Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на четвртиот Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации во Доха, Катар:
Ваше Височество, шеик Хамад бин Калифа ал Тани,
Почитувани Екселенции,
Драги гости,
Дозволете ми најпрвин да се заблагодарам на нашиот љубезен домаќин, неговото Височество, шеикот Хамад бин Калифа ал Тани. Височество, високо ги цениме Вашата храброст и визионерство во пристапувањето кон унапредување на светот во кој живееме, a живееме во времиња на големи промени. Искрено Ви честитам за иницијативата да седнеме на заедничка маса, луѓе од различни земји, од различни религии, кои зборуваме различни јазици, но сите посветени да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани, држави, а со тоа за човештвото во целина. Воедно, ја поздравувам иницијативата и му честитам на претседателот Фишер кој ќе биде следниот домаќин на Самитот во рамките на Алијансата на цивилизациите во 2013 година.
Почитувани,
Денес повеќе од кога било, неопходно е да организираме средби на највисоко ниво, на кои ќе можеме да ги спознаеме вредностите на нашите култури, но и предизвиците со кои се соочуваат. Алијансата на цивилизациите, Дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостасуваа. Затоа, мојата земја, Република Македонија, свесна за својата уникатна реалност, подготвена e да ги сподели своите драгоцени искуства во овие области и е толку активно и посветено вклучена во овие иницијативи.
Со подобро меѓусебно запознавање полесно ќе увидиме дека принципите по кои се води секој човек се исти, независно од тоа од каде потекнува. Тоа се желбата за слобода, еднаквоста, почитувањето, достоинството. Верувам дека заедништвото на луѓето ќе надвладее.
Ниту една голема култура или цивилизација не се развила во изолација, туку низ постојана соработка, натпревар но, за жал, честопати и низ конфронтирање со други култури и цивилизации. Историјата исто така сведочи дека постојат две основни причини за опаѓањето и пропаста на културите и цивилизациите. Прво, пресекувањето на културните врски со другите цивилизации и, второ, исцрпувачките судири кои секогаш водат кон уништување, жртви и духовни рани на кои им е потребно долго време да зараснат. Причината за ваквиот судир е, секако, отсуството на дијалог, разбирање и заемно почитување. Наспроти тоа, соработката и прифаќањето на светот на различностите секојпат продуцирале трајни вредности и суштински знаења.
Нашите цивилизации со векови и милениуми се преклопувале и меѓусебно се збогатувале, благодарение на духовната енергија која струела низ повеќенасочните цивилизациски и културни коридори. Нашата цел е, овде и денес, да ја реафирмираме потребата од градење на нови блиски односи со другите религии и цивилизации.
Драги гости,
Пред нас е ново време кое бара нова парадигма. Како што геополитиката им отстапува место на геокултурата и геопрофитот, така, наместо судир, потребна ни е соработка меѓу цивилизациите. Услови за соработка меѓу цивилизациите постојат, само треба да се искористат. Тоа е алката која недостасува. Тоа е алката која културата ќе ја стави во функција на развојот. Тоа е алката од која сите повеќекратно ќе имаме корист. Но, до тоа нема да се дојде без акција, ангажман и посветеност. Напротив, испуштеното во минатото кога разни региони низ светот се стремеа кон сопствена консолидација, денес, треба со засилен интензитет да го надоместиме.
Верувам дека овој форум ќе ни овозможи да најдеме решенија на дел од овие суштински предизвици.
Ви благодарам.