Говори и обраќања
Македонскиот народ е горд на Киро Глигоров – комеморативна седница во Собранието на Република Македонија
Вторник, 03 Јануари 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес со своето обраќање на комеморативната седница во Собранието на Република Македонија, му оддаде последна почит на првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија, Киро Глигоров.

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Вчера со голема жал ја примивме веста за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Во овие тешки мигови на загуба би сакал да упатам изрази на искрено сочувство до семејството на претседателот Киро Глигоров, како и до сите граѓани на Република Македонија. Низ неговиот живот и работа, тој одбележа еден исклучително важен период за нашата земја.

Ценети присутни,

Кога прв пат беше избран за претседател на Република Македонија, Киро Глигоров го заврши своето инаугуративно обраќање во македонското Собрание со познатата историска максима: „Македонија е сè што имаме“. Преку таа мисла, тој го пренесе заветот на нашите предци. Затоа, денес, кога се простуваме од човекот кој е нераскинлив дел и од АСНОМ и од независна Република Македонија, се сеќаваме за тоа што Македонија претставуваше за него, но и за сите нас.

Киро Глигоров е роден во Штип, на 3 мај 1917 година, основното училиште го завршил во 1928 година, а гимназија во 1936 година, додека во јули 1939 година дипломирал на Правниот факултет во Белград. По завршувањето на студиите, кратко време работи како приправник во адвокатска канцеларија во Белград, а за време на германската окупација се вратил во Скопје, каде работел како правник. Во текот на Втората светска војна, да се вклучи во Народноослободителната борба, притоа тесно соработувајќи со револуционерот Кузман Јосифовски-Питу.

Во 1943 година станува член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), а потоа, во 1944 година, станува секретар на Иницијативниот одбор за формирање на АСНОМ. На првото, историско заседание на АСНОМ, младиот правник, Киро Глигоров, учествува како записничар, но и автор на еден од политичките реферати. Подоцна ќе биде избран и за претставник на Македонија на АВНОЈ во Вис. Со сево ова, Глигоров се вгради во темелите на македонската државност. Потоа, врз тие темели, речиси половина век подоцна, ќе се вклучи во градењето на суверена, независна и самостојна Република Македонија.

Но, во меѓупериодот, во рамките на Социјалистичка Југославија, Киро Глигоров извршуваше многу високи, одговорни, државни и партиски должности. Да си спомнеме на неколку од нив: Од 1945 до 1947 година бил помошник на генералниот секретар на Владата на Федеративна Народна Република Југославија. Од 1947 до 1948 година работи во Министерството за финансии на ФНРЈ, а од 1948 до 1952 година како министер за финансии. Од 1952 до 1953 година бил помошник на претседателот на Економскиот совет на Владата на ФНРЈ, Борис Кидриќ. Во 1962 година бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1962 до 1967 година бил сојузен секретар за финансии.

Во 1963 година, веднаш по катастрофалниот скопски земјотрес, бил задолжен за обновувањето на Скопје. Во два наврата, во 1969 и 1972 година, бил избран за член на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Од 1971 до 1972 година е член на Претседателството на СФРЈ. Од 1974 до 1978 година бил претседател на Сојузното собрание на СФРЈ. Во 1987 година се пензионира, а веќе во 1989 година се вклучува во реформскиот тим на Анте Марковиќ.

Киро Глигоров, како функционер на тогашна Југославија, поседува завидно ниво на познавање на принципите на здравата, пазарна економија и оди и чекор понатаму од обидите за реформирање на економијата. Неговите повици за реформи на југословенската економија јасно укажуваат дека економските реформи треба да се гледаат како прв чекор кон сеопфатни политички и општествени реформи.


Должна почит на Глигоров мора да му се оддаде со укажување на фактот дека се залагал и практично работел кон демократизација на тогашна Југославија. Уште повеќе, тој разбира дека не може да постојат економски права и слободи, на ниво на претпријатие или на ниво на човек – поединец, без тоа да доведе кон политички права и слободи, и ограничување на улогата на тогаш семоќната централна држава.


Последната политичка кампања во неговиот живот беше токму едно потсетување на реформите спроведени во некогашна Југославија. Сметам дека тоа беше негов обид, да испрати уште една порака, до Македонија. Не да се обидува да го одбрани социјализмот, туку порака дека треба да научиме од лекциите од минатото, да видиме со какви проблеми сме се соочиле при создавањето на здрава економија, и што сме научиле од тоа.

Сепак, набргу се покажа дека реформирањето на еден систем со суштински противречности е задоцнето. Заедничката држава се распаѓаше, некаде крваво, а кај нас, во Македонија, тој процес на стекнување на независноста, за среќа, се одвиваше мирно. Но Македонија се соочи со низа предизвици, грчкото ембарго и блокадата на евроатлантските интеграции, војните во соседството и етничките превирања дома, траумите при трансформацијата на државниот капитал. Заслугата за мирното заминување од југословенската федерација треба да се бара токму кај Киро Глигоров, кој по многу нешта беше нетипичен лидер.

Почитувани,

Во судбоносната 1991 година, на 25 јануари, македонското Собрание го избра Киро Глигоров за прв претседател на Република Македонија, кој, мандатот за составување на првата, експертска влада му го додели на Никола Кљусев. Пред речиси една година ја имавме честа заедно со Глигоров да ја одбележиме и 20-годишнината од неговото стапување на функцијата. А веќе денес го нема.

Во мугрите на прогласувањето на независноста, повикувајќи се на живите и свежи спомени од АСНОМ, Киро Глигоров истакна дека „живееме во време кога македонскиот народ повторно треба да донесува судбоносни одлуки, не помалку важни од оние што ги донесе во 1941 и 1944 година“ и дека е дојдено времето за изградба на Македонија како „модерна парламентарна држава со целосно почитување на сите човекови права, да биде отворена кон светот и со европска опција“.

Како прв претседател на независна и суверена Република Македонија, ја имаше историската улога да биде на чело на државата во времето кога беше негирана, блокирана и игнорирана, и внимателно и трпеливо го пробиваше патот кон меѓународното признавање на нашата земја.

Беше човек кој успешно и мудро ја водеше државата во немирни времиња. На чело на територијално мала држава, без сопствена армија и оружје, без меѓународно признат статус, Глигоров ја согледа опасноста од прелевањето на југословенската криза во Македонија, успеа да издејствува повлекување на сите македонски војници од ЈНА. Но, исто така, постигна договор и за мирно повлекување на ЈНА од територијата на Македонија, па и по цена ЈНА да го однесе сето оружје. Подоцна се покажа дека благодарение на ваквиот чекор, Киро Глигоров го оневозможил планот на Самарас и Милошевиќ за дестабилизација на Македонија.


Следуваше историскиот референдум на кој огромно мнозинство од македонските граѓани се изјаснија за независна и суверена Македонија. Неодамна, на плоштадот Македонија одбележавме 20 години од денот кога претседателот Глигоров, премиерот Кљусев и другите тогашни водачи на Македонија, од истиот тој плоштад, на граѓаните им го честитаа прогласувањето на независна држава.


Воден од идејата да се биде свој на своето, да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект, Глигоров апелираше до меѓународната заедница да ја признае Македонија, истакнувајќи дека „официјалното признавање ќе и овозможи на државата Македонија да воспостави, врз исправна и стабилна основа, односи со другите држави“. Денес, 133 држави ја признаваат нашата земја под уставното име. Киро Глигоров доживеа да ја види Македонија како стабилна и напредна држава, меѓународно признаена и препознаена.


Голема е неговата служба за интересите на Република Македонија и македонскиот народ. Но, она за што ние и идните генерации ќе бидеме благодарни е, секако, неговата улога во стекнувањето на независноста и етаблирањето на Република Македонија во меѓународната заедница. По долготрајни одложувања, поради грчките противења на признавањето на Македонија и приемот во меѓународните организации, на 7 април 1993 година, на денот на приемот на Република Македонија во Светската организација како 181-ва држава-членка, Глигоров стана првиот македонски претседател кој се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде изјави дека „со овој чин се круниса повеќевековниот стремеж на македонскиот народ и неговата 130-годишна борба за слобода и независна држава“.

За време на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров успешно и мудро ја водеше државата во турбулентни времиња. Некои посегнаа и по неговиот живот. Но, тој ги преживеа и балканските виори, и предизвиците и атентатот. Благодарение на неговата мирољубива политика, остана да биде почитуван и во земјата и во регионот.

Сè на сè, животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Во еден ист човечки живот, да се биде соработник и на Шатев и на Влахов, и на Панко Брашнаров и на Ченто, да се биде и на АСНОМ и на основањето на независната република 47 години подоцна. На 74-годишна возраст да се застане на чело на државата. Тој беше еден од протагонистите на независноста. Затоа, сакам да им порачам на членовите на семејството на поранешниот претседател: Бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на него. Македонскиот народ секогаш знаел да ги слави и вреднува сите оние што тоа го заслужуваат.

Нека му е вечна слава!

 

Честитка од претседателот Иванов до граѓаните на Република Македонија за Новата 2012 година
Петок, 30 Декември 2011

Почитувани граѓани на Република Македонија,
На истекот на 2011 година, дозволете ми, со вас да споделам некои чувства за годината што измина, и за моите очекувања од годината која ја пречекуваме.

Македонија и во 2011 година успешно се соочи со разни предизвици. Имавме многу причини за радување. Напредувавме на економски план. Поминавме низ уште еден изборен циклус кој го збогати нашето искуство како развиена европска демократија. Ги потврдивме оценките на нашиот развој. Сепак патот кон нашите врвни стратешки цели остана блокиран. Но, нема место за обесхрабрување. Ќе успееме, ќе ги реализираме нашите цели, Македонија - членка на НАТО и Македонија членка на ЕУ.

Почитувани,
Нашиот пат кон воспоставување на призната, рамноправна држава, никогаш не бил лесен. Но, тоа е тоа што не прави силни. Соочувањето со тешкотиите не направи поцврсти и порешителни. Ние ја немавме таа привилегија да чекориме по лесниот пат, туку моравме сами да се пробиваме, секако, благодарение на мудроста на нашите граѓани и на скапоцената помош на нашите пријатели низ светот.

Реформите кои ги спроведовме, и кои се уште ги спроведуваме, се одраз на свеста дека мораме самите да изградиме солиден и пристоен дом за нас и за нашите семејства. Ние не чекаме некој друг да ги заврши нашите обврски, како што не ги обвинуваме ниту другите за нашите пропусти. Македонија во новата 2012 година влегува сигурна во себе. Свесни сме дека се потврди нашето одговорно и сериозно однесување. Потребните потврди ги добивме од надвор, но уште поважно од дома. Македонија останува цврсто всадена во реалноста, во сериозниот однос кон својата економија, кон односите со соседите, кон регионалната безбедност.

Во 2011 година, како никогаш досега, успесите на нашите спортисти не сплотија како народ. Заедно излеговме на плоштадите и чекавме пред малите екрани да ги одбележиме нивните успеси, исто како што заедно излеговме да ја одбележиме 20-годишнината од нашата независност.

Во 2012 година, посакувам секој од нас да се радува на своите успеси, како што тоа го правевме во годината која изминува. Да се радуваме на своите успеси во професијата, на успешниот работен ден. Да се радуваме на добрата земјоделска година, на новите освоени пазари за нашите производи. Да се радуваме на успесите во школувањето, на стекнатото знаење и проширените погледи кон светот. Посакувам да се радуваме на проширувањето на семејството и на семејните слави и веселби.

Почитувани, на крајот ќе ве замолам да одвоите малку време од празнувањето на божиќните и новогодишните празници, за нашите мисли, молитви и изрази на благодарност да ги насочиме кон македонските војници кои се на служба во Авганистан, во Босна и Херцеговина, во Либан. Нашите војници, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Нашите браќа и сестри, синови и ќерки кои го бранат знамето на Република Македонија, ги бранат и нашиот мир, нашите вредности и нашето место во меѓународното семејство на народи. Ним им ја должиме нашата благодарност.

Почитувани граѓани,
Македонија е земја во која заеднички ги празнуваме нашите празници и слави. Ова е периодот од годината кога ги одбележавме Курбан-бајрам и Ханука. Кога го одбележуваме Рождеството Христово. Затоа, драги пријатели, дозволете ми на крајот во мое име, и во име на моето семејство, да ви посакам празничните денови да ви минат во мир и благосостојба. Посакувам во овој период од годината да можете да се навратите на успесите од 2011 година и да ги направите плановите за следната година. Да зачекорите по патот кој ќе ви донесе многу здравје, многу радост, многу среќа и благосостојба. Благословена нека биде Новата 2012 година!




Доделување Mедали за храброст - Македонија е среќна што има луѓе подготвени да спасат нечиј живот
Среда, 21 Декември 2011

Почитувани присутни,
Ценети гости, Дами и господа,

Во годинава која изминува прославуваме две децении од независноста на нашата татковина, Република Македонија. А денес, на мое големо задоволство и гордост, се сеќаваме на неколкуте храбри поединци.

Храброста и пожртвуваноста се меѓу основните, но, сепак ретки човечки доблести. Понекогаш толку ретки што некои луѓе се прашуваат дали денес, во овој современ свет, воопшто ги има. Многу сум среќен и горд што луѓето кои ги одликувам денес го дадоа дефинитивниот одговор. Не само што е присутна, туку храброста во македонското општество ја одразува онаа темелна човечност која не познава и не признава етнички, религиски или јазични разлики. А, притоа, единственото нешто што е важно е да им се подаде рака на оние чиишто животи се во опасност.

Храбри граѓани на Република Македонија, сакам да ви кажам дека значењето на вашите дела е дотолку поголемо бидејќи покажавте дека вистинскиот хероизам не произлегува од желбата да се биде подобар од другите и по цена на сопствениот живот. Напротив, вистинскиот хероизам извира од желбата да им се помогне на другите и по цена на сопствениот живот. Со вашата искрена пожртвуваност, направивте големи дела и со тоа давате пример на останатите.

Како врховен командант, горд сум на храброста на припадниците на полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија: потполковник Јордев, мајор Војнески, мајор Велков, постар водник Стоилов, постар водник Ристов и водник Трајков. Сите вие учествувавте во една исклучително опасна мисија, во март минатата година, за извлекување на телото на настраданиот рудар Влатко Илковски. Вие професионално ја извршивте вашата задача, а со тоа ја зацврстивте и довербата на македонските граѓани кон својата армија.

Почитувани,

Исклучително сум среќен што денес со нас е и Сами Нуредини. Уверен дека „човечкиот живот е најсвето нешто “, нашиот храбар Сами без двоумење скокна во студените јануарски води на реката Вардар за да ја спаси младата девојка која се давеше. И тоа не му е прв пат. Верувам дека сите ние се сеќаваме на неговата храброст, на летото 2009 година, кога Сами му го спаси животот на детето кое се давеше во водите на реката Треска во Сарај.

Нашите храбри луѓе на дело покажаа дека човекот не треба да го живее животот само за себе, туку да им помага на оние кои се во неволја.

Затоа, сакам да знаете дека сме ви благодарни за она што го направивте. Бидете уверени дека нашата татковина Македонија е среќна што има вакви храбри луѓе кои се подготвени да спасат нечиј живот. Среќна бидејќи, сè додека Македонија е земја на храбрите, до тогаш ќе биде и земја на чесните, доблесните и човечните, што го ценат животот како дар од Бога.

Поради исклучителната храброст, пожртвуваност и истрајност, вие сте докажани и заслужни чеда на Македонија. Затоа, во знак на нашата длабока почит и благодарност кон сите вас, имам особена чест и задоволство да ве одликувам со Mедал за храброст.




Писмо на поддршка од Претседателот Иванов за Манифестацијата „Сајт на годината“
Вторник, 20 Декември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, како еден од главните поддржувачи на манифестацијата „Сајт на годината“, на која се избираат најдобрите македонски веб-страни за 2011 година, го испрати следното писмо до организаторите и победниците:

Почитувани,

Интернет технологијата и веб-страните се прозорецот на времето во кое живееме, овозможувајќи ни најбрз и најефективен начин на комуникација, пренос и презентација на информации и содржини. Ме радува фактот што Република Македонија во ниеден момент не заостанува зад светските трендови и иновации во сферата на веб-технологијата, и што македонските сајтови според квалитетот, дизајнот и функционалноста се вбројуваат меѓу најдобрите. Тоа го потврдува и острата конкуренција на веб-страни кои годинава влегоа во потесен избор за признанието „Најдобар сајт на годината“.

Би сакал да ги упатам моите срдечни честитки до организаторите за иницијативата и за организацијата на оваа манифестација. Се надевам дека овој избор ќе претставува поттик за многу институции, организации, компании, групи и индивидуалци, уште поактивно да ги користат предностите овозможени преку информатичките технологии и да продолжат и понатаму да се наптреваруваат преку иновативноста и креативноста на нивните веб-решенија.

Воедно ги упатувам и моите најсрдечни честитки до овогодинешните победници во сите категории и им посакувам да продолжат со успешната работа како и досега.


Со почит,
д-р Ѓорге Иванов



Македонско-српски бизнис форум - партнерство, заеднички настап на трети пазари, заеднички вложувања
Петок, 16 Декември 2011

Почитуван претседателе Тадиќ,
Почитувани стопанственици,
Драги гости,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство што имам можност денес да се обратам на овој бизнис-настан. Ја користам оваа прилика да ве поздравам и, воедно, да ги споделам со вас моите согледувања за економските аспекти на соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.

Почитувани,

Ние одлично се познаваме. Двете наши економии, исто како што е случајот и со двете наши општества, се комплементарни и упатени една на друга. Ако некогаш нашите занаетчии, трговци и терзии соработувале и економски напредувале во „балканската чаршија“, денес, економската соработка е на ниво на стопанства. Српските производи и брендови уживаат голем углед кај македонските граѓани, исто како што и бројни македонски брендови се прифатени од српските граѓани. Нашите стопанственици континуирано ги користат придобивките од традиционално добрите политички и економски односи, поради што Република Србија е еден од најзначајните стопански партнери на Република Македонија, и обратно.

За тоа, верувајте, зборуваат добрите искуства. Вкупниот обем на трговската размена во периодот од јануари до април 2011 година изнесува околу 598 милиони американски долари. Само во периодот од 2010 до 2011 година, трговската размена меѓу двете земји е зголемена за 25.4%, и тоа со паралелно зголемување како на увозот, така и на извозот на стоки. Сепак, поради дефицитот на македонската страна, потребно е урамнотежување на трговската размена.

Дами и господа,

Овој бизнис-форум се одржува во услови кога и владите и стопанствениците се обидуваат да ги надминат последиците од светската економска и финансиска криза. Излезот, верувам, лежи во поголемата соработка меѓу компаниите од двете земји, со дополнителни начини на партнерство, преку заеднички настап на трети пазари, заеднички вложувања, преку повисока форма на соработка и други проекти од заемен интерес.

Владите на двете држави се тука да ги подобрат условите за соработка преку поддршка на клучни инфраструктурни проекти, како што се Коридорот 10, гасоводното поврзување, но, и изградбата на далноводот Ниш – Куманово.

Економските показатели во досегашниот тек на 2011, односно остварувањето на планираниот економски раст, зголемувањето на индустриското производство, зголемувањето на извозот, укажуваат на подобра перспектива. Република Македонија во првите девет месеци на 2011 година бележи зголемување на надворешнотрговската размена со стоки за околу 38% во однос на истиот период од минатата година. Притоа, европскиот и регионалниот балкански пазар се најзначајните надворешни пазари на Република Македонија. Ова се должи и на воспоставената правна рамка за трговија меѓу Република Македонија и земјите од Европската унија и Западен Балкан. Особено сакам да потенцирам дека ЦЕФТА договорот, на земјите од регионот, им ја даде можноста за користење на единствената зона на слободна трговија, која ќе биде особено поволна за економскиот развој на нашиот регион и неговото европско интегрирање.

Почитувани стопанственици,

Република Македонија, сите свои сили и потенцијали ги насочи кон економскиот развој во креирање поволен економски амбиент. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува под 26% од бруто-домашниот производ. Се очекува до крајот на годината да се постигне годишен раст на бруто-домашниот производ. Впрочем, постигнатите резултати на овој план придонесоа Македонија да се вброи во трите топ-реформатори во согласност со реномираниот „Doing Business“ извештај на Светска банка за 2011 година.

Во делот на даночната политика се воведени ниски и рамни даноци од 10%. Зголемена е флексибилноста на пазарот на трудот. Спроведени се реформи во администрацијата, судството, финансискиот сектор, образованието и земјоделството, а се зголемени и инвестициите во инфраструктурата и во енергетиката.

Затоа, ги повикувам српските бизнисмени да ги искористат компаративните предности на Македонија при реализација на нивните бизнис-планови, не само за нашиот пазар, туку и за целиот регион. Република Македонија и натаму останува отворена за соработка и за давање неизмерна поддршка на вашите компании.

На самиот крај, ви посакувам успешна работа и ви благодарам на вниманието.

 

Годишно обраќање на претседателот, д-р Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија
Четврток, 15 Декември 2011

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Ова е мое трето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија, но прво во овој состав на пратеници. Обраќањето, исто така, се совпаѓа и со половината од мојот мандат. Ова обраќање е во година, кога славиме јубилеи, победи и успеси. Но, поради важноста и актуелностите поврзани со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, годишното обраќање ќе го започнам по обратен, невообичаен редослед.

Верувам дека сите го споделуваме чувството на победа на правдата со пресудата од Хаг. Република Македонија во Хаг извојува една голема дипломатска и правна победа. Победа која значи потврдување на кредибилитетот на нашата надворешна политика, на нашето однесување во меѓународното општество. За жал, следниот чекор во интеграцијата во Европската унија ни е блокиран по трет пат, и тоа не по наша вина. Направивме сè што требаше, сè што беше побарано од нас.

На овие два настана ќе се задржам, поединечно.

Меѓународниот суд на правдата го даде одговорот. Тој одговор е најавторитетен доказ за нашата политика. Да бидам јасен и прецизен, овој процес не го посакувавме. Да не беше ветото во Букурешт, сè ќе беше поинаку. Но, бевме принудени, бевме соочени со неправда, со неисполнување на договорната обврска од страна на Грција што создаваше реални последици за Република Македонија. Затоа, тужбата беше неизбежен потег. Пресудата го потврди она што ние веќе го знаевме. Но, пресудата е најсилниот можен правен аргумент кој воопшто постои во денешниот развој на меѓународно-правниот поредок. Зашто, обврска и одговорност на сите е почитување на меѓународното право како основа на меѓународниот поредок. Оттаму, обврска и одговорност на меѓународната заедница е сега да преземе сè што е потребно за да се помести status quo состојбата во однос на интеграциите на Република Македонија.

Треба волја и одговорно однесување. Пресудата е резултат на погрешно однесување на една владејачка структура на нашиот сосед. Таа е шанса за Грција, за сите нас, за регионот. Почитувањето на пресудата, на Времената спогодба, на меѓународното право е рамката која ќе придонесе за уште поволен амбиент во односите меѓу двата соседа.

Имаме идеална можност за историски исчекор. Пресудата од Хаг, освен што ја легитимира нашата досегашна политика и ни го зголемува угледот, има и уште една голема и значајна димензија: Таа е рамка во која се регулираат прашања кои се исклучително значајни за однесувањето на двете страни во почитувањето на обврските од Времената спогодба. Пресудата потврди дека Република Македонија  може да го употребува своето уставно име во рамки на меѓународни организации во кои членува и Грција. Обвинувањата на Грција во врска со непочитувањето на Времената спогодба од страна на Република Македонија беа отфрлени од судот. Затоа не треба да бараме нови начини како да дојдеме до решение. Треба само да ја почитуваме Времената спогодба и да се придржуваме до рамката поставена од резолуциите на ОН, ништо повеќе. Ние сме подготвени за тоа.

Веќе трета година добиваме препорака за отпочнување на преговори со Европската унија што претставува голема потврда на реформските процеси. Извештајот на Европската комисија е патоказ каде да го фокусираме вниманието на реформите. А неотпочнувањето на преговорите дефинитивно не е наша вина.

Третото одлагање, од страна на Европскиот совет, на датум за почеток на пристапните преговори, не е наш неуспех. Знам дека  се зголемува бројот на земји-членки кои нè поддржуваат, застанувајќи на страната на правото и правдата, убедени од силата на нашите аргументи и пресудата на највисокиот суд на правдата. Затоа и не сме обесхрабрени. Верувам дека на следниот Европски совет, на следниот Самит на НАТО, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство, status quo состојбата во интеграциите може да се помести. Сите ќе бидат победници, а најголеми, секако, ќе бидеме ние и нашиот сосед. Ние со дополнителна мотивираност ќе продолжиме да го реформираме нашето општество. Целта ни е да бидеме пријателски и европски соседи со Грција. Тоа е благодарна цел и за нас, и за Грција, и за Европската унија.

Би требало да се знае дека успеавме на нашите пријатели и партнери да им докажеме дека ние сме тие кои сакаат решение во кое нема да има поразени и победници. Даваме и идеи и иницијативи, како може да се дојде до заемно прифатливо решение. Многупати сме ја докажале нашата конструктивност. Но, потребни се подготвеност и волја и од нашиот сосед, подготвеност и волја пред сè да се придржуваат до рамката во која се водат разговорите во ОН, подготвеност и волја да ја напуштат политиката на аргументот на силата.

Моја оцена е дека ни претстои историска можност за еден нов почеток. Сакам да верувам дека оваа можност, заедно со нашиот сосед и со партнерите во ЕУ и НАТО, ќе ја искористиме. Следната година, од оваа говорница, во ова исто време сакам да потврдам дека биле оправдани моите очекувања.

Почитувани,
Воден од принципите на чесност, одговорност и отчетност, исполнувајќи ја притоа мојата уставна обврска, и во годината што ја напуштаме, бев целосно посветен на највисоките стратешки цели на нашата земја:
• Членство во НАТО и во Европската унија и поместување на status quo состојбата.
• Натамошен развој на билатералните односи со сите земји во светот во согласност со принципот на отвореност кон сите.
• Натамошно јакнење на добрососедските односи со земјите од непосредното соседство и поширокиот регион.
• Проактивност и иницијативност во регионалната соработка.

Сакам да знаете дека на тој план не се штедев и нема да се штедам ни во иднина. Ќе продолжам да го запознавам светот со вистината и аргументите за Македонија. Ќе продолжам да ги негувам и јакнам веќе постојните и ќе создавам нови пријателства и партнерства.

На надворешнополитички план, оваа година имав 38 меѓународни настапи и активности, остварив 23 официјални и работни посети на странски држави. Ја претставував нашата држава на речиси сите значајни регионални и глобални мултилатерални настани посветени на економијата, енергетиката, мирот, намалувањето на ризици од катастрофи, културата, спортот... Бев домаќин на 9 официјални и работни посети на мои колеги. Имав повеќе од седумдесет средби со шефови на држави и влади и шефови на меѓународни организации.

Бев домаќин на третиот Регионален самит на претседателите на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, на кој разговаравме за конкретни теми корисни  за нашите граѓани, за европската и евроатлантската интеграција, за економската соработка и за енергетската безбедност и поврзување. На сите свои колеги им порачав, дека заврши времето на декларативноста. Мораме конкретни проекти да иницираме и да реализираме. Го преземавме претседавањето со два исклучително важни процеса кои дополнително ќе го зацврстат угледот на нашата земја. Тоа е претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа за периодот 2012 – 2013 година, што ќе ни овозможи активно да придонесеме во јакнењето на регионалната соработка. Во 2013 година ќе бидеме домаќини и на самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите и тоа на 10-годишнината од овој вид самити, чиј иницијатор беше претседателот Трајковски.

Сето ова го правев на конзистентен начин, знаејќи дека Македонија може да биде меѓународно препознаена и конкурентна, пред сè, според следното:
• успесите и постигнувањата во економијата и бизнис-климата;
• нашиот уникатен модел на мултиетничка демократија;
• кредибилна и проактивна дипломатија;
• промовирање на нашето културно и историско наследство;
• спортските успеси.

На полето на дипломатијата, со указ именував 18 амбасадори на Република Македонија во државите ширум светот. Веќе апелирав на нашите дипломати да им се даде поголема слобода за дејствување, со намалување на бирократизираноста на дипломатската служба, која би одела паралелно со зголемување на одговорностите на дипломатите по кои ќе бидат оценувани, и тоа според постигнатите резултати. Сакам да видам проактивна дипломатија. Ве уверувам, критериумите, оценувањето на нашите дипломати веќе е на едно повисоко ниво. Ќе има и награди, но ќе има и казни. Нема веќе простор, како во минатото, за празни величини и лажни авторитети во нашата дипломатија.

Во поглед на културната дипломатија, ние можеме да бидеме горди на нашето културно и историско наследство. Имаме што да му понудиме на светот. Но, тоа треба да се промовира за и другите да знаат што имаме.  Услови постојат, само треба уште повеќе да ги искористиме. За спортот нема да трошам многу зборови. Сите видовме што значи еден спортски успех. Не само што ја прослави нашата земја, туку, уште поважно, преку успехот ја сплоти Македонија.

Како врховен командант со гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија како штит на нашата слобода, безбедност и стабилност продолжува да влева доверба во македонското општество.

Оваа година, Армијата доби нов началник на Генералштабот, во согласност со највисоките стандарди на Алијансата. Пред извесен период ја одобрив и новата организациска и формациска структура на Армијата, чија трансформација ќе започне на почетокот на 2012 година. Бидете уверени дека во пресрет на следниот Самит на НАТО во Чикаго ќе останеме посветени на реформските процеси како влог во нашата евроатлантска иднина. Тоа ќе биде аргумент повеќе за наш влез во Алијансата, заедно со пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Сакам да знаете дека постојано ја следам состојбата на контингентите на Армијата, кои придонесуваат во воспоставувањето и одржувањето на глобалниот мир во операциите раководени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации. Нашите мировници се вистински пример за посветеноста и истрајноста во нашите стратешки цели. Затоа, ја почитувам и заложбата на Владата која за наредната година и периодот што претстои континуирано ќе го зголемува буџетот за Армијата.

Како врховен командант веќе препорачав бројни активности и настани, со цел достоинствено одбележување на 20-годишниот јубилеј на Армијата. Тоа е најмалку што можеме да направиме за нашата Армија која ни дава сигурност дека и наредните генерации ќе ја живеат својата благосостојба во слободна, демократска, европска Македонија.

Во духот на 20-годишнината од независноста на нашата татковина, одликував повеќе заслужни поединци, институции и установи кои се вградија во македонската државност, независност и сувереност. Со одликувања им се заблагодарив на искрените пријатели на Македонија, кои секаде и секогаш нè поддржувале.

Сакам да знаете дека останувам посветен на блискоста и постојаниот контакт со граѓаните. Тоа го правам преку непосредните средби за време на моите редовни посети на градови и села ширум Македонија, но, и посредно, преку народните канцеларии, кои претставуваат отворена врата меѓу мене и граѓаните. Преку канцелариите јас го чувствувам пулсот на народот за многу прашања, вклучително и за името. Досега до Кабинетот преку овие канцеларии се добиени повеќе од илјада предлози и претставки. По сите е постапено во согласност со надлежностите.

Во младите генерации треба да инвестираме со вистински вредности. Треба да имаме доверба во нив. Нашите млади луѓе се точно таму каде што ние досега сме ги довеле. Затоа е неопходно  нивно едуцирање и  усовршување. Школото за млади лидери веќе едуцираше две исклучително успешни генерации. Уверен сум дека Македонија и во иднина ќе биде предводена од вистински одговорни лидери во сите сфери на секојдневното живеење.

Го поттикнавме и натпреварот во сферата на науката, преку доделувањето на наградата „Најмлад научник“. Ова покажа дека имаме млади успешни луѓе од Македонија на најпрестижни универзитети во светот. Нивните постигнувања во науката се достојни за почит. Бев покровител и на неколку значајни настани посветени на поттикнување на иновативноста и креативноста.

Почитувани,
Јубилеите и годишнините секогаш се повод за навраќање на она што било, на она што поминало, но и момент за дебата за иднината. Оваа година прославивме и одбележавме важни настани. 20 години од независноста, 10 години од Охридскиот рамковен договор, 70 години од почетокот на Народноослободителната борба.

Среќен сум што 20-годишнината од независноста на нашата татковина Македонија е година на будење на самопочитта и самодовербата кај македонските граѓани. Треба вака и да продолжиме. Повеќе да се почитуваме за и другите да нè почитуваат. Затоа нашите граѓани заслужуваат да им се одаде признание за достоинственото прославување на јубилеите и сплотеноста при славењето на успесите.

Годинава одбележавме и една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Договор со чие спроведување достигнавме ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција. Изградивме и модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира. Нашиот модел не е само пример во регионот, туку договор чии принципи инспирираат пошироко. Како што ние го почитуваме нашиот модел, така бараме и другите да ги почитуваат неговите принципи. Ние го браниме нашиот модел. До сите оние кои од која било причина се сомневаат во него, до сите оние кои на кој било начин сакаат да го поткопаат и да внесат раздор, јасно им порачувам не се трудете, вашиот напор е осуден на неуспех. На сите оние кои палејќи го знамето, знамето  на сите граѓани на Република Македонија, ако мислат со тоа да го запалат и меѓуетничкиот соживот, сакам да им порачам, нема да успеете.

Почитувани,
И оваа година силно бев фокусиран на неколку важни точки за економијата, ги поддржував:

• претприeмачките активности во Македонија;
• интензивната економска дипломатија;
• енергетската безбедност и обновливите извори на енергија;
• регионалните инфраструктурни и економски проекти.

Иницирав и остварив средби со повеќе домашни и странски стопанственици.Оваа година Собранието на мој предлог го избра и новиот гувернер на Народната банка на Република Македонија.

Економската дипломатија беше високо на мојата агенда при речиси сите мои работни и неформални средби, учество на мултилатерални настани и официјални посети надвор од државата, како и при приемот на странските државници при нивните посети на Република Македонија. Организирањето на бизнис-форумите и средбите со бизнисмените беа секогаш дел од мојата меѓународна агенда.

Развивањето на енергетскиот сектор е основниот и главен двигател на економијата, државата, општеството. Никој во светов денес не може да прави проекции за својата иднина, без да бара начини и целосно да е фокусиран на обезбедување енергетска сигурност. Не можеме ниту ние. Затоа како претседател, гледајќи многу подалеку од својот мандат, активно се вклучив во разгледување на сите можности за приклучување кон планираните енергетски коридори, кои треба да ни обезбедат долгорочна енергетска стабилност. Особено сум задоволен што сме во напредната фаза на преговори за вклучување на Македонија на гасоводот „Јужен тек“. Но не смееме да се потпреме само на тоа. Треба и мудро користење на обновливите извори на енергија со кои изобилува нашата татковина.

На сите поединечни средби и на регионалните самити разговарав и за унапредување на инфраструктурната поврзаност. Разговараме со регионалните лидери како дополнително да го отвориме нашиот регион и со тоа дополнително да влијаеме на неговата благосостојба. Разговараме за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10. Ова е крупен проект, затоа долго и се разгледува и, пак, ќе кажам не сум обесхрабрен. Користа ќе биде огромна.

Во овие времиња на огромна светска економска криза, благодарејќи на внимателната макроекономска политика на Владата на Република Македонија и домаќинлукот на македонските граѓани, живееме во една од најмалку задолжените европски земји, и земја со една од најголемите стапки на раст во Европа. Реформите во администрацијата, судството, борбата против криминалот и корупцијата ги даваат резултатите.

Ние имаме право за пристап до европскиот пазар, слободно, без давачки и ограничувања. Во Европската унија ние патуваме слободно, без визи, отворајќи ги перспективите за нашите граѓани. Слободата на трговијата, економското поврзување, слободата на движењето се некои од најзначајните придобивки на Унијата. Но, покрај овие права, ние полагаме право и на политичка застапеност во Унијата. Не можеме да се откажеме од тоа право само затоа што Грција прва влегла во Унијата.

Почитувани,

Македонија ја започна годината со бојкот на овој дом од страна на опозицијата.Предвремените парламентарни избори во јуни годинава, на кои вие, пратениците, ја добивте довербата на граѓаните беа високо и позитивно оценети во меѓународната јавност за својата регуларност, легитимност и добра организација. Сметам дека сите учесници дадоа придонес за таквиот успех, но, пред сè граѓаните. Ние сè повеќе градиме демократска свест и политичка култура. Градиме амбиент на дијалог и учество во расправите и одлуките за виталните прашања на нашето општество.

Се надевам дека сите заедно ќе продолжиме во таа насока. По долг период на нестабилност и поделби, денес следи консолидација во која посветено продолжуваме со реформите. Тука сум, секогаш, подготвен да помогнам во која било политичка препрека, да го олеснам дијалогот, но повторувам, храмот на демократијата е овој дом, Парламентот, и тука треба да се водат сите политички дебати. Како претседател во повеќе наврати бев иницијатор и домаќин на лидерски средби на парламентарните партии од власта и опозицијата, кои имаа за цел да се надминат недоразбирањата и политичкиот дијалог да се врати онаму каде што му е местото – во институциите.

Почитувани,

Да се навратам на највисоката цел на нашата држава, интеграциите во НАТО и во ЕУ.  На сите им е јасно дека остварувањето на најважните стратешки цели досега беше блокирано од нашиот сосед. Блокирањето на ваква значајна колективна цел значи неодговорно, невизионерско и целосно некомпатибилно однесување со времето во кое живееме. Но, како што реков на почетокот, патот до излезот е поедноставен отколку што се мисли, само доколку секоја од страните се придржува до поставената рамка на Обединетите нации и на Времената спогодба. Доколку, пак, на маса се ставаат прашања што се надвор од рамката, тогаш излезот од оваа ситуација е просто невозможен.

Продолжуваме со максимална акција на сите полиња. Тоа значи достигнување на стандардите, вредностите и критериумите на Унијата.   Нашите граѓани ќе ги уживаат благодатите од таквата состојба на државата. Затоа, време е, на 20-годишнината од независноста да се свртиме кон иднината. Апелирам да престанат политичките, особено дневнополитичките препирки, за тоа каде оди државата, има ли или бара алтернативи. Одговорот е јасен, стратешки цели ни биле и остануваат членството во НАТО, членството во ЕУ.

Како што се приближуваме кон остварување на нашата стратегиска цел, така се менува свеста кај сите општествени чинители, се менува менталитетот, начинот на размислување и дејствување. Ние ќе чекориме по тој пат водени од принципите на чесност, одговорност и отчетност, како принципи на новото лидерство, принципи кои единствено се можни во новите времиња.

Сакам да пратам една порака до нашиот сосед. Република Македонија е реалност. Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме.

Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат. Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија,  во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат.

Сакам да упатам една порака до моите сограѓани. Бидете спокојни. Никој на овој свет не може и нема да може да ни го земе она што го имаме, нашето уставно име, нашиот идентитет. Ќе успееме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Прашањето не е дали, туку кога. А до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои.

Ќе завршам онака како што започнав. 20-годишнината од македонската независност ја заокруживме со една голема дипломатско-правна победа. Имаме историска можност да отвориме нова страница во односите со нашиот јужен сосед. Ние ја подадовме раката за помирување. А внатре, дома, имаме и единствена можност да се сплотиме, без разлика на етничката и верската припадност. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, христијани, муслимани, Eвреи, сите ние сме чеда на нашата заедничка татковина Македонија. И сите ние имаме една перспектива и една заедничка европска и евроатлантска иднина.

Кога станува збор за државните интереси, за стратешките цели и определби, постои само една партија во која нема поделба на лидери и членови, на стари и млади, на леви и десни. Таа партија се вика Македонија и ние мора да се обединиме околу неа. Само така ќе успееме во остварувањето на стратешките цели.

Сето она што досега го постигнавме, и тоа во тешки услови на блокади, изолации и закани за нашиот суверенитет, идентитет и опстанок, нè направи уште поцврсти и поподготвени. Со Божја промисла, да истраеме на патот на изградба на една модерна, развиена, меѓународно афирмирана и почитувана држава. На тоа нè обврзува заветот на нашите предци кои се вградија во темелите на нашата сувереност и независност. На тоа нè обврзуваат идните поколенија. На тоа нè обврзува нашата татковина Македонија.

Да живее Република Македонија!

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Следно > Крај
Страница 49 од 64