Стручен собир „Едукација, превенција и етика во сообраќајот“ – за остварување на стратегијата 0% деца жртви во сообраќајот
Среда, 09 Ноември 2011   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денес се обрати на стручниот собир „Едукација, превенција и етика во сообраќајот“, што се одржа под негово покровителство, а во организација на Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата. Со овој настан започнува јавната кампања за остварување на Националната стратегија за нула деца - жртви во сообраќајот.

Почитувани учесници на овој собир,
Драги гости,
Дами и господа,


Безбедноста во сообраќајот е прашање од огромна важност за секого и неопходност којашто постојано треба да се унапредува и актуелизира. Причината, за нашето присуство денеска овде, е да ги утврдиме начините како да обезбедиме сигурност и безбедност во сообраќајот за оние кои се изложени на најголеми ризици – децата. Со други зборови – како поефикасно да ги заштитиме од секојдневните закани во урбаниот сообраќаен метеж.

Секој човечки живот е скапоцен. Секој изгубен млад живот е трагедија, не само за семејствата, туку и за целото општество. За да ги избегнеме несаканите трагедии, мора да ги вложиме сите наши напори во подучување и едукација на децата за соодветно безбедно однесување во сообраќајот од најрана возраст. Таа едукација започнува, пред сè, во семејството и ги вклучува родителите, но не застанува тука.

Денешниов собир, во организација на Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата, е обид да се нагласи значењето на поединецот – како учесник во сообраќајот, како возач на моторни возила, како пешак, мотоциклист, велосипедист.  Секој активен учесник во сообраќајот носи одговорност за својата, но и за безбедноста на останатите. Подигнувањето на општата јавна свест за низата одговорности на секој поединец во сообраќајот, е врвна задача исправена пред сите нас, која бара вклучување на сите релевантни фактори – државните институции, професионалните и невладините организации, приватниот сектор, родителите, градинките, училиштата...

Почитувани,

Со донесувањето на Националната стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста во сообраќајот 2009 – 2014 година, започна првиот координиран мултисекторски пристап кон намалување на бројот на сообраќајни незгоди и последиците од нив. Овој документ претставува солидна основа за активностите кои треба да бидат преземени од страна на државните органи и останатите институции, но и голем предизвик и сериозна задача. Главната цел зацртана во оваа стратегија е преполовување на бројот на жртви во сообраќајот, и најважно – комплетно елиминарање на бројот на деца-жртви во сообраќајни незгоди. Поставените цели се високи, но уште повисока е цената која ние како општество ќе ја платиме, доколку не ги ангажираме сите сили и капацитети да ја достигнеме таа цел.

Во 2010 година, 162 лица, од кои 6 деца, го загубија животот во сообраќајни незгоди. Од почетокот на имплементација на стратегијата, бројот на жртвите во сообраќајот покажува тенденција на опаѓање. Овој податок треба да претставува поттик за сите нас, да продолжиме засилено да дејствуваме во остварување на зацртаните цели – подобрена инфраструктура и сообраќајна сигнализација, зголемена јавна свест, подобрена едукација на децата и на младите, координирана и фокусирана акција за намалување на сообраќајните незгоди и загубените човечки животи.

Дами и господа,

Децата се нашето најголемо богатство, нашата инвестиција во иднината. А нашата најголема обврска денес е да ги подготвиме и оспособиме младите, правилно и безбедно да се однесуваат во сообраќајот како пешаци, велосипедисти, при детските игри надвор од домот и во близина на улиците.

Целта на денешниот собир е да се оформи и утврди таков систем за едукација на децата - почнувајќи од детските градинки, па преку основното и средното образование -  кој ќе ја подигне на повисоко ниво нивната свест за последиците од неодговорниот однос и непочитувањето на правилата во сообраќајот, како и за потребата од поголемо внимание и претпазливост. Во Македонија треба да растат генерации деца кои ќе бидат комплетно свесни за етиката во сообраќајот, но и за опасностите. Нивното идно однесување како возачи и учесници во сообраќајот, ќе зависи од цврстите навики кои ќе им ги овозможиме во раната возраст.

Паралелно со нашите напори да ги едуцираме младите за безбедноста во сообраќајот и ние како возачи мораме да ја оствариме нашата задача. Апелирам до сите возачи да бидат внимателни и да покажат трпение, зашто најмалите во суштина се помалку свесни за потенцијалните опасности на патот. Одговорното возење е првиот предуслов за намалување на сообраќајните незгоди и поштедувањето на човечките животи.

Почитувани,

Пред нас е декадата за безбедност во сообраќајот за периодот 2011 - 2020 година, прогласена од Генералното собрание на Обединетите нации. Во овој период во целиот свет, на национално и на глобално ниво, ќе бидат интензивирани напорите за намалување на растечкиот тренд на жртви и повреди во сообраќајни незгоди.

И во Република Македонија е време за акција!  Време е да пристапиме кон овие предизвици со сериозност и истрајност, да ги преземеме сите потребни чекори, да покренеме широка јавна кампања за зголемување на јавната свест, да го дадеме својот индивидуален придонес и во едуцирањето на децата, но и во нашето секојдневно однесување зад воланот. Апелирам до сите засегнати страни – родителите, учителите, наставниците, полицајците, новинарите, институциите и здруженијата, да се приклучат кон оваа иницијатива за нула деца-жртви во сообраќајот.

Време е и да ја зајакнеме институционалната рамка со подготовка на нова стратегија за безбедност во сообраќајот, за периодот до 2020 година, како што тоа го прават сите членки на ЕУ, во која уште поцврсто ќе се постават мерките и активностите за постигнување на високо поставените цели.

За крај, сакам да ја искажам мојата благодарност и безрезервната поддршка за напорите на Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата, во остварување на зацртаните цели. Се надевам дека со денешнава средба ќе бидеме чекор поблиску до создавање функционален систем за едукација на децата во Република Македонија за информирано, одговорно и безбедно функционирање во сообраќајот.

Ви благодарам.
 

  Back<<Назад