|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, се обрати на Конференцијата на тема „Претприемништвото во образовниот процес во Република Македонија“ која се одржа денес под негово покровителство, а со цел да се зајакне претприемачкото образование и да се придонесе кон развојот на претприемачките капацитети и свесноста за претприемништвото.
Почитувани професори,
Екселенции,
Министри,
Дами и господа,
Најнапред би сакал да се заблагодарам и да изразам задоволство за укажаната чест, да бидам покровител на еден ваков собир, на кој ќе се дискутира за значењето на претприемништвото во образовниот процес. Верувам дека со овој собир и со сите други активности кои се реализираат во оваа традиционална недела на претприемништвото, полека, но сигурно се гради новата генерација македонски претприемачи врз кои ќе се темели македонската економија.
Ценети присутни,
Особено сме среќни и горди што оваа година како држава почнуваме да ги чувствуваме резултатите од континуираната економска политика, на мерките коишто владата ги презема за подобрување на бизнис-климата и на условите за работа. Како држава веќе имаме долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува помалку од 26% од бруто-домашниот производ.
Нашите заложби беа потврдени и во последниот извештај на Светската банка „Дуинг бизнис 2012“, каде што Македонија беше рангирана на 22. место и беше посочена меѓу трите економии со забрзана стапка на развој оваа година. Оваа година исто така достигнавме висок годишен раст на бруто-домашниот производ од 5.3%.
Моторот на економскиот раст е приватниот сектор, додека столб и двигател на приватниот сектор се претприемачите. Но, за да имаме одржлив економски раст, потребно е да создадеме иновативно и претприемачко општество. Претприемачкото општество е општество кое се базира на креативност, иновативност и преземање ризик, кој води кон имплементација на нови и храбри идеи. Имплементацијата на овие идеи ќе отвори патишта за нови индустрии, ќе ја зголеми технолошката продуктивност, и со тоа ќе генерира одржлив и долгорочен економски раст.
Ако навистина сакаме да создадеме успешни инвестиции и да ги поттикнеме иновациите во економијата, треба да внесеме претприемничко образование во главните текови на наставата и учењето. За да го сториме тоа, треба да промовираме дизајн на нови пристапи кон образованието во дваесет и првиот век. Треба да посветиме поголемо внимание на подобрувањето на создавање и градење човеков капитал.
Почитувани,
Време е да создадеме иднина за младите, но и млади за иднината. Сметам дека знаењето, иновацијата и претприемништвото се трите столба врз кои треба да ги градиме и иднината и младите. Време е да едуцираме млади, полни со иновативна енергија, коишто ќе бидат способни од таа енергија да креираат нови идеи и нив да ги применат во практиката.
Време е да ги подготвиме младите за да бидат способни да се соочат со трите предизвици на претприемништвото: соочување со ризикот, стресот и сопственото его. Време е да подготвиме самоуверени лидери, со јасна визија за иднината и способни да се соочат со конкуренцијата, да се успешни во бизнис- претприемништвото. Само со една ваква образована младина може да се сочува динамиката на општеството, чиј извор се претприемачите и претприемништвото.
Одговорите на нашите проблеми и желби се наоѓаат во нашата непосредна близина. Тие постојат во нашите лаборатории и нашите универзитети, во нашите полиња и во нашите фабрики, во имагинацијата на нашите претприемачи и гордоста на вредните работници. Поради овие причини иновативниот и претприемачкиот дух треба да се поттикне од најраната возраст, да се гради во текот на средното образование и да се усовршува во високото образование. Нашите образовни институции треба да бидат во центарот на нашето општество и економија. Тие, покрај образовната и научната компонента, треба да бидат и извор на претприемништвото, да бидат компатибилни со трендовите на пазарот на трудот и да ја помогнат економијата на државата.
Ценети присутни,
Основниот принцип за да се биде успешен претприемач, НЕ Е поентата „да се знае сè и сешто“, туку волјата „стекнатото знаење да се примени“. Она што ги прави претприемачите успешни е нивната способност, потешкотиите да ги надминат со леснотија, бескрајната љубопитност, постојаната желба за истражувања, упорноста во потрагата по иновации, како и нивната самоувереност. Како што и Гете (Goethe) рекол, претприемачот знае дека: „Ако тој верува во себе, и другите ќе веруваат во него“.
Претприемачите го отелотворуваат ветувањето на иднината, спознанието дека, ако имате добра идеја и доколку сте подготвени да работите напорно за да ја видите таа идеја остварена, може да успеете во оваа земја. Во исполнувањето на ова ветување, претприемачите играат клучна улога во проширувањето на нашата економија и во создавањето нови работни места.
За крај, сакам да Ви го цитирам првиот член од „Уставот на претприемништвото“. Ова е изрека од непоколебливиот претприемач, големиот Микеланџело, и тоа на 87-годишна возраст: „Ancora Imparo“ односно „Сè уште учам“. Токму оваа изрека треба да нè води во нашиот живот. Нашиот формален образовен систем треба да се потпира на оваа поента. Учење во сите фази од животот. Токму оваа филозофија ќе го отвори патот на претприемничкото учење во Македонија.
Ви благодарам.
|