| Доделување Орден „8 Септември“ на Емирот од Катар, Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани | |
|
|
Претседателот Иванов го одликува Шеикот Хамад Бин Калифа Ал Тани, Емир на Катар со орден „8-ми Септември“ за неговите заложби во афирмацијата на дијалогот меѓу цивилизациите и религиите, како и за особениот придонес и посветеност кон развојот и унапредувањето на односите меѓу Државата Катар и Република Македонија.
Ваше Височество, шеик Хамад бин Калифа ал Тани,
Вистинска чест е да Ве поздравам денеска во Република Македонија и да Ве уверам дека мојата земја високо ги цени и вреднува напорите кои Државата Катар, под Вашето мудро и визионерско водство, ги прави во насока на мирот, толеранцијата, соработката и дијалогот во светот, како индивидуално, така и во рамките на Алијансата на цивилизации на Обединетите нации. Сакам да знаете дека Република Македонија Ве поддржува во овие споделени визии.
Ваше Височество,
Верувам дека нашата поддршка кон Државата Катар најдобро ја покажуваме со успешното следење на примерот преку организирање самити и меѓународни конференции, посветени на негувањето и афирмацијата на дијалогот меѓу цивилизациите и религиите. Благодарни сме Ви за значајната поддршка за Самитот посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во Охрид, 2003, под раководство на големиот визионер, мој претходник, претседателот Борис Трајковски. Тоа што беше започнато тогаш, го продолжуваме денес, преку заедничкото промовирање на мирот во светот.
Уверен сум дека со наши заеднички напори ќе и’ дадеме нов импулс и на соработката меѓу нашите две пријателски држави, како и дека нашето пријателство втемелено врз заедничките визии ќе продолжи да се развива и унапредува. Со тоа уверување, имам особена чест и задоволство да Ви го доделам, Ваше Височество, Орденот...„8 Септември“... како знак на нашето симболично, но искрено признание за сето она што го правите на овој план.
Ви благодарам.
|












