денес на иста маса седат највисоките претставници на двете држави-наследнички и разговараат за важноста на дијалогот меѓу цивилизациите. Верувам дека не постои посилна порака за важноста на дијалогот. Не постои појасна демонстрација за лидерство од ова што се случува денес во Виена.

Религиите се менуваат и во просторот и во времето. Ако во минатото беа територијални, денес, во време на нови технологии и интернет религиите се нетериторијални. Тоа е и предизвик, но и можност за унапредување на комуникацијата и дијалогот.

Ценети присутни,

Честопати велам дека тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира, тој се гетоизира. Судирот меѓу цивилизациите беше резултат на отсуството на комуникацијата и дијалогот. Алијансата на цивилизациите е токму оној канал за комуникација и за размена на идеи, што ни помага да ги надминеме стереотипите и да ги промовираме споделените вредности за мир, толеранција и разновидност.

„Гневот и нетолеранцијата се непријателите на доброто разбирање", рече Махатма Ганди. Ако според плодовите се познава стеблото, токму во нетолеранцијата треба да ја бараме причината за голем дел од колективните човечки трагедии на денешницата, а ги има многу. Предрасудите, исклучивоста, маргинализацијата, омразата и нетрпеливост кон различноста водат кон трагедиите.

Антитезата на религиската нeтолеранција е религискиот плурализам. Плурализам сфатен не само како поголема различност, туку и како перцепција и прифаќање на таа различност. Религискиот плурализам е дел од начинот на живеење на луѓето, начин што не се наметнува, туку извира од реалниот живот. „Толеранцијата е последица на човечноста" вели Волтер. Луѓето не се раѓаат толерантни. Кај поединците, толеранцијата е навика што се создава и што се одржува цел живот. Кај заедниците, народите и нациите, религиската толеранција е вредност што треба да се учи, гради и надградува со децении и векови.

Дами и господа,

Македонија има што да каже на оваа тема. Религискиот плурализам кај нас е резултат на долгиот период на опстојување на империите, во чии рамки живееле заедно различни религиозни, етнички и јазични групи. Давајќи им одредена автономија на заедниците што биле во нивниот состав, империите граделе сложени нетериторијални механизми на остварување на колективните идентитети во облик на персонални автономии. Тоа особено се однесува на милетскиот систем кој барем во принцип го спречувал територијалното разграничување и овозможувал релативно мирна коегзистенција на религиите на еден ист простор.

Македонскиот модел на интеграција без асимилација извира токму од ова наследство на империите. Како географски и политички ентитет, Македонија секогаш била на крстопатот меѓу Истокот и Западот, но и на Северот и Југот. Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што е оставено во наследство. Македонија стана еден од духовните светилници на христијанството во Европа. Впрочем, во Делата Апостолски, 16:9, се вели: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: 'Дојди во Македонија и помогни ни!'. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието". Од наведеното може да се заклучи дека преку Македонија, христијанството дојде во Европа.

Уште од тоа време животот нè учи на соживот, толеранција, меѓусебно разбирање и помагање, вредности што и денес ги практикуваме. Тоа е позитивен пример што треба да се вреднува,наградува, и да ги инспирира другите.

На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот симболично го нарекуваме комши-капиџик. Во минатото, речиси секоја куќа во Македонија била одвоена од соседната со ѕид во кој имало една мала врата – капиџик. Овие капиџици честопати биле и меѓу две религии. Познато е од дамнина, дека дури и кога портата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Капиџикот е врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена. Комши-капиџик е традиционалната македонска и балканската логика на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот.

Во основа на таа логика е искуството на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите.

Ваквата традиција на соживот и религиска толеранција создаде цврсти трансгенерациски пријателства меѓу луѓе од различни религии. А како резултат на тоа, Македонија е една од ретките земји во Европа каде православни христијани и муслимани го слават Бога во еден објект, под ист покрив. Тоа се места каде религиите не само што се допираат, туку и просторно и временски се преклопуваат.

Македонскиот религиски плурализам може да се потврди и со мисијата на мајката на 20-от век, Мајка Тереза, која е родена во Скопје. Во радиус не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Мајка Тереза, која своето детство го минала во овој микрокосмос на религиски плурализам, стана синоним за човек кој живее во религиска отвореност и толерантност. Отвореност која, секако, влијаела на нејзиниот хуманизам, кој со себе го однесе во Индија, каде стана мајка на сиромашните, бедните и отфрлените.

Корените на оваа традиција се во заветот што ни го остави свети Климент Охридски, основачот на првиот словенски универзитет во Европа. Тој нè учи да се престигнуваме во добрина, да немаме непријателство со никого, да не се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце.

Ценети присутни,

Додека во некои други земји и региони во Европа, односите меѓу Истокот и Западот, христијанството и исламот биле обележани со конфликт, нетолеранција и изолација, во Македонија ја имаме спротивната дихотомија – мир, толеранција и интеграција.

Нашиот модел не само што го негуваме внатре, преку Уставот и политичкиот систем, туку го промовираме и надвор, преку регионалните иницијативи. Поранешниот претседател Трајковски во 2003 година го иницираше првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, што се одржа во Охрид. Охридската порака одекнува и е актуелна и денес, а во која се вели: „Ние, учесниците на Охридскиот регионален форум на дијалогот меѓу цивилизациите, се обврзуваме на култура на дијалог, толеранција и мир со цел – унапредување на просперитетот, добробитта и заемната соработка меѓу народите и државите во регионот на Југоисточна Европа". На 10-годишнината од оваа македонска иницијатива ќе ја имам честа да бидам домаќин на 11. Форум на дијалогот меѓу цивилизациите. Оваа иницијатива даде фантастични резултати за мојот регион, во време кога целиот регион излегуваше од период на изолација, нетолеранција и конфликти. Фактички и формално, она што Алијансата на цивилизациите сака да го прави на глобално ниво, Република Македонија го започна уште во 2003 година на регионално ниво.

Уверени дека дијалогот е незаменлив, во мај оваа година ќе бидеме домаќини и на третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите, што традиционално се одржува во Охрид. Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, бидејќи ги менува срцата и размислувањата на поединците.

Драги пријатели,

Пред повеќе од еден век, таткото на современата македонска држава Гоце Делчев рече: „Јас светот го разбирам како поле за културен натпревар меѓу народите". Верувам дека е време да ја прошириме перцепцијата за светот како поле за дијалог меѓу цивилизациите, кој е во основата на културниот натпревар меѓу народите.

Ви благодарам.

berovo20
Обраќање на Претседателот Иванов на приемот за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија
Петок, 11 Јануари 2013

Почитувани претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам во идиличното Берово, и да ви посакам вам и на вашите семејства многу здравје, среќа и благосостојба во новата 2013 година. Посакувам многу напредок и добробит на вашите народи и земји со кои Македонија одржува и развива толку блиски и пријателски односи.

Бидете уверени дека јас лично и моите соработници, како и македонските државни органи, мошне високо го цениме вашиот придонес во унапредувањето и развојот на односите на Македонија со вашите земји. Не само политичките, трговските и економските, туку и културните, научните и образовните односи. Но пред сè, меѓучовечките односи втемелени врз споделените вредности и принципи. Вашиот придонес е навистина многу значаен и јас лично многу ви благодарам за тоа. Ве охрабрувам да продолжите со вашиот ангажман и посветеност, во што ќе ја имате, како и досега, нашата целосна поддршка.

Ценети екселенции,

На прагот сме на новата 2013 година, која по сè изгледа, ќе биде исполнета со предизвици и искушенија и на регионален, и на европски и на глобален план.

Независно од тоа дали во нашите земји се поизразени финансиските, социјалните, етничките, развојните предизвици, сите ние, во помала или поголема мера, заеднички ги чувствуваме глобалните проблеми. Зголемените ризици од катастрофи, последиците од климатските промени и неодржливиот развој, рецесијата, кршењето на човековите права и слободи, па и безбедносните ризици се само дел од предизвиците на нашиот меѓузависен свет. Предизвици кои бараат заеднички одговори, усогласени акции и координирана политика. Македонија е подготвена како и досега да даде свој достоен и сразмерен придонес во таа насока.

На внатрешен план, Македонија годинава ја очекуваат сериозни задачи, чие остварување треба да обезбеди благосостојба, почитување на човековите права и европската и евроатлантска иднина на македонските граѓани.

berovo15Остануваме посветени на унапредувањето на економскиот раст, намалувањето на невработеноста и сиромаштијата. Цврсто сме решени да го одржиме позитивниот инвестициски и реформски циклус.

Оваа година, за жал, започна со повторна потреба од натамошно зацврстување на демократските институции и практики во државата. Секогаш сум се залагал за одговорен пристап кога станува збор за интересите на граѓаните. Верувам дека со дијалог во рамките на институциите, секој проблем може да биде надминат. Верувам дека ќе се најде излез и од оваа ситуација, бидејќи нè очекува сериозна работа.
Ни претстојат локални избори кои треба да одговорат на непосредните и реални потреби и очекувања на граѓаните. Избори кои треба да доведат до натамошно зацврстување на локалната самоуправа. Како и македонската мултиетничка демократија, добар дел од општините во Република Македонија се мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични. Затоа, оваа година продолжуваме да го негуваме и унапредуваме квалитетот на меѓуетничкиот и меѓурелигискиот соживот во согласност со принципот на интеграција без асимилација.

Дами и господа,

На надворешен план, без разлика на нашите неостварени очекувања во изминатата година, останува цврста нашата определба за приклучување кон Европската унија и кон НАТО. Остануваме посветени и на нашата политика на отвореност и соработка кон сите и со сите.

Добрососедските односи и соработката со државите во регионот остануваат наш приоритет, посебно за време на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа и Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите.

Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, особено за добрососедските односи, кои се двонасочна улица. Македонското општество нема проблем со ниту едно соседно општество. Политичарите се должни да ги следат нашите општества кои се толку испреплетени, економски и културно, вредносно и меѓучовечки. Должни се низ дијалог да ги надминуваат предизвиците и да градат подобра сегашност за нашите општества, подобра иднина за нашите деца.

Верувам дека со искрено обострано залагање и волја, оваа година можат значително да се унапредат и позитивно да се довршат разговорите за проблемот што нашиот јужен сосед го има со името на нашата држава, Република Македонија. Тука, посредништвото на Обединетите нации, на генералниот секретар и медијаторот г.Нимиц се есенцијални. Но, поддршката и помошта од вашите држави и добронамерни понуди за посредување се многу добродојдени. Остануваме посветени на процесот во рамката дефинирана со резолуциите, Времената спогодба и Пресудата на Меѓународниот суд на правдата. И во овој аспект најјасно се потврдува исправноста на нашата надворешна политика, која безусловно се темели на почитување на меѓународното право, без кое денес хаосот и анархијата ќе царуваа во меѓународните односи.

berovo17Сведоци сме на промена на парадигмата во надворешната политика насекаде во светот. Кредибилноста, конструктивноста и искреноста во соработката денес ги заменуваат старите излитени дипломатски методи и практики, како што се: надитрувањето, ароганцијата, дволичноста и лажните пријателства. Република Македонија и во иднина ќе продолжи да биде и кредибилен и конструктивен и искрен актер во меѓународното општество, со безуслoвна примена и практика на меѓународното право, и највисоките универзални вредности и достигнувања.

Драги пријатели,

На самиот крај, да наздравиме за новата 2013 година, со надеж дека во неа ќе се остварат сите наши желби, очекувања и позитивни амбиции. Да наздравиме, како што беше напишал еден познат германски писател – „за сè она што им недостасува на нашите животи!“ Јас би додал: За сè она од што никогаш не ни е доволно во нашите животи.

Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам вам и на вашите семејства многу здравје, радост и бериќет.

Ви благодарам.

Новогодишно обраќање на Претседателот Иванов до граѓаните на Република Македонија
Понеделник, 31 Декември 2012

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во моментите кога ја исчекуваме Новата година, сите нас, нè обединуваат исти желби. Желби за многу здравје, за многу радост и за многу среќа.

Годината што заминува, беше исполнета со многу исчекувања и многу предизвици. Ова се времиња кога големите идеи и големите проекти проаѓаат низ кризни периоди. Ние не сме имуни на сето тоа што се случува во светот, и на економски и на политички план. Вие почитувани граѓани ги чувствувате тие промени, но благодарејќи на вашата мудрост и вашата сила, излегуваме секогаш поцврсти и порешителни. Секоја криза во исто време е и голем предизвик. Време за нови можности и надежи. Овие празнични моменти, се моменти, кога нè сплотува надежта. Надежта е таа што ни дава сила да опстоиме во заедничките цели. Ни дава елан и мотив за подобра иднина.

Ова се и моменти да се потсетиме дека никогаш не треба да го потценуваме тоа што го имаме. Да го почитуваме, тоа што досега сме го стекнале, како во домот меѓу блиските, така во местото каде живееме и работиме, но и во државата како целина. Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите одговорно да се однесуваат кон нас. Разликите и поделбите не смеат да нè одвлечат од државните интереси и стратешките цели. Потребни ни се единство и сплотеност, за успешна и просперитетна Република Македонија.

Во оваа прилика, им должиме благодарност на сите кои изминатава година, дадоа придонес, да се чувствуваме горди и успешни. Секој постигнат резултат, секој освоен медал или признание е мотив за нови успеси. Успехот на секој од нас, е успех на нашата татковина. Тоа што ќе го вложиме, тоа и ќе го добиеме, а по тоа, и другите ќе не препознаваат.

Дозволете ми да ја искажам и благодарноста кон Армијата на Република Македонија и безбедносните сили, кои ги чуваат и бранат нашиот мир и нашите вредности.
 
Драги сограѓани,
Со оптимизам и сила, разумност, достоинство и чест сакам да влеземе во Новата 2013 година. Само така ќе ги постигнеме нашите цели. Јас верувам дека Република Македонија ќе биде таму каде што заслужува да биде. Затоа сите заедно да ја градиме Македонија во височина. Да ги достигнуваме највисоките стандарди и вредности.

Почитувани граѓани,
Од се срце, во мое име, и во име на моето семејство, Ви  посакувам да ви се исполнат Вашите желби. Да имате топлина во домот и радост кај вашите деца. Животот нè научил да бидеме трпеливи, мирољубиви, солидарни. Имајте широко срце, и за давање, и за примање љубов и добрина. Почитувајте се меѓу себе, и помагајте си.

А ние, кои сме ја добиле вашата доверба и во идната година ќе продолжиме несебично да создаваме подобар и посреќен живот, за сите нас. Сепак, нека желбите бидат реални, за да бидат остварливи.
 
Среќна Нова 2013 година!
Нека секој од нас, ја почувствува правдината, добрината и убавината!

Д-р Ѓорге Иванов


Видео од Новогодишното обраќање на претседателот Иванов

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 41 од 64