Говори и обраќања
Свечено отворање на Меѓународниот конгрес „Балканот на Евлија Челеби“ во МАНУ
Вторник, 17 Април 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на Свечено отворање на Меѓународниот конгрес „Балканот на Евлија Челеби“, посветен на 400-годишнината од раѓањето на познатиот отомански патописец. Конгресот, кој се одржува под покровителство на претседателот Иванов, е организиран од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Центарот за цивилизациски студии при Универзитетот „Бахчешехир“ (МЕДАМ) од Турција.

„Како нас нè виде Евлија Челеби“

Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Камбовски, ценети учесници, дами и господа,

Добре дојдовте во Република Македонија, добре дојдовте во градот Скопје. Античкиот биограф Диоген Лаертиј, во биографијата за Питагора, зборува за песната за која се претпоставува дека славниот филозоф им ја посветил на античките жители на овој град - Скопијадите. Песна која започнува со една многу важна поука која Питагора ја научил од жителите на градот: „Не биди бесрамен кон никого“. Може да се каже дека и ден-денес, оваа мисла е неформалното мото на Скопје.

Верувам дека за ова непишано правило биле свесни речиси сите патници и патописци кои дошле во Македонија и го посетиле Скопје. Денес сме тука за да зборуваме за еден од најпознатите светски патописци, човекот кој во наследство ни ги остави цивилизациските траги за нашето, балканското минато – Евлија Челеби.

Почитувани присутни,
УНЕСКО ја прогласи минатата година за година на Евлија Челеби, во чест на 400-годишнината од неговото раѓање. Годинава одбележуваме и 330 години од неговата смрт. Секако, тоа е причина повеќе да ја отворам оваа меѓународна конференција за Балканот на Евлија Челеби, тука, во Македонија. Оваа можност ќе ја искористам за да ги споделам, со вас, моите размислувања за големиот патописец.

Неговите погледи, кои понекогаш се обременети со предрасуди, сепак ни овозможуваат да го спознаеме неговиот и, воопшто, османлискиот поглед на Балканот во 17 век. Евлија Челеби за време на своите патувања, неминовно се среќавал и со немуслимански и неосманлиски вредности и концепти, идеи и обичаи, кои делумно ги пренесувал во своите записи. На тој начин, патописецот придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите.

Иако со својата творечка фантазија, Челеби понекогаш преувеличува, поради што некои негови искази треба да се земат со резерва, сепак, неговите записи се значајни извори, не само за историјата и географијата, туку и за етнографијата и антропологијата, економијата и архитектурата на нашите простори, на Балканот, на Македонија, на Скопје.  Посетувајќи го Скопје, во 1660 година, тој запишал:

„[Чаршијата] брои 2.150 дуќани. Тука има плоштади и пазари, со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите, чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајаџиите. Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Алеп.“


Слични импресии споделил и за другите македонски и балкански центри кои ги посетил за време на своите патувања. Тука неминовно се наметнува прашањето: Во што се состои тајната на богатството на Скопје, на Македонија, но и воопшто, на Балканот? Богатство кое пред нашите очи го слика Челеби. Која е причината за економскиот,  за културниот и за општествениот напредок на Балканот во минатото? Верувам дека тајната лежи во отворениот простор. Простор кој создал поволни услови за трговија, за размена на идеи, верувања и погледи, за луѓе со отворен ум.

Ценети присутни,
Само 29 години по посетата на Евлија Челеби на Скопје, убавината на градот ќе ја потврди и австрискиот генерал и современик на Челеби, Енио Силво Пиколомини. Но, за разлика од славниот патописец кој Скопје го остави во надеж, познатиот војсководец градот зад себе го остави во пепел.

По одбраната на Виена во 1683 година, Австрија, заедно со останатите земји од Светата Лига, премина во контраофанзива, длабоко навлегувајќи на териториите на Османлиската Империја, сè до Македонија. Пиколомини со војската стигнал во Скопје, каде беснеела епидемија на колера. Во своето писмо од 31 октомври 1689 година до царот Леополд I, Пиколомини го вели следново:

„Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со продукти […] Сега се решив, но многу неволно, градот под пепел да го закопам. Ми беше жал за зградите какви во оваа војна не бев видел, џамиите од мермер и порфир со илјадници кандила и позлатени алкорани на кои човек би им посветил внимание и во Рим, убавите куќи, бавчи и забавишта... големите резерви средства за живот, сето тоа на пламенот морав да го предадам. […] Чадот го затемнуваше сонцето на 26 октомври  и следниот ден. Ние стоевме на еден висок рид и под звуците на војничките инструменти го гледавме пожарот на ова убаво место, навистина не без мака и жалење, додека ми навираше помислата дека и убавите предградија на Виена ја доживеаја истата судбина.“

Пожарот насилно го прекинал процутот на градот. До темел изгореле многу куќи и дуќани, но епидемијата не престанала. И самиот Пиколомини се заразил од колера и наскоро починал. А, од Скопје останале само градбите од камен, Калето, неколку џамии, црквите Свети Димитрија и Свети Спас, и големиот Карван – Сарај. На градот му биле потребни два века за да закрепне од трагедијата. Од 60.000 жители, бројот на населението се намалил на 10.000. Во наредните 200 години Скопје бил мал и непознат град, сè до средината на 19 век кога повторно се вратила трговијата, занаетчиството и кога почнале да се градат нови објекти.


Дами и господа,
Во 1901 година, речиси 250 години по Евлија Челеби, Македонија ја посетил рускиот публицист Александар Валентинович Амфитеатров.  Во својата книга „Земјата на раздорот“ Амфитеатров ги споделува импресиите за богатството на земјата, и меѓу другото вели:

„Економската состојба на македонскиот селанец не го натажува руското око: селанството руско и бугарското во кнежевството е победно од македонското. […] Само минувајќи и со свои очи видувајќи го југот на Македонија, вие можете во полна мера да разберете зошто за тој крај со толкава жестокост спорат и се борат толку народности, секако прогласувајќи го за свој затоа што е тоа - градина, вистинска градина! Селаните не изгледаат запустени, нивната облека е шарена и богата, околу селата пасат многу стада, насекаде се слуша словенски говор...Бугарските села во кнежеството се далеку понечисти. За нашите и да не говорам.“

Амфитеатров ја нарекува Македонија земја на раздорот, земја за која се водат битки од нејзините соседи. Ако Челеби ја остава Македонија во надеж, а Пиколомини во пепел, Амфитеатров ја остава во превирање, раздор и поделба. Тоа важи и за Балканот. Нашиве простори ги зафатија две балкански војни, две светски војни, Студената војна и крвавиот распад на југословенската федерација кој настапи по крајот на блоковската поделба.

Сево ова нè наведува на едно хипотетичко прашање: Што би кажал денес Евлија Челеби за Балканот? Балкан кој, по турбулентните 90-ти години на минатиот век, денес, сè уште е поделен и затворен, Балкан во кој сè уште опстојуваат стравот и предрасудите кои ги создава затворениот простор.

Ценети присутни,
Предлагам за миг да го замислиме Евлија Челеби, денес, во нашиот поделен Балкан. Наместо за убавините на градовите и пределите кои ги посетувал, денес Челеби би пишувал за фрустрациите од долгите колони на граничните премини, за бројните формулари и услови кои мора да се исполнат, за сомнителните погледи на граничните службеници. Наместо за љубезноста, срдечноста и гостопримството на луѓето, би зборувал за напорите на младите генерации да заминат од вековните огништа. Да заминат во она што денес претставува синоним за отворен простор – Европа.

Сево ова нè води до уште едно хипотетичко, но донекаде реторичко прашање: Дали во денешни услови, воопшто, би постоел Евлија Челеби? Не смееме да заборавиме дека тој бил хроничар на своето време, благодарение на отворениот простор во кој патувал, комуницирал и учел. Простор во кој речиси непречено се движел, набљудувал, запишувал и споделувал. Простор кој неминовно упатувал на комуникација. А, знаеме дека оној кој комуницира се интегрира, додека оној кој не комуницира се гетоизира.

Евлија Челеби е производ на отворениот простор, истиот оној простор за кој тој пишуваше четири децении. Како висок османлиски службеник, тој ја имал довербата на властите, со кои ги споделувал своите впечатоци, мислења и перцепции за луѓето и народите, за нивните верувања и вредности, навики и обичаи. Со тоа, тој посредно ја менувал перцепцијата и на своите современици, но и на подоцнежните генерации кои ги читале неговите редови. На тој начин, патописецот придонесе кон градењето разбирање меѓу народите, културите и цивилизациите. Оттука и дилемата: Кој би бил современиот Челеби? Дали современ пандан на неговите патописи се извештаите на Европската комисија, на Фридом Хаус или на ОБСЕ? Дали современиот Челеби е интернетот?

Марк Твен рекол: „Патувањето е погубно за предрасудите, фанатизмот и тесноградоста“. Верувам дека Челеби мошне рано станал свесен за оваа голема вистина.

Дами и господа,
На самиот крај, дозволете да ја споделам со вас увереноста дека новото време има потреба од нов Евлија Челеби, кој би можел успешно да ја исполнува својата улога само во услови на отворен простор. Верувам дека оваа конференција ќе даде одговор на дел од овие прашања. Ви посакувам плодна расправа.

Ви благодарам.


alt
15. Евроазиски економски форум во Истанбул - Глобалните развојни цели да се пренесат на регионално и локално ниво
Среда, 11 Април 2012

Поздравно обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на 15. Евроазиски економски форум во Истанбул.

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Вистинско задоволство е да се биде на овој Форум по трет пат. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава Евроазискиот форум прославува 15-годишен јубилеј. Јубилеј кој јасно зборува за вредноста на Форумот и за важноста на темите кои се дискутираат. Затоа и благодарам на Фондацијата Мармара за поканата и за добро изведената организација и за топлото гостопримство.

Посебно е задоволството што тука се моите колеги и пријатели од регионот, но и претставници од бизнис-секторот и академската заедница. Темите на годинешниот форум се актуелни и соодветни со времето во кое живееме.

Почитувани,

Верувам дека во наредните неколку дена, ќе имаме плодни дискусии и соочувања за горливите и глобални прашања на денешницата. Ова е добра прилика да го дадеме нашиот конкретен придонес кон изнаоѓање заеднички и одржливи решенија за предизвиците.

Нашата агенда вклучува дел од актуелните прашања на светот: состојбите во однос на економијата, екологијата и енергијата. Проблемот со одржливиот развој, родовата нееднаквост и меѓукултуралниот дијалог. Знаеме дека Обединетите нации, големите регионални организации, како и дел од светските невладини структури, во досегашниот период продуцираа бројни стратегии. Стратегии насочени кон справување со предизвиците и создавање подобар свет. Точно е дека се постигнати и значајни резултати, и дека постојат позитивни промени и темелен напредок. Но, за ова ќе зборувам пошироко на утрешната сесија. Дозволете, само на кратко, да ги сумирам моите согледувања.

Во текот на последната деценија на 20 век, регионот на Југоисточна Европа стана синоним за предрасуди, поделби и конфликти. Во првата деценија на 21 век успеавме да создадеме амбиент за соработка. Но, во оваа, втора декада мораме да го надоместиме она што го пропуштивме. Мора да се поврземе економски, инфраструктурно и енергетски. Глобалните стратегии за исполнување на милениумските развојни цели мора да ги регионализираме, да ги спроведеме на локално и на микро ниво. Убеден сум дека на овој значаен Форум, имаме доволно потенцијал, мудрост и искуство, волја и посветеност за остварување на поставените цели.

Ценети екселенции,

На самиот крај, уште еднаш, ви упатувам искрени поздрави и најдобри желби за ваше здравје, успех и благосостојба.

Ви благодарам.

Прием по повод 20-годишниот јубилеј од основањето на Македонскиот олимписки комитет
Петок, 30 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов  по повод 20-годишнината од основањето на Македонскиот олимписки комитет (МОК), приреди прием, на кој покрај членовите на МОК, присуствуваше и претседателот на Европските олимписки комитети, Патрик Џозеф Хики од Ирска, како и претседателите на олимписките комитети и почесни гости од повеќе европски земји - Словенија, Хрватска, Црна Гора, Германија, Бугарија, Србија, Полска, Босна и Херцеговина и Украина.


Почитувани претставници на Македонскиот олимписки комитет, дами и господа, драги пријатели,

Ми претставува големо задоволство да ви се обратам денеска, на 20-годишниот јубилеј од постоењето на Македонскиот олимписки комитет. Комитет кој изникна од долгогодишната македонска олимписка традиција и бројните успеси на македонските натпреварувачи на Олимписките игри во изминатите педесет години.

Почитувани присутни,
Преку својата моќ да привлече, мобилизира и инспирира поединци, заедници и држави, спортот отсекогаш го истакнувал најдоброто кај луѓето. Спортот ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Како инклузивна, а не ексклузивна човекова активност, која подразбира учество наместо изолација, спортот повикува на помирување, особено во мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични општества.

Република Македонија е земја со исклучителни спортски успеси, победи и тимски, и индивидуални. Сведоци сме дека секоја победа позитивно влијае врз македонското општество. Затоа, нашите олимписки херои и нашите спортисти, воопшто, не се само шампиони во своите дисциплини. Тие се воедно и шампиони на добрата волја и надежта. Никогаш не смееме да ги заборавиме луѓето и тимовите кои ја закитија Република Македонија со олимписки медали, затоа што тие се примери кои ни се потребни денес, за подобро утре.

Дами и господа,
Успехот раѓа нов успех. Затоа, ние инвестираме во спортот не само како физичка активност, туку како начин на градење позитивно однесување, посветени поединци кои преку спортот можат да придонесат за напредокот на општеството. Преку спортот треба да подготвуваме иднина за младите и млади за иднината.

На самиот крај, вам, на членовите на Македонскиот олимписки комитет ви посакувам уште многу јубилеи, а на нашите спортисти уште многу олимписки успеси.

Ви благодарам.

alt


Конференција на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“
Четврток, 29 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се обрати на отворањето на Конференцијата на министрите за одбрана на САД и Јадранската група - „Заеднички предизвици и здружени решенија“:

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,
Имам особена чест да ве поздравам во Република Македонија, во годината кога прославуваме две децении од постоењето на Армијата на Република Македонија. Армија која ги исполни критериумите за членство во НАТО. Армија која учествува, рамо до рамо, со сојузниците во мировните мисии.

Почитувани,
Пред девет години, Македонија, Албанија, Хрватска и Соединетите Американски Држави ја потпишаа Јадранската повелба. Повелба на партнерство втемелено врз „заедничката визија за мирна Југоисточна Европа, целосно интегрирана во Евроатлантската заедница, посветена на демократијата, на владеењето на правото и почитта кон човековите права и основните слободи“. Девет години подоцна, Албанија и Хрватска се полноправни членки на НАТО, а Јадранското партнерство се прошири со Босна и Херцеговина и Црна Гора. Се радуваме за успехот на Албанија и Хрватска, кој го чувствуваме како наш успех и успех на целиот регион.

Во изминатиот период, партнерството со Соединетите Американски Држави ги поттикна нашите земји да се посветат на негување добрососедство и регионална соработка. Нè поттикна да ги забрзаме и зајакнеме демократските и пазарните реформи во нашите земји, а со тоа и безбедноста, напредокот и стабилноста на регионот.  Сево ова имаше и има една заедничка цел. Целосна интеграција на нашите земји во европските и евроатлантските политички, економски, безбедносни и одбранбени институции. Цел која е запечатена не само со потписите на документите, туку и со активно учество во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Ценети екселенции,
Денешната конференција е посветена на „заедничките предизвици и здружените решенија“. Предизвиците се сè побројни и поразновидни: глобалната економска криза и нејзините импликации врз регионалната безбедност и развој, енергетската безбедност, но и можностите за примена на НАТО концептот за „паметна одбрана“. Какви и да се предизвиците, верувам дека здружените решенија не вклучуваат само споделени вредности, задачи и одговорности. Тие вклучуваат и споделени права и привилегии кои произлегуваат од посакуваното и, пред сè, заслуженото членство во НАТО.

Оваа конференција е вистинското место, во периодот пред претстојниот  Самит на НАТО во Чикаго, да се сетиме од што, меѓу другото, произлезе Јадранската повелба. Во преамбулата на Повелбата стои дека партнерството произлегува од можноста за заокружување на „целосна нова Европа во која секоја нација, секоја етничка група, секој граѓанин и секоја вера се безбедни, сигурни и почитувани“.

Сакаме да бидеме дел од тие што ја градат новата Европа. Сакаме да бидеме партнери и сојузници со сите наши соседи, и заедно да ја градиме сегашноста и иднината на нашиот регион. За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Спор во кој се соочуваме со соодветна уцена и ултиматум.

alt

Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. Незадоволството не значи напуштање на партнерството и визијата. Напротив, уште сме поохрабрени и силно сме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Пристап кој подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт. Затоа, се надеваме дека нашиот сосед, во духот на вредностите кои ги споделува со членките на Алијансата, ќе ги почитува договорите, односно обврските од Времената спогодба.

Дами и господа,
Почитувањето на договорите и на меѓународното право се гаранција за побезбеден и понапреден свет. Само така ќе придонесеме кон градењето на најголемиот мировен проект – обединета, слободна и безбедна Европа.

Ви благодарам.


Промоција на публикацијата посветена на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Вторник, 27 Март 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на промоцијата на петјазичното издание на публикацијата „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“, посветени на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која во 2010 година се одржа во Охрид.

Почитувани присутни, почитувани претставници на верските заедници, почитувани претставници на медиумите, ценети екселенции, дами и господа,

Со особено задоволство ја прифатив поканата за учество на промоцијата на публикацијата посветена на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Конференција која пред две години се одржа во нашата духовна и културна престолнина Охрид. Конференција која е плод на семето кое во 2003 година го посеа Република Македонија како иницијатор на Регионалниот форум посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите под раководство на човекот кој ја сфати големината на оваа идеја и ја преточи во дело, мој претходник, претседателот Борис Трајковски.

Почитувани,
Потребата за дијалог, потребата за комуникација во светот никогаш не била поголема отколку денес. Денес, кога се чувствува сè поголема нетолеранција, религиозен фундаментализам и исклучивост. Во време кога многу општества се наоѓаат во длабока криза на моралните вредности. Верувам дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот, за зближување и разбирање меѓу луѓето, без разлика на религијата кон која припаѓаат.

Со самото тоа што оваа публикација е печатена на македонски, албански, англиски, француски и руски јазик, таа го отсликува почитувањето на различностите, но и на универзалноста на упатените пораки. Без разлика на тоа кој јазик се користи, пораките се секогаш исти: мир, соработка и толеранција, соживот, слобода и љубов.

Ценети присутни,
Останала за незаборав, мислата содржана во сите верски книги: „Сакај го ближниот свој како себеси“. Овој завет е особено суштествен денес во мултиетничките, мултијазичните и мултирелигиозните општества во кои живееме. Општества кои со векови овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат долга традиција на соживот и почит.

Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот го знаеме како капиџик, во вистинска смисла на зборот. Познато е од дамнина, дека дури и кога капијата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Како врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена.  Врз таа основа го темелиме нашиот стремеж да го сочуваме она што сме го наследиле. Можеби тоа беше и причина Македонија да биде домаќин на двете светски конференции – да ги споделиме со другите, нашите позитивни искуства.

Драги пријатели,
Една од бројните инспиративни пораки од Втората светска конференција беше дека „општеството може да се промени, но само ако се променат луѓето. Духовно обновениот човек е мечтата на секоја епоха. Слободно општество можат да изградат само духовно слободни луѓе“. Верувам дека токму овој вид конференции се патоказ кој ја води нашата генерација кон градење на духовно слободни луѓе. Луѓе ослободени од стравот и предрасудите, од нетрпеливоста и омразата, а фокусирани на отвореноста, меѓусебното разбирање и помош. Не смееме да заборавиме дека дијалогот ги менува срцата и размислувањата на поединците. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, опстојувајќи со измислени непријателства.

На самиот крај, дозволете да ја споделам со вас увереноста дека циклусот светски конференции за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог ќе продолжат да даваат цврсти вредносни насоки. Насоки кои ќе бидат мост за разбирање меѓу народите, заемна почит и толеранција за подобар свет.

Ви благодарам.


Заедничките ризици бараат заеднички одговор - Конференцијата за гранична безбедност
Четврток, 15 Март 2012

Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да ве поздравам денес во Скопје, на годишната Конференција за гранична безбедност. Верувам дека овој настан претставува конкретен македонски придонес кон промовирањето на граничната безбедност.

Верувам дека е особено важно што оваа министерска конференција се случува токму денес. Денес, кога еден од приоритетите на Европската унија е создавање на побезбедна Европа. Горди сме што европските вредности се и македонски вредности. Бидете уверени дека борбата против меѓународниот криминал и тероризам, како и спречувањето на нелегалната имиграција се и наши приоритети.

Ценети присутни,

Свесни сме дека безбедноста не започнува и не завршува со нашиот двор, нашиот имот, нашата држава. Во овој меѓузависен, поврзан и глобализиран свет, не сме поврзани само преку вредности, туку и преку споделените ризици. А заедничките ризици бараат заеднички одговор.

Сметам дека токму Центарот за демократска контрола на вооружените сили е инструментот кој на 60-тина земји во светот им овозможува  успешно и со заеднички сили да се справуваат со новите безбедносни ризици. Моделот на гранична безбедност кој го промовира Центарот не задира во суштината на четирите слободи – слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал.

Дами и господа,

Годинава се навршуваат и десет години од успешното функционирање на Програмата за гранична безбедност. Република Македонија е особено горда што е активен учесник во оваа програма. Програма од која во изминатата деценија добивме и научивме многу за исполнувањето на стандардите на Европската унија во областа на граничното работење. Но, и повеќе од тоа. Оваа програма нуди една холистичка реформа на безбедносниот сектор. Реформа која ни овозможи да воведеме современ концепт на граничното обезбедување. Концепт кој подразбира отворени, но добро контролирани граници. Верувам дека другите земји – членки на Центарот имаат слични позитивни искуства.

Ги поздравувам досегашните достигнувања и ги охрабрувам натамошните чекори кои ќе придонесат кон градењето на побезбеден регион, побезбедна Европа, но и побезбеден свет. Уверен сум дека во периодот кој следи, ќе биде воспоставена практиката на заедничка анализа на ризиците. Заеднички операции и информационен менаџмент.

На самиот крај, честитајќи ви го уште еднаш јубилејот од Програмата за гранична безбедност, ви посакувам успешна конференција.

Ви благодарам.


 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 47 од 64