Говори и обраќања
alt
„Охридско лето“ - дом на македонската, европската и светската уметност - свечено отворање на 52. издание на фестивалот
Четврток, 12 Јули 2012

Почитувани присутни, ценети екселенции, драги пријатели,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, да ве поздравам во нашата духовна и културна престолнина, древниот Охрид. Пред нас е уште едно лето посветено на уметноста. Уште едно „Охридско лето“ исполнето со музика, драма, танц.


Ценети присутни,

Повеќе од половина век „Охридско лето“ претставува дом на македонската, европската и светската уметност. Отворен дом во кој реномираните уметници од целиот свет секогаш одново се враќаат за да ги споделат своите моменти на инспирација со верната публика. Изминатите децении над 10.000 учесници од 56 земји ја гасеа жедта на публиката. Жед за естетското, убавото и вредното. Тоа не ќе беше возможно без генерациите македонски творци и организатори кои оставија печат со својата посветеност. Тоа е потфат кој е достоен за почит, потфат, со кој Македонија е особено горда.

alt

Почитувани,

Уметноста го разубавува животот. И ја облагородува душата Секоја уметност бара храброст. Исто како и љубовта, која во сè верува, на сè се надева, сè поднесува и никогаш не пропаѓа.

Таа е безвремена, како што е и приказната за Ромео и Јулија. А, безвремената љубов има потреба од безвремен простор. Простор што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. И зарем има поприроден амбиент за славење на љубовта од овој вековен храм на уметноста. Храм во кој се облагородувале и граѓаните на Лихнид.


Драги пријатели на уметноста,

Во исчекување на изведбата на Шекспировата драма во режија на нашиот познат драматург и режисер Дејан Пројковски, сеќавајќи се на зборовите дека „целиот свет е сцена, а сите мажи и жени само играчи...“, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето“ за отворен!

alt

„Светот навистина се менува“ - Отворање на 23-та сесија на Форумот Кран Монтана во Баку, Азербејџан
Петок, 29 Јуни 2012

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,

Особено задоволство е да се биде денес тука, во Баку, на престижниот Кран Монтана-форум. Форум кој повеќе од четврт век на едно место собира луѓе со исклучителни достигнувања, луѓе со визија за иднината и мисија за подобар свет. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на организаторите за поканата и на домаќините за гостопримството.

Ценети присутни,
Пред речиси 380 години, соочен со притисокот од инквизицијата да се откаже од тврдењето дека Земјата се врти околу Сонцето, Галилео Галилеј тивко рекол: „Сепак се врти...“ (“and yet it moves...“). Денес ние гласно изговараме: Светот сепак се менува. Прашањето е дали и ние се менуваме со него? И доколку се менуваме, дали тоа го правиме доволно брзо или сè уште со себе ги носиме старите навики? Дали сè уште дозволуваме навиките од минатото да ни ja крадат сегашноста и да ни ја одложуваат иднината?

Глобалните предизвици со кои се соочуваме ни овозможуваат да ги препознаеме контурите на иднината. А, иднината е контрастна и преполна со бројни ризици и можности. Неодамна некој ги спореди современите кризи како вагони на еден ист воз кој со себе ги носи неволјите на светот. Денес, тука зборуваме за два клучни предизвика: борбата против сиромаштијата и унапредувањето на менаџирањето со јавните политики. Предизвици кои се тесно поврзани и кои произлегуваат од парадоксот на 21 век – сраснувањето и поврзувањето на светот оди напоредно со неговото раздвојување и раслојување, и тоа во економска, политичка и културна смисла.

Почитувани присутни,
Живееме во време кога се продлабочува јазот меѓу глобалниот север и глобалниот југ. Кога глобализацијата и информатичката револуција го менуваат светот преку интернетот. Живееме во век кој е урбан, исто колку што е и мултикултурен. Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите ширум светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда. Добар дел од овие урбани мигранти се поттикнати од сиромаштијата, која ги погодува поединците, семејствата, заедниците и државите. Сиромаштијата која е неразделив дел од равенката на локалните и глобалните проблеми, а чиј резултат води до нестабилност, општествена исклучивост, изолација и конфликт. Ганди рекол дека на нашата планета има доволно за сечија потреба, но нема доволно за сечија алчност.

Дали постои универзален, општоприфатлив лек за сиромаштијата? Можеби одговорот е негативен, но постојат бројни решенија кои можат драстично да ја намалат сиромаштијата, и на оние најпогодените да им дадат пристоен живот. Во сржта на ваквите политики за борба против сиромаштијата е постоењето на генерациска одговорност, разбирањето дека сегашноста е всушност позајмена иднина.

Еден од тие начини е образованието, кое, доколку е втемелено врз добри основи може да ги издигне луѓето од сиромаштија, да ја развива нивната креативност и иновативност. Инвестирајќи во образованието, ние всушност инвестираме во иднината на младите. Денес, клучот кој ни ја отвора вратата кон доброто владеење, кој обезбедува носителите на одлуки да се однесуваат доследно и одговорно, се информатичко- комуникациските технологии. Постојат услови за „е-образование“, „е-влада“ или ако сакате, „е-општество“. Преку вклучувањето на поединците, групите и институциите се активира нивниот потенцијал, нивната имагинација и капацитет, што неминовно води кон нови решенија, иновации и откритија.

Дами и господа,
Како сево ова е релевантно за Република Македонија? Трите столбови врз кои ја градиме иднината на Република Македонија се трите „Е“ – Европа, економија и енергија. Верувам дека овие три меѓузависни и тесно поврзани „Е“ се клучни за нашиот развој.

Остануваме посветени во остварување на нашата стратешка цел –  членство во Европската унија и во НАТО. Верувам дека овој мировен проект нема да биде завршен без членството на Република Македонија и на останатите земји од Западен Балкан.

Чекорејќи на патот кон европска и евроатлантска Македонија, ние сме силно фокусирани на подобрување на севкупната економска состојба во земјата, борба против сиромаштијата и невработеноста, а преку создавање на поволна бизнис-клима. Клима за директни странски инвестиции.

Третото „Е“ се однесува на енергијата. Тука ја допираме и другата клучна тема на овој форум – Каква енергија за иднината? Како да се бориме против енергетската сиромаштија?

Економскиот развој кон кој сме целосно посветени е незамислив без енергетска безбедност и сигурност. Тоа важи речиси за сите земји во светот. Важи и за Република Македонија. Денес сме тука во Баку, во една од областите кои има изобилство на нафта и на природен гас.

Македонија, како впрочем и другите балкански земји, е заинтересирана за приклучување кон енергетските коридори. Македонија, како и останатите балкански земји сака енергетската зависност да ја замени со енергетска меѓузависност. Но, за тоа ни е потребна енергетска диверзификација.

Нашата цел е Македонија најпосле да биде ставена на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори. Со тоа ќе ни се отвори можност за добивање евтини енергенси за нашите компании и домаќинства, и намалување на цената на нашето производство. Ова претставува конкретен влог во енергетската и во генералната економска стабилност и сигурност на земјата и на регионот.

Ви благодарам.

alt
Обраќање на одбележувањето на 20-годишнината на Лекарската комора на Македонија
Среда, 27 Јуни 2012

Почитувани членови на Лекарската комора на Македонија,
Почитувани гости,

Имам особена чест да бидам покровител на одбележувањето на 20-годишнината на Лекарската комора на Македонија. Како самостојна и професионална организација на докторите по медицина, Лекарската комора има особено значајна улога во остварувањето на правата и заштитата на нејзините членови, како и во унапредувањето на здравствената заштита. Благодарение на Лекарската комора имаме постојано унапредување на стручноста на лекарите преку поттикнување на нивното усовршување. Исто така, Лекарската комора на Македонија води суштинска грижа за почитување на етичките и правни норми при вршењето на медицинската практика. Досегашната работа и бројката од околу 7000 лиценцирани доктори се несомнен показател за успешноста и за постигнувањата на Лекарската комора на Македонија.

Почитувани,

Во Република Македонија интензивно се работи на реформи во здравствениот систем кои, секако, бараат особена посветеност и вклученост на лекарите како најважна алка во системот на здравствена заштита. Без мотивирани, посветени и високо етични лекари, кои се врвни професионалци не можеме да го замислиме здравјето на нашата нација.  Благодарение на лекарската грижа секојдневно се продолжуваат животите на илјадници пациенти. Со вашата хуманост и со високата професионалност вие, македонските лекари, сте пример и за другите професии. Со својата стручност и вештина покажувате дека во Република Македонија може да се добијат адекватни и квалитетни здравствени услуги. Најискрено ви благодарам за сиот ваш труд и за посветеноста, за вашата хуманост и етичност.

На крајот, дозволете, да ви посакам натамошна успешна работа и уште многу јубилеи.

Благодарам.

Oтворање на 45-тата летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
Петок, 22 Јуни 2012

Почитувани учесници, почитувани гости,
Ми претставува особена чест и големо задоволство што имам можност да присуствувам на отворањето на 45-тата летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Благодарение на овој настан повеќе од четири децении македонскиот јазик, литература и култура доживуваат своја афирмација и популаризација меѓу бројните учесници кои ни доаѓаат од различни страни на светот. Преку оваа манифестација секоја година имаме десетици и десетици нови почитувачи и вљубеници во Република Македонија и нејзината култура, литература и јазик. Практично, со секој учесник, Република Македонија добива нов пријател и поддржувач кој ќе ги промовира македонскиот јазик, литература и култура.

Почитувани,
Не треба многу да се зборува што за една држава, за една нација, значи афирмацијата на јазикот и културата. Тие се столбовите на идентитетот на еден народ, на едно општество. Тие се средството со кое луѓето се самоидентификуваат, со кое комуницираат со сите други, со кои се потврдува нивното постоење и опстојување. Ирационални се обидите во 21 век да се негира, оспорува и напаѓа идентитетот, јазикот, културата. За жал токму ние, македонскиот јазик, идентитет и култура, сме исправени пред такви предизвици и такви обиди. Но, тоа се апсолутно неодржливи и апсурдни обиди. За сопствениот јазик, за сопствениот идентитет, денес никој на овој свет ниту разговара со кој било, ниту бара или очекува потврда и признавање. Му се допаѓало тоа некому или не, тие се реалност, постојат, се негуваат, се афирмираат. Тие можат само да се констатираат и да се почитуваат. Каков било обид за негација, оспорување, не може да ја промени реалноста.

Драги гости,
Крај прекрасното Охридско Езеро, на местото што претставува македонско и европско светилиште, осумдесетина учесници од 20 земји и годинава ќе беседат на македонски.

Често, кога сум крај Охридското Езеро не можам, а да не истакнам дека мислата која се раѓа на овие простори е мисла ослободена од стеги и граници. Мисла не обременета со материјализам и егоизам, туку мисла исполнета со духовност и хуманизам. Таа мисла, таа енергија е вткаена и во нашиот јазик. Јазик на кој зборуваат милиони Македонци во Македонија и надвор од Македонија. Јазик на кој зборуваат и гласно размислуваат илјадници наши пријатели ширум светот.

Блаже Конески велеше дека јазикот е наша духовна татковина. Татковина отворена за секој добронамерник, за секој гостин, за другиот. Обврската да го зачуваме и негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите предци и нашите потомци, не е обврска само кон сите сегашни Македонци. Тоа е обврска и долг кон сите учесници на оваа летна школа и кон сите оние кои го љубат, почитуваат и негуваат македонскиот јазик. Впрочем, тоа е обврска и долг кон културното наследство на човековата цивилизација, кон суштината на човековото суштествување.

Почитувани гости,
Токму вие, со вашиот интерес за изучување на македонскиот јазик, со вашата мотивација и желба за негово изучување сте искрени амбасадори на Република Македонија низ светот. Најискрено ви благодарам за сиот ваш труд и за посветеноста. Дозволете, на крајот, да ви посакам успешна работа во летната школа и, секако, пријатен престој во Република Македонија.

Благодарам.

Самит на шефови на држави и влади при Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Белград
Петок, 15 Јуни 2012

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа, драги пријатели,

Особено задоволство е да се биде денес тука, во Белград, на 15-годишнината од самитите на единствената автохтона и автентична балканска иницијатива. Ја користам оваа свечена пригода да му се заблагодарам на нашиот домаќин, претседателот Николиќ, за организирањето на овој значаен форум и да му го честитам неодамнешното преземање на одговорната функција. Воедно, и честитам на Република Србија за досегашното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое беше богато со активности и со важни теми за нашиот регион.

Сега, повеќе од кога било, е потребно сите заедно да направиме дополнителни напори за регионалната соработка. Само така ќе ги надминеме предрасудите во регионот и ќе ги интегрираме нашите земји во Европската унија. Предрасуди кои го оптоваруваа минатото, кои ја ограничуваат способноста да се живее сегашноста и сеуште можат да бидат закана за иднината.

Почитувани присутни,
Зад нас се 15 години исполнети со политички декларации и изјави. 15 години на градење заемна доверба и чувство за заедништво. Секако дека тоа му помогна на нашиот регион да се стабилизира, да го врати изгубениот баланс. Баланс меѓу минатото, сегашноста и иднината. Нашите земји премногу долго живееја во минатото. Дозволивме минатото да ни ја украде сегашноста, и да ни ја одложи иднината. Процесот за соработка во Југоисточна Европа ни помогна да го вратиме нашиот фокус на приоритетите што се пред нас. На европските и евроатлантските интеграции.

Во заедничката изјава од 1997 година, меѓу другото се вели: „Ќе работиме заедно за да се создадат во нашиот регион услови за просперитет на нашите држави, во рамките на мирот, безбедноста, добрососедството и стабилноста...“ и дека „се стремиме да го трансформираме нашиот регион во област за соработка и економски напредок...“ Време е да станеме архитекти на иднината на нашиот регион.

Но, за тоа се потребни помалку декларации, а повеќе работа. Дојдено е времето за акција. Повеќе конкретни дела, а помалку зборови се потребни за да ја постигнеме нашата заедничка иднина. Зарем не се вели дека верата без дела е напразна? Додека други региони во светот веќе ја живеат иднината, натпреварувајќи се и напредувајќи на полето на науката, технологиите, креативноста и иновативноста, ние речиси стоиме во место во однос на многу прашања. Треба да сме свесни дека времето не чека, туку брзо чекори напред.

Ценети присутни,
Суштинските прашања и предизвици на денешницата не познаваат и не признаваат државни граници кои изолираат. Не познаваат и не признаваат поделеност врз етничка, верска или политичка основа. Клучните предизвици со кои се соочуваат нашите држави и општества се еднакви за сите нас. Дијалогот меѓу културите, религиите и цивилизациите, борбата против организираниот криминал, тероризмот и пролиферацијата, односот на човекот кон природата, постигнувањето на економски и општествен одржлив развој, енергетска безбедност, развивање на зелена економија, водите, адаптацијата кон климатските промени, се само дел од дилемите со кои се соочуваат речиси сите земји од светот.

Оттука, се наметнува прашањето: Дали како регион пасивно ќе чекаме да ни се нудат решенија или, пак, заедно ќе се обидеме да најдеме автентични, автохтони одговори на глобалните предизвици што ја засегаат и Југоисточна Европа? Јас верувам дека можеме.

Драги пријатели,
Преземајќи го претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Република Македонија останува посветена на промоцијата на принципите на добрососедство и помирување во регионот, преку европските и евроатлантските интеграции. Меѓу приоритетите на македонското претседавање ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина.

Следната година во јуни ќе ја имам честа да бидам домаќин на Самитот. Самит на кој ќе се фокусираме на две актуелни и тесно поврзани прашања од глобално значење: намалувањето на ризиците од катастрофи и адаптацијата кон климатските промени, како комплементарни концепти кои се дел од истата равенка, чиешто решение мора заедно да го бараме. Климатските промени и ризикот од катастрофи се реалност на денешницата, но и реална закана за иднината. Закана која може да се отстрани само со исполнување на преземените обврски и бројните заложби на сите нас. Уверен сум дека интензивната регионална соработка на ова поле ќе ни помогне да изградиме регион поотпорен кон природните непогоди.



Во организирањето на Самитот ќе бидеме практични. Ја користам оваа прилика да ве информирам дека во исто време ќе бидам домаќин и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање млади за иднината и иднина за младите. Млади кои ќе бидат изградени во духот на дијалогот, толеранцијата и почитувањето на различноста. Само така ќе создадеме нова генерација на регионални лидери подготвени за предизвиците и можностите во 21 век. Со големо задоволство ве канам на овие два самита идната година во Македонија.

Ви благодарам.


alt
Деветти конгрес на Лајонс-клубови од градови-тврдини во Охрид
Сабота, 09 Јуни 2012

Почитувани членови на Лајонс-клубовите,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Со големо задоволство ја прифатив поканата да ве поздравам денес, тука, во нашата духовна престолнина Охрид, градот кој со векови бил под заштита на Самуиловата тврдина. Задоволството е дотолку поголемо, бидејќи овој, 9-ти по ред, конгрес на Лајонс-клубови од градови со тврдини се случува на 15-годишниот јубилеј од постоењето на Лајонс-клубовите во Македонија. 15 години исполнети со посветеност кон остварување на визијата на Мелвин Џонс – иднина во која успешните поединци, бизнисмени и професионалци ги вложуваат своите таленти и способности за доброто на општеството.

Дами и господа,

Во основа постојат три вида луѓе: оние кои не можат или не сакаат да го видат проблемот или предизвикот; оние кои го гледаат проблемот, но бидејќи лично не го предизвикале, им оставаат на другите да го решаваат; на крајот, постојат луѓе кои се свесни за проблемот што не го предизвикале, но сепак се подготвени да преземат одговорност за решавање на истиот.

altВерувам дека вие, членовите на Лајонс-клубовите припаѓате во третата група луѓе. Доволно е да се сетиме на бројните хуманитарни акции што Лајонс-клубовите ги спроведувале и спроведуваат ширум светот во изминатите 95 години. Познати сте како витези на слепите и борци против темнината. Им помагате на болните и изнемоштените, на младите и старите, на животната средина и на жртвите на елементарните непогоди.

Впрочем, бројките зборуваат најдобро. Од 1990 година, Меѓународниот Лајонс-клуб обезбеди над 415 милиони долари за програмата за зачувување на видот. До денес, 30 милиони луѓе во светот можат да гледаат благодарение на вашите програми. Над 12 милиони млади се дел од образовната програма за борба против дрогата и насилството. Вие сте глобален лидер на хуманоста и на служењето во заедницата. Затоа, вашето мото „Служиме“ најдобро ја одразува вашата мисија.

Почитувани присутни,

Нема позначаен, повисок и похуман повик од тоа да им се служи на оние кои имаат потреба, кои се во неволја, да му се служи на општеството. Професионално, посветено и несебично, од срце. А лавовското срце е токму такво – исполнето со храброст, сила, подготвеност за акција и верност. Верност кон пријателите, кон принципите и кон должноста.

Служејќи, вие градите мост на поврзување меѓу народите и општествата. Вие давате пример за тоа како одговорни поединци градат одговорно општество, дека споделениот успех раѓа нов успех. Хуманоста раѓа нова хуманост.

altДраги пријатели,

Република Македонија на светот отсекогаш му подарувала чеда кои со својата хумана мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите. Македонија е горда што од нејзините бедра се роди блажената Мајка Тереза. Затоа, никого не треба да го чуди хуманоста на Лајонс-клубовите од Македонија.

На самиот крај, сеќавајќи се на мислата на Мелвин Џонс дека „не можете да стигнете далеку, сè додека не почнете да им помагате на другите“, ви посакувам успешна конференција и пријатен престој во македонскиот и балканскиот бисер – Охрид.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 45 од 64