Говори и обраќања
Свечена академија по повод 20-годишнината од преземањето на првата караула на „Рамна Нива“
Недела, 11 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од преземањето на караулата „Рамна нива“ од некогашната ЈНА, од страна на Одредот на Територијалната одбрана „Козјак“ од Крива Паланка, денес се обрати на Свечената академија која се одржа по тој повод:

Почитувани членови на Организацијата на резервни воени старешини на Република Македонија, ценети присутни, драги пријатели,

Пред точно 20 години, составот на резервни воени старешини ја презеде првата караула од ЈНА, првата точка која значеше вистинско осамостојување на Република Македонија. На Рамна Нива се роди самостојноста на нашата татковина Македонија. Тука е зародишот на Армијата на Република Македонија. На оваа точка, македонските вооружени сили почнаа да ја чуваат својата татковина Македонија.

Токму со овој, за нас историски настан, покажавме дека имаме капацитет не само да прогласиме независност, туку истата да ја чуваме како нешто свето. Да го исполнуваме заветот на илинденците, на борците од Народноослободителната војна. Покажавме дека можеме да опстоиме како држава во бурниот период на кризи и воени конфликти кои ја зафатија поранешната Југословенска федерација.

Ценети присутни,
Оваа година Армијата на Република Македонија прославува 20-годишен јубилеј. Особено сум горд што токму со вас, со припадниците на резервните воени старешини на Република Македонија го започнуваме прославувањето на овој значаен јубилеј. Како врховен командант на вооружените сили, сакам да ви оддадам посебно внимание и почит поради вашата поддршка во клучните моменти за Македонија. А, верувајте, има и зошто. Вашите припадници први ја презедоа одбраната на границата на нашата татковина. Уверен сум дека повторно ќе го направите истото секогаш кога Македонија ќе го побара тоа од вас.

Знам дека секогаш се јавувате на повикот на татковината, независно од околностите и опасностите. Знам дека вашата посветеност не завршува во моментот кога ќе ја соблечете униформата. Организацијата на резервни воени старешини на Република Македонија постои веќе 60 години и е распространета низ целата земја. Вие сте потенцијал на кој можеме и мораме да сметаме во секое време.

Сакам да знаете дека во текот на оваа година ќе направиме севкупна анализа за потребите и неопходноста на резервниот состав во функција на одбраната на Република Македонија. Силно верувам дека местото на резервниот состав е покрај активната компонента, како еден од носечките столбови на одбраната на Република Македонија. Затоа, истиот треба да го заземе соодветното место во одбранбениот сектор.

Она што вие, како резервни воени старешини го започнавте пред точно две децении, Армијата на Република Македонија заедно со останатите сегменти на одбраната и безбедноста го презедоа и продолжија. Знаете дека денес Македонија ги исполни сите обврски и критериуми за членство во НАТО. Но, без оглед на конечната одлука на Самитот во Чикаго, ние ќе продолжиме со реформите во сите сектори, пред сè, за нас самите. Затоа што така почнавме и пред 20 години овде, на Рамна Нива,  со верба, посветеност и истрајност.

Почитувани членови на организацијата на резервни воени старешини,

На крајот, честитајќи ви го уште еднаш 60-годишниот јубилеј и 20-годишнината од преземањето на првата караула, сакам да ви се заблагодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но, пред сè, за вашиот патриотизам, вашата солидарност и лојалност кон татковината и едни кон други.

Ви благодарам.


Претседателот Иванов во Салцбург инаугуриран за протектор на Европската академија на науките и уметностите
Сабота, 03 Март 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Салцбург беше инаугуриран за протектор на Европската академија на науки и уметности  (ЕАНУ). На претседателот Иванов во оваа прилика му беше врачен „Манифестот за Европа во 21-от век“, изготвен од континенталната академска авангарда, во која се нагласува нивната порака адресирана токму кон политичарите на Европа, нивните активности да ги насочат кон изготвување нови стратегии што ќе овозможат напредок на Европа во услови на кризи, наместо краткорочни решенија.

Со почесната титула претседателот Иванов се приклучува кон групата заштитници на престижната континентална академска институција во која патрони се неколку поранешни и актуелни европски претседатели и суверени.

Обраќајќи се пред присутните професори, научници, членови на Сенатот и почесните гости на 22-та пленарна сесија на ЕАНУ во амфитеатарот на Универзитетот во Салцбург, претседателот Иванов истакна дека неговото назначување за заштитник на Европската академија преставува голема чест, и не само лична афирмација за него, туку и јасно признание за Република Македонија и македонскиот народ:

Почитуван претседател на Европската академија на науките и уметностите, професор Феликс Унгер,
Почитувани членови на Европската академија, Екселенции, Дами и господа,

Огромно задоволство е да се биде овде денеска со вас, во родното место на Моцарт. Неговото присуство особено се чувствува во оваа древна универзитетска сала, која сè уште одекнува од неговата безвремена музика. Може да се каже дека во Салцбург може да се слушне, види и почувствува суштината на Европа, уметноста, културата и науката. Овде сме сведоци на минатите подвизи на Европа, на сегашните потенцијали и на идните можности, кои одат во комбинација со огромно знаење кое се пренесува од генерација на генерација преку институциите како што е Европската академија на науките и уметностите.

Почитувани гости,
Да се биде избран за заштитник на оваа Европска академија е голема чест што јас ја прифаќам со гордост. Ова не претставува само лична афирмација за мене, туку и јасно признание за мојата земја, Македонија и за македонскиот народ. Затоа, искрено се заблагодарувам на Европската академија и на почитуваниот претседател, професор Феликс Унгер. Изразувам благодарност и до членовите кои ме предложија и избраа, на деканите, Сенатот и на Претседателството.

Ве уверувам дека ми претставува чест, но и одговорност да бидам заштитник на оваа академија, која поврзува многу почитувани, посветени и отворени поединци од разни научни области.

Екселенции,
Ја претставувам Македонија, млада европска земја, татковина на еден стар европски народ кој сè уште се обидува да се интегрира во европското семејство на народи. Со гордост можам да кажам дека, во академска, научна, образовна и културна смисла, ние сме Европа. Можеме и сакаме да ги споделиме нашите вредности, знаења и вештини со членовите на ова прогресивно семејство. Со нетрпение очекувам да го видам денот кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Како членка со исти права и обврски, ние ќе ги исполниме соништата на многу генерации.

Европа денес се соочува со многу предизвици во поглед на нејзината економија, управување и одговорност, а европските вредности и начела се доведени во прашање. Силно верувам дека интелектуалната улога на Европската академија е да бара одговори и да предлага мудри решенија за овие прашања. Оттука, мора да го дадеме најдоброто од нас и да ја поддржиме Академијата во исполнувањето на оваа важна задача. Со цел да го постигнеме ова, наша заедничка должност е да создадеме иднина за младите и млади за иднината. Јас го правам тоа, како претседател и како професор, како политиколог и како активен политичар, како Македонец и како Европеец.

Дами и господа,
Мојата визија и мото отсекогаш биле: PAX EUROPAEA FIERI NON POTEST SINE BALCANICA PACE. Европскиот мир е неостварлив без балканскиот мир. Силно верувам дека оваа Академија може да ни помогне да го постигнеме европскиот мир преку балканскиот мир.

На крајот, ја користам оваа можност уште еднаш да ја искажам мојата благодарност за големата чест која ми е укажана мене и на Македонија.

Ви благодарам.



Доделување „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите по повод 65-годишниот јубилеј
Петок, 10 Февруари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод 65-годишнината од формирашет, го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Друштвото на писателите на Македонија за постигнатите резултати во својата долгогодишна дејност за зачувување и збогатување на македонското литературно и културно творештво и за афирмација на македонската книжевност и литература во светот.

Почитувани членови на Друштвото на писателите на Македонија,Ценети присутни, Дами и господа,

На почетокот беше зборот, зборот кој создаваше. За моќта на зборот беа свесни сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум Охридски. За моќта на народниот збор беа свесни и македонските преродбеници Пејчиновиќ, Пулески и Миладиновци, Прличев, Шапкарев и Цепенков. За моќта на литературниот јазик беа свесни и Мисирков и Конески. Впрочем, токму Мисирков пред речиси еден век напиша дека „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината“.

Ако јазикот е нашата татковина, тогаш треба постојано да го негуваме, развиваме и промовираме, со истата посветеност со која се чува татковината – подготвено и континуирано, не чекајќи некој да се обиде да го избрише, оспори и проблематизира она врз што се темели нашиот идентитет. Во таа смисла, Димитар Миладинов на едно место вели: „Го укоруваат нашиот јазик и го наречуваат варварски, еден од најстарите и најбогатите јазици“, оставајќи ни притоа завет „...да се збогатиме со мисли и со идеи на нашиот јазик, потоа да учиме и други јазици“.

Почитувани присутни,
Верувам дека токму во исполнувањето на овој завет се состои мисијата на Друштвото на писателите на Македонија. Да обезбеди развивање на македонскиот јазик преку творење и уметничка реч. Да биде мост на поврзување меѓу сите литературни творци од Македонија, независно од нивната етничка или јазична припадност. Да биде мост кој ќе го поврзува македонското и светското литературно творештво.

Сакам да знаете дека вашата улога никогаш не била поважна отколку денес, кога живееме во период на забрзана глобализација која постојано го менува светот, ги поврзува, но, исто така ги претопува народите, културите и јазиците. Иако, македонскиот јазик не спаѓа во категоријата на загрозени јазици, тоа не смее да биде оправдување за да го симнеме браникот, напротив.

Од своето основање во февруари 1947 година, Друштвото на писателите на едно место ги собра најзначајните македонски книжевни имиња. Со нивните стихови, песни, раскази и романи израснаа и се образуваа многу генерации. Преку нивниот, преку вашиот пишан збор, бројни генерации читатели ја запознаа својата татковина Македонија, ги развиваа своите идеи, го градеа својот живот.  Затоа, со гордост можам да кажам дека Друштвото на писателите низ 65-те години и преку стотиците витези на јазикот даде немерлив придонес за Македонија.

Но, вашиот придонес не завршува на границите на нашата татковина. Покренувајќи ги пред повеќе од половина век, Струшките вечери на поезијата, овозможивте градот на мостовите, нашата поетска престолнина, да биде мост што ги поврзува поетите од сите меридијани.

Имајќи го сево ова предвид, како претседател на Република Македонија донесов одлука на оваа институција да и доделам Повелба на Република Македонија. Со ова признание ја одбележуваме 65-годишната успешна работа, и се заблагодаруваме за сиот придонес што Друштвото на писателите го даде за збогатувањето на македонските културни вредности и за афирмација на Република Македонија во светот.

Дами и господа,
На самиот крај, посакувам Друштвото на писателите на Македонија уште многу децении да биде свратилиште на музите, дом на бројни книжевници и творци од Македонија и гордост на македонската литература и култура.

Ви благодарам.

Свечена академија по повод Националниот празник на српската заедница во Република Македонија
Петок, 27 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се обрати на свечената академија по повод Свети Сава - Националниот ден на српската заедница во Република Македонија, која вечерва се одржа во Македонската опера и балет под негово покровителство.

Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,

Задоволство е да се обратам на свечената академија по повод Националниот ден на српската заедница во Република Македонија и во оваа прилика би сакал на сите Срби во Македонија да им го честитам овој светол празник.

Почитувани,
На 27 јануари српската заедница го празнува денот посветен на св. Сава, кој бил и принц и монах, просветител и мисионер, дипломат и законодавец, исцелител и градител, личност која претставува духовна инспирација за Србите, каде и да се. Може да се каже дека она што е св. Климент Охридски за македонскиот народ, тоа е св. Сава за српскиот народ – непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога, кон себе и кон блиските, духовна крепост и патоказ кон иднината исполнета со слобода, хуманизам, благосостојба и напредок. Тоа се вредности на кои двата наши соседни народа се навраќаат секогаш кога се соочуваат со големи предизвици и се исправени пред големи одлуки.

Нашите пријателски народи имаат заедничко минато. Постојат некои прашања околу кои имаме различно мислење. Но, она што е важно е дека тие разлики воопшто не влијаат на нашите добрососедски односи. Нашата соработка е потврда дека денес, во нашиот регион имаме модерни лидери кои се насочени кон иднината, современи политичари кои одредени прашања и дилеми од минатото ги оставаат настрана, имајќи го предвид новото време.

Она што ме прави особено среќен е фактот што како соговорник во пријателска Република Србија го имам претседателот Тадиќ. Со него, заедно, сме фокусирани на сегашноста и на иднината. Заедно се залагаме за максимално јакнење на економските врски, инфраструктурното и енергетското поврзување меѓу двете земји. Затоа, мора веднаш, и со сите сили да дејствуваме на ова важно поле за да ја обезбедиме нашата иднина, која ја гледаме во големото европско семејство на народи.

Дами и господа,
Постои уште една работа која ги поврзува нашите две земји. На нашиот европски пат, и Република Македонија и Република Србија се соочуваат со наметнати услови без преседан, кои се надвор од опфатот на критериумите од Копенхаген. Но, сакам да ве уверам дека не сме разочарани и обесхрабрени. Копенхашките критериуми се и наши критериуми. Свесни сме дека мораме целосно да се фокусираме на исполнување на стандардите во сите општествени сфери, и не само затоа што тоа од нас го бара Брисел. Ние сме Европа и сами треба да си ја создадеме Европската унија кај нас. Само така прашањето за формалното приклучување на двете наши земји во Европската унија ќе биде чисто техничко прашање. На ова нè обврзуваат нашите граѓани. Тие го бараат и го заслужуваат тоа.

Цврсто сум уверен дека македонската заедница во Република Србија и српската заедница во Република Македонија се повеќе од мост на поврзување. Нашите односи се втемелени врз принципот на меѓусебно почитување и вреднување. Ова е уште еден пример како две соседни земји на дело ги негуваат европските вредности преку заштитата на правата на заедниците. Впрочем, сметам дека Република Македонија можеби е најдобриот пример на европското копно. Македонската мултиетничка демократија е насочена кон чување, развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното богатство на Република Македонија. Дел од тоа богатство сте и вие, припадниците на српската заедница.

Сакам да знаете дека Република Македонија е горда на српската заедница, која е уставно призната и општествено ценета. Која ги ужива сите права. Наш завет е и во иднина да градиме мостови на пријателства меѓу двата пријателски народа и двете земји, и заедно да чекориме кон нашата европска иднина, градејќи ја притоа иднината на нашиот регион.

Ви благодарам.


 

Обраќање на 65-та Годишна конференција на Меѓународната студентска организација ИАЕСТЕ
Вторник, 24 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како Покровител на Годишната конференција на Меѓународната организација за размена на студенти од техничките факултети – ИАЕСТЕ, која годинава за прв пат се одржува во Македонија, се обрати на свечената прослава со која се одбележа јубилејот - 20 години ИАЕСТЕ Македонија.

Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,

Со големо задоволство прифатив да бидам покровител на овој исклучителен меѓународен настан што ја обединува теоријата и практиката, знаењето и примената на стекнатото знаење, но и науката и претприемништвото.

Честа за Македонија како домаќин, но и за мене како покровител, е дотолку поголема бидејќи годинава се одбележуваат три важни јубилеи: 65 години од работењето на ИАЕСТЕ во глобални рамки. Шест децении од постоењето на ИАЕСТЕ Македонија како локален комитет и 20 години од прераснување на тој локален комитет во Македонски одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети - ИАЕСТЕ Македонија.

Низ децениите, ИАЕСТЕ им овозможи на илјадници студенти да се обучуваат во компаниите ширум светот. Денес, со гордост можеме да кажеме дека ИАЕСТЕ Македонија е еден од најактивните национални комитети по глава на жител во светот, но и најголема организација со програма за размена на студентите во Македонија.


Ценети присутни,
Слоганот на оваа конференција е: „ИAЕСТЕ – Целиот свет го носи во Македонија!“. А, верувајте, има и зошто.

Од година во година, Македонија сè повеќе прераснува во атрактивна дестинација за извршување стручна практика. Техничките науки кај нас доживуваат своја ренесанса, и сè поголем број млади луѓе својата иднина ја гледаат токму во универзалниот јазик на инженерството, електрониката, механиката.

Македонија е отворена за соработка од каков било вид, од размени, преку туризам, па сè до инвестиции. Македонија е на пат да изгради економија заснована не само врз природните ресурси, туку и врз знаење, врз посветени, образовани и работливи луѓе кои се стремат кон практикување на наученото. Верувам дека треба да им се даде таква можност, бидејќи тие ја заслужуваат.

Почитувани членови на ИАЕСТЕ,
Вашата организација овозможува да се изгради чувство на заедништво, на споделена одговорност меѓу сите кои се вклучени во неа. И студентите, и универзитетите, и компаниите. Тоа особено се однесува на вас, студентите кои имате несекојдневна можност да го примените она што го знаете, да се стекнете со бесценетата практика, која е особено важна за сите кои се стремат кон техничко совршенство. Не заборавајте дека само спојот на теоријата и практиката дава врвни резултати.

Познато е дека вистински двигатели на напредокот се оние поединци кои наоѓаат начини како работите да се завршат побрзо, поефективно и поефикасно. Токму вашите науки носат севкупен благодaт, напредок и успех. Токму во тоа ја гледам вредноста на вашата професија.

Сите вие, независно од каде доаѓате, сте луѓе со отворени умови кои размислуваат надвор од воспоставените (шаблони) рамки. Вашиот потенцијал е несомнен. Затоа, искористете го 60-годишното партнерство меѓу универзитетите, студентските организации и компаниите кое ви го нуди ИАЕСТЕ, и работете на сопствено стручно усовршување. Во тоа е вашата иднина, но и иднината на вашите земји.

Дами и господа,
Сакам да упатам една порака до нашите компании кои веќе се или допрва ќе се вклучат во оваа благородна иницијатива. Ако се согласиме дека ИАЕСТЕ го носи целиот свет во Македонија, а тоа го прави, бидејќи обединува 87 земји во светот, со реализирана размена од над 6500 студенти годишно кои се стекнуваат со незаменливо искуство, тогаш ИАЕСТЕ претставува силна врска меѓу македонските компании и светот.

Затоа, искористете ја можноста која ви ја нуди програмата за размена на студенти. Вложувајте во овие млади луѓе, бидејќи тие ќе го предводат техничкиот и технолошкиот напредок во нашата земја. Вложувајте во нив, бидејќи тие ќе ве поврзат со светот. Вложувајте во нив бидејќи тие се клучниот македонски ресурс, тие се вашата и наша иднина.

На крај, дозволете ми да го цитирам големиот креатор, иноватор и визионер, неодамна починатиот Стив Џобс, кога на дипломците на Универзитетот „Стенфорд“ им порача:

„Вашето време е ограничено, па така не го трошете за да живеете нечиј туѓ живот. Не бидете заглавени во догма, која е живеење со резултатите на туѓото мислење. Не дозволувајте шумовите од туѓите мислења да го удават вашиот внатрешен глас. И најважно од сè, имајте храброст да го следите вашето срце и интуиција. Тие некако веќе знаат што вистински сакате да бидете. Сè друго е споредно“.


Со надеж дека конференцијата ќе резултира со многу нови размени, нови партнерства, но и пријателства, ви посакувам уште многу професионални успеси.

Ви благодарам.

alt

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња – новогодишен прием за дипломатскиот кор
Сабота, 14 Јануари 2012

Обраќање на Претседателот на Република Макеоднија, д-р Ѓорге Иванов на традиционалниот новогодишен прием за дипломатскиот кор, кој годинава се одржа во Завод и музеј - Битола.
 

Ценети екселенции, дами и господа, драги пријатели,
На самиот почеток, дозволете ми, вам и на вашите семејства, да ви ја честитам Новата 2012 година и да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси. Денес е Св. Василиј Велики, Василица, ден кој православните христијани го слават и како православна Нова година, која носи нова надеж, среќа и бериќет.

Денес е ден кога се присетуваме на успесите и предизвиците од минатата година и со добра мисла ја отвораме вратата на новата година. Многумина од вас беа изненадени кога ги добија поканите за овој традиционален прием. За прв пат од независноста, овој прием се организира надвор од Скопје. Јас одлучив оваа година да го организирам тука, во Битола, во градот на конзулите, град кој од дамнина бил дипломатски центар на Македонија. Следната година ќе продолжиме со новата традиција.

Почитувани,
2011 за нас беше година на јубилеи и успеси. Република Македонија ја заврши 2011 со еден дипломатско-правен успех, кој во очите на меѓународната заедница го потврди кредибилитетот на нашата надворешна политика и исправноста на нашите стремежи и тврдења. Очекувам оваа 2012-та да биде година во која ќе се помести состојбата на status quo во однос на интеграциите на Република Македонија. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е конечна и обврзувачка. Таа не може и не смее да се сведува на советодавно мислење, да се девалвира, бидејќи тоа би значело и девалвирање, ослабнување и поткопување на самиот меѓународен поредок. Затоа, сакам да истакнам дека пресудата и Времената спогодба се шанса за нашиот сосед, за сите нас, за регионот. Убеден сум дека само со нивното почитување ќе се создаде поволен амбиент кој ќе помогне за изнаоѓање на заемно прифатливо решение на проблемот, кој не го сакавме, кој е апсурден и неразбирлив за огромен дел од меѓународната заедница. Но, тука е и мораме да се соочиме со него. За нас не постои дилема, како и досега, активно и конструктивно ќе учествуваме во процесот со сериозен пристап.

Очекуваме и се надеваме на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна. Очекуваме нашиот јужен сосед да ги напушти некоректните максималистички позиции, и наспроти досегашното однесување во процесот и претставувањето пред меѓународната јавност. Очекуваме од нашиот сосед да го поддржува нашето интегрирање во евроатлантските структури, во согласност со Времената спогодба и со пресудатa на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право. Ќе повторам, почитувањето на пресудата значи и почитување на меѓународното право и поредок. Право на кое денес се повикува Република Македонија, но во иднина можеби ќе се повикуваат и вашите земји. Државите имаат и морална обврска да го почитуваат меѓународното право. Државите се должни да ги почитуваат меѓународните обврски кои доброволно ги преземале.

Ценети екселенции, сакам да знаете дека и во текот на оваа, 2012 година, остануваме посветени на остварување на нашите стратешки цели:
- Членство на Македонија во НАТО и во Европската унија.
- Натамошен развој на билатералните односи со сите земји во светот во согласност со принципот на отвореност кон сите.
- Натамошно јакнење на добрососедските односи со земјите од непосредното соседство и поширокиот регион.
- Проактивност и иницијативност во регионалната соработка.

Бидете уверени дека остануваме посветени на реформските процеси како влог во нашата евроатлантска иднина. Сакам да верувам дека на следниот Европски совет и на следниот Самит на НАТО ќе имаме позитивно придвижување на ова поле. Тоа е корисно и за нас, и за Грција, и за Европската унија, и за НАТО Алијансата.

Сакам да истакнам дека, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, Република Македонија ќе остане сè додека е неопходно, и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ.

Во однос на регионалната проактивност, сакам да знаете дека Република Македонија оваа година го презема претседавањето со најважната автохтона регионална иницијатива - Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе ни овозможи активно да придонесеме во јакнењето на регионалната соработка. Воедно, свесни за важноста од градењето културни и цивилизациски коридори, оваа година ќе започнеме со подготовките за самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите кој ќе се одржи во 2013 година.

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња. Тоа значи достигнување на стандардите, вредностите и критериумите на Унијата. Копенхашките критериуми се и македонски критериуми. Благодарение на реформите и мудрата економска политика, како држава, имавме напредок на полето на економијата. Но, ни претстои уште многу работа за да ја достигнеме зацртаната цел - да бидеме економски развиена, енергетски обезбедена, европска и евро-атлантска Македонија. Знам дека го имаме разбирањето и поддршката на нашите пријатели и сојузници. Ќе продолжиме да работиме на продлабочување на меѓудржавните односи и на соработката со вашите земји.

На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната досегашна поддршка, што вие и земјите кои ги претставувате, и ја дававте на Република Македонија.

alt 

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 48 од 64