Говори и обраќања
Десетти УНЕСКО Регионален самит на шефови на држави од ЈИЕ во рамките на „Дијалог меѓу цивилизациите“ во Мостар
Недела, 03 Јуни 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Мостар се обрати на пленарната сесија на УНЕСКО Самитот на шефови на држави од ЈИЕ, на тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, во рамки на форумот „Дијалог меѓу цививлизациите“:

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,

Дозволете да го изразам моето големо задоволство што денес имам можност да го поздравам и да се обратам пред овој еминентен собир. Со самото тоа што, ова е 10-ти по ред самит, е доказ за волјата и подготвеноста на земјите од регионот за соработка. Тоа е потврда за важноста на регионалната соработка. Важноста на годинешниот форум е зајакната со тоа што се одржува во Мостар. Во градот кој денес повторно ја зазема својата вековна улога на град-мост меѓу народите, културите и религиите.

Почитувани присутни,
Република Македонија е горда што е иницијатор на овој вид самити. Во 2003 година претседателот Борис Трајковски ја започна оваа серија состаноци посветени на културата кон која, на наше големо задоволство, ни се приклучија УНЕСКО и Советот на Европа. Во оваа прилика би сакал да се навратам на зборовите на претседателот Трајковски: „Има време кога се добива и време кога се губи; време кога се чува и време кога се растура; време кога се сака и време кога се мрази. Но сега, драги пријатели, е време за исцелување и време за градење мир“.

Тој трагично загина пред 8 години, недалеку од Мостар, оставајќи ни завет да продолжиме да го градиме мирот на Балканот. Завет кој е врежан во Охридската декларација од 2003 година, каде меѓу другото стои: „Ние, учесниците на Охридскиот регионален форум на дијалогот меѓу цивилизациите, се обврзуваме на култура на дијалог, толеранција и мир со цел – унапредување на просперитетот, добробитта и заемната соработка меѓу народите и државите во регионот на Југоисточна Европа“.

Ценети екселенции,
Оваа серија состаноци ни помогнаа да придонесеме во градењето мир на Балканот. Ни помогнаа да ја зајакнеме соработката, стабилизацијата на односите меѓу нашите земји, како во културна, така и во политичка и економска смисла. Како преку регионалната, така и преку личната димензија. Благодарение на овој вид состаноци, односите меѓу земјите во нашиот регион станаа порелаксирани. Но форумот, воедно, ни помогна нам, балканските лидери, да воспоставиме и одржуваме лични односи и контакти.

Сите ние на оваа маса знаеме колку се важни контактите во нашиот регион. Овој вид состаноци ни овозможија преку неутрални теми да го истакнеме големото културно-историско наследство со кое изобилува целиот регион. Овие состаноци беа предвесникот на поинтензивната билатерална, но уште поважно, регионална соработка. Создадовме услови за подобро разбирање, за надминување на историските предрасуди, благодарение на една исклучително значајна димензија, како што е историското и културното наследство.

Честопати на средбите со европските и светските лидери со една метафора ја опишувам реалноста која толку многу ни недостасуваше на Балканот. Премногу долго, ние на Балканот, бевме насочени кон минатото и гледавме наназад, во ретровизорот. А не случајно ретровизорот кај возилата е мал, додека предното стакло е големо.

Дами и господа,
Последната деценија на 20 век за нашиот регион беше период на турбуленции. Балканот беше препознатлив по трагедиите на жртвите и стотиците илјади раселени лица.

Првата деценија на 21 век беше период на исцелување на раните и градење мир. Благодарение на бројните иницијативи, меѓу кои се вбројува и денешниот форум, сликата за Балканот е променета. Минатото го заменуваме со желбата и потребата за заедничка иднина во големото европско и евроатлантско семејство. Но, сметам дека можеме многу повеќе.

Верувам дека втората деценија на 21 век, на дијалогот меѓу цивилизациите, треба да биде деценија на конкретни активности. Прегледот на декларациите и документите на досегашните форуми покажува дека е создаден капитал. Капитал кој треба да се инвестира и мултиплицира со конкретизирање на соработката на земјите во сфери од заеднички интерес.

Денес Босна и Херцеговина е домаќин на 10-от по ред форум. Република Македонија, пак, ќе биде домаќин во јуни 2013 година, на 10-годишниот јубилеј од овој вид состаноци. Верувам дека ова ни дава единствена можност да видиме што сме направиле и што треба да направиме за доброто на граѓаните. Нашите граѓани очекуваат и заслужуваат нешто повеќе од политички декларации. Време е да започне новата фаза на конкретни проекти и активности. Јас немам дилема дека целата наша енергија треба да биде насочена кон младите, кон создавање на млади за иднината и иднина за младите. Во тој дух е и Школата за млади лидери, што веќе трета година по ред се одржува во Охрид. Нешто слично би требало да направиме и на регионален план. Да ги подготвиме оние кои ќе не наследат за да можат со своите достигнувања да не надминат.

Почитувани присутни,
Навраќајќи се на темата на годинешниот самит, религиското и културно-историското наследство како темел за поинтензивна соработка меѓу државите, дозволете да споделам со вас некои мои согледувања.
Потребата за дијалог, потребата за отвореност, за комуникација во светот никогаш не била поголема отколку денес. Денес, кога се чувствува сè поголема нетолеранција, религиозен фундаментализам и исклучивост. Во време кога многу општества се соочуваат и се борат со длабока криза на некои морални вредности. Верувам дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот, за зближување и разбирање меѓу луѓето, без разлика на религијата кон која припаѓаат.

Не смееме да заборавиме дека дијалогот ги менува срцата и размислувањата на поединците. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, оптоварувајќи се со измислени непријателства.

Искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир, тогаш кога бил на отворен простор. За тоа најдобро зборува и историјата на овој прекрасен град Мостар. Секогаш, кога Мостар е дел од отворениот простор, тој ја врши својата основна улога на град-мост, град кој ги поврзува и ги обединува различните народи, вери и култури. Секогаш, кога Мостар е дел од затворен, поделен и изолиран простор, се дели неговата мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална душа. Така е со Мостар, така е и со нашите општества.

Ценети екселенции,
Иднината на Балканот зависи од Европа, но и европската иднина делумно зависи од Балканот. Мојата визија и мото отсекогаш биле: „Европскиот мир е неостварлив без балканскиот мир“. Воедно, сметам дека обединувањето на европскиот континент, и напорите за остварување на визијата за „Европа обединета во различностите“ може да се оствари преку примена на моделите на мултиетнички соживот кои постојат на Балканот, особено македонскиот модел. Модел на мултиетничка демократија која подразбира интеграција без асимилација. Верувам дека ваквите позитивни балкански искуства можат да помогнат во обликувањето на европската иднина.



Република Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. На тоа нè потсетува и она што ние на Балканот го знаеме како капиџик, во вистинска смисла на зборот. Познато е од дамнина, дека дури и кога капијата меѓу соседите била затворена, капиџикот секогаш останувал отворен. Отворен за дијалог, размена и помош. Како врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена.

И покрај турбулентните 90-ти години на минатиот век, земјите од Југоисточна Европа денес можат да понудат автентичен модел на мултиетнички, мултирелигиозен и мултијазичен соживот. Соживот кој ја одразува разновидноста на регионот и богатото историско искуство кое се акумулирало низ вековите. Соживот кој дава одговор на дел од предизвиците со кои денес се соочуваат земјите од Европската унија.

Во основата на тоа е искуството на нашите мултиетнички, мултијазични и мултирелигиозни општества. Општества кои со векови овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат долга традиција на соживот и почит. Верувам дека така треба и да продолжиме.

Дами и господа,
Убеден сум дека нашиот регион има неспоредлива предност во однос на многу други региони во Европа и во светот. Во што се состои таа предност? Во текот на долги временски периоди нашиот регион живеел во отворен простор, простор без граници. Тоа овозможи голема интеракција меѓу различностите, во секоја смисла на зборот. Вредностите на толеранцијата, дијалогот и соживотот се вградени во нашиот балкански код. Несреќите дојдоа тогаш кога почна процесот на создавање на границите. Но, постои излез. Овој код кој го имаме треба да биде ставен во функција на иднината. Иднина во која повторно ќе ги релативизираме границите на Балканот. Верувам дека само преку членството во Европската унија можеме да го оствариме ова.

Ви благодарам.
 

Научна конференција по повод 60-годишнината од основањето на Економскиот институт
Среда, 30 Мај 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, како покровител на јубилејот 60 години од основањето на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, се обрати на научната конференција на тема „Предизвиците на науката во економија базирана на знаење – состојби и перспективи“:

Почитувани присутни, дами и господа, драги пријатели,

Денес со гордост го одбележуваме 60-годишниот јубилеј од постоењето и од работењето на Економскиот институт – Скопје. Институт што во изминативе шест децении им овозможи на бројни генерации економисти, истражувачи и студенти да ја создаваат, развиваат и унапредуваат економската наука во Република Македонија. Наука која помогна да се постават столбовите врз кои почива современата македонска економија.

Дами и господа,
Јубилеите претставуваат одлична можност да направиме пресек на она што досега е постигнато, но и да погледнеме во иднината. Тука сме да утврдиме со кои и какви предизвици се соочува науката во економијата базирана на знаење. Да ги утврдиме состојбите, но и да ги споделиме нашите согледувања за перспективите на нашата, македонската економија.

Резултатите зборуваат сами по себе. За разлика од многу земји во светот, Република Македонија денес има монетарна стабилност. Безбројните регулативи, кои долго време ја задушуваа слободата на пазарот, значително се намалени. Можеме да бидеме задоволни од резултатите од борбата против корупцијата. Сведоци сме дека, иако светот минува низ економска криза која не е видена со децении, сепак Македонија има релативно стабилна економија и успева да привлекува странски инвестиции. Но, можеме повеќе.

Ценети присутни,
Некои сметаат дека улогата на државата во поддржување на науката, технологијата и иновациите се мери со тоа колку пари се вложуваат во истражувања и развој. Се согласувам дека парите се важна метрика, но тие го изразуваат само инпутот, а не и аутпутот. Вистинското прашање што треба да се постави е: Kако можеме да постигнеме повеќе со помалку ресурси? Тоа бара иновативен одговор! Тоа бара да размислуваме надвор од рамката. Да бидеме иновативни.

Ако знаењето е средство, тогаш иновативноста е процес. Процес што е во основата на секоја економија базирана врз знаење. Мојата визија за Македонија е земја на трудољубиви, амбициозни и успешни луѓе, земја отворена за странски инвестиции, земја на напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Во центарот на оваа визија е добро втемелена економска наука. Наука која ќе понуди начин за прилагодување на успешните економски модели на македонските услови. Наука која ќе помогне да се зголеми економската моќ на нашето општество. Впрочем, што е економската моќ ако не способност да се примени акумулираното знаење што ќе генерира економски развој и напредок. Затоа, сметам дека нашата најголема инвестиција е образованието. Образование преку кое ќе го култивираме духот на отвореност, инвентивност и решителност.

Со таа мисла, на самиот крај, посакувам Економскиот институт да продолжи да ја збогатува македонската економска наука со нови идеи и перспективи, и успешно да се справува со предизвиците кои ги нуди новото време.

Ви благодарам.


НАТО Самит во Чикаго - Состанок на шефови на држави и влади, учеснички во НАТО мисијата - ИСАФ
Понеделник, 21 Мај 2012

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на состанокот на шефови на држави и влади – учеснички во мисијата на НАТО – ИСАФ во Авганистан:

Ценети екселенции, Дами и господа,
На самиот почеток, дозволете да се приклучам кон сите говорници кои го искажаа своето сочувство за војниците на ИСАФ кои ги дадоа своите животи за слободата и безбедноста на Авганистан.

Би сакал веднаш да истакнам дека со нашите НАТО партнери, ние веќе практично ја отпочнавме реализацијата на новата НАТО стратегија за паметна одбрана. Целосно го поддржуваме овој концепт чија цел е максимизирање на ефективноста и минимизирање на трошоците. Ја поддржуваме и заложбата за финансиска поддршка на авганистанските безбедносни сили, пришто Македонија ќе учествува во рамките на своите можности.

Врз основа на процената на партнерите за повлекувањето на трупите на ИСАФ од Авганистан, Република Македонија во согласност со своите интереси, како и досега, ќе се усогласи со заедничките стратегиски цели.

Славејќи ја 20-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија, ние одбележуваме и 10 години од нашиот активен придонес кон мисијата ИСАФ. Во изминатата деценија, над 2.800 македонски мировници минаа низ 24 ротации. Во овие 10 години, Република Македонија стана еден од петте најголеми контрибутори по глава на жител. Македонија ќе продолжи да се придржува кон својата посветеност кон ова глобално партнерство.

Почитувани присутни,
Нашата посветеност не е само декларативна, туку и реална. Како Претседател и врховен командант, сведок сум на лојалноста, посветеноста и умешноста на македонските мировници. Македонската заложба е континуирана и видлива за сите, за сите членки на НАТО, за сите земји-учеснички во ИСАФ, и најважно, за авганистанскиот народ. Од заштита и одбрана од нападите на главниот штаб на ИСАФ во Кабул, па сè до активно учество во мисијата ФЕНИКС. Застанати под знамето на НАТО, неколкупати одликувани и од најмоќните армии на денешницата, тие се сведоците на македонската решителност и истрајност.

Како активен учесник во ИСАФ, Македонија ги споделува одговорностите, обврските и ризиците. Македонија истовремено очекува да ги споделува и правата и придобивките кои доаѓаат со членството. Македонија и покрај придонесот и покрај целосно исполнетите услови уште од 2008та година, е блокирана на патот кон членство во НАТО од услов кој го поставува членка на Алијансата, услов кој нема никаква корелација со критериумите за членство.

Меѓународниот суд на правда, решавајќи во спорот инциран од мојата земја, донесе пресуда со која однесувањето на нашиот јужен сосед го окараткеризира како незаконски акт.

Ценети екселенции,
Нема да кријам дека нашите граѓани, лидерството на Република Македонија се целосно разочарани од досегашните одлагања. Сега беше потребно да се поправи грешката и неправдата од Букурешт.

Жалиме што Грција не најде сили да се однесува одговорно кон преземените обврски со Времената спогодба. Ваквото однесување е целосно во спротивност со очекувањето на Судот дека Грција нема да го повтори противправното однесување од Букурешт. Очигледно имаме второ кршење на Времената спогодба од страна на Грција.

Ќе повторам, разочарани сме од новото одлагање. Но, за нас, прашањето никогаш не било дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога. И, што поскоро, тоа подобро. Подобро за Македонија, за регионот на Југоисточна Европа и, се разбира, за НАТО и за глобалната безбедност.

Ние со еднаква посветеност и интерес, продолжуваме да се однесуваме како de facto земја-членка на Алијансата. Продолжуваме максимално да го спроведуваме нашиот дел од одговорностите, онака како што се очекува од секоја земја-членка на НАТО.

Дами и господа,
И сега, додека говорам, македонските мировници одговорно се однесуваат и ги извршуваат преземените обврски чувајќи го главниот штаб на ИСАФ во Кабул, заедно со вашите горди жени и мажи во униформа. Политиката е безмилосна кон македонските мировници кои што секој ден го ризикуваат животот за да донесат слобода и безбедност во Авганистан. Но политиката е безмилосна и кон сите граѓани на Македонија кои неможат да ги користат придобивките од членството во Алијансата. Taa e резултат на неодговорни политичари кај нашиот сосед, кои криејќи се зад консензусот, не само што го ставаат НАТО во една непријатна ситуација да брани неодбранливи, од аспект на меѓународното право, позициии, туку спротивно на сите правила и норми на однесување не придонесуваат за стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Уверен сум дека сите вие што ме слушате овде го знаете ова. И знаете дека ова одлагање не е наш неуспех.

Животот нè научил никогаш да не потклекнуваме пред предизвиците. Генерации и генерации, Македонци, се вградиле во борбата за правда, мир, безбедност и развој за сите. Со истрајна работа кон заедничките цели и вербата дека правдата и разумот секогаш победуваат, иако понекогаш доцнат, остануваме доследни на преземените обврски.

Ви благодарам.

 

Колумна на претседателот Иванов во реномираниот Чикаго Трибјун, насловена „Македонското членство“
Сабота, 19 Мај 2012

Шефовите на државите членки на НАТО ќе се сретнат утре и во понеделник, а долгорочната политика на отворени врати на алијансата, која гарантира членство на сите европски демократии, ќе биде ставена на тест со очекуваното членство на Република Македонија.

Со децении, членството во НАТО ветуваше мир и сигурност за нациите кои се пројавија од другата страна на Железната завеса. Но, иако македонските војници отслужуваат во Авганистан бранејќи ги портите на седиштето на НАТО во Кабул, нашата нација сеуште чека на прагот на алијансата на остварување на тоа ветување.

Македонија континуирано ја демонстрираше посветеноста на преку-атлантските безбедности интереси. Дури и сега нашиот парламент едногласно ги одобрува сите барања на НАТО за дополнителни воени трупи. Додека другите нации се повлекуваа, Македонците сé повеќе се вовлекуваа.

Нашата порака е едноставна: Ние ќе продолжиме да стоиме до американските и НАТО трупи, без приговори, сé додека сме потребни.

Како еден од најголемите придонесувачи на мисијата во Авганистан, пропорционално со бројот на жители, Македонија сериозно инвестираше во резултатот од дебатата за таа нација. Оттаму, повеќе би преферирале да учествуваме во таа конверзација како НАТО членка, отколку да ја набљудуваме како публика. И како нација присутна на теренот, но сеуште без глас во мисијата, Република Македонија верува дека проширувањето на НАТО ќе има заслужено место на агендата на самитот во Чикаго.

Теоретски, патот кон НАТО членство е јасен: Секоја европска демократија која ги исполнува критериумите за членство – како зајакнување на владеењето на правото, обезбедување слободна на медиумите, борба со корупцијата и одржување слободни и фер избори – ќе биде поканета за се приклучи на алијансата. Сепак, за Република Македонија овој пат беше полн со неочекувани пресврти и пречки.

На самитот на НАТО во Букурешт во 2008, членките на алијансата едногласно се согласија дека Македонија го испони секој услов за членство. Но, и покрај тој консензус, влезот на Македонија во НАТО беше ставен под вето од страна на Грција, поради повеќегодишниот спор околу името на нашата земја. И само поради таа една причина, Макеоднија останува на прагот на НАТО.

Нашите правни позиции беа потвредени со скорешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата која наведува дека Грција во 2008 година го прекрши меѓународното право. Нашата нација, пак, ги поздрави чекорите на Конгресот на САД – имено, воведувањето на Актот за проширување на НАТО од 2012, како и повикот од страна на 54 членови на Конгресот до претседателот Барак Обама да го поддржи македонското членство во НАТО во Чикаго. И во други НАТО престолнини, исто така, има растечки консензус дека Македонија не треба да биде безпотребно попречувана да се приклучи на Алијансата.

Македонија може да го земе своето заслужено место во НАТО доколку Грција ја едноставно ја испочитува Времената спогодба од 1995 година, склучена со поддршка на американските власти и помогната од Ричард Холбрук, со која Грција се обврза да не го попречува македонското членство во меѓународни организации под времената референца.

Македонија останува силно посветена на изнаоѓање трајно, заемно прифатливо решение за спорот за името, и ќе продолжи да работи кон постигнување договор кој во исто време ќе ги зачува нашиот национален идентитет и достоинство, воедно имајќи ги во вид и грчките интереси. Но, состојбата на статус кво во врска со нашата апликација за членство во НАТО е неодржлива, како за нашата земја, така и за регионот и за Алијансата.

Таа состојба не е одржлива ниту за САД. Република Македонија е на другата страна на светот, но нашата ситуација директно ги засега националните безбедносни интереси на САД. Повеќе од две децении, САД значително инвестираат во стабилноста на југоисточна Европа. Конгресот и последователните администрации, во конинуитет го признаваат значењето на НАТО проширувањето, и го поддржуваат брзиот прием на сите демократски европски држави кои ги исполнуваат потребните критериуми.

Сепак во практика, членството на Македонија од 2008 наваму, беше предмет на интерпретација на само една нација. Оваа безизлезна ситуација успеа да ги затвори вратите на НАТО за нас, и на долг рок ја поткопува тешко стекнатата стабилност во југоисточна Европа.

Македонија, заедно со други балкански нации, е подготвена, има волја и капацитет еднакво да придонесува во безбедноста на Европа. Се надеваме дека НАТО лидерите во Чикаго ќе успеат барем да обезбедат непречен пат за нашето членство. Сите земји аспиранти, но и сите земји-членки, ќе изгубат доколку НАТО одлучи да ја држи својата врата затворена.

--Ѓорге Иванов, Претседател на Република Макеоднија

Пристапете до колумната преку веб-порталот на
Chicago Tribune
 

Конференција за значењето и улогата на активниот и резервниот состав на вооружените сили во 21 век
Понеделник, 23 Април 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов на воведната сесија на конференцијата „Улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во поддршката на нивните мисии и задачи во регионалната и глобалната безбедносна средина во 21 век“:

Почитуван министер за одбрана Бесими, почитуван началник на Генералштабот на Армијата, генерал Котески, почитуван генерал Николовски, ценети гости, дами и господа,

Во годината кога прославуваме две децении од формирањето на Армијата на Република Македонија, со задоволство ја прифатив поканата да учествувам на овој настан. Настан посветен на значењето и улогата на активниот состав и на резервата на вооружените сили во 21 век.

Неодамна, заедно ја одбележавме 20-годишнината од денот кога составот на резервни воени старешини ја презедоа одбраната на границата на нашата татковина. Тоа е патриотизам на дело, посветеност која не завршува во моментот кога ќе ја соблечете униформата. Посветеност за која сме ви благодарни.

Почитувани присутни,
Истрајноста е одлика на храбрите. Знаеме дека храброста на резервниот состав на Армијата на Република Македонија и натаму останува еднакво силна и непроменета. Од друга страна, светот се менува. За да биде одржлива, безбедноста во 21 век треба да биде сеопфатна. Треба да ја гарантира сигурноста и на поединецот и на општеството. И на државата, но и на меѓународната заедница.

Ризиците од еден дел на светот се пресликуваат и во другите делови на светот. Предизвиците на новото време – глобалниот тероризам, пролиферацијата на оружја за масовно уништување, меѓународниот организиран криминал, претставуваат закана за сите нас. Затоа, ние инвестираме во нашата и во европската безбедност. Затоа, Република Македонија континуирано ги става на располагање своите мировници за одбрана на вредностите на слободата и демократијата во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан.

Верувам дека и во овие променети услови можеме да сметаме на вас. Сакам да знаете дека постои реална потреба за резервните сили. Имаме активен состав на Армијата на Република Македонија, но имаме предвидено и активна резерва. Верувам дека резервната компонента треба да има соодветна улога и место во Армијата на Република Македонија. Армија која ги исполни критериумите за членство во НАТО.

За жал, како што е многупати досега констатирано, формално, иако не и суштински, нашата желба е попречена и тоа поради еден апсурден и наметнат спор. Не сме задоволни, но не сме ни обесхрабрени. И покрај незадоволството, ние нема да го напуштиме партнерството. И покрај препреката, остануваме фокусирани на она што е наш дел од обврските. Исправноста на нашето досегашно одговорно однесување беше само потврдена со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресуда што нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Сево ова подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО. Почитувањето на пресудата, на меѓународното право, и конечно, на Времената спогодба, налага во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.

На самиот крај, на организаторите и на учесниците на оваа значајна конференција сакам да им посакам успешна работа.

Ви благодарам.


Да создадеме економија чиј главен двигател ќе бидат иновациите - Балкански инвестициски форум
Среда, 18 Април 2012

Обраќање на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на првиот Балкански инвестициски форум, кој се одржува под негово покровителство, а во организација на Балкан Унлимитед.

Почитувани, ценети екселенции, дами и господа,

Ми претставува особено задоволство да ви посакам добредојде на првиот Балкански инвестициски форум во Скопје. Овој значаен настан ја става Македонија на мапата на постојните европски средби на претприемачи, иноватори и инвеститори. Од денес, Македонија и нејзините регионални соседи официјално се вмрежуваат во големото европско семејство на инвеститори и претприемачи во иновативните сектори. Преку ваквите средби се промовираат размените на новитети, искуства и можности кои на претприемачите им помагаат да ги спроведат на дело своите бизнис-идеи.

Знаеме дека една идеја може да промени сè. Бил Гејтс имал идеја, но кога почнал да бара инвеститори, некои го одбиле, сметајќи ја неговата идеја за премногу ризична. Можеме да претпоставиме како се чувствуваат денес. Затоа, верувам дека токму ваквите настани се предизвик и можност за презентирање нови идеи. Идеи кои можат да создадат соработка од која се раѓаат следниот Епл, Мајкрософт, Скајп, Џенентек.

Информатичко-комуникациските технологии го менуваат светот во кој живееме, или како што вели Томас Фридман, светот го прават рамен. А, рамниот свет е еднакво достапен до сите оние поединци и групи, земји и региони кои се вклучени во овој глобален феномен. Тоа е можно денес, во време на глобализација, во време кога секоја компанија може да ги продава своите производи преку Интернет.

Особено ме радува тоа што на овој инвестициски форум гледам голем број меѓународни инвеститори. Сигурен сум дека овде ќе најдат високотехнолошки иноватори и претприемачи од Балканот и со нив ќе создадат инвеститорски и стратешки партнерства.

Почитувани,
Некои сметаат дека улогата на Владата и, воопшто, државата во поддржување на науката, технологијата и иновациите - се мери со тоа колку пари се вложуваат во истражувања и развој. Парите се важна метрика, но тие го изразуваат само инпутот, а не и аутпутот. Вистинското прашање што јас го поставувам е: Kако можеме да постигнеме повеќе со помалку ресурси? Тоа бара иновативен одговор! Тоа бара да размислуваме надвор од рамката.

Постојат разни показатели за економската развиеност на една земја, како што се, на пример: бруто-домашниот производ, големината на странските инвестиции, инфраструктурата и енергетиката. Но, вистинската движечка сила за економскиот развој на една земја се токму претприемачите и иноваторите. Вие, кои размислувате поинаку од другите, сте вистинските поттикнувачи на економскиот развој, двигатели и лидери на општествениот напредок.

Доколку прашате претприемач: Во што се состои најголемиот предизвик за започнување  некој бизнис, најчестиот одговор е: Да се најдат и да се задржат вредните луѓе. Работливоста е скапоцена, бидејќи тешко се наоѓа. Но, ве уверувам дека нашиот најголем ресурс се токму нашите граѓани со нивната работливост, креативност и посветеност.

Нашата најголема инвестиција е едукација на генерациите кои доаѓаат. Притоа, наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност и решителност. Преку отвореноста, се ослободуваме од традиционалните, застарени начини на размислување кои нè ограничуваат и кои ни стојат на патот кон иднината. Преку инвентивноста ги создаваме идеите кои ќе ја придвижат економијата, науката и општеството. А преку решителноста, се натпреваруваме со ризикот. Впрочем, да се биде претприемач значи токму тоа – натпревар со ризикот. Човек кој не се откажува дури и кога не успева, на крајот секако ќе успее. Сè што е потребно е да има волја да продолжи. Затоа, не треба да се плашиме, туку да учиме од неуспехот. Во услови кога Интернетот ги глобализира и ги локализира светот и светската економија, нема поголем ризик од тоа да не се презема ризик.

Почитувани присутни,
Светот сè уште закрепнува од глобалната економска и финансиска криза. Единствениот начин на кој можеме успешно да ја пребродиме кризата и да создадеме одржлива економија втемелена врз слободниот пазар, конкурентноста и квалитетот, е да ја охрабриме работата на малите и средни претпријатија. Тие се носители на економскиот развој на секоја успешна земја.

Нашата визија е да создадеме економија во која главен двигател ќе бидат токму иновациите. Нашата цел е Република Македонија да стане земја на иноватори и иновации. Верувам дека истата визија ја споделуваат и нашите соседи. Заедно можеме да придонесеме во развојот и создавање пазар. Пазар во кој компаниите, малите и средни претпријатија ќе се натпреваруваат секогаш со нови и единствени идеи, производи и услуги, користејќи ги притоа софистицираните производни процеси. На нас останува да создадеме поволни услови преку стратешко планирање, создавање соодветна законодавна рамка и институционален развој. Бизнисмените и инвеститорите ќе ги согледаат потенцијалите и ќе  обезбедат потребна финансиска поддршка.

Верувам дека оваа значајна конференција е платформа за таквиот развој бидејќи ја поттикнува синергијата меѓу инвеститорите, претприемачите, иноваторите, научниците, носителите на одлуки и бизнисмените, на национално и регионално ниво. Воедно, ја поттикнува иновацијата како една од најисплатливите инвестиции. Убеден сум дека овој настан за многумина менаџери и претприемачи ќе биде инкубатор за нови бизниси и за освојување на нови пазари. Особено ме радува што е прв во низата слични планирани годишни форуми во регионот.

На самиот крај, би сакал да ви порачам: Tempus fugit - carpe diem! Времето лета – искористете го денот! Искористете ги можностите кои се пред вас. Склучувајте партнерства, инвестирајте во Република Македонија, инвестирајте во нашиот регион. Завршувајќи со оваа мисла, го прогласувам првиот Балкански инвестициски форум за отворен!

Ви благодарам.


 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 46 од 64