|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и Министерот за образование, Панче Кралев, на свечена церемноија ги доделија стипендиите „Борис Трајковски“ за вонредни постдипломски студии во рамки на Програмата за бизнис-администрација - МБА, за учебната година 2011/2012. Оваа програма за стипендирање, иницирана од покојниот претседател Борис Трајковски, на 20 талентирани македонски студенти ќе им овозможи да го продолжат своето високо образование на Сити Колеџот на Универзитетот Шефилд и да се здобијат со диплома за завршени постдипломски студии од оваа престижна институција.
Почитуван министер за образование на Република Македонија, г. Панче Кралев,
Почитуван г. Џорџ Ефтатијадис, претставник на Универзитетот „Шефилд“,
Почитувани студенти, драги гости,
Добрата соработка, која ние во Македонија ја одржуваме со Сити колеџот при Универзитетот „Шефилд“ во Солун, продолжува да дава резултати. Драго ми е што денес можеме да испратиме нова група млади луѓе, кои од студиите во Грција ќе се вратат со нови знаења и вештини, применливи за нивно лично добро, за доброто на Македонија, и ќе ја надградат соработката меѓу нашите две земји. Македонија е свесна дека мора многу да работи за да го надомести пропуштеното во градењето економија заснована на знаење. Квалитетни млади луѓе, кои имаат добро образование стекнато во реномирани образовни институции, се неопходни за економскиот развој и за напредокот на една држава. Ние сметаме дека најскапоцениот ресурс кој го имаме како држава се квалитетните луѓе, подготвени да се соочат со предизвиците на основање и водење бизнис, истражување на потребите на пазарот, правилно и економично распределување на трудот и ресурсите. Ова се вештините кои можете да ги стекнете благодарение на стипендиите за постдипломските студии на Сити колеџот. Сфатете ја оваа денешна можност, која Ви се нуди, како голема одговорност и обврска. Во целост да ја искористите дадената можност и да бидете успешни граѓани, за Ваше добро и за доброто на општеството во целина.
Почитувани студенти,
Сметајте дека за Вас, дополнителна обврска е тоа што стипендиите се доделуваат во чест на претседателот Борис Трајковски. Како претседател, Трајковски работеше и ја препознаваше потребата од градење на квалитетен образовен систем, кој ќе ни овозможи да се издигнеме над потребата од голо преживување, и ќе ја насочи нашата држава

кон просперитет, благосостојба и напредок. Претседателот Трајковски, воедно, во целост разбираше дека преку размена на студенти во образовните институции на Македонија и соседните држави, можеме засекогаш да ги разбиеме стереотипите и предрасудите, кои за жал сè уште знаат да доминираат во меѓусебните односи. Генерации на политичари, стопанственици, вработени професионалци, кои добро ги познаваат своите колеги од соседните држави, кои слободно соработуваат со соседството, се основа за градењето на еден нов Балкан. Во програмата во Солун учествуваат студенти од сите држави во регионот. Тоа е извонредна можност за градење на идната елита на нашиот регион, за градење на мостови на соработка засновани врз знаење, врз труд и искуство, и особено, засновани врз пријателство и соработка со соседите. Ние копнееме кон тоа, нашиот регион да биде отворен од вештачките стеги и наметнатите проблеми. Да отвориме простор во кој успешните ќе можат да просперираат и напредуваат, водејќи ги своите општества напред.
Затоа, драги студенти, уште еднаш Ви честитам, и Ви посакувам многу успех во студиите, и понатаму, во примена на наученото.
Благодарам.
|