Говори и обраќања
obrakanje_Godisno01
Годишно обраќање на Претседателот во Собранието - Жалам што ЕУ не успеа да ја испрати вистинската порака
Вторник, 18 Декември 2012

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани претставници на верските заедници на Република Македонија,
Почитувани претставници на медиумите,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Зад нас оставаме една година која ќе ја паметиме по многу премрежја и искушенија на глобален план. Во поширокиот регион, Блискиот Исток и Медитеранот, уште беснеат конфликти, немири и незадоволства кои продуцираат нови жртви, огромни материјални штети, но и нови бранови бегалци и безбројни лични трагедии.

Поради глобалната економска, должничка и финансиска криза, за многу луѓе во Европа и во светот и оваа и наредните години ќе бидат години на соочување со тешкотии, неизвесност и неостварени соништа.

Накратко, живееме во ера на глобални промени. Ера во која се менува светот каков што го знаевме. Промените на глобален план навистина се економски, но слабостите се пред сè политички. Тоа се чувствува и на нашиот континент. Се менуваат улогите на глобалните актери во меѓународната заедница, па и во регионот.

Се создава нова економска мултилатералност на глобално ниво. Растечките економски сили носат и нови потреби и нови форми на дистрибуција и искористување на ресурсите. За помалку од две децении потребата за вода за пиење во светот ќе се зголеми за 35 %. Потребата од храна за 40 %. Побарувачката за енергија ќе се зголеми за 50 %. Тоа се огромни промени кои ќе донесат потреба од нови економски модели на развој и нови модели на соработка.

Животот ни станува сè повеќе зависен од модерната технологија, информатизација и дигитализација. Карактеристиките на информатичко-комуникациските технологии ќе придонесат за уште поголеми промени. И автократските и демократските држави ќе ја употребуваат и зголемуваат моќта на информациската технологија и новите медиуми.

Па сепак, се чини дека сајбер-ерата придонесува и за сосема нови форми на комуницирање со рушење на митовите, стравовите и предрасудите засновани на нетолеранција и ксенофобија.

Токму во ваков глобален и регионален амбиент Република Македонија ги остваруваше своите цели. И покрај сè, успеавме да се справиме во секој домен со резултати што се за почит. Резултати потврдени и во најрелевантните меѓународни извештаи.

Почитувани,
На макроекономски план, Република Македонија во 2012 година беше под големо влијание на глобалното опкружување и особено состојбите во ЕУ, како најзначаен трговски партнер.

Во такви услови, покажавме дека знаеме да се справиме со предизвиците. Република Македонија не ја зафати фаталниот бран кој внесе сомнеж и несигурност во многу европски земји. Иако во првите два квартала влеговме во рецесија со раст од 0,2 % на БДП, во третиот квартал успеавме да излеземе од рецесијата.

Имаме низок буџетски дефицит од 2,5% од Бруто-домашниот производ и заклучно со ноември, ниско ниво на инфлација од 3.2%. Имаме стабилен банкарски систем. Во однос на јавниот долг, со стапка на задолженост од 30,6%, Република Македонија е меѓу четирите најниско задолжени земји во Европа. Според индексот за економска слобода во светот за 2012 година, се наоѓаме на 43-то место, пред дури седум земји од нашиот регион. Според глобалното рангирање на Форбс за 2012 година, Република Македонија се наоѓа на високото 37-мо место во светот според поволноста за отпочнување  бизнис. Во последните четири години преку странските инвестиции во Република Македонија се влезени околу една милијарда и 550 милиони евра.

Ние сме трети најдобри реформатори во светот.

Сево ова покажува дека сме подобри од многу земји во регионот, па дури и од некои земји-членки на Европската унија. Секогаш може подобро. Има уште многу работа. Но, да бидеме реални. И во идната година, динамиката на економскиот раст во голема мера ќе биде условена од закрепнувањето на глобалната економија.

Проектот за технолошко-индустриските развојни зони ги дава своите резултати во поглед на бројот на вработени лица, производството и извозот. Покрај привлекувањето на странските директни инвестиции, Македонија е посветена на поддршката на домашните стопанственици и поддршката на мали и средни претпријатија. Ме радува фактот што инвестирањето во туризмот ги дава своите резултати. Оваа година во периодот јануари-октомври во споредба со минатата година, бројот на странските туристи е зголемен за 8,6 %. Модернизацијата на аеродромите и инвестирањето во авиосообраќајот, воведувањето на нови линии кон повеќе европски и светски дестинации доведе до раст на бројот на патници во авиосообраќајот за 21,5 %.

Им честитам на Владата и на стопанството за постигнатите резултати во 2012 година. Особено силно ги поддржувам напорите на Владата за поттикнување на земјоделството преку инвестирање на 670 милиони евра во периодот од 2011 до 2015 година. Замислете ваква посветеност, наместо денес, да имавме од порано! До сега ќе бевме регионална земјоделска сила.

Ценети присутни,
Напоредно со растот и со развојот на нашите урбани центри, неопходна ни е ревитализација на руралните области. Неодржливо и неодговорно е да го увезуваме она што можеме сами да го произведеме. Услови за тоа секако имаме, треба само да се искористат.

Еден од нашите приоритети е обезбедување на енергетската продукција, безбедност и стабилност, инфраструктурното и енергетското поврзување. Со пристапувањето кон „Јужен тек“, Република Македонија ја обезбедува својата енергетска, но и економска иднина. Верувам дека пристапот до енергенсите ќе биде дополнителен поттик и за странските и за домашните инвеститори.

Со околу 250 до 300 сончеви денови во текот на годината, Република Македонија е земја на сонцето. Мора да ги користиме обновливите извори на енергија, во прв ред сонцето, но и водата, ветрот и геотермалните води, онаму каде што ги има. Затоа мора да почнеме ефективно и ефикасно да ги користиме ваквите расположливи извори на енергија.

Не смееме да заборавиме дека развојот и растот на економијата непосредно зависи од инфраструктурната поврзаност. Затоа, на сите средби го актуелизирам поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10. Инфраструктурата и поврзувањето се основен предуслов за надминување на разликите и за поврзување и стопанска соработка.

Почитувани сограѓани,
Сите сме запознаени со минатонеделните заклучоци на Европскиот совет. Имаше оправдано очекување и кај нас, и надвор, дека повеќекратно повторуваните позитивни извештаи на Европската комисија и препораките за одредување датум за почеток на преговорите, овој пат ќе се прифатат.
Особено, затоа што оваа година Република Македонија вложи евидентно многу и го забрза темпото на реформите. Македонија успешно го водеше претпристапниот дијалог на високо ниво со Унијата.

Собранието на Република Македонија и неговите работни тела,  претседателот на Владата, надлежните министри и јас, лично, бевме целосно посветени на процесот на евроинтеграции преку многуте средби и контакти што ги имавме во 2012 година.

Од сите тие средби и контакти, оценувам дека значително се зајакнува позицијата и поддршката за Македонија на меѓународен план.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата ја промени перцепцијата кон  Република Македонија. Таа на најавторитетен и најјасен начин ја потврди исправноста на нашата политика, за која бевме обвинувани од некои и надвор, но и дома. Впрочем, важноста на Меѓународното право е потврдена и во завршниот документ на годинешниот состанок на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации. Документ во кој се потврдува дека е „обврска на сите држави да ги почитуваат одлуките на Меѓународниот суд на правдата во случаите во кои се јавуваат како страни“. По донесувањето на пресудата постојано се зголемува бројот на нашите поддржувачи, пријатели, партнери. И во Чикаго, и во Брисел, на оние кои без аргументи, но и спротивно на меѓународното право, сакаа, но и успеваа да нè блокираат, од ден во ден им е потешко да најдат разумни аргументи за тоа. Не можат во недоглед да продолжат со неразумната политика на блокади.

Ценети присутни,
Јас сум, лично, разочаран од исходот на годинешниот Бриселски самит, верувам како и вие, почитувани пратеници, членови на Владата и сите граѓани на Република Македонија. Се чини дека старите излитени балкански манири, балкански интереси, аспирации и поделби, сè уште опстојуваат и се наметнуваат на исходите на самитите на Европската унија.

Повеќепати ја истакнував и определбата на големиот Жан Моне дека проширена и обединета Европа е, пред сè, проект на мирот. Се плашам дека одлагањето на процесот за проширување за Република Македонија и за регионот не помага во остварување на определбите на основачите на обединета Европа. Жалам што не се успеа да се испрати вистинската порака. Порака која очигледно, некои не разбираат колку е важна за нас, за нашите граѓани, за нашите општества во регионот.

Мојата порака до оние кои влијаеја на таквите заклучоци на Советот е дека грешат. Мојата порака до сите оние кои не мислеа така, а беа во мнозинство: Ви благодариме за храброста, лидерството и визијата. Тоа никогаш нема да ви го заборавиме.

Наспроти сè, не само што остануваме верни и определени на нашата темелна евроатлантска насоченост и интеграција, туку и ќе ги уважуваме препораките и ќе ги интензивираме напорите. Ќе соработуваме блиску со Европската комисија и ќе продолжиме со нашите внатрешни реформи. Нашата политика била и ќе биде европска политика.

Продолжуваме и со политиката на отвореност кон сите. Тоа е политика која помага да ги прошируваме хоризонтите на нашата севкупна, а посебно економската соработка со светот. Отвореноста кон сите е мојот највисок принцип во односите со нашите пријатели и партнери. Во таа насока беа многу од моите посети. На овој план, некои работи сме требале и сме морале многу порано да ги направиме. Само оваа 2012 година, остварив 21 посета на странски држави, како и учества на мултилатерални и регионални собири, вклучително и на последното Генерално собрание на Обединетите нации. Во годинава што изминува остварив 86 средби со шефови на држави и на влади, со највисоките претставници на меѓународни организации.

Почитувани,
Годинава достоинствено прославивме 20 години од формирањето на нашата армија. Како важен столб на нашата независност, Армијата даде исклучителен придонес за афирмација на Република Македонија на меѓународен план. Свесен сум дека тоа не ќе беше можно без напорната, професионална и посветена работа на многу генерации. Како претседател и како врховен командант со гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија била, е и ќе остане да биде гарант за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Токму затоа, уште еднаш, јасно повторувам: нема место за дневна политика во Армијата.

Славејќи ја 20-годишнината од формирањето на Армијата, ние одбележуваме и 10 години од нашиот активен придонес кон мисијата ИСАФ. Во овие 10 години, станавме една од петте земји што најмногу придонесуваат во оваа мисија, сметано по глава на жител. Ќе продолжиме да се придржуваме кон ова глобално партнерство и по 2014 година. Како активен учесник во ИСАФ, Македонија ги споделува одговорностите, обврските и ризиците. Затоа Македонија истовремено очекува да ги споделува и правата и придобивките кои доаѓаат со членството.

Ценети присутни,
Во поглед на разговорите за прашањето за името, морам да кажам дека како и досега, искрено и посветено им пристапуваме. Во очекување сме на нови средби и разговори со господинот Метју Нимиц, за што јас лично разговарав и со генералниот секретар, господинот Бан Ки-мун. Сакам во оваа прилика јасно да ставам на знаење, прво на моите сограѓани, а потоа на меѓународната заедница, дека до заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет. Секој човек има чувство на припадност и треба да биде слободен тоа да го изрази. „Човековото достоинство е неповредливо. Мора да биде почитувано и заштитувано“. Ова стои во првиот член на Повелбата на основните права на Европската унија. „Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинство и права“, се вели во првиот член на Универзалната декларација за човекови права.

Секој граѓанин на секоја земја од соседството нека се чувствува така како што сака, но неприфатливо е да се бара ние да се чувствуваме како друг што сака. Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам, кога се посегнува по кој било аспект од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого. Тоа се работи за кои никој на овој свет не разговара, а и ние не сакаме и нема да разговараме. Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите, а на кои се однесуваат Резолуциите на Обединетите нации, на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Постојано им укажувам на најодговорните за процесот, генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и медијаторот Метју Нимиц, да внимаваат процесот да не излегува од рамката. Впрочем, како што и самиот генерален секретар рече за време на неговата неодамнешна посета на Република Македонија: „Јас никогаш не прифаќам компромис кога станува збор за...основни човекови права и достоинство...“ Оценуваме дека секое неадекватно решение може многу неповолно да се одрази на целиот регион. Се надеваме дека во времето пред нас, процесот ќе се одвива во духот на толеранција, меѓусебно разбирање и разум што од наша страна никогаш не изостанувале.

Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, особено за добрососедските односи, кои сепак се двонасочна улица. Ние мора да си помагаме, а не да си попречуваме. Блокадите и попречувањата се на штета и на тие што блокираат, а најголема жртва е целиот наш регион. Целосно сме отворени кон сите наши соседи. И натаму ќе настојуваме да ги развиваме добрососедските односи. Неприфатливи се обвинувања од кој било за наводен иредентизам и национализам кој доаѓа од Македонија. Бидејќи животот е краток, а соседот вечен.

Затоа порачувам: Да не се создава лажна претстава за состојбата со добрососедските односи. Реалната слика е дека македонското општество нема никаков проблем со ниедно соседно општество. Низ каква искривена призма треба да гледаме за во оваа реална соработка да видиме отсуство или недостиг на добрососедски односи? Земјите од нашиот регион едноставно не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината.

Почитувани,
Нашата континуирана и длабока посветеност кон регионот ја демонстрираме и со зборови и со многубројни иницијативи и со акција. Сега успешно го презедовме претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Тоа е најстарата, автентична регионална иницијатива, која не ни беше наметната, туку се роди од желбата за соработка на лидерите во регионот.

Истовремено ќе бидеме домаќини и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, инициран од претседателот Трајковски, во соработка со УНЕСКО и со Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Следната година ќе бидеме домаќини и на Третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите.

Очекувам 2013 да биде година во која ќе продолжи реформскиот курс во областите каде е потребен натамошен прогрес. Извештајот на Европската комисија е најзначајниот патоказ.

Дами и господа,
И во оваа година кон Република Македонија се упатуваа апсурдни или навредливи изјави на малкумина „дежурни“ политичари од соседството, а за нашите меѓуетнички и меѓусоседски односи. Ние не подлегнавме на никакви провокации. Нашиот народ низ минатите векови многу преживеал и доживеал. Се стекнал со голема мудрост, жилавост и сила. Тие изјави за дневно-политичка употреба, ниту можеле, ниту во иднина ќе можат да ги нарушат вековните добрососедски односи на народите во овој наш регион. Нашите врски со соседството се длабоки, тоа се роднински, пријателски, деловни, спортски, културни, духовни врски... Никаков излет на поединец желен за власт по секоја цена не може тоа да го промени. Ако некој мисли дека со такво однесување може да ги подели и раскара граѓаните на Република Македонија очигледно не знае за каков умерен и мудар народ станува збор.



На нашите простори, не само во Република Македонија, уште има поединци кои сонуваат за радикални идеи и митови за големи држави. На овие идеи сакам да одговорам со мислата на еден од татковците на Европа, големиот Калерги, кој пред 90 години рече дека: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници“.

Не смееме никогаш да дозволиме да бидат доведени во прашање меѓуетничките односи во Република Македонија. Сите заедници во Република Македонија со векови живееле сложно во духот на заемна соработка и почит.

Иако веќе е речено, ќе повторам: Со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор достигнавме ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција. Изградивме и модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира.  Потребно е стриктно придржување до основните принципи на Охридскиот рамковен договор и одвивање на политичкиот процес во таа рамка.

За жал, годинава имавме неколку недозволиви настани кои ги вознемирија граѓаните и не доликуваат на она што досега го правевме како држава. Бевме сведоци на повеќе инциденти, тензии и дури трагични случаи. Најлошото е што во тие случаи беа, па и денес се вовлечени многу млади луѓе. Од сево ова, лично бев многу засегнат, бидејќи, освен како претседател, и како човек сум определен за мир, соживот и толеранција. Им се обраќам на сите кои поттикнуваат и извршуваат такви дела, сериозно да размислат за нивните последици и да бидат свесни дека правдата ќе ги стигне. Никој нема да остане неказнет.

Ако некој мисли дека може да ги потпали со збор или со дело чувствата или симболите кои се свети за нашите граѓани, навистина се лаже.

Не може да се дозволи два милиона граѓани да бидат држени во страв од неколкумина кои не мислат добро никому и се инспирирани од нечесни мотиви.

Одговорност на сите клучни актери во унапредување на толеранцијата и меѓуетничкиот соживот е обврска и одговорност на секој од нас. Притоа, не мислам само на политичките актери, мислам на медиумите, верските заедници, локалните заедници, спортските федерации. Неслучајно ја споменувам важноста на спортот во ова поле. Како ретко која друга општествена активност, спортот има моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци и заедници. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност.

Токму затоа, оваа година бев покровител на проектот „Спортот како фактор на толеранцијата, заедништвото и почитувањето“. Проект во кој се вклучија илјадници ученици: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Заедно спортувавме. Заедно посетивме верски храмови и културно-историски споменици. Децата од Прилеп, Шуто Оризари, Врапчиште, Центар, Тетово и Старо Нагоричане пратија порака што беше меѓународно препознаена. Овој проект беше награден со специјално признание доделено од страна на принцот Алберт II од Монако на Меѓународниот форум „Мир и спорт“ во Сочи, Русија.

Почитувани,
Годинава, во овој дом, во Собранието, меѓу пратеничките групи се одвиваше плодна, на моменти затегната и не секогаш продуктивна демократска дебата.

Во новата година граѓаните очекуваат повеќе решенија, а помалку проблеми. Демократијата подразбира борба на идеи, но таа не ја остварува својата цел ако не испорача и спроведе решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

Во новата година граѓаните очекуваат обединување околу клучните приоритети на Република Македонија. Тој консензус во реалноста постои, но во жестокоста и емоциите на политичката борба понекогаш се губи од вид сликата која се испраќа до граѓаните, нашата дијаспора, нашите партнери од странство и инвеститорите. Еден од тие клучни приоритети е развојот на економијата и намалувањето на невработеноста и сиромаштијата. Ги поздравувам сите напори во оваа насока и верувам дека ќе продолжат со несмалено темпо. Но, ако самите си создаваме бариери на тој пат и се однесуваме со инает, тогаш сме крајно неодговорни.

Деновиве, во овој дом се води остра и непродуктивна дебата за усвојување на Буџетот на Република Македонија. Морам да констатирам дека тоа ги загрижува граѓаните. Апелирам да се најде начин за итен излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа од вас. Не може целото општество, со сите свои потреби, да биде заложник на неодговорно однесување. Ако се случи, заради неодговорно политичко однесување, Македонија да трпи економска штета, со кој образ утре ќе излезете да ја барате довербата на граѓаните? Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси. Тогаш навистина станува збор за сите нас. За Република Македонија.

Почитувани,
Апелирам локалните избори кои ќе следат да бидат на нивото на највисоките демократски стандарди, ниво кое веќе го постигнавме во изминатите неколку изборни циклуси. Уверен сум дека е потребно Собранието, во целина, и сите други субјекти вклучени во овој процес, како што се невладините организации, медиумите и верските заедници да ги обезбедат сите неопходни услови.

Реалниот живот на луѓето се одвива на локално ниво. Сигурен сум дека сите заедно ќе обезбедиме секој граѓанин еднакво, рамноправно и самостојно да ја избере својата локална власт – сервисот кој треба да служи за нивните потреби, без разлика дали се тоа потребите на жителите на населените места на Шар Планина или Велес, Мариово или Кичево, Струмица или Скопје.

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Над сите нас виси прашањето што ни носи следната година. Водечките политичари и аналитичари од Европа најавуваат дека најлошото е поминато и дека состојбата во Европа се подобрува. Се враќа довербата на инвеститорите. Приватниот капитал повторно тече во земјите што се најзагрозени со кризата. Ова се добри вести за нас. Европските земји се најважниот економски партнер на Македонија. Она што е приоритет за Европа мора да биде приоритет и за нас. А тоа е намалување на трошоците, пласирање нови производи на пазарот, зајакнување на извозот – тоа се претпоставките за развој на Македонија.

Во наредниот период, на полето на економијата, треба да се фокусираме на приоритети што ќе го одбележат нашиот 21 век. Тоа се водата, храната, енергетската безбедност и информатичко-комуникациските технологии. Оние земји што доживеаја силен развој ги почнаа реформите со внимателна приватизација, извозна ориентација на економијата и со многу вложување во науката. Кај нас имавме несоодветна приватизација, претежно увозна ориентација и речиси никакво вложување во образованието и во науката. Последниве години со силни напори се обидуваме да го поправиме пропуштеното. Но, јас мислам дека треба да бидеме уште порешителни и похрабри во таа насока. Особено кога станува збор за вложување во науката и истражувањата.

Не можеме да ја отвориме новата врата – вратата на иднината, со стар клуч. Затоа, неопходно е систематично и долгорочно да работиме на поттикнување на иновациите и на создавање и образување генерации со отворен ум, кои ќе размислуваат надвор од шаблоните, кои ќе пронаоѓаат нови решенија.

Од средбите што редовно ги имав со најдобрите студенти од универзитетите во Република Македонија дознавам за предизвиците со кои се соочуваат. Треба да се прилагоди и унапреди не само наставната програма, туку и начинот, моделот на пренесувањето на знаењето.

Наместо компаниите да инвестираат дополнителни средства во дообука на веќе дипломираните кадри, тие треба тоа знаење и практично да го стекнат за време на студиите. Додека имаат нови идеи, додека сакаат да експериментираат. Затоа ги охрабрувам сите универзитети да започнат со формирање на технолошки паркови. Да создаваат бизнис-инкубатори, каде студентите ќе можат практично да го применат знаењето додека го стекнуваат. Така ќе бидат подготвени не само за локалниот, туку и за глобалниот пазар.

Имаме навистина позитивни искуства на овој план со Школата за млади лидери. Овие млади луѓе се стекнуваат со знаења и вештини кои ќе го градат нивниот успех.

На секое поле, Македонија има успешни приказни, успешни примери, успешни луѓе. Македонија не е само тука. Таа е секаде каде успеваат луѓето од Македонија. Импресиониран сум од нашите млади луѓе кои ги среќавам во светот. Покрај официјалната дипломатија, културната, економската, воената, тие се вистински промотори на нашата татковина.

Како претседател на сите граѓани на Република Македонија би сакал денес да се обратам до секој граѓанин посебно. Сакам да се потсетиме на идеалот на голем број генерации, идеалот на обединета Европа без граници.

Кога татковците на Европа, Жан Моне и Роберт Шуман, ги поставија принципите на нејзината историска градба, тие всушност го подготвија патот, не само да се обединуваат државите, туку да се обединуваат и сите добронамерни луѓе на континентот којшто пред тоа живееше во воени конфликти и уништувања на човековиот идеал.

Токму триесетина дена нè делат од еден голем јубилеј за модерната европска историја. Цела Европа следната година ќе го прослави 50-годишниот јубилеј од Договорот за француско-германското пријателство. На 22 јануари 1963 година, Шарл де Гол и Конрад Аденауер го потпишаа познатиот Елисејски договор којшто беше основа за идната визија на Европа на мирот. Со истиот документ се создадоа услови за формирање на Фондацијата за соработка меѓу младите на двете земји.

Замислете на што би личел Балканот денес, доколку веднаш по крајот на Студената војна го следевме француско-германскиот пример. Но, никогаш не е доцна. Се надевам дека и ние, балканските народи, ќе собереме сила да погледнеме во иднината како што тоа го сторија Франција и Германија во 1963-та.

Во годината на одбележувањето на овој јубилеј, и ние да ја конкретизираме оваа инспирација. Да создадеме место каде младите од Балканот ќе соработуваат во сите области. Да создаваме иднина за младите и млади за иднината. Да ја насочуваме и проектираме иднината, не само да ја очекуваме.

Заедно да ја издигаме Македонија во височина. Со највисоки стандарди, највисоки принципи, највисоки вредности. И уште нешто, да се потсетуваме на заветот што ни го остави св. Климент Охридски – да се престигнуваме во добрина.

Честитајќи ви ги претстојните празници, ви посакувам вам и на вашите семејства многу здравје, радост и бериќет.

Благодарам.

klimentr
Свечена академија по повод државниот празник 8 Декември - Свети Климент Охридски
Петок, 07 Декември 2012

Ваше блаженство, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан,
Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите Камбовски,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

На почетокот би сакал вам, на присутните, на институциите кои го носат името на св. Климент Охридски и на сите граѓани на Република Македонија да го честитам утрешниот голем верски и државен празник.

Ценети присутни,

Годинава во Света Софија прославивме 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија - Македонската православна црква. Прославивме и 45 години од формирањето на овој храм на науката и уметноста – Македонската академија на науките и уметностите. Врската која ги поврзува овие два столба на македонската самобитност е делото на св. Климент Охридски, првиот словенски архиепископ, втемелувачот на првиот словенски универзитет, светител и просветител кој преку образованието ги нахрани гладните и жедните за знаење, вистина и мудрост.

Како што многу нови градби се изградени врз темелите на старите куќи, така и секоја генерација оди подалеку од претходната затоа што стои врз рамената на претходната генерација. Дел од темелите на нашата генерација се поставени и врз делата на словенските просветители.

Во време кога многумина при очи биле слепи и при уши биле глуви, кога неписменоста царувала во Европа, светите браќа Кирил и Методиј се јавија како „светлина на помрачените, учители на младите“ и со својата мисија „го растераа... мракот, народот го просветлија со писменост“, како што напишано во нивните житија.

Нивното дело го продолжија и надградија св. Климент Охридски и неговиот духовен брат св. Наум Охридски. Тие во нашата духовна и културна престолнина ја создадоа Охридската книжевна школа, тој најстар словенски универзитет. Универзитет кој станува книжевно жариште на словенскиот јазик. Универзитет кој свети како кандило низ историјата, пренесувајќи го делото на солунските браќа од едно на друго поколение во сите словенски земји. Универзитет кој денес, 11 века по упокојувањето на св. Климент повторно го обновуваме.

Ние, како човечки суштества сме подложни на природните закони. Секој од нас се раѓа, расте, се развива и умира. Но, нас ќе нè паметат по она што го оставаме зад себе. Ние, како и многубројните поколенија пред нас, се сеќаваме на св. Климент токму поради она што тој ни го остави во трајно наследство.

Почитувани присутни,

Секоја генерација има своја борба. Борбата на св. Климент Охридски е со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило.
Ние денес имаме и знаење, и писменост и информации. Во наставната 2011/2012 година има околу 200.000 ученици во основните и средни училишта, а  на 14-те државни и приватни универзитети во Република Македонија се запишани околу 58.000 студенти на додипломски студии за истата година. Во високообразовните установи во Република Македонија имаме околу 3.600 наставници и соработници во наставата. Со болоњскиот процес, македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Околу 55% од домаќинствата во Република Македонија имаат пристап до Интернет. Околу 940.000 македонски граѓани се на фејсбук. Но, исто така, живееме во време кога науката собира и создава знаење побрзо отколку што општеството може мудро да го употреби. А знаењето без мудрост е неплодно.

Затоа, борбата на нашата генерација е насобраниот интелектуален капитал да го инвестираме во младите. Насобраното знаење да го примениме и да го ставиме во функција на создавање напредна, европска Македонија, и задоволување на реалните потреби на граѓаните. Во тоа може да ни помогне мудроста која ни е оставена од свети Климент. Мудрост која можеме да ја дознаеме ако се нурнеме во длабочината на неговите слова, поуки и житија, но и неговиот живот.

Еве што за св. Климент пишуваат неговите ученици: „Ние никогаш не го видовме да безделничи, ами тој или ги учеше децата, и тоа на различни начини – на едни им ги покажуваше формите на буквите, на други им ја објаснуваше смислата на напишаното, а на трети им ги насочуваше рацете за да пишуваат, и не само дење, туку и ноќе, или се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или, пак, пишуваше книги, а понекогаш истовремено работеше две работи: пишуваше и на децата им предаваше некакво знаење, бидејќи знаеше дека безделието е учител на секое зло, како што рекла, преку еден од своите служители, Мудроста, учителката на секое добро“.

Сакам да нагласам две клучни пораки. Безделништвото е учител на секое зло, а мудроста, учителка на секое добро. Оваа голема вистина одѕвонува низ вековите и е еднакво важна и денес, во нашиот глобализиран свет. Ова е поука за секој ученик, за секој студент, за секој наставник, за секој кој има желба да учи и да се надградува. Затоа, да ја бараме мудроста, да не безделничиме. Преку новите технологии и интернетот, сите светски библиотеки и сето човеково знаење денес ни се на располагање.

Ценети присутни,

Живееме во бурни времиња во кои темпото на животот речиси и не остава време да размислиме како се однесуваме со другите луѓе, и како тие се однесуваат кон нас.

Св. Климент нè учи да се престигнуваме во добрина. Во неговата поука на Рожденството Христово, св. Климент нè поучува: „да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно...“
Севкупното дело на св. Климент нè упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет. Да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност. Наша одговорност е да го чуваме и унапредуваме правото за кое пред многу века се изборија сесловенските светители и просветители и кое го зацврсти св. Климент Охридски – правото на народот да зборува, пишува и чита на сопствениот јазик. Да ги почитуваме законите и правилата, и да ги почитуваме другите, ако сакаме и другите да нè почитуваат нас. Во трудољубивоста, посветеноста кон извршувањето на задачите и волјата за акција треба да се угледаме на св. Климент Охридски. Тоа се одлики на доблесни луѓе, онакви какви што и големиот просветител сакал да произлезат од неговиот универзитет.

Како „добра фиданка од добар корен“, тој го вложи сиот свој земен живот за да им даде просветлување на оние кои и при очи беа слепи, и при уши беа глуви и при јазик, неми. И ден денес, св. Климент е кормилар на нашиот јазик, исправител на нашите зборови. Никогаш не сееме да заборавиме дека сите поколенија од тогаш до денес се резултат на таа инвестиција. Секоја изговорена мисла, секој напишан и прочитан збор, секоја испечатена книга на нашиот мајчин македонски јазик е плод од семето што го посеаја просветителите. Можеби токму затоа св. Климент во фрескоживописот е секогаш сликан со голема глава, бидејќи за народот тој е синоним за умот, науката и знаењето. Народот имал голема почит кон својот голем учител.

Тоа нè носи до уште една голема порака што ја наследивме од св. Климент Охридски: почитта кон предците, кон учителите, кон оние што ни помогнале да го осознаеме светот и нашето место во него.

За да го разбереш ученикот, треба да се навратиш и на неговиот учител. Константин Филозоф рече: „за мене нема ништо поголемо од учењето. Преку него ќе ја придобијам мудроста и ќе ги побарам прародителската чест и богатство“. За св. Методиј, пак, напиша дека „засветли како сонце со своите просветителски зборови и поуки“.

Почитувани присутни,

Жетвата е готова, а жетвари има малку. Семето што го посеаја Кирил и Методиј даде богат плод. Првиот жетвар беше Климент Охридски. И денес ние се храниме од духовната и интелектуална храна која ни ја остави нашиот голем учител. Нам ни останува да го зачуваме неговото наследство и уште побогато со знаење и мудрост да им го предадеме на наредните поколенија.
Ви благодарам.

Унапредена регионална соработка и европска иднина за нашите граѓани - Четврти регионален претседателски самит во Будва
Среда, 05 Декември 2012

Почитуван господине претседател Вујановиќ,
Почитуван господине претседател Нишани,
Почитувана госпоѓо претседател Јахјага,

Би сакал најпрво да му се заблагодарам на нашиот ценет домаќин, претседателот Вујановиќ за укажаното гостопримство во прекрасната Будва. Со организирањето на овој, четврти по ред, регионален претседателски самит го заокружуваме првиот циклус на состаноци, чија цел е унапредена билатерална и регионална соработка и европска иднина за нашите граѓани.

Правилата на играта ги знаеме. Споделување, соработка и заедништво за сите прашања од заеднички интерес. Од европската и евроатлантската интеграција, преку јакнењето на демократските процеси, владеењето на правото и спроведувањето на европските реформи; преку економската соработка, енергетското и инфраструктурното поврзување, прекуграничната соработка, борбата против организираниот криминал и корупцијата,  па сè до заштитата на животната средина и соработката во областа на образованието, културата и туризмот.

Нашите народи честопати за некој што го кажал очигледното велат дека одново ја „открил Америка“. Ние не дојдовме овде со очекување да го направиме она што Колумбо го направи пред точно 520 години на денешен ден. Ние сме тука да видиме како да го ставиме во функција капиталот што е создаден  изминатите три години, откако започна оваа регионална соработка. Ние сме тука да видиме како оваа регионална соработка да ја ставиме во функција на реалните потреби што ги имаат граѓаните на нашите држави.

Најмалиот заеднички содржател на нашата регионална соработка треба, секако, да бидат добрососедските односи. Не смееме да изгубиме од вид дека добрососедските односи се двонасочна улица. А овој вид  регионална соработка е крстосницата на која се вкрстуваат повеќе двонасочни улици. Тоа зборува за големите можности и потенцијали за соработка кои треба да се продлабочат.

Добрососедските односи се неопходни за да можеме поуспешно и побргу да ја поврземе нашата крстосница кон европскиот институционален автопат. Добрососедските односи, заедно со регионалната соработка, се незаменливи алатки за промена на перцепцијата во нашиот регион и кон нашиот регион и услов за натамошни евроинтеграции.

Ценети присутни,

Неодамна учествував на Конгресот на Паневропа во Виена, каде зборував и од името на сите земји кои се наоѓаат во чекалната на Европската унија. Во таа прилика го потсетив европското лидерство дека покрај замор од проширувањето, постои и замор од чекањето. Истакнав дека е време да се забрза процесот на проширување,  за земјите од нашиот регион да бидат примени во нашиот заеднички дом – Европа.

Изминатиот период нашиот регион, генерално, направи чекор напред кон евроинтеграциите. Хрватска е пред портите на Европа. Нејзиниот успех го доживуваме како наш успех, успех на регионот. Сепак, не смееме да заборавиме на другите земји од регионот кои сè уште се заглавени во чекалната на Европа.

Во октомври оваа година, Европската комисија препорача на Албанија да и се додели кандидатски статус за влез во Европската унија. Босна и Херцеговина се подготвува да ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија, Црна Гора ги започна своите пристапни преговори, а Србија е веќе кандидат. Македонија е кандидат уште од 2005 година и, сега, со нетрпение чека датум за започнување на преговорите. Пред неколку недели го добивме четвртиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Во извештајот, Европската комисија, четврти пат по ред даде препорака до Европскиот совет за почнување на преговори со Македонија за членство во Европската унија. Време е да се забрза процесот на проширување и нашите земји да бидат примени во нашиот вистински дом - Европа.

Пред нас е нов прозорец на можноста. Со надеж ги исчекуваме заклучоците од Европскиот совет што заседава наредната недела. Верувам дека ова е шанса за европското лидерство да покаже доследност кон основната идеја на Европа како мировен проект. Додека песимистите во кризата гледаат закана, оптимистите гледаат можност. Кризата со која се соочува Европа во себе крие токму таква можност за остварување на визијата на татковците на Европа.

Точно е дека некои работи не зависат од нас. Но, многу нешта зависат од нас. Пред сè, добрососедските односи кои, како што реков, се двонасочна улица.

Но, ние сакаме да бидеме не само дел од европскиот институционален автопат, туку и физички, реално да се поврземе кон европските инфраструктурни и енергетски коридори. Географијата ја утврдува и економијата и политиката, и безбедноста и стабилноста.

Дами и господа,

Минатата година во Охрид предложив еден од приоритетите да биде обезбедување на енергетската безбедност и стабилност, инфраструктурното и енергетското поврзување за нашите земји.

Цврсто сум уверен дека поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорите 8 и 10 претставува одлична можност за остварување на оваа цел.

Јадранско-јонска магистрала овозможува поврзување на Централна Европа до Грција, до Турција, до пристаништата. Не смееме да заборавиме дека нивото на соработката меѓу нашите економии, нашите бизнис-заедници реално зависи од инфраструктурната поврзаност.
Ние можеме да потпишуваме бројни меморандуми за разбирање и договори за соработка во областа на економијата, но само доколку физички ги поврземе нашите коридори, таа соработка ќе даде вистински и долгорочни позитивни резултати од кои нашите држави ќе имаат бенефит.

Сметам дека треба да и дадеме шанса на оваа иницијатива. Сметам дека треба да им го отвориме патот, во вистинската смисла на зборот, на нашите бизнисмени, нашите компании, да соработуваат, да се поврзуваат. Како што Република Албанија и Република Косово треба да се приклучат кон Коридорот 10, така и Република Македонија треба да се приклучи кон Јадранско–јонската магистрала. Сите ќе имаат корист од тоа. И нашите земји, и земјите од централна Европа која ќе има алтернативен пат за снабдување на нејзините пазари, но и за патување на туристите кон Истокот.

Ајнштајн рече дека времето и просторот се релативни. И беше во право. Денес, времето минува побргу. Трпението на индустриите, компаниите, патниците е сè пократко. Поврзувањето на Коридорите 8 и 10 со Јадранско-јонската магистрала значително ќе го намали времето потребно за транспорт на луѓе и добра, а со тоа ќе го стесни и просторот.

Економските индикатори зборуваат за неопходноста. Трговската размена на Република Македонија со вашите земји во текот на оваа година е околу 350 милиони долари. Тоа е далеку под нивото на кое се наоѓаат нашите политички односи. Верувам дека можеме да направиме многу повеќе. И тоа не само да ја зголемуваме трговската размена, туку и заеднички да настапуваме на трети пазари. Сакаме економската зависност на нашите држави и на нашиот регион да ја замениме со економска меѓузависност.

Нам ни е потребна соработка во користењето на претпристапните и пристапните фондови на Унијата преку заеднички проекти. На тој начин се унапредува соработката и се надградува заедништвото на патот кон Европската унија. Во Европската унија како најуспешни се покажаа оние региони кои знаеја да соработуваат во проектите.

Екселенции,

Денес се наоѓаме во овој прекрасен стар град кој пред 33 години најнепосредно го почувствува бесот на природата. Земјотресот што ја погоди Будва во 1979 година, исто како и скопскиот земјотрес од 1963 година нè потсетуваат дека ризиците од катастрофи се реалност која мора да ја имаме предвид.

Не можеме да ги сопреме земјотресите и климатските промени. Честопати, не можеме да ги спречиме жестоките пожари, надоаѓачките поплави и задушливите суши. Дури и епидемиите, загадувањето и нуклеарните несреќи понекогаш се вистински предизвик за нашите способности. Но, можеме и мораме да им помогнеме на нашите држави да бидат подготвени. Можеме и мораме да бидеме подготвени за идните предвидливи и непредвидливи ризици, со цел да му предадеме побезбедна иднина на нашето потомство. Ризиците од катастрофи не познаваат и не признаваат политички, етнички или религиозни разлики и  државни граници. Ризиците од катастрофи се реалност со која најдобро можеме да се соочиме само ако соработуваме за доброто на сите.

Неопходно е да соработуваме и во областа на заштитата на животната средина. На планините, езерата и реките некогаш се гледало како на природни граници кои нè одвојувале. Денес на нив мора да гледаме како на нешто што нè поврзува преку споделениот напор за нивна заштита. Носителите на политики и одлуки се одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации.

Почитувани,

Темата на која денес зборуваме е: Соработка кон напредок – предизвици и одговори.

Еден од предизвиците со кои континуирано се соочуваме е негативната слика што во светот постои за нашиот регион. Делумно, таа слика е резултат на неодамнешното турбулентно минато кое полека го оставаме зад нас за да се фокусираме кон иднината. Но, негативната перцепција ја одржува и еден современ проблем,  а тоа е организираниот криминал и корупцијата. Неопходни се заеднички напори во борбата против ракот што ги разјадува нашите општества, економии и системи.

Како што за организираниот криминал не постојат ни етнички, ни верски, ни јазични бариери, така и за надлежните органи на нашите земји не треба да постојат бариери во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Ние сакаме безбедност за нашите граѓани, нашите општества и земји.

Во таа насока се и реформите насочени кон владеењето на правото. Тоа не треба да го правиме само заради Брисел и Европската унија кон која се стремиме. Тоа пред сè треба да го правиме за нас, за нашите граѓани. Имаме што да споделуваме, имаме искуства кои можеме да ги разменуваме.

Тоа ќе придонесе и кон зацврстувањето на севкупната безбедност и стабилност на нашите земји и нашиот регион.

Ценети колеги,

Убеден сум дека соработувајќи по овие линии, ќе изградиме регион во кој ќе се почитува геокултурната реалност, културната, етничката, религиската, јазичната различност. Само така ќе изградиме односи во кои решавањето на сите отворени прашања ќе се одвива преку дијалог. Само така ќе создадеме стабилност и безбедност за секој, ќе создадеме економска меѓузависност.

Ви благодарам.

Македонија е должна да го заштити правото на граѓаните на самоидентификација – Конгрес „90 години Паневропа“
Петок, 16 Ноември 2012

Почитуван претседател на Европскиот совет Ван Ромпај,
Вице-канцелар на австриската влада и министер за надворешни работи Шпинделегер,
Еврокомесар г. Хан,
Почитуван претседател на Меѓународната Паневропска унија, г. Тереноар,
Ваше кралско Височество, Карл фон Хабсбург, претседател на австриското Паневропско движење,
г. Алојз Мок, претседател на европското општество Куденхов Калерги,
Ваше Височество, принц Николас од Лихтенштајн, потпретседател на европското општество Куденхов Калерги,
Почитувани членови на европските и австриски парламенти,
Екселенции,

На самиот почеток, дозволете ми, да му честитам на претседателот Ван Ромпуј за престижната награда која го носи името на еден од најголемите Европејци.

Денес, овде сум за да ви се обратам од името на мојата земја, Република Македонија, но, исто така и од името на европските земји чиј сон, мотив и цел е да бидат дел од Европската унија.

Доаѓајќи од регион кој првенствено асоцираше на Европа – од регионот на Југоисточна Европа, можам да ја споделам со вас мојата перцепција за судбината на регионот и неговите изгледи за во иднина. Историјата нè научи дека нашиот регион живее во мир и благосостојба, во време кога е дел од отворен простор. Но, кога регионот е изолиран и внатрешно поделен, страда од разнебитување, сиромаштија и војни.

Последната деценија на 20 век беше време на изолација и поделба. Првата деценија на 21 век беше време на исцелување на раните. Втората деценија мора да биде деценија која ќе го донесе регионот на своето вистинско место во Европа. Повеќе од кога било, нам сега ни е потребна Европската унија како мировен проект. Самиот проект за кој Европската унија ја доби Нобеловата награда за мир оваа година. По Pax Romana, Pax Byzantina, Pax Ottomana, нам ни е потребно она што јас го нарекувам Pax Europea.

Ценети екселенции,
Денес славиме 90 години од сонот и храбрата визија објавена под насловот „Пан-Европа“. Во оваа книга, грофот Ричард Куденхов Калерги рече дека: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници“. Мислам дека ова е една од целите за кои татковците на Европа ја предвидоа Европската унија. Единствената граница која сè уште ја дели Европа, поминува точно низ Балканот. Но, ние во регионот се надеваме дека оваа граница наскоро ќе исчезне.

Хрватска е пред портите на Европа. Навистина се радуваме на идното членство на Хрватска. Сепак, не смееме да заборавиме на другите земји од регионот кои сè уште се заглавени во чекалната на Европа. Во октомври оваа година, Европската комисија препорача да и се додели на Албанија кандидатски статус за влез во Европската унија. Босна и Херцеговина се подготвува да ја поднесе својата апликација за членство во Европската унија, Црна Гора ги започна своите пристапни преговори, а Србија е веќе кандидат. Македонија е кандидат уште од 2005 година и, сега, со нетрпение чека датум за започнување на преговорите. Време е да се забрза процесот на проширување и земјите од мојот регион да бидат примени во својот вистински дом - Европа.

„Ако успееме во обединувањето на Европа, тогаш конечно ќе има мир во светот“, рече д-р Ото фон Хабсбург во оваа иста сала, во пресрет на неговиот 95. роденден. Тој повеќе не е со нас, но остави кристално јасна визија за тоа кон што треба да тежнее Европа. На Меѓународната конференција на Паневропската унија која се одржа во Охрид во 2007 година, тој рече: „За пет години ќе наполнам 100 години и сакам, до тогаш, Македонија да се приклучи кон Европската унија“. За неколку дена ќе се обележи стогодишнината од неговото раѓање. За жал, неговиот завет сè уште не е исполнет. Но сега, постои нова можност за да се исполни желбата и визијата на овој голем Европеец.

Дами и господа,
Пред неколку недели, го добивме четвртиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Во извештајот е нагласено дека мојата земја ги исполнува политичките критериуми за членство во Европската унија. Во извештајот, Европската комисија, четврти пат по ред даде препорака до Европскиот совет за отворање на преговори со мојата земја за членство во Европската унија.

Многу сум среќен што денес сум тука со вас, бидејќи оваа препорака јасно ги отсликува бројните силни и недвосмислени резолуции на Меѓународната Паневропска унија за поддршка на мојата земја. Од име на граѓаните на Република Македонија и од свое име, сакам да се заблагодарам на Меѓународната Паневропска унија за континуираната поддршка во оваа насока.

Паневропа го истакна начелото дека на сите европски држави кои ги исполнуваат условите за членство во Европската унија во однос на демократијата, владеењето на правото и економијата, мора да им се даде можност да го постигнат тоа; дека секоја европска земја има право на членство во Европската унија. Потврдата на ова начело е предуслов за вистинска и веродостојна политика на европско обединување.

Драги пријатели,
Ова е моја втора посета на Австрија во една недела. Минатиот петок учествував на Меѓународната конференција во Грац со наслов: „Напуштајќи ја чекалната на Европа. Надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“. На конференцијата, го поставив прашањето: Што значи тоа и какво е чувството да се биде во чекалната на Европа? За жал, тоа чувство е присутно кај неколку европски земји, меѓу кои е и мојата, Македонија. Исто така, истакнав дека кога се зборува дека постои замор од проширувањето, истовремено постои и замор од чекањето.

Политичките критериуми од Копенхаген за членство бараат земјата- кандидат да има постигнато стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права, почитување и заштита на малцинствата. Оттука, еден од клучните политички критериуми е обезбедување на почитувањето на човековите права. Едно од основните човекови права е правото на идентитет, правото на самоидентификација на секој поединец или група. Република Македонија, на тој начин, е должна да го заштити правото на граѓаните на самоидентификација. Таа мора да го почитува и гарантира идентитетот и човековото достоинство на сопствените граѓани.

Проблемот настана кога беше додаден дополнителен услов кон критериумите - барањето мојата земја да се согласи да го промени идентитетот на сопствените граѓани. Очигледно е дека има судир меѓу официјалните критериуми и дополнителните услови.

Ото фон Хабсбург ни ја откри тајната на Европа - единство во различноста. Ние, европските народи, кои се стремиме да се приклучиме кон Европската унија, сакаме да придонесеме кон европското единство преку усвојување и примена на европските вредности, критериуми и стандарди. Сакаме да придонесеме кон европската различност со нашите изделени и различни идентитети, култури и јазици, и да бидеме почитувани за тоа што сме. Тоа е вредност која го подразбира правото на самоидентификација и основно човеково достоинство.

Европската унија, исто така, е заснована на идејата за единство во различноста. Неразбирливо е, според тоа, да се прифати и да се дозволи некој дел од нејзината различност да му се оспори постоењето.

Дами и господа,
„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода“, рече Куденхов Калерги во неговиот Апел до Европа. По оваа изјава, може да тврдиме дека најголемата опасност за Европа доаѓа од непријателите на слободата. Во 20 век, бевме сведоци на подемот и падот на некои од овие непријатели на Европа – фашизмот, нацизмот и комунизмот. Денес сведочиме за подемот на нетолеранција, шовинизам, етичка и морална декаденција.

Денес, сведоци сме на тоа колку грофот Ричард Калерги беше во право кога рече: „Пан-Европа не би постоела ако малцинствата на секоја нација не се здобијат со своите права. Ова мора да е така за да може секој Европеец, без разлика на јазикот, условите, расата, националноста или религијата, со гордост да каже „Јас сум слободен Европеец“.

Јас сум Македонец, што значи јас сум Европеец. И, како Македонец и Европеец, го посакувам она што е најдобро за Македонија и за Европа. Исто како што за демократијата се потребни демократи, на Европа и требаат Европејци, европски граѓани. Го чекаме нашето државјанство. Ние, народите во чекалната на Европската унија, сме тука за да придонесеме со нашиот целосен потенцијал.

Им го должиме ова на големците како грофот Ричард Куденхов Калерги и Ото фон Хабсбург. Го должиме тоа на себеси. Но, најмногу од сè, им го должиме тоа на нашите потомци.

Ви благодарам.


Образованието е најисплатлива инвестиција – Претседателот ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
Недела, 11 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на свечена церемонија ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за 2012 година, за постдипломски студии на Сити колеџот, Факултетот за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија, лоциран во Солун. Традиционално се доделуваат 20 стипендии, а секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра, при што 50% од средствата ги обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите педесет Сити колеџот. Притоа Претседателот порача:

Почитувани стипендисти, дами и господа,
Ми претставува големо задоволство и годинава да ги врачам стипендиите кои го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Tој со своето дело остави неизбришлива трага во современата македонска историја и наследство на голем лидер и благороден човек.

Значењето на денешнава церемонија е и во фактот што стипендиите  ги доделуваме на избрани дваесетмина. Дваесетмина најдобри меѓу најдобрите кандидати пријавени на конкурсот. Затоа од вас очекуваме да го надградите своето знаење и да докажете дека, градењето на квалитетни, високообразовани кадри секогаш е најисплатлива инвестиција.

Денес, на Македонија и се потребни лидери и во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот, финансиите.

Не се сомневам дека ќе се доизградите во врвни претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството кое инвестирало во вас. Вашите идни успеси ќе бидат добар знак за успешноста на целото македонско општество.

Почитувани стипендисти,
Сакам да нагласам дека со стипендиите „Борис Трајковски“ ви се дава одлична можност талентот, знаењето, вештините да ги надградите на еден престижен универзитет, Сити колеџот од Солун при Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија.

На вас останува добиеното  знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на  своите визии, храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на сопствените идеи. Нелсон Мандела вели дека токму во образованието го имате најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот.  Користете го доблесно и несебично, градејќи поубав и поблагороден свет.

Благодарам.


Спортот е алатка за постигнување солидарност меѓу луѓето и народите - Меѓународен форум „Мир и спорт“
Среда, 31 Октомври 2012

Ваше Височество, принц Алберт од Монако,
Почитуван градоначалник на Сочи, г. Пакомов,
Почитуван претседател на „Мир и спорт“, г. Бузу,
Екселенции,
Дами и господа,

Големо е задоволството да се биде денес овде, во Сочи, на Шестиот меѓународен форум за мир и спорт. Дозволете ми, да ја искористам оваа прилика да им честитам на организаторите на Форумот, како и на нашиот домаќин - градот Сочи, кој станува Олимписки и Параолимписки центар.

Почитувани присутни,

Живееме во време на промени и несигурност. Време на предизвици, како за поединците, така и за општествата. Глобалната економска и финансиска криза е закана по мирот и стабилноста, природните непогоди, засилени од климатските промени, оставаат свој белег на нашите животи. За да можеме да се справиме со овие предизвици, потребни ни се сите расположливи инструменти, секоја можност да се изгради подобар свет за нашите деца.

Честопати за спортот се мисли дека е споредна активност со која го исполнуваме нашето слободно време, сè додека не се осврнеме на начелата на спортот: Фер игра, која значи почитување и на словото и на духот на правилата. Победата, сепак, е значајна единствено кога конкуренцијата е фер. Спортот придонесува во градењето на карактерот, стремејќи се кон совршенство и надминувајќи го предизвикот. Спортот значи почитување на другите. Спортот подразбира достоинствена победа и доблесен пораз. Спортот треба да донесе радост на теренот, но и на клупите. Спортот промовира здрав начин на живот за секоја генерација. Спортот ги вклучува сите и е отворен за секого. Токму овие начела, даваат можност спортот да ги поврзува луѓето и нациите. Начела кои бараат од нас повторно да се разгледа нашиот став во врска со улогата на спортот.

Спортот има потенцијал да ги вклучи сите аспекти на општеството, секој човек, и секое дете. Ги сплотува мажите, жените и децата од различно етничко, религиозно и јазично потекло. Ги вклучува и ги поттикнува различните, лицата со хендикеп. Еден неодамнешен позитивен пример од мојата земја, Република Македонија, е нашиот шампион Оливера Наковска-Бикова. Таа го освои златниот медал и постави светски рекорд во стрелање со воздушен пиштол за 2012 година на Параолимписките игри во Лондон. Нејзиниот успех дава надеж на многу други натпреварувачи.

Дами и господа,

Во античко време, Олимписките игри привремено ги запираа сите војни. Денес, во 21 век, вооружените конфликти успеваат да ги прекинат, па дури и запрат Игрите. Треба да се стави крај на ваквата негативна појава.

Спортот е алатка за постигнување солидарност меѓу луѓето и народите, без оглед на нивните разлики. Но, уште повеќе, спортот има значајна улога во градењето на мирот, зачувувањето и унапредувањето на мирот. Никогаш не смееме да заборавиме дека духот на играта и духот на заедништвото се две страни на една иста паричка.

Спортот е средство, мирот е цел. Спортот промовира помирување, особено во мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични општества. Тоа е инклузивна, а не ексклузивна човекова активност. Спортот подразбира учество, наместо изолација.

Се разбира, тоа е случај со мојата земја, Република Македонија. Изминатава година бевме фокусирани на градење толеранција, заедништво и заемна почит во нашето мултиетничко и мултирелигиозно општество преку спортот. Во овој успешен проект беа вклучени повеќе од 4.000 деца од шест општини. Никогаш нема да ја заборавам глетката со деца од различна етничка и верска припадност кои играат во ист тим, си ја подаваат топката, освојуваат не само спортски натпревари, туку, уште поважно, извојуваат победа на толеранцијата над нетолеранцијата, победа на заедништвото над изолацијата, победа на почитувањето над непочитувањето. Ние сме подготвени да ги споделиме нашите позитивни искуства со другите земји. Силно верувам дека ова му е потребно на нашиот свет.

Спортот ни помага да се фокусираме на позитивната и здрава конкуренција која го изродува најдоброто од нас. Спортот има моќ да ги поврзе заедниците и народите со истата онаа сила со која ги поврзува спортските клубови и шампионите со своите верни обожаватели.

Андре Агаси рече: „Кога ја менувате иднината на детето, вие помагате да се промени светот... на подобро“. Мора да направиме сè што е во наша моќ да го промениме светот за нашите деца.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 42 од 64