Доделување Орден за заслуги за Македонија на Правниот Факултет “Јустинијан Први”
Четврток, 03 Ноември 2011   

altПочитуван Декан на Правниот факултет, Проф д-р Борче Давитковски,
Почитувани присутни, дами и господа,

Шест децении по основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ имаме многу причини да бидеме горди.

Денес во овој јубилеј се сублимираат шеесет години континуирани правни студии, илијадници студенти ангажирани во опсежни истражувања и стремежи кон нови знаења, обединет интелектуален напор на бројни дипломци, магистри и доктори на науки, многу вложен труд, многу награди и признанија, многу индивидуални и заеднички достигнувања.

Во текот на сите тие години низ ходниците на оваа институција се креираше значаен дел од македонската интелектуална сила, се сведочеше за историјата, со енергичност и ентузијазам се дискутираше за предизвиците исправени пред сите нас.

Правниот факултет е централното место каде секоја нова генерација ја канализираше младоста и енергијата, ги вообличуваше своите соништа и аспирации, го трасираше патот на сопствената и иднината на нашата држава. Токму овој факултет, кој ги обединува правните, политичките и студиите по новинарство, создаде кадри кои ја градеа и надградуваа македонската академска сцена, но и индивидуи кои во даден моментум и услови преземаа врз себе одговорност да бидат челници и предводници на крупни општествени и политички движења.

Дами и господа,

Со доделувањето Орден за заслуги за Македонија, оддаваме признание и почит за големата улога која Правниот факултет ја имаше и ја има во македонското општество - за артикулацијата на исклучително вредната научно-истражувачка дејност, за придонесот во зајакнувањето на правната држава и владеењето на правото, за достојното претставување на Македонија како земја во која квалитетното образование е меѓу највисоките вредности и идеали.

Но, да не заборавиме - заслугите за Македонија кои несомнено ги признаваме и вреднуваме, за никого не се завршен процес, туку поттик и мотивација за неуморно продолжување на напорите за нови достигнувања и уште поголеми успеси. Во денешните услови на глобална поврзаност, секоја институција која едуцира и просветлува треба да го заснова своето дејствување врз принципот на отвореност.  Правниот факултет покажа и докажа дека има капацитет да ги следи светските трендови, да се модернизира, кога е потребно да се коригира, и да создава трајни релации на соработка и размена со бројни високо-образовни институции од Европа и светот, со еднаков фокус и кон Западот и кон Истокот.

Почитувани,alt

И јас бев студент, а и професор на оваа институција – времиња во кои ги поминав најубавите години од мојот живот; години на создавање и откривање, но и години исполнети со предизвици, со потребата за борба и истрајност. Од таа перспектива можам да кажам дека растењето, унапредувањето и успешноста на една високо-образовна институција никогаш не застанува. За да обезбедиме просперитетна иднина, не смееме да ги ограничиме своите погледи и интереси само во еден правец или во рамките на една догма. Потребна ни е визија за проучување и на другите региони, и на растечките светски сили кои се подалеку од нашиот традиционален опсег, како и апсорбирање на знаењата, позитивните практики и искуства од сите оние кои се во можност да ги понудат.

Потребна е уште посилна врска со практичните проблеми на денешницата за кои треба да се најдат решенија. Неопходно е да ја бараме инспирацијата во реалноста, сегашноста, да ги идентификуваме конкретните проблеми кои бараат иновативни пристапи. Да црпиме од праксата на најдобрите, да ги преиспитуваме востановените норми и принципи, да гледаме јасно кон иднината.

И она што е најсуштествено: да се ослободиме од апсолутни авторитети и да ги отвориме ширум очите и ушите кон оние кои за прв пат влегуваат во овие предавални и амфитеатри – студентите. Мораме и понатаму цврсто и непоколебливо да им овозможуваме услови и слобода да делуваат, да истражуваат, да се искажуваат. Да работиме на одржување интерактивен и динамичен однос на професорите и студентите. Да ја поттикнуваме нивната мисла и креативност, да ја поддржиме студентската и академската мобилност и размена. Зашто токму тие, студентите, се столбот на свежата критичка мисла во општеството и нашето ветување за иднината. Колку што денес ние ќе инвестираме во студентите, толку Македонија ќе добие за возврат.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ свесно, одговорно и континуирано работи на овие полиња и е на добар пат во остварување на овие постулати. Среќен сум што, и покрај многубројните предизвици низ децениите, Правниот факултет и понатаму останува да биде носител на когнитивниот и прогресивниот дел од општествениот апарат.

Горд сум што денес, сосем заслужено, Правниот факултет „Јустинијан Први“ го добива ова високо одликување – Орден за заслуги за Македонија.

Ви благодарам.
 

  Back<<Назад