Говори и обраќања
Каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме - Свечена академија по повод 21 година независност
Сабота, 08 Септември 2012

Почитувани граѓани на Република Македонија, ценети присутни,
Дами и господа, драги пријатели,

8 Септември е ден за сеќавање, ден за славење и ден за нови стремежи и визии. Минатиот 8 Септември, кога ја славевме 20-годишнината од нашиот трет Илинден се потсетивме и ги славевме сите оние кои ги дадоа своите животи и се вградија во слободна, независна и суверена Република Македонија.

И сега со голем пиетет се сеќаваме на нив, но овој 8 Септември симболично е влез во третата деценија на нашата независност. Деценија во која треба да го живееме она што во минатите две децении беше вложувано. Деценија во која се реализираат нашите стратешки цели како држава. Деценија во која Македонија конечно го добива она што го заслужува. Деценија во која граѓаните ќе ги почувствуваат сите придобивки од жртвите и откажувањата во изминатите години.

Затоа, овој 8 Септември, ова обраќање во најголем дел им го посветувам на генерациите родени во слобода. Генерациите родени во независна, суверена и самостојна Република Македонија.

Тоа се генерации кои сами ја создаваат претставата за себе и за Македонија. Тоа се генерации кои веќе не робуваат на претставите за Македонија создавани од други. Генерацијата родена со раѓањето на независноста веќе е во факултетските аули и амфитеатри. Тоа сега се студенти желни за знаења и за живот. Тоа е генерација која е дел од единствениот европски образовен простор.

Ним, а и на сите граѓани на Република Македонија, треба да им овозможиме живот со европски вредности, европски принципи и европски стандарди. Да им овозможиме натпревар на резултатите на нивниот ум и на нивниот труд. Нив мора да ги подготвиме да се соочат со предизвиците кои ги носи животот во 21 век.

Сето она што е направено досега, сето она што сега се инвестира во образованието, во новите технологии, во реформите на нашите институции, во отворањето кон странските инвестиции, промените во сите сфери на секојдневниот живот, е вложување за сите граѓани на Република Македонија, а особено за овие млади луѓе. Вложување во нивната сегашност и вложување во нивната иднина. Тие веќе живеат во глобален свет во кој без проблеми комуницираат со своите врсници од сите делови на планетата. Новите технологии, новите медиуми ги прават глобални граѓани. Свесни и одговорни за тоа што ги очекува.

Затоа сите реформи што ги правиме, сите промени што ги преземаме, не ги правиме за Брисел, ги правиме за нас и за генерациите по нас. Буквално не одиме ние во Европа, туку Европа ја создаваме тука кај нас.
Почитувани,

Живееме во време кога големите идеи, големите проекти, проаѓаат низ кризни периоди. Ни ние не сме имуни на сето она што се случува во светот и на економски, и на политички, и на безбедносен план. Нашите граѓани ги чувствуваат тие промени бидејќи сме сè повеќе поврзани со глобалниот свет, поинформирани за сите глобални настани.

Кај некои, поради актуелните настани се јавуваат сомнежи и скептицизам, опседнатост со лошото и негативното. Меѓутоа, треба да знаеме дека секоја криза во исто време е и голем предизвик, време на нови можности. Како во Европа, така и кај нас. Кризите се и време кога се бараат решенија. Време кога природно сме многу повеќе иновативни и креативни. Затоа, секој проблем ќе има решение доколку се фокусираме на решението, а не на проблемот.

Сум кажал и повторно ќе кажам: Каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме. Наша обврска е да го подготвуваме македонското општество за сè она што нè очекува. Тоа е наша одговорност. Одговорност од секој поединец, без разлика на неговата етничка, религиозна или која било припадност. Одговорност од секоја заедница, од секоја политичка партија. Одговорност од секоја институција, почнувајќи од мене како Претседател, од власта, опозицијата, судството, администрацијата, медиумите, цивилното општество. Едноставно, секој има свој влог и одговорност во реализацијата на стратешките цели. На тој пат, нема место за изговори и избегнување на обврските и одговорностите.

Да ја создаваме Македонија како слободна и демократска земја. Држава која се грижи за интересите на своите граѓани. Држава која ги остварува европските вредности, стандарди и принципи во секојдневниот живот. Држава која одговорно ги исполнува своите меѓународно преземени обврски.

Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите да се однесуваат одговорно кон нас. Во тоа се состои секое наше барање за почитување на она што е свето за секој на овој свет, па и за народот на Република Македонија. Почитување на слободата, правдата и човечкото достоинство. Затоа е несфатливо и неприфатливо секое оспорување на овие општоприфатени вредности.

Постојано апелирам и ќе продолжам да апелирам. Неопходно ни е единство. Неопходна ни е сплотеност за државните интереси, интереси на овие млади луѓе за кои зборувам.

Различните интереси и различните претстави за сите прашања се потребни во секоја демократија. Но, разликите и поделбите не смеат да го одвлекуваат вниманието од државните интереси и од стратешките цели. Демократијата е систем во кој преку дијалог се доаѓа до решение.
Почитувани сограѓани,

Ме исполнува со лична радост секој контакт со наши успешни поединци кои ги среќавам, било во Македонија, било во странство. Ги имаме насекаде, на престижни универзитети, престижни компании, глобални медиуми. Нивно дело е што денес, цела планета знае за Македонија. Многу нивни вредности и доблести веќе ги имаат и ги постигнуваат младите луѓе тука, во Македонија. Имаме навистина голем потенцијал.

Генерациите за кои зборуваме се токму тие, кои до крајот на оваа деценија, ќе почнат да ги заземаат клучните места во институциите, во политиката и во општеството. Во економијата, културата, науката, уметноста, спортот. Тие се идните претприемачи, иноватори, научници, политичари, уметници, спортисти. Тие се најсуштествениот симбол на нашата татковина, на нашата независност, на нашиот трет Илинден.

Затоа, неизмерно се радуваме на секој поединечен успех. Се радуваме на секој постигнат резултат, на секој освоен медал, на секое освоено признание. Тоа е она што мотивира и поттикнува нови успеси.

Ако минатата година најубавата честитка ја добивме од кошаркарската и ракометната репрезентација, оваа година нашите срца ги исполни успехот на г-ѓа Бикова, која ни ја даде најубавата честитка за празникот. Имаме илјадници вакви примери во сите сфери.

Токму поради сето она што нив ги очекува треба да заборавиме на поделбите и конфронтирањата кои нè оддалечуваат од она што сме си го поставиле како цел.

Генерациите кои доаѓаат немаат разбирање за трошењето време и енергија на она што нема да им помогне да се интегрираат во современиот свет.

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Имавме многу пропуштени можности, многу неискористени шанси, неодлучни потези, неостварени соништа во минатото. Да го затвориме тоа поглавје. Сите оние кои ги пропуштале можностите и шансите, кои биле неодлучни, си ја носат својата одговорност. Подвлековме црта и решително чекориме напред, кон иднината.

Третата деценија на независна Република Македонија мора да биде деценија на успеси. Деценија во која секој индивидуален успех ќе придонесе кон достигнување на заедничкиот успех на нашата Македонија. Деценија на генерациите родени во слобода кои преку својата работа, посветеност и оптимизам, треба да ја доживеат благосостојбата тука, во Македонија.

За тоа е потребен живот во согласност со врвните етички вредности и принципи. Принципи кои се основа за градење интегритет, прифаќање на она што е добро.

Интегритетот или отсуството на истиот, секогаш има последици. Луѓето кои имаат интегритет нема од што да се плашат. Нивните животи се како отворени книги. Имаат воспоставен систем на вредности врз кој ги носат сите одлуки во животот. Имаат самодоверба и почит од другите.

Мора да се биде одговорен. Секое стекнато право подразбира и одговорност и, секој кој носи одлуки ќе преземе одговорност за своите чекори. Така се гради карактерот и иднината.

Не смееме да заборавиме дека законите и правилата не се носат за да се кршат, туку да се почитуваат. Така, и новите генерации, за да имаат живот со ред и поредок, во кој ќе можат да имаат сигурност и извесност, треба да ги почитуваат законите и правилата. Никој и никогаш не смее да заборави дека нашата татковина треба да им создава еднакви услови на сите, и сите да бидат еднакви пред законите.

Но, не само законите, треба да се почитуваат и правата на другите. Со трудољубивост да создаваме вредности.

Да имаме чувство за сè што сме стекнале и спечалиле. Да имаме чувство за одговорно и навремено извршување на задачите. Тоа се одлики на доблесни луѓе.

Убеден сум дека иднината на Македонија е во квалитетот и во почитувањето на овие вредности. Иднината е во луѓето кои градат и физички, материјални и духовни добра. И сите заедно да го градиме најголемото добро: независна и просперитетна Македонија. Да ја градиме Македонија во височина. Да ги постигнуваме највисоките европски стандарди и вредности.

Да создаваме млади за иднината и иднина за младите. Инвестирањето во идните генерации е една од најважните задачи на нашето општество. Среќен сум и како претседател на Република Македонија и како универзитетски професор, што создаваме генерации со отворен ум – храбри, интелигентни, со позитивен однос кон општеството. Сите имаме голема доверба и големи очекувања од младите генерации. Колку што имаме успешни луѓе, толку ќе имаме успешна Македонија.

Почитувани сограѓани,
Сè почнува од нас самите. Од секој од нас кој од своето раѓање го живее сонот на нашите предци - сонот за слобода, за остварени права и човечко достоинство. Затоа ни останува нам да го почитуваме она што ни е оставено во наследство – сплотеност, соживот и толеранција.

Секој ден кој го живееме во независна Македонија е ден на независноста. Независност која ќе ја зачуваме, унапредиме и предадеме на поколенијата само ако не отстапуваме од темелните вредности на нашата заедничка татковина. Гордост и обврска е да се биде Македонец. Гордост е да живееш во Македонија, гордост и обврска е да си граѓанин на Република Македонија без разлика на етничка, религиозна или каква било припадност.

Сите да нè води добра мисла, да се натпреваруваме по добрина и успех. Колку повеќе ја сакаме и вложуваме во Македонија, таа, толку повеќе ќе ни возвраќа.

Да живее Република Македонија!
Да ни е вечна Македонија!
 

Вие создавате особена спортска историја - Поздравно обраќање за победниците на 26-тиот Охридски пливачки маратон
Недела, 19 Август 2012

Почитувани,
Најпрво би сакал на сите натпреварувачи да им честитам за учеството на 26-от Охридски пливачки маратон, секако еден од најпрестижните во светската серија маратонски натпревари и една од најзначајните меѓународни спортски манифестации во Република Македонија. Исто така честитки и до организаторите кои направија се оваа врвна спортска манифестација  да помине во најдобар ред, како и до спонзорите кои финансиски го помогнаа.

Навистина сум особено радосен што и годинава имавме учесници од сите страни на светот и што токму Охридскиот маратон беше последната трка во годинешниов календар на маратонски пливачки трки, и одлучуваше за конечниот изглед на генералниот пласман.

Верувам дека Охридското езеро со прекрасните, бистри  води, но и сето она што е архитектонско и културно наследство на бреговите, претставува дополнителен мотив и предизвик за вас пливачите. Несомненo, на богатато историско-културно наследство вие се  надоврзувате создавајќи една особена спортска историја.

Пливачкиот маратон  е повеќе од спортски натпревар, тој е симбол за човековата борба со ограничувањата на сопственото тело, борба со природата и поместување на границите на издржливоста. Тој е извонредна метафора на човечкиот живот и човековиот стремеж кон подобро и поуспешно. Вие маратонците се олицетворение на цврста волја и желба за успех кој доаѓа само со  долги подготовки и постојани напорни тренинзи.

Ви посакувам многу здравје и успех во следните спортски натпревари и предизвици кои ве очекуваат и секако Ве поканувам, догодина повторно да се видиме на Охридскиот пливачки маратон.

д-р Ѓорге Иванов


Постхумно доделување Медали за храброст на загинатите припадници на вооружените сили на Република Македонија
Сабота, 18 Август 2012

По повод 20-годишниот јубилеј на Армијата на Република Македонија, претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов денеска постхумно одликува со Медал за храброст 57 припадници на вооружените сили.

Почитувани членови на семејствата на загинатите припадници на вооружените сили, почитувани присутни, драги пријатели,

Во годината кога го одбележуваме јубилејот, 20-години од формирањето на Армијата на Република Македонија, донесов указ за постхумно доделување на медал за храброст на сите припадници на вооружените сили на Република Македонија кои храбро и пожртвувано ги дадоа своите животи за татковината.

Ова се моменти кога со длабока тага и длабока почит се сеќаваме на сите нив. Ова се моменти на сеќавање и на 11-те припадници на Армијата кои на 12 јануари 2008 година, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, загинаа во хеликоптерска несреќа кај Катлановско Блаце.

На припадниците на Министерството за Внатрешни работи повторно ќе се потсетиме и на денот на македонската полиција.

Почитувани присутни,
Премногу е тешка, дури претешка загубата на сопственото чедо. Премногу боли кога родителите остануваат без своите деца, сопругите без своите сопрузи а децата без своите родители.  Потресно е кога губиме близок, бидејќи губиме дел од себе. Останува празнина. Затоа се вели дека раните на душата никогаш не зараснуваат. Тие душевни рани се отворени рани кои не печат додека сме живи.

Секој загинат припадник на вооружените сили, е човек со име и презиме. Секој  е  на некому нешто. Секој од нив имал свој сон, свој план за иднината. Сето тоа тие го жртвуваа за татковината, бранејќи ја слободата, независноста и сувереноста на Македонија. Бранејќи го територијалниот интегритет на единствената татковина што ја имаме – Република Македонија.

Затоа денес татковината се сеќава на сите нив. Затоа денес достоинствено им одаваме почит и признание. Признание за нивната храброст и пожртвуваност. Им доделуваме медал за храброст.

Велат дека човек не умира кога ќе го погребаат туку кога ќе го заборават. Со херојската смрт, тие станаа бесмртни, бидејќи сеќавањето на нив трае. Не само денес, туку за навек.

Почитувани,
Веќе три години сум претседател на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили. Во пресрет на секоја годишнина од овие тажни настани добивам писма со потресни сведоштва. Сакам да знаете дека вашата болка е и моја болка. Знам дека нема зборови кои можат да го променат тоа, но длабоко се надевам дека денешениот чин ќе предизвика чуство на утеха и гордост.

Гордост дека нивните животи не се дадени залудно. Дека нивната пожртвуваност не  обврзува сите нас да го чуваме и почитуваме уставниот поредок на Република Македонија. Дека пред законите на оваа држава сите сме еднакви. Дека ја почитуваме волјата на граѓаните, кои на избори не наградуваат и не казнуваат за тоа што го правиме кога ја добиваме нивната доверба. Дека сите предизвици со кои се соочуваме, мора да ги решаваме преку дијалог и взаемно почитување. Дека секој, мора да одговара за своите постапки, без разлика на која функција се наоѓа, или која должност ја извршува.

Жртвата што ја дадоа бранителите ги обврзува сите припадници на вооружените сили на Република Македонија да го чуваат и негуваат мирот, слободата, независноста, триторијалниот интегритет и суверинитет на Република Македонија. Денес бевме горди на сето она што го видовме на парадата. Армијата на Република Македонија покажа дека е од народот, за народот и со народот. Барам и очекувам никој во оваа држава да не ја злоупотребува Армијата, на било каков начин, за политички, партиски, или било какви други интереси.

Почитувани,
Во името на благодарната татковина, со овие медали за храброст сакаме да пратиме и јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи нејзините храбри синови да бидат заборавени! Тие остануваат во нашиот спомен како херои кои го направија она што татковината тогаш го бараше од нив.

Денес, со овој чин се потсетуваме на едно трауматично поглавје од поновата историја на Македонија. Сакам и барам овој чин да биде разбран и како симбол на едно ново и поинакво поглавје кое го отворивме и на кое сме целосно посветени. Тоа  е да ја градиме Македонија како европска држава, со европски стандарди, европски критериуми и европски вредности, со дух на мир, сигурност и соживот, со заедништво и солидарност за иднината, благосостојбата, и достоинството на нас самите, на нашите деца и на оваа земја.  Македонија да ја градиме и да ја имаме како заеднички, мирен и просперитетен дом за сите, без разлика на етничката, верска или каква било припадност или чувство на припадност.

Нека им е Вечна слава на нашите паднати херои !
Да живее Република Македонија!


Свечена академија по повод 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија
Четврток, 16 Август 2012

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети присутни, дами и господа,

Неодамна го прославивме нашиот најсветол празник - Илинден. Во херојско Крушево одново го кренавме знамето на слободата. Знаме под кое се бореа илинденците од 1903-та. Знаме кое го презедоа борците во Народноослободителната и антифашистичката војна. Знаме на слободата под кое ние денес живееме. Знаме кое веќе 20 години го чува Армијата на Република Македонија, со сета чест, достоинство и професионалност која им прилега на наследниците на славните илинденци.

Почитувани присутни,
Денеска го празнуваме 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија. Како важен столб на нашата независност, Армијата покажа капацитет и постојан напредок во општеството и целосна афирмација на Република Македонија на меѓународен план. Свесен сум дека тоа не ќе беше возможно без напорната, професионална и посветена работа на многу генерации. Затоа, ја користам оваа свечена прилика да им се заблагодарам на сите претходни и сегашни припадници на Армијата, на сите старешини, регрутни војници, професионални војници и цивилни лица кои вложиле и вложуваат дел од својот живот во нашата армија. Армија која од денот на своето формирање ја брани нашата слобода и слободата на нашите деца.

На сите новоунапредени старешини и цивилни лица во Армијата на Република Македонија им ги честитам унапредувањата и им посакувам успешно и професионално извршување на одговорните задачи.

На сите припадници на Армијата на Република Македонија кои во изминатите 20 години ги дадоа своите животи при извршувањето на воените обврски и учеството во мирновните мисии, донесов одлука постхумно да им доделам Медал за храброст.

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Бидете горди на нашата армија која ја отсликува реалната структура на нашето општество. Армија која ја чува нашата безбедност и безбедноста на нашите најблиски.

Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили, ве уверувам дека Армијата на Република Македонија, била, е и ќе остане да биде гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

Ве уверувам дека ние, како одговорно лидерство, сме континуирано посветени на неопходните потреби. Потреби за функционирање и обезбедување на услови за извршување на уставните надлежности на Армијата на Република Македонија. Не смееме да заборавиме дека Армијата е институција во која македонските граѓани имаат исклучително голема доверба и почит. Затоа, ние сме должни да им овозможиме на нејзините припадници услови за достоинствен живот и квалитетна работа.

Свесни сме дека последиците од економската криза се чувствуваат и во структурите на Армијата. Затоа, во рамките на можностите, правиме сè за подобрување на стандардот на припадниците. Правиме сè за постигнување соодветна модернизација на Армијата. Армија со која ќе се гордеат сите граѓани на Република Македонија. Не смееме да заборавиме дека Армијата е од народот, за народот и со народот.

Драги сограѓани,
Верувам дека 20-годишното постоење на Армијата на Република Македонија, може да се сублимира низ три збора: патриотизам, постојаност и професионалност.

Патриотизмот, љубовта кон татковината е најважната придобивка што Армијата на Република Македонија ја наследи од нашите илинденци и борци во Народноослободителната војна. Љубов која Армијата ја покажа од самите мугри на нашата независност, чувајќи ги нашите граници, нашиот мир и нашата безбедност, за нас и за нашите деца.

За голема пофалба е постојаноста на Армијата на Република Македонија во одржувањето на високиот степен на борбена готовност. Постојаност која значи дека можеме да се потпреме на Армијата, секогаш кога тоа е потребно.

Во овие две децении, Армијата покажа професионалност во справувањето со сите предизвици во нашата држава и пошироко. Доволно е да се сетиме на подготвеноста со која Армијата се вклучуваше во справувањето со пожари, поплави и земјотреси во моментите кога тоа беше најпотребно. Но, се сеќаваме и на професионалниот пристап во справувањето со безбедносни кризи во земјата, како и на учеството во меѓународните операции предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации.

Со гордост можам да кажам дека професионалноста на Армијата останува да биде клучен двигател на патот на Република Македонија кон членството во Северноатлантското семејство на народи.

Нашите стратешки цели остануваат непроменливи и јасно утврдени со општиот консензус. Македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество е природно упатено кон европските и евроатлантските интеграции. Затоа, остануваме посветени на преземените обврски со нашите партнери од НАТО во согласност со нашите национални и државни интереси.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Веќе три години сум претседател на Република Македонија и ваш врховен командант. Во сите мои бројни средби ширум светот, светските лидери и воените команданти јасно истакнуваат дека Армијата на Република Македонија и македонските мировници се вистински амбасадори кои, и практично и на терен, ги изразуваат нашите интереси. Интереси кои ги споделуваме со партнерите, сојузниците и пријателите.

Во тоа можев и лично да се уверам за време на моите посети на нашите мировници во Авганистан, во Босна и Херцеговина и на меѓународните воени вежби. Впрчем, тоа завчера лично го истакна и генералот Мајкл Дуби по унапредувањето во чин генерал-полковник во Пентагон и неговото назначување на функцијата заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави, велејќи притоа дека посветеноста на Армијата на Република Македонија кон професионализмот е за востиување. Сакам да знаете дека навистина се гордеам со вас.

Знам дека сте најдобри и мора така и да остане!

Формата е важна, но, верувајте, поважна е суштината. Важно е формалното членство, но поважно е достигнувањето на вредностите, стандардите и критериумите. Делата зборуваат сами за себе. Со напорна работа и пожртвуваност, Армијата на Република Македонија ги достигна и вредностите, и стандардите и критериумите за членство во НАТО. А до постигнувањето на членството ќе продолжиме да работиме.

Драги пријатели,
На самиот крај, уште еднаш, ви го честитам 20-годишниот јубилеј, длабоко уверен дека ќе продолжите да работите според трите вредности кои ги одбележаа овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам. Вредности кои се предуслов за нашата слобода, правда и достоинство.

Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

 

Сложни и единствени може да ги оствариме идеалите и да создадеме европска Македонија - oбраќање по повод Илинден
Четврток, 02 Август 2012

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

И овој пат сме на Мечкин Камен, во спомен на нашите Илинденци – борците кои се бореа за праведност и слобода, борци за подобра иднина  чија светлина сè уште зрачи до нас. Нашите јунаци, кои храбро и пожртвувано го грабнаа факелот на слободата. Слобода која беше светлина во долгиот мрак.

Со херојската смрт, тие станаа бесмртни. Затоа што човек не умира кога ќе го погребат, туку кога ќе го заборават. Затоа илинденците се бесмртни. Сеќавањето на нив трае, не само на овој ден и не само на ова место. Не само тука, не само сега, туку секогаш и секаде каде што нè има. Секаде до каде зрачи нивната светлина.

На 40-годишнината од Илинденското востание, на 2 август 1943 година, Кузман Јосифовски-Питу, познат како Гоце Делчев на Народноослободителната борба, во својот реферат поднесен на Преспанското советување истакнал:

„Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја...“

Денес, речиси седум децении по тие зборови, си споменуваме за тие големи македонски синови. Со голема благодарност си спомнуваме на славните илинденци, на Делчев, Груев и Карев. На Шатев, Петров и Сандански. Со бескрајна почит се сеќаваме на учесниците во Народноослободителната и антифашистичка борба за ослободување на Македонија. На Брашнаров, Питу и Ченто. На Чучков, Аголи и многу други. Се сеќаваме на учесниците на АСНОМ кои во 1944 година ги поставија темелите на македонската држава. Се сеќаваме на третиот Илинден, оној на 8 септември 1991 година, кога конечно се оствари многувековниот сон на македонскиот народ за независна, суверена и самостојна Република Македонија. Илинден е светлина која доаѓа до нас, вечна борба за слобода, правда и достоинство.

Почитувани присутни,
Годинава се навршува еден век од Првата балканска војна. Војна во која балканските народи ја победија Османлиската Империја. Но, Втората балканска војна од 1913 година заврши со Букурешкиот договор, а ослободувањето на Македонија од османлиите беше вовед во ново ропство. Со Букурешкиот договор, Македонија и Македонците беа поделени, а македонското име и македонскиот јазик беа оспорувани и потиснувани. Но, не успеаја да го затворат македонското прашање.

Балканските војни беа вовед во поширок европски и светски конфликт. Победничкиот триумфализам од Првата светска војна беше вовед во Втората светска војна од која Европа излезе разрушена и поделена. Ниту една од овие војни не ја одмина Македонија. Ниту една од овие војни не го поштеди македонскиот народ. И, во секоја од овие војни, македонските родољуби, патриоти и херои се бореа за остварување на вековниот сон. Сон за слобода, правда и за ново утро без пранги. Иако со векови поробена, нашата мајка Македонија секогаш давала чеда со слободен дух. Чеда кои знаеја дека мора да се фатат за оружје за да се борат и да се изборат за нашата слобода. Затоа, не смееме никогаш да заборавиме дека ние сме деца на слободата – нивни деца на слободата!

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Да се биде слободен значи и почитување, негување и афирмирање на делата на нашите предци, на нашите илинденци.
Да се биде слободен значи да се биде одговорен за сопствените ставови, одлуки и преземени чекори.
Да се биде слободен значи сами да ја градиме иднината, а не некој друг да ни ја крои, одредува и наметнува.
Да се биде слободен значи да се чекори по патот на суверенитетот кој го осветлуваат нашите идеали: слобода, правда и достоинство.

Слободата ја живееме и силно ја доживуваме. Затоа, пак, за правдата сè уште се бориме. А достоинството, пак, некои и ден-денес сакаат да ни го засенат. Некои и денес сакаат да нè обезименат, обезјазичат, обезличат. Затоа, идеалот сè уште не е остварен. За идеалот сè уште се бориме. И не смееме да се обесхрабруваме. Ние сме МАКЕДОНЦИ и зборуваме македонски јазик!

Да се присетиме на зборовите на големиот Блаже Конески, кој уште во 1986 година рече:

„Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред такви, ‘правни’ диверзии од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите светли датуми и нашето постоење. За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е заправо единствена наша комплетна татковина.“

А јас денес, на ден Илинден, ќе додадам: „Иако нè поделија, иако нè раселија, јазикот остана основната и најсилната жива врска што нè врзува и обединува. Тука, во Република Македонија, и насекаде во светот каде што живеат Македонци. Тука, во херојско Крушево и насекаде каде се зборува, твори и пее на македонски јазик. Затоа, никој нема право да разговара, а не пак да преговара за преименување на нашиот македонски јазик“.

Драги сограѓани,
Во мислите уште ми се зборовите на генералниот секретар на Обединетите нации, господинот Бан Ки-мун за време на неговата неодамнешна посета на Република Македонија. Тој во Охрид, во нашата духовна и културна престолнина рече:

„Никогаш да не се согласувате на компромис кога станува збор за вашите принципи. Универзално прифатени принципи... Јас никогаш не прифаќам компромис кога станува збор за ... основни човекови права и достоинство ... кога се работи за универзално прифатени принципи, никогаш не треба да се прави компромис.“

Идентитетот и јазикот се нераздвоен дел од човековата личност, од слободата на изразување, од човековите права.

Помина времето кога можеше да се одлучува за нас, без нас!
Никој не може да зборува за нас, без нас!
Никој не може да известува за нас, без да се спомне на нас!
Никој не може да пишува извештаи за нас, без нас!
Македонија не е рамнодушна нација, како што некои нè определуваат!

Затоа, од ова свето место, уште еднаш ќе го повторам она што во неколку наврати јасно го порачував. Од името на македонските граѓани, нема да прифаќам извештаи за Република Македонија кои не ги вклучуваат нашите идентитетски одредници. Јас како претседател на Република Македонија инсистирам да ни се обраќаат со почит, во согласност со меѓународното право и со универзално прифатените принципи. Принципи за кои никогаш не се прави компромис.

Оваа генерација, како и сите претходни, илинденски и антифашистички, нема да прави компромис со нашите идеали и со нашиот идентитет. Со слободата, правдата и достоинството. Напротив, продолжуваме да се залагаме за остварување на заветот оставен од предците. Илинден ни е во срцата, Илинден ни е во мислите.

Ценети присутни,
Стратегискa определбa на „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“ е целосно остварување на нашата слобода, правда и достоинство.

Стратегиска определба на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество, била, е и ќе биде полноправно членство во НАТО како гаранција за мирот, безбедноста и стабилноста на Република Македонија. Стратегиска цел на нашата современа македонска демократија била, е и ќе биде членство на Република Македонија во Европската унија како предуслов за мир, развој и напредок.

Нас не нè поколебале и нема да нè поколебаат блокади, уцени и непринципиелни условувања. Целта ќе ја постигнеме. Не е прашање дали, туку кога. А до тогаш, треба да останеме посветени на реформите. Да ја сакаме нашата заедничка татковина, Република Македонија. Како духовни чеда на илинденците да бидеме одговорни граѓани. Да работиме за доброто на државата. Да продолжиме да бидеме фактор за стабилност во регионот, онака како што покажавме дека можеме уште од мугрите на нашата независност, со мирољубива политика на отвореност и добрососедство. Да градиме добри односи со сите наши соседи. Да даваме придонес за регионалниот и глобалниот мир, за безбедноста.

Поклонувајќи се кон сите наши историски великани и борци, кои со оружје в рака се бореа за македонската држава, денеска им оддаваме јавно признание на нивните наследници. Им оддаваме признание на припадниците на Армијата на Република Македонија, тој стожер на македонската државност. Стожер кој во изминатите 20 години беше еден од гарантите на македонската независност. Им оддаваме признание и на нашите храбри мировници. Мировници кои заедно со нашите сојузници и партнери ги бранат споделените вредности, интереси и приоритети за слободен, мирен и демократски свет. Како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили навистина се гордеам кога државниците од светот најпофално зборуваат и ги одликуваат припадниците на нашата армија и нашите мировници.

Почитувани сограѓани,
Свесни сме за пречката и предизвикот на патот кон формалното членство на Република Македонија во Европската унија и во НАТО. Но, исто така, сме свесни дека таа формална препрека не може да нè спречи, ние самите, со сопствени сили и со ангажман да ги исполниме критериумите и да ги достигнеме стандардите за членство. Членство во клубовите во кои сакаме да припаѓаме. Со сопствени сили да го постигнеме она што ни е формално оневозможено. Длабоко сум убеден дека со ова би се согласил и големиот македонски син Гоце Делчев, кој пред 140 години дојде на овој свет, и сиот свој краток човечки живот, а вечен за нас, го посвети на ослободувањето на Македонија. Не смееме да заборавиме дека во една прилика Делчев рече: „Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“.

altНекогаш, Делчев зборуваше за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Денес, нашата генерација е исправена пред нова историска задача. Македонија да стане европска и евроатлантска, не само како член, туку по вредности, критериуми и стандарди.

Ве повикувам со нашите сопствени раце да ја создадеме европска Македонија, спроведувајќи ги европските вредности во нашето секојдневно живеење. Ве повикувам со нашите сопствени раце да ги достигнеме европските критериуми и стандарди. Со нашите сопствени раце да изградиме достоинствен, европски живот за оваа и за идните генерации.

Никој и ништо не може и не смее да нè обесхрабри.  И никој и ништо не може да ни ја сработи историската задача да ја создаваме иднината за нашите деца. „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“, е врежано во Манифестот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ. Од сите нас, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, од сите граѓани на оваа земја, зависи каква Македонија ќе имаме. Од сите нас, христијани, муслимани и Евреи, зависи дали во општеството ќе ги негуваме најдобрите вредности и принципи на љубов кон Бога и кон ближните свои. Од нашата генерација зависи каква иднина ќе им оставиме на поколенијата кои доаѓаат по нас.

До целосното остварување на тие цели, ние остануваме посветени бидејќи сме водени од една голема вистина. Вистина за која најдобро зборува ова место на кое сме собрани денес. Пред 109 години, тука, на Мечкин Камен, соочени со 12-илјадниот турски аскер, 370-те востаници предводени од Питу Гули можеле да го развиорат белото знаме и да се предадат. Но, пред почетокот на таа епска битка Питу рече:

„Слобода или смрт е напишано на нашето востаничко знаме. Под него ние се боревме и ја извојувавме слободата, под него ќе се биеме, за да ја запазиме добиената слобода! […] Непријателот е многуброен, но не е страшен. Ние, иако сме малубројни, сме посилни од него, зашто имаме силен дух и челична волја за борба докрај, затоа што ние се бориме за слобода и правда...“

Питу и соборците знаеја дека ако не се бориш, однапред си изгубил. Иако таа битка беше изгубена, војната денес е добиена. Минатата година прославивме две децении од независноста на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Останува уште многу работа. Верувам дека клучот на успехот се вистинските вредности. Вредности кои носат напредок и развој. Нашата сегашност и иднината зависат од нашите вредности.

Доволно е да се сетиме дека вредностите отсекогаш имале важна улога во македонското ослободителното дело. Дека ослободителното дело ќе успее само кога се заснова врз вистината, правдата, моралот, законитоста и чесноста.

Според вредностите сакаме да бидеме дел од европското и од евроатлантското семејство. Сакаме да бидеме членки кои со своите вредности, ставови и дела ќе придонесуваат кон европското и кон евроатлантското семејство на народи.

Знаеме добро што се вистински вредности. А што е наше, ќе си дојде. Во тоа сум длабоко убеден.

Драги сограѓани,
Со свои сили да ги оствариме идеалите. Но, само ако сме сложни и единствени. Не сме доволно големи и богати за да се трошиме во меѓусебни пресметки и обвинувања. Потребна ни е согласност околу суштинските прашања на државата, суштинските прашања на нашето општество. Горливо ни требаат конструктивни идеи, конструктивни мисли кои ги мобилизираат сите кои ја сакаат Република Македонија.

Демократијата подразбира и натпревар на различни мислења, различни погледи и вистини, кои треба конструктивно да функционираат во единство, за доброто на Македонија. Демократијата подразбира плурализам. Но, не може со сфаќања кои сеат раздор да ја добиваме довербата на граѓаните. Затоа, ни треба демократија без униформност, туку со единство.

Историјата е полна со урнатини оставени од деструктивни луѓе. Ни требаат творци и градители, иноватори и креативни луѓе. Ни требаат визионери чиј поглед е вперен во иднината, а чии нозе се цврсто поставени на земјата. Нам не ни требаат деструктивци, негативци и песимисти. Ни требаат искрени родољуби, посветени патриоти и современи херои. Луѓе кои преку својата работа ќе придонесат за општото добро. Ни требаат луѓе со отворени умови. Луѓе фокусирани на иднината. Луѓе кои ќе живеат на отворен простор.

Апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само ако искрено се фокусираме на стратешките цели, ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска Македонија.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми... Почитувани граѓани на Република Македонија,

Илинденците ни покажаа како да ја градиме Македонија. Обединети меѓу себе, во борба за слобода, правда и достоинство.

Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување во заедничкиот живот на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец и граѓанин на Република Македонија значи да се биде толерантен и да се почитува културата и обичаите на другиот.

Горди сме на нашиот модел на интеграција без асимилација. Модел втемелен врз соживотот кој во наследство ни го оставија нашите предци. Соживот врежан во Крушевскиот манифест. Соживот втемелен врз придобивките на Илинден и на Народноослободителната борба.

altМинатата година, положувајќи ја декларацијата за независност на Македонија од 1991 година во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, пред себе ја гледав декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија. Декларација во која се вели дека сите граѓани „се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповеданије. На националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот“.

Голема и споделена е нашата заедничка одговорност, низ меѓусебна лојалност, кон нашата заедничка и единствена татковина Македонија, да го исполниме заветот на илинденците. Да ја градиме Македонија како развиена, напредна и демократска држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите.

Затоа, од ова свето место каде се роди првата демократска република на Балканот, ве повикувам сите да се обединиме под знамето на независна Македонија!

За многу години Илинден!
Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!


alt
Свечено отворање на новиот објект на Институтот за современи композити и роботика во Прилеп
Среда, 01 Август 2012

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Визијата и иновативноста ја прават разликата меѓу лидерите и следбениците. Во изминатите години „Микросам“, предводен од господинот Благоја Самакоски, покажа дека е визионер и вистински лидер во високата технологија, ставајќи ги Прилеп и Република Македонија на глобалната карта на композити и роботика.

Почитувани присутни,

Живееме во време кога светот околу нас брзо се менува. Време на современи технологии кои отвораат нови перспективи. Време кога човекот, преку интердисциплинарниот научен пристап, преку информатиката, инженерството, математиката, биологијата, преку роботиката,  создава нова иднина со нови можности, секогаш стремејќи се кон техничко и технолошко совршенство.

Минатата година, кога го поставувавме камен-темелникот на Институтот за современи композити и роботика на „Микросам“, ја препознав важноста на овој институт. Прв приватен институт од ваков тип на Балканот, со постдипломски студии врз концептот на Болоњскиот процес и македонските норми. Институт кој својата визија ја постави не само локално, туку и регионално.

Лидерите својата мудрост ја покажуваат преку пренесување на своето знаење и умеење на новите генерации. Секаде и секогаш, лидерството и учењето се нераздвојно поврзани меѓу себе.

Драги пријатели,

Во предвечерјето на нашиот најсветол празник – Илинден, со гордост можам да кажам дека ваквите иницијативи непосредно придонесуваат кон исполнување на заветот оставен од нашите илинденци и нивниот стремеж за слобода, правда и достоинство. Со Институтот за современи композити и роботика, Република Македонија слободно и достоинствено се вклучува во тој натпревар на најсовремени процеси и решенија за иднината.

Посакувам многу успешни генерации, кои со својата визија, иновативност и креативност ќе придонесат за благосостојбата на Република Македонија.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 44 од 64