Говори и обраќања
Македонската бизнис-дијаспора е верен и стабилен партнер - Македонски глобален инвестициски самит
Петок, 19 Октомври 2012

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, господине Никола Груевски,
Почитувани претставници на македонската дијаспора, ценети присутни, дами и господа, драги пријатели,

Инвестицијата, по дефиниција, е насочена кон иднината. Токму затоа, со големо задоволство ја прифатив поканата да ве поздравам на овој прв Македонски глобален инвестициски самит. Сакам да им честитам на организаторите – „Македонија 2025“ и да ги поздравам учесниците.

Како претседател на Република Македонија досега сум учествувал на многу самити. Но, овој е прв од ваков вид во Република Македонија. Самит кој собира повеќе од 40 светски бизнис-лидери на едно место, тука, во нашата духовна и културна престолнина Охрид. Самит кој целосно се фокусира на иднината.

Ценети присутни,
Ако Македонија е позната по нешто, тоа е традиционалното гостопримство. Благодарение на напорната работа, реформите и посветеноста, во изминатите години станавме препознатливи и како добра дестинација за директни странски инвестиции. Македонија е отворена за соработка и има што да понуди. За тоа зборуваат и глобалните рејтинг-листи, Македонскиот слободен пазар ги гарантира правата на сопственост. Имаме образована и висококвалификувана, но релативно евтина работна сила. Како раскрсница на Југоисточна Европа, местоположбата на Република Македонија е одлична за транзит и дистрибуција на добра. Тука се и ниските и рамни даноци од 10% и исклучително лесното регистрирање на компании – за само четири часа. Но, и многу повеќе од тоа.

Почитувани претставници на македонската дијаспора,
Република Македонија има пријатели и поддржувачи во светот. Но, овој инвестициски самит зборува дека најдобриот пријател на Македонија и на Македонците треба да се самите Македонци, каде и да живеат, создаваат и напредуваат. Самитот е потврда дека во македонската бизнис-дијаспора имаме верен и стабилен партнер кој со својот успех нè инспирира и мотивира.

Затоа, од името на македонските граѓани и од свое име, сакам да ви се заблагодарам. Вашата посветеност зборува за љубовта која ја имате кон Македонија. Кога нешто се дава во вистинскиот момент, вредноста е далеку поголема и позначајна. Бидете уверени дека ова што го правите денес е најголемата инвестиција во нашата заедничка татковина од ваков вид. Македонскиот глобален инвестициски самит ги одразува желбите, волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на македонската иднина.

Во досегашното успешно работење, „Македонија 2025“ ја покажа својата водечка улога на платформа за вмрежување на луѓе, идеи и капитал. Платформа за зајакнување на економската соработка меѓу бизнис-дијаспората и македонската економија, наука и образование во насока на унапредување на трговијата и инвестициите.

Водени од мисијата да помогнат во создавањето поволна економска клима во Република Македонија, тимот од „Македонија 2025“ на располагање ја става својата експертиза, знаење и контакти. Ја користам оваа прилика да ги охрабрам учесниците на овој самит, да ја искористат можноста што им се нуди.

Ценети присутни,
Времето не чека, туку бргу чекори напред. Некои ќе речат дека 2025 е далеку, дека имаме време и дека не треба да брзаме. Но, не смееме да заборавиме дека времето е релативна категорија. Челикот се кали додека е врел. Во услови на глобална економска и финансиска криза, не смееме да ја изгубиме стекнатата реформска и економска кондиција. Треба не само да го одржиме, туку и дополнително да го забрзаме темпото на реформите во економијата, судството, законодавството, образованието, науката и останатите клучни сектори. Ни преостануваат само 13 години за да ја постигнеме поставената цел – напредна, богата и просперитетна Република Македонија. Македонија како призната, препознатлива и посакувана дестинација за директните странски инвестиции. Македонија како заеднички дом на нејзините граѓани и на нејзината дијаспора. Верувам дека сме на вистинскиот пат.

Пред неколку дена, Република Македонија по четврти пат доби позитивен извештај од Европската комисија, во кој се констатира дека нашата земја продолжува да ги исполнува сите потребни услови и е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Тоа зборува за посветеноста која ја имаме. Но, и за напорната работа што ни претстои.

Македонија е нашиот единствен заеднички дом. Сакам да знаете дека вие сте дел од нашиот единствен заеднички дом и дека целосно сме подготвени за конкретна соработка со бизнис-дијаспората. Ви стоиме на располагање во секое време. Сите државни институции, агенции, стопански комори ја поддржуваат оваа благородна иницијатива. Сакаме да ги чуеме вашите ставови, идеи и совети за тоа како да ја направиме Македонија поуспешна на полето на економијата. Можеби 13 години не се многу, но се сосема доволни ако се работи напорно, сплотено, со заемна доверба и почит.

Драги пријатели,
Со увереност дека семето што е посеано на овој самит ќе даде богат плод, ви посакувам успешна и плодна работа.

Ви благодарам.

Институција која треба да биде темел за поврзување со светската наука и уметност - 45 години од формирањето на МАНУ
Среда, 10 Октомври 2012

Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Камбовски,
Почитувани членови на Македонската академија, ценети присутни, дами и господа,

Со големо задоволство ја прифатив поканата да ви се обратам на овој значаен јубилеј – 45 години од формирањето на Македонската академија на науките и уметностите. Јубилеите се секогаш добра можност, сеќавајќи се на досега создаденото и постигнатото, да погледнеме во иднината. Во 1967 година беше воспоставен македонскиот храм на науката и уметноста. Храм кој низ годините беше интелектуалниот простор во кој се создаваа бројни и значајни дела.

Како што многу нови градби се изградени врз темелите на старите куќи , така и секоја генерација оди подалеку од претходната затоа што стои врз рамената на претходната генерација. Македонската академија на науките и уметностите беше формирана врз рамената на македонските преродбеници, научници и врвни интелектуалци и уметници.

Денес, 45 години по формирањето, МАНУ има историска можност и генерациска одговорност да им го овозможи на идните генерации она за што е формирана. Да биде генератор за развојот на науката и научната дејност во Република Македонија. Да ја поддржува, афирмира и промовира македонската уметност во земјава и во светот. Да биде темел на македонската наука и уметност. Темел врз кој новите генерации ќе можат да градат мостови на поврзување со светската наука и уметност.

Сè она што е создадено низ годините останува како придонес кој се цени и во Република Македонија, но и надвор од неа. Да се присетиме на бројните научни проекти и трудови од областа на лингвистиката, општествените и медицинските науки, од областа на природните, математичките, биотехничките и техничките науки и уметноста.  Изминатите децении, во рамките на МАНУ беа формирани центрите за генетско инженерство и биотехнологија, за енергетика, информатика и материјали, за ареална лингвистика, за лексикографски истражувања и за стратегиски истражувања. Дел од нив станаа препознатливи во пошироки рамки.

Сакам денес, кога го прославуваме овој наш голем и значаен јубилеј, да ви се заблагодарам за сè она со што ја задолживте Република Македонија, македонската наука и уметност. Овој центар на знаењето, на науката и уметноста има одговорна улога. Улога на важен општествен коректор, од кој општеството очекува ставови, предлози и мислења за клучните прашања кои ја засегаат Република Македонија. И на полето на науката, и на полето на културата, и во економијата, но и сите други аспекти на општествениот живот. Верувам дека МАНУ своето акумулирано знаење, искуство и мудрост, целосно ќе го стави во функција на изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочуваме. Воедно, ја користам оваа свечена пригода да ве охрабрам да работите на поврзување со светските научно-истражувачки центри, со глобалните академски центри.

Ценети присутни,
Нè очекуваат нови предизвици, кои од науката и уметноста ќе бараат да бидат позастапени и погласни, не само во Република Македонија, туку и надвор од неа. Тоа се предизвици и задачи за една современа, отворена и напредна институција, отворена кон идните генерации, кон новите науки, кон новата реалност.

Свесни сме дека академиите не се само места за складирање на знаењето, туку институции за нудење на решенија за проблемите и предизвиците на оваа и идните генерации. Генерации кои имаат потреба од анализирање и решавање на проблеми. Затоа, неопходно е да се отвори вратата за современите научни дисциплини. Дисциплини кои не се изградени околу функциите и институциите, туку околу проблемите, резултатите и решенијата.

Времето не чека, туку брзо чекори напред. Новите промени во современите технологии ќе дојдат со или без нас. Најголем бенефит ќе имаат оние поединци, општества и држави кои активно ќе се вклучат во глобалниот натпревар и ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар на идеи и технологии. Прашањето е дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија кои му се потребни на светот.

Уверен сум дека овие 45 години ни даваат добра основа за самоуверено и храбро да продолжиме напред. Треба сериозно да размислуваме за продлабочување на партнерството меѓу науката, државата и бизнисот, за доброто на Република Македонија и на нејзините граѓани. Партнерство кое треба да ја отсликува реалноста и улогата на науката во 21-от век. Век на нови технологии, нови пристапи. Век во кој МАНУ треба да биде активен чинител на светската научна јавност.

Која е реалноста на 21 век? Живееме во време на динамична наука. На мултимедијална уметност. Науката е сè повеќе апликативна, практично применлива, која доведува до решавање на реалните потреби на граѓаните. Нам, во Република Македонија, неопходна ни е опиплива, применета, апликативна наука која ќе нуди практични решенија.

Науката е интердисциплинарна. Стеблото на науката што го засади Аристотел е драматично променето. Кога станува збор за природните науки, сведоци сме на еден динамичен процес на академско калемење и поврзување на дрвото на знаењето и науката, што продуцира нови дисциплини и нови научни плодови.

Дами и господа,
За време на моите посети во странство, честопати среќавам наши научници кои вршат сериозни истражувања во странските научно-истражувачки центри. Мојата визија е овие истражувачи тоа да го прават тука, во Македонија. Сакаме овие докажани македонски истражувачи своето знаење, искуство, своите визии и идеи да ги донесат тука, во Република Македонија.

Решението е во напорно создавање на една динамична генерациска вертикала, втемелена врз заемна почит и љубов кон науката и уметноста. Неопходно е создавање генерациска одговорност и пополнување на вакуумот што постои меѓу генерациите научници и уметници. Како универзитетски професор, образував повеќе генерации политолози. Многумина од вас го направиле истото со многу повеќе генерации. Верувам дека сите ќе се согласите со ставот дека е незаменливо чувството на исполнетост кога ги гледате младите како успеваат. Желбата на секој добар учител е да биде достигнат и надминат од своите ученици.

Свесни сме за ограничувањата кои ги имаме како држава. Но, свесни сме и за огромниот потенцијал што го поседуваме – човековиот иновативен и креативен ум. Македонската академија на науките и уметностите треба да продолжи да биде жариште и светилник на иновативниот и креативниот македонски дух. Светилник што ќе ги насочува младите македонски научници кон врвните научноистражувачки центри во Европа и светот, за повторно да ги врати во Македонија, со акумулираното и применливо знаење. Верувам дека тоа ќе биде најголемата инвестиција во младите научници. Верувам дека така Македонската академија на науките и уметностите најдобро ќе ја оствари својата значајна функција.

Ви благодарам.

Црквата е генератор на духовноста, етиката, уметноста и писменоста – 45 години од возобновувањето на МПЦ
Сабота, 06 Октомври 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на свечената Духовна академија, која по повод 45-годишниот јубилеј од возобновувањето на  Македонската православна црква, се одржа во катедралната црква Св. Софија во Охрид:

Почитувани,
Ми претставува вистинска чест да ви се обратам на Духовната академија. За Охрид секогаш велиме дека е нашата духовна и културна престолнина, a во голема мера, тоа е благодарение на Македонската православна црква.

Денес прославуваме 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија. Светол јубилеј што зборува за искрената и длабока посветеност на православниот македонски народ кон својата црква. Јубилеј што сведочи и за премрежијата низ кои минувала нашата црква и нејзините верници.

На третиот црковно-народен собир во 1967 година, што се одржа тука, во Охрид, беше возобновено она што два века порано беше оспорено, потиснувано, прогонувано. Низ своето постоење, Македонската православна црква – Охридската архиепископија се соочуваше, и сè уште се соочува, со премрежија кои се несвојствени за една апостолска црква. А македонската црква во основа е токму тоа – апостолска.

Во Делата Апостолски, 16:9, се вели: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието“.

Павле не е единствениот. Него во неколку наврати го придружувале и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик. Во Македонија проповедал и апостол Андреј Првоповикан, чиј помошник Урван, еден од седумдесеттемина апостоли, бил назначен за прв македонски епископ. Словото го ширеле и солуњаните Аристрах и Секунд, Филипјанецот Епафродит и Гај од Добер. Семето што го посеале апостолите во Македонија даде богат плод. Можеби првиот цвет е токму богобојазливата Лидија, за која се вели дека: „Господ и го отвори срцето да внимава на она што го зборуваше Павле“. Но, тоа беше само почеток.

Преку Македонија, христијанството дојде во Европа. Последниот римски и прв византиски император Јустинијан, македонската црква ја издигна на ниво на архиепископија со центар во Јустинијана Прима. Така, Македонија стана еден од духовните светилници на христијанството во Европа.

Со христијанството се ширеше и словото и писменоста. Доволно е да се сетиме на сесловенските светители и просветители Кирил и Методиј, кои ја разобличија тријазичната ерес и го одбранија правото на секој народ да го осознава словото Божјо на сопствениот мајчин јазик. Нивната мисионерска работа во Македонија ја продолжија учениците. Како што Св. Наум Охридски им даваше утеха на болните, лечејќи ги во својот манастир, така Св. Климент Охридски им даваше надеж на гладните и жедните за правда и вистина, преку образованието.

Почитувани,
Свесни за оваа исклучителна историја, не можеме а да не се прашаме: Што е црквата за македонскиот народ? Од каде извира предаденоста на толку многу генерации верници кон Македонската православна црква? Предаденост и во периоди на слава, успех и благосостојба, но, уште повеќе, во периоди на надворешни оспорувања, негирања и потиснувања.

Црквата е и храм за славење на Бога, и бедем на нашата посебност. Низ вековите, со ова парче земја владееле бројни цареви и владетели, разни узурпатори и окупатори. И секогаш, македонскиот народ наоѓал засолниште во својата Македонска православна црква. Имаше периоди кога верата и Црквата беа истиснувани од јавниот простор и беа потиснувани од јавниот живот. Но, опстанаа и народот и неговата вера во Бога. Опстана и Македонската православна црква како стожер на посебноста.

Ценети присутни,
Црквата не е само место за религиозни обреди, туку духовен простор за искрена вера во Бога. Црквата се и храмовите и уметноста и писменоста. Но, пред сè, црквата се верниците. Црквата се сите оние кои ги отвориле своите срца за словото Божјо, за верата, надежта и љубовта. Црквата е место каде човекот се надградува духовно, етички и просветно. Каде верникот го учи златното правило дека треба да се однесува кон другите онака како што сака и другите да се однесуваат кон него – со почит, добра мисла и љубов.

Лишени од сопствена македонска држава, македонскиот народ закрила за развој на образованието, културата и уметноста имаше токму во пазувите на Македонската православна црква. Од првиот сесловенски универзитет во Охрид, 3500 студенти продолжија да го шират образованието и писменоста низ цела Европа. Македонските манастири беа жариште на македонскиот дух и преродба. Од манастирите произлегоа првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, Партенија Зографски и Теодосиј Синаитски.

Она што е создавано во македонските цркви и манастири е дел и од светската културна ризница и сведочи за креативноста и генијалноста на македонскиот дух. Фреските и иконите, иконостасите и архитектурата на црковните градби, старите ракописи и другите црковни предмети се сведоштво и историја, но и сегашност и инспирација за идните генерации. Оттука, Македонската православна црква покрај пастирската и улога на жива црква има и задача да го чува и промовира културното и уметничкото и, воопшто, цивилизациското наследство кое се наоѓа во нејзините храмови. Тоа, секако, не е само чесна и света задача на свештенството туку и на сите мирјани.

Почитувани,
Македонската православна црква денес дејствува во сосема поинакви општествени услови. Во слободна и демократска држава каде што, секако, е загарантирана верската слобода. Во овие собитија Македонската православна црква како впрочем и останатите верски заедници во Република Македонија и натаму се генератор на духовното и етиката кај верниците. Во време на своевидна ерозија на моралните и духовните вредности, во свет обременет со економска криза, конфликти, нестабилност, духовното е она што му е потребно на современиот човек. Верата е она што нè одржало низ вековите, но и она што сега му дава квалитет и смисла на човечките животи и перспектива за иднината. Свесни сме за реалноста. Свесни сме за одговорноста. Тоа што ќе го оставиме зад нас, ќе им остане на генерациите по нас.

На крајот, дозволете ми, уште еднаш да ви го честитам јубилејот и да завршам со зборовите на Свети Климент Охридски:

Чувајте го стадото што ви е доверено поучувајќи го со кроткост и упатувајќи го на лубов... Да се обновиме со добрина и својот живот достоен ќе го сториме, а не само со збор да се нарекуваме христијани, туку во духовен подвиг да се поставиме и да се надминуваме еден со друг со добрина.

Ви благодарам.

Упатувам апел до сите вас, обраќајте ни се од аспект на иднината – 67. Генерално собрание на Обединетите нации
Четврток, 27 Септември 2012

Почитуван господине Претседател, господине Генерален секретар, Екселенции, дами и господа,

Ми претставува посебна чест и големо задоволство да се обратам пред овој исклучителен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија за прашањата што нè засегаат сите нас.

Најпрвин, би сакал да му упатам честитки на господинот Вук Јеремиќ за изборот на престижната функција – претседател на 67. Генерално собрание. Верувам, господине Јеремиќ, дека соодветно ќе одговорите на предизвиците и задачите што Ви претстојат и на тој план ја изразувам нашата целосна подготвеност за соработка. Би сакал да му упатам и честитки на досегашниот претседател, амбасадорот Ал Насир, за неговото успешно претседавање со 66. Генерално собрание.

Ја користам оваа прилика да ги поздравам ангажманите и напорите и на генералниот секретар, господинот Бан Ки-мун, кои неспорно придонесуваат за јакнење на улогата и за зголемениот углед на Светската организација. Беше вистинска чест за мене и за македонските граѓани, да бидеме негови домаќини. Република Македонија високо ги цени и ги поддржува неговите неуморни ангажмани, поради што, како досега, и натаму може да смета на нашата поддршка.

Господине Претседател, дами и господа,
Повеќе од било кога порано во историјата на човештвото, нациите во светот се исправени пред исти предизвици, се жртви на исти закани, и споделуваат желби за подобра иднина. Ефективниот мултилатерализам е од суштинско значење за развивање на колективни акции како одговор на заедничките предизвици. Обединетите нации, се организација со универзален и неспорен легитимитет за справување со глобалните предизвици преку глобална акција. Поддршката од државите-членки е од суштинско значење. Во таа насока, ве уверувам дека Република Македонија ќе продолжи да дава активен придонес кон зајакнување и подобрување на ефективноста на системот.

Ценети екселенции,
Овој свет исполнет со различности, има потреба од најмал заеднички содржател, врска која ги поврзува сите поединци, народи и држави, независно колку се различни нивните култури, јазици и религии. Таа врска е Повелбата на обединетите нации, нејзините принципи и темелни вредности. Република Македонија е цврсто определена за почитувањето на Повелбата на Обединетите нации. Повелба, која е основниот темел на надворешната политика на мојата земја. Од прогласувањето на независноста, а и како членка на Обединетите нации, решавањето меѓународни спорови по мирен пат беше еден од нашите водечки патокази. Патокази во нашето однесување како одговорна членка на меѓународната заедница. Затоа, ја поздравувам препораката Генералното собрание да ја стави во центарот на овогодишната дебата токму оваа тема.

Грамот превенција чини колку кило лек. Кога зборуваме за меѓународните спорови, неизбежно е, како еден од инструментите за нивно решавање, да се повикаме на активностите за нивна превенција. Превентивната дипломатија денес уште повеќе ја докажува својата релевантност. Република Македонија во почетокот на својата независност беше домаќин на мисијата УНПРЕДЕП, во тоа време единствен таков механизам на Обединетите нации. Искуството на Република Македонија, но и на Обединетите нации и на инволвираните земји-членки беше позитивно. Сведоци сме дека развојот на меѓународните односи и сè поголемата сложеност на предизвиците на глобалниот свет ја потврдуваат потребата од развивање на механизми и користење на „добри услуги“.

Оттука, сакам да му оддадам признание на генералниот секретар што се заложи за подетална анализа на ова прашање презентирано во неговиот извештај за „Јакнењето на улогата на посредувањето за  мирно решавање на споровите, превенцијата на конфликти и нивното решавање“. Оттаму, произлегоа и добри оперативни решенија за надградба на капацитетот на Обединетите нации. Ценам дека треба и мора да се најдат начини и можности за јакнење на улогата на генералниот секретар на Обединетите нации во решавањето на меѓународните спорови.

Во време на светска економска криза, фокусот на Обединетите нации врз превенцијата на конфликтите и врз натамошното развивање на превентивната дипломатија е разбирлив. Република Македонија смета дека е разумно да се води сметка за ефективното и ефикасно искористување на ресурсите, што стануваат сè пооскудни. Токму затоа, внимателно ги следиме активностите поврзани со извештајот на генералниот секретар за изградбата на „Цивилни капацитети после конфликтот“ и  имплементацијата на препораките на советодавната група. Многу е важно меѓународната заедница да направи напредок на планот на превенцијата на нови конфликти и да го спречи можното повторно запаѓање во конфликти кај ранливите земји.

Република Македонија е подготвена да го понуди своето искуство во изградбата на демократските институции, втемелени врз македонскиот инклузивен демократски модел на интеграција без асимилација.

Во овој контекст би сакал да се надоврзам на неодамна завршениот состанок на високо ниво за владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво. Република Македонија придава големо значење на ова прашање, што несомнено претставува основа на сите демократски општества. Извештајот на генералниот секретар за владеење на правото ни понуди различни идеи за размислување и натамошно дејствување. Република Македонија смета дека инклузивноста е важен принцип што треба да биде применет при владеењето на правото. Тоа има мултисекторски карактер и треба да ги опфати сите актери, особено цивилното општество.

Господине Претседател,
Владеењето на правото е нецелосно и невозможно без почитување на човековите права. Како што рече Генералниот Секретар  на ОН на отворањето на ова Генерално Собрание: „ќе немаме ниту мир, ниту развој без почитување на човековите права и владеењето на правото.“

Како земја која гради модел на инклузивна демократија, Република Македонија посебно внимание посветува на развојот, унапредувањето и заштитата на човековите права. Право и должност на секоја држава е да ги чува и да ги унапредува правата на своите граѓани. Човековите права треба да ја зајакнуваат и да ја потврдат националната сувереност. Тоа ќе биде најдобрата гаранција дека „одговорноста за заштита“, како принцип во најголем дел ќе се задржи на својот посакуван прв, примарен столб. Во таа насока, Република Македонија ќе продолжи со напорите за заштита и промоција на човековите права. Напори за унапредување на демократијата и на владеењето на правото, промовирање на родовaта еднаквост и унапредување на положбата на жените и заштита на ранливите и маргинализирани групи.

Исто така, силно го поддржуваме активното учество на земјите-членки во Универзалниот периодичен преглед, како механизам за унапредување на капацитетот на Советот за човекови права.

Во овој контекст, би сакал да потсетам дека Република Македонија ја презентираше својата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година. Убедени сме дека со своето досегашно искуство на овој план, но и со конкретните постигнувања, како и со нескриените амбиции за промоција на овој сегмент на глобалното управување, ќе можеме да дадеме целосен придонес. Придонес во натамошното јакнење и зацврстување на човековите права и нивна дополнителна афирмација во годините што претстојат.

Господине Претседател, дами и господа,
И оваа година приоритетите се насочени кон трите најважни столба на нашата светска организација: мир и безбедност, одржлив развој и човекови права. Сите три се меѓусебно поврзани. Не може да има одржлив развој без мир и безбедност, а без развој и намалување на сиромаштијата не може да има одржлив мир. Милениумските развојни цели остануваат параметрите според кои ќе се оценува нашиот успех.

Аспирациите на Република Македонија за пристапување кон Европската унија го создадоа потребниот потенцијал за политички, економски и социјални реформи. Промовирањето на рамномерен и сеопфатен развој втемелен врз човековите права ја дава основата за националната развојна агенда. Токму затоа, Владата на Република Македонија утврди програма која има за цел да го потенцира економскиот развој, да го подобри животниот стандард на граѓаните, да создаде работни места, да се бори против корупцијата, да ги зголеми можностите за образование, да ја унапредува демократијата и меѓуетничките односи.
 
Рамномерниот и одржлив развој е единствен влог во иднината. Влог во кој секој мора да учествува со свој дел во интерес на заедничката благосостојба. Исходот на  Конференцијата за одржлив развој, Рио+20, треба да претставува натамошен поттик за користење на алтернативни можности за остварување на одржливиот развој. Република Македонија, во координација на своите политики со европските партнери, ќе се заложи за проширување на алтернативите. Одржливиот развој е тесно поврзан со намалувањето на ризици од катастрофи и со адаптацијата кон климатските промени. Препознавајќи ја оваа меѓузависност, Република Македонија го поддржува холистичкиот пристап кон нивното имплементирање во националните, регионалните и глобалните стратегии, политики и планови.

Дами и господа,
Нашата посветеност кон регионот на Југоисточна Европа и регионалната соработка ја демонстрираме преку претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Регионот не е имун на глобалните предизвици и закани. Закани кои може да се отстранат само со исполнување на преземените обврски и бројните заложби на сите нас. Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди.

Сакаме со нашето претседавање со Процесот да се фокусираме на реалните и секојдневни потреби на граѓаните. Потреби за мир, безбедност и развој. Потреби кои се резултат на глобалните предизвици. Предизвици кои не признаваат ниту политички граници, ниту етнички, ниту верски групи. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина. Нашиот пристап се темели врз принципот на решавање на проблемите на граѓаните, без разлика на етничката, верската или било која друга припадност. Не гледам друг начин како да се направи ова освен преку тесна регионална соработка.

Добрососедските односи да ги градиме врз основа на солидарност. За возврат, од нашите соседи очекуваме солидарност во акција за побезбеден регион. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство.

На тоа не обврзуваат младите. Младите очекуваат од нашата генерација одговорно однесување. Тие живеат во време на нови технологии, и се запознаени со се она што се случува на глобално ниво. Немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање млади за иднината и иднина за младите. Млади кои ќе бидат изградени во духот на дијалогот, толеранцијата и почитувањето на различноста. Затоа, истовремено со Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, ќе бидеме домаќини и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Како Претседател на Република Македонија со големи надежи, заедно со УНЕСКО се подготвуваме идното лето да го прославиме 10-годишниот јубилеј од првиот регионален собир „Дијалог на цивилизациите.“ Мојот претходник, претседателот Борис Трајковски, токму од оваа говорница, со огромната помош на Обединетите нации и УНЕСКО не само што го сонуваше тоа, туку и го реализира во Охрид во 2003 година. Време кога  сеуште не беа залечени раните од крвавиот конфликт во просторите на поранешна Југославија. Токму зборовите од „охридската порака“ зборуваат за несомнениот голем капитал на Република Македонија – да биде функционален мултиетнички, мултијазичен и мултирелигиски темел на Европскиот Балкан и на Балканот во Европа. 

Следната година ќе бидеме домаќини на третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите. Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив. Ги осудуваме сите форми на насилство. Никој не смее да биде жртва на насилство. Ниту поединците, ниту народите, ниту државите, ниту пак официјалните претставници на државите. Како што во јавниот простор не смее да се премине границата на јавната пристојност, така и насилството не смее никогаш да биде одговор на истото.
 
Господине Претседател, ценети Екселенции,
Владеењето на правото и човековите права се базични принципи, и со нив не може да се прави компромис. Целосно се согласувам со ставовите на Генералниот секретар на ОН искажани при неговата посета на Македонија во јули оваа година, дека никогаш не треба да правиме компромис кога станува збор за универзално прифатените принципи. Должност на Обединетите нации, и на сите нас, е да не дозволиме да се прави компромис со владеењето на правото и со човековите права. Затоа, побарав од генералниот секретар повторно да се актуализира извештајот на независниот експерт за малцински прашања, госпоѓата Геј МекДугал: „Унапредување и заштита на сите човекови права, цивилни, политички, економски, социјални и културни права, вклучително и правото на развој“ од септември 2008 година.

Да ве потсетам на препораката од извештајот дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има Македонско малцинство, и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет. Во извештајот се заклучува дека правата на заштита мора да биде почитувана онака како што е елаборирано во Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права.

Изразив очекување од Генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се ангажира, со цел деблокада на разговорите што се водат под негово покровителство, а се однесуваат на разликата околу името. Почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе значи почитување на меѓународното право и владеење на правото во практика. Верувам во процесот. Верувам дека процесот може да доведе до решение. Но, не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари.

Денес, во 21виот век се чини апсурдно некој да биде ословуван како поранешна држава или поранешна колонија. Во име на достоинството на мојот народ користам прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 земји членки на Обединетите нации кои го признаа уставното име на мојата држава, а тоа е Република Македонија. И да упатам апел до сите Вас: обраќајте ни се од аспект на иднината!

Целосно се согласувам со кажаното од Претседателот на САД Барак Обама, пред неколку дена, од оваа говорница: „ние веруваме дека слободата и само-определувањето не се уникатни за една култура. Тие не се само американски вредности или западни вредности. Тие се универзални вредности.“

Во минатото на ОН им се случувало на некои земји да добијат дополнителни услови, но советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година кажа дека тоа не е исправно. Дека тоа е спротивно на Повелбата на ОН. Освен во нашиот случај, досега не се случило некој некому да му ја оспори слободата на само-идентификација. Македонија треба да го добие она што и припаѓа. Нешто што сите вие земји-членки присутни тука го имате и го уживате. Ускратувајќи и го тоа на Македонија, и се ускратува правото да биде еднаква и рамноправна со сите земји-членки.

Тука разговараме и за меѓународното право. Зборуваме за владеењето на правото. Еве ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред 10 месеци во корист на Република Македонија. Бараме оваа пресуда, донесена од орган на Обединетите нации, да се почитува.

Ова го бараме затоа што дури и на оваа говорница се случувало да не спречуваат да го користиме нашето име. Меѓународниот суд на правдата со член 95 од пресудата експлицитно утврди: Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија во нејзините односи со другата страна и во рамките на меѓународните организации.

Поаѓајќи од духот на добрососедските односи и силната определба за надминување и решавање на отворените прашања, ја користам оваа можност да го повикам нашиот сосед, заеднички да работиме во таа насока. Од ова место, од срцето на Обединетите Нации, ги повикувам да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ги почитуваат меѓународно превземените обврски.

Ние сме соседи. Но, ние сакаме да бидеме повеќе од соседи. Сакаме да бидеме партнери, сојузници и пријатели за да можеме заедно да ја градиме сегашноста и иднината на нашите народи, нашите земји, нашиот регион. Сакаме заедно со нив да работиме на надминување на споделените предизвици. Сакаме заедно со нив да градиме безбеден, напреден и слободен свет за нашите деца.

Посакуваме нашиот сосед што побрзо да излезе од кризата. Предложивме низа на практични мерки како да ја надоградиме нашата економска и добрососедска соработка. Предлагаме да склучиме билатерален договор за одбегнување на двојното оданочување. Македонските даноци се поволни и за нивните стопанственици, како и секогаш, така и сега имаат широко отворени врати во Република Македонија.

Господине Претседател, Екселенции,  дами и господа,
Република Македонија цврсто верува дека Обединетите нации остануваат центар на мултилатерализмот и на глобалното владеење. Во рамките на своите можности, мојата земја ќе продолжи да биде активен учесник во реализацијата на целите на Обединетите нации. Долготрајноста на процесот на реформи на Советот на безбедност и на ревитализација на Генералното собрание, како и севкупниот процес на зајакнување на кохерентноста и на ефикасноста на системот, не треба да нè обесхрабрува. Треба да биде само повод и поттик за натамошна мобилизација.

Само Обединетите нации можат да обезбедат интегрирани решенија за меѓузависните прашања, како што се: развој, мир и безбедност, човекови права и хуманитарна акција. На крај, ве повикувам сите заедно да се присетиме на зборовите на Жан Моне, таткото на модерна Европа: „секоја афирмација на ветото во новата европска историја ја изразува немоќта за дијалог и претставува афирмација на националниот егоизам.“ Обединетите нации го поттикнуваат универзалниот дијалог. Дијалог што најчесто резултира во заеднички решенија за справување со глобалните проблеми, заради реализација на заедничката визија за иднината на меѓународниот систем.

Ви благодарам.

Благодарение на филмската камера мигот станува вечност – Oтворање на 33. Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
Сабота, 15 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, свечено го отвори 33-тиот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој традиционално се одржува под негово покровителство. Шефот на државата и ја врачи Специјалната награда „Златна камера 300“ на француската актерка Катрин Денев, ексклузивна гостинка на фестивалот. Во своето обраќање на свеченото отворање на фестивалот, претседателот Иванов истакна:

Почитувачи и вљубеници во магијата на подвижните слики, драги гости,
Ја имам честа и задоволството да ви се обратам на свеченото отворање на триесет и третиот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, еден од ретките во светот, посветен на оние што се зад камерите – директорите на филмската фотографија.

И годинава на оваа престижна манифестација, ќе имаме можност да видиме врвни филмски остварувања, и да бидеме домаќини на големи имиња од светската кинематографија.

Благодарение на филмската камера мигот станува вечност, минливоста траење, но окото на снимателот е она што на филмскиот запис му дава вистински живот и уметничка бесмртност. Токму преку визијата на снимателот и преку објективот на камерата, играта на светлината останува запишана на филмската лента, како победа на уметничката димензија над минливоста на животот.

Особено сум горд, што на годинешново издание на „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани 28 филмски остварувања, а фестивалот ќе биде отворен и затворен со премиерите на македонските долгометражни филмови: „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. Им посакувам на двата филма успешно претставување, присуство на многу престижни фестивали и прикажување низ киносалите ширум светот.

Вдахновени од примерот на браќата Јанаки и Милтон Манаки, да продолжиме и натаму ревносно да создаваме и да постигнуваме високи културни и естетски дострели.

Би сакал да упатам и честитки до тимот кој и годинава успеа да подготви извонредна програма.

На сите вам, почитувани гости, Ви посакувам пријатни мигови исполнети со одличните филмски остварувања од годинешниот репертоар на фестивалот „Браќа Манаки“.

Го прогласувам фестивалот за отворен!

Благодарам.
 

Претприемачкиот дух е движечка сила за раст на економијата - ТОББ Интернационален Бизнис Форум, Турција
Четврток, 13 Септември 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Меѓународниот бизнис форум во организација на Унијата на стопански комори и стокови берзи на Турција и ТОББ Универзитетот за економија и технологија во Истанбул:

Почитувани,
Дозволете ми да го истакнам задоволството од можноста да ги поздравам учесниците кои присуствуваат на овој значаен јубилеен настан.

Денес не сум тука само поради тоа што во 2009-та година се стекнав со почесен докторат на ТОББ Универзитетот. Денес, сум тука и поради пријателството кое го негуваат Република Македонија и Република Турција. Тука сум и поради улогата на Унијата на комори и стокови берзи на Турција – ТОББ за економскиот развој на оваа земја. ТОББ има за цел да обезбеди единство и солидарност помеѓу коморите и берзите. Подобрување на развојот на професиите согласно потребите. Унапредување на искреноста и довербата во односите на членовите едни со други и со јавноста, како и зачувување на професионалната дисциплина и етика. Со овие цели, ТОББ им овозможува на членовите подготвени да се соочуват со глобалните трендови.

Ценети присутни,
Светот денес се соочува со глобални економски, политички и безбедносни ризици и предизвици. Меѓународната економска соработка е единствена можност за зголемување на конкуренцијата на глобално ниво. Соработка која придонесува во јакнење на националната конкурентност на стопанството, за да може да се натпреварува во сложените економски услови во светот.

Во таква реалност, особено сум задоволен што Република Македонија и Република Турција имаат традиционално добри односи кои позитивно влијаат на зајакнувањето на економската соработка меѓу двете земји. Знаејќи ги економските потенцијали на двете држави ценам дека досегашната севкупна економска соработка го нема достигнато посакуваното ниво. За таа цел, Република Македонија и Република Турција вложуваат дополнителни напори на економски план за максимално користење на сите расположливи капацитети.

Почитувани гости, приватниот сектор и посебно претприемачкиот дух претставуваат движечка сила во глобалниот свет. Сила која овозможува раст на економијата, придонесува за намалување на невработеноста и го трасира патот кон напредокот. Со нив одржливиот и долгорочен економски раст и развој, може да биде извесен. Ваквиот пристап овозможува да се изградат и подготват самоуверени лидери со јасна визија за иднината, способни да се соочат со конкуренцијата. Секако, потребна е храброст за преземање на ризик, креативност и мотивација за постигнување успех.

Силно верувам дека денешната средба ќе помогне, во отворање на нови хоризонти и идеи за соработка, како и  конкретни резултати во интерес на развојот на бизнис-идеите и приватниот сектор. На Унијата на комори и стокови берзи на Турција и посакувам уште многу успеси и вакви јубилеи.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 43 од 64