Обраќање на претседателот Иванов на Првата регионална конференција за вмрежување „Биди ментор, промени нечиј живот“
Четврток, 06 Јуни 2013   

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува вистинско задоволство да ве поздравам денес на оваа прва регионална конференција за вмрежување на менторските мрежи. Им честитам на организаторите и посакувам уште многу успешни настани и проекти.

Ценети присутни,

Ако генетскиот код се пренесува преку крвното сродство, тогаш професионалниот, вредносниот и етичкиот код се пренесува преку менторството.

Знаењето, искуствата и вештините што сме ги стекнале имаат вистинска смисла само ако ги пренесеме на наредната генерација. Да се биде ментор значи да се служи, да се инвестира дел од себе во генерациите што доаѓаат. Верувам дека токму во тоа се состои вредноста на Македонската мрежа на ментори.

Но, улогата на менторот не е само да го пренесува знаењето, ниту пак само да го објаснува. Менторот треба пред сè да инспирира, мотивира и трансформира.

Ова го знам од лично искуство. Како универзитетски професор, ја имав честа да бидам и ментор на повеќе мои студенти. Знам колку е благородно чувството да се помогне и да се биде сведок на професионалниот, но и на животниот раст и развој на луѓето што ги менторираме.

Можам слободно да кажам дека и како ментор научив неколку работи.

Пред сè, знам дека секогаш е поблагородно да се дава отколку да се прима. Треба да се трудиме да им помагаме на оние на кои им се потребни животни и професионални насоки. Треба секогаш да сме подготвени преку насочување, охрабрување и поттикнување да промениме нечиј живот на подобро.

Плутарх вели дека умот не е сад што треба да се наполни, туку оган што треба да се разгори. Верувам дека луѓето треба да се учат како да размислуваат, а не што да размислуваат. Ако човека го учите што да размислува, тоа води кон бесплодно едноумие. Но, ако човека го научите како да размислува, вие сте создале човек со слободен, отворен ум. Тоа, според мене, е целта на менторот. Да им помага на луѓето да ги отворат своите умови, да размислуваат надвор од кутијата, да наоѓаат нови решенија на проблемите, свесни за претходните искуства.

Верувам дека сите што некогаш имале можност да менторираат ќе се согласат со ставот дека е незаменливо чувството на исполнетост кога ги гледате младите како успеваат. Желбата на секој добар учител е да биде достигнат и надминат од своите ученици.
Речено е дека „успехот не доаѓа како резултат на тоа да се биде 100% подобар од вашата конкуренција, туку од тоа да се биде 1% подобар во сто различни начини". Ако работиме наместо само да сонуваме, ако инспирираме наместо само да поучуваме, ако учествуваме наместо само да припаѓаме, тогаш ќе бидеме пример за идните генерации и ќе понудиме стабилни етички и морални вредности.

Само со посветеност, грижа и трпение ќе ги охрабриме младите луѓе да живеат во согласност со врвните етички вредности. Само така ќе им ги пренесеме животните и професионални принципи, кои подразбираат самодоверба, трудољубивост, почитување на различното мислење, почитување на правилата на играта и развиено чувство на одговорност. Само така ќе изградиме доблесни млади луѓе кои се неопходни во секоја општествена сфера од животот. Во економијата и политиката, образованието и науката, културата и спортот.

За тоа го формирав и Школото за млади лидери, каде што докажани лидери од целиот свет ги споделуваат своите знаења и искуства со најуспешните млади луѓе од секоја генерација. Ангажманот на младите лидери не завршува со школото, туку продолжува во Алумни асоцијацијата – ИСЛАА, која преку својата мисија остава печат.

Дами и господа,

Со менторското вмрежување, земјите од регионот прават уште еден важен чекор за натамошно вклучување и охрабрување на младите жени со претприемачки дух.

Иако станува збор за млада иницијатива, досегашното искуство покажа дека Македонската менторска мрежа гради успешен модел на менторирање. Успехот е секогаш поголем ако се сподели со другите. Тоа е и суштината на ова регионално вмрежување. Ние не треба да се стремиме само кон градење успешни генерации во Република Македонија, туку да инвестираме и да разменуваме искуства со сите земји од регионот.

Драги пријатели,

Иднината е во луѓето кои создаваат физички, материјални и духовни добра. Иднината е во посветените, креативните и иновативните поединци. Но, сегашноста е на одговорните луѓе, ментори. Ве повикувам да им помогнеме и да ги охрабриме, да ги насочиме и да ги инспирираме, да им го олесниме патот до нивното самоостварување. Тоа е најмалку што можеме да направиме.

Со тоа, на самиот крај, посакувам уште многу успешни конференции и вмрежувања, уште многу успешни менторства.

Ви благодарам.

  Back<<Назад