Претприемачкото општество е стабилно, демократско и напредно – порака на отворањето на Глобалната недела на претприемништво
Понеделник, 14 Ноември 2011   

altНа официјалното отворање на Неделата на претприемништво претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов им се обрати на присутните преку видео-порака, нагласувајќи ја потребата државата да создаде неопходни услови за развој на претприемништвото, квалитетно и применливо образование кое ќе го поттикне претприемачкиот дух и ќе ги зајакне претприемачките вештини кај младите:   

Драги пријатели,

Како Претседател на Република Македонија навистина сум горд што претставувам држава во која се почитуваат принципите кои овозможуваат развој на економијата и искористување на потенцијалот на поединците. Тука пред се мислам на почитувањето на правото секој да ужива во плодовите на својот труд; почитување на правото на приватна сопственост; одржување на рамка на безбедност во која секој може слободно да работи и да напредува. Овие вредности кои се основа на просперитетот на секоја нација се длабоко вкоренети и во македонските граѓани. Но, почитувањето на овие принципи не е секогаш лесно. И независна и демократска Македонија мораше да помине низ долг и тежок реформски процес за да изгради модерна правна рамка во областа на економијата. Но, ние сме свесни дека приватната економска иницијатива е главниот двигател на развојот. Дека таа има моќ да издигне поединци и семејства, градови и цели држави од состојбата на сиромаштија.

Претприемништвото не може да опстои без демократија. Единствено политичко уредување кое овозможува брз и стабилен економски развој е уредување кое ги почитува индивидуалните човекови права и слободи, како во политичката така и во економската сфера. Затоа, поддршката на претприемништвото има своја хумана мисија. Општество чии граѓани живеат од својот труд, чии граѓани, инвестираат, вработуваат луѓе, работат за унапредувањето на својата положба - такво општество е стабилно, демократско и напредно. Такво општество им нуди иднина на своите граѓани, а и самото ќе има иднина и просперитет.

Деновиве сме соочени со сериозна криза, со тешки предизвици за економскиот поредок. Доколку нешто добро произлезе од состојбата во која се наоѓа голем дел од најразвиените земји во светот, тоа ќе биде едно потсетување на вредностите и принципите кои стојат во срцевината на напредокот. Мораме да се присетиме дека економските слободи, слободниот и отворен пазар, почитувањето на трудот и работливоста, не се дадени еднаш за секогаш, туку дека тоа се вредности кои мора да се чуваат. Со независни контролни институции, со здраворазумски економски политики, но и со иницијативи како оваа кои придонесуваат кон промовирањето на културата на претприемништвото кај младите.

Од наша страна, како држави, мораме да ги создадеме неопходните услови за развој на претприемништвото. Солидна инфраструктура, квалитетно и применливо образование, здрава правна рамка и предвидливост во постапувањето на регулаторните институции. Мораме да бидеме отворени кон повиците за реформи во државните институции, со цел тие да бидат посветени на потребите на граѓаните, и на промоција на нивните деловни проекти и планови. Македонија помина голем пат и се соочи со важни реформски зафати, во модернизирање и подобрување на работата на судството, во намалување на регулативите во јавната администрација и во легализацијата на незаконски изградените објекти. Ние се гордееме со модерен даночен систем кој се покажа успешен во обезбедување на средства за легитимните потреби на државните институции, без да го задуши стопанството. Го модернизираме државното образование со цел нашите најмлади да ги вооружиме со вештини и знаења кои ќе им бидат од полза во животот. Нашите реформи не минуваат незабележани, и Македонија бележи значителен економски развој и успева да одолее на предизвиците на економската криза. Но, предизвиците пред нас се значителни, а загубеното време мора да се надомести. Затоа, ја поздравувам иницијативата да се одбележи недела на претприемништвото, со надеж дека секој ден ќе биде посветен на ослободувањето на човечката енергија и иницијатива.

  Back<<Назад