Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Ми претставува големо задоволство да ве поздравам во Република Македонија, во Скопје, градот на светската солидарност. Му благодарам на професорот Гаревски и на тимот од ИЗИИС за организирањето на оваа значајна меѓународна конференција и за поканата да бидам покровител.
Ценети присутни,
За неколку недели ќе одбележиме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Само неколку секунди беа доволни да се уништи она што во овој град било создавано со векови. Само неколку секунди беа доволни да збришат цели квартови, да исчезнат цели семејства, да остават зад себе свет во урнатини. Преку ноќ, Скопје, од град на куќи, стана град на шатори.
Но, токму во неволја се познаваат вистинските пријатели. Во екот на Студената војна, скопскиот земјотрес ги сплоти спротивставените страни. 87 држави, многубројни меѓународни организации, пред сè Обединетите нации, и илјадници хуманитарци се вклучија во обновата на разрушениот град. Благодарение на нивната безрезервна помош, Скопје по трет пат во своето постоење се издигна како феникс. Тоа не беше само солидарност со зборови, туку солидарност во акција.
Почитувани присутни,
Скопскиот земјотрес постави еден голем предизвик пред светската јавност. Предизвик што може да се сумира со една, сè уште актуелна дилема: како да се изгради побезбедна иднина за нашите деца.
Вие, експертите од земјотресното инженерство, давате дел од одговорот на дилемата. Разрушеното Скопје стана појдовна точка за земјотресното инженерство во Европа. Од големата трагедија се јави и нова можност.
Затоа, годинава одбележуваме и половина век од европското земјотресно инженерство како израз на човековата решителност. Решителност да се направи сè што е во неговата моќ, да ги спречи или барем да ги намали катастрофалните последици предизвикани од бесот на природата.
Вие сте показател за човековиот стремеж за побезбеден свет. Верувам дека во основата на сето тоа е љубовта. Љубовта кон животот, кон ближните, кон наследеното од предците и наследството за потомството.
Ценети присутни,
Верувам дека вториот дел од одговорот на поставената дилема лежи кај носителите на одлуки.
За три дена во градот на УНЕСКО, Охрид, ќе бидам домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Со тоа ќе заврши едногодишното македонско претседавање со оваа најстара автохтона иницијатива во Југоисточна Европа. И оваа конференција што ја отвораме денес е дел од тој процес.
Со моите колеги, претседателите од регионот, ќе разговараме за тоа што ние, лидерите, можеме да направиме за да изградиме заедници, градови, нации и региони што ќе бидат поотпорни на ризиците од катастрофи.
Што и да одлучиме на Самитот, едно е сосема јасно. Не можеме сами. Неопходна ни е помошта од научната заедница. Неопходна ни е експертизата што вие и вашите колеги ја имате. И тоа за секој ризик на кој е изложен регионот на Југоисточна Европа. И земјотресите, но и пожарите, сушите и поплавите. Во прашање се животите на 140 милиони луѓе. На тоа нè обврзуваат нашите граѓани, нашите деца, кои се нашата иднина.
Цврсто сум убеден дека решението лежи во калењето на функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа. Ќе предложам конкретна соработка на тој план.
Дами и господа,
Само со ваша помош можеме да креираме добри, научно втемелени, применливи и долгорочно одржливи политики. Политики што можат да бидат реално спроведени од надлежните институции на државите.
Позитивен пример за ова се нашите денешни домаќини. ИЗИИС неодамна стана Институт на УНЕСКО од категорија 2, единствен таков Институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси.
И како што трагедијата на скопскиот земјотрес секогаш нè натажува, така светската солидарност ни дава надеж, нè охрабрува и нè мотивира полесно да ги надминуваме ваквите предизвици.
Денес, на нашиот регион му е потребна солидарност во акција. Но, овој пат, не смееме да чекаме катастрофата да се случи. Мора да дејствуваме превентивно. Едноставно, не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност.
Како покровител на оваа значајна меѓународна конференција, уверен сум ќе придонесе во изнаоѓањето на неопходните практични и применливи решенија на проблемите поврзани со инженерската сеизмологија и земјотресното инженерство. На самиот крај, ви посакувам успешна конференција.
Ви благодарам.

|