Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Вистинска чест и задоволство е да се биде на овој значаен самит, тука во Братислава, во срцето на Европа. На просторот каде пред речиси дванаесет века, сесловенските просветители и светители Кирил и Методиј предлагаа Европа да биде заснована на два принципи. Принципи што ги вклучуваат сите религии и народи: цивилизацијата на љубовта и носталгијата по единството. Му благодарам на претседателот Гашпарович за срдечното гостопримство и за предизвикувачката тема.
Ценети екселенции,
Живееме во ера на глобални промени. Ера во која се менува светот каков што го знаевме. Симптомите се економски, но причините се пред сè политички. Тоа особено се чувствува на нашиот континент.
Денес има околу 26 милиони невработени во земјите на Европската унија. Има високо ниво на инфлација и стагнација на инвестициите. За некои европски земји ова може да биде изгубена деценија. А, секоја изгубена деценија истовремено значи и изгубена генерација.
Глобалната економска и финансиска криза си го зема својот данок и во мојот регион - Југоисточна Европа. Повеќето земји од регионот минатата година забележаа реален пад на бруто-домашниот производ, а некои остварија забавување на стапките на раст. Кризата ги намали можностите за економски развој на речиси целиот регион. Дури и фондовите на Европската унија за развојот и техничката поддршка се под притисок. Според последниот извештај на Светската банка, просекот на странски директни инвестиции по глава на жител во регионот е само 285 долари. Од предизвиците не е одмината ниту Република Македонија.
Но, и во вакви услови, македонската економија е стабилна и одржлива. Имаме буџетски дефицит од 3,5% од бруто-домашниот производ. Имаме стабилен банкарски систем. Во однос на јавниот долг, со стапка на задолженост од 34,1%, Република Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа. Според индексот за економска слобода во светот за 2012 година, се наоѓаме на 43-то место, пред дури седум земји од нашиот регион. Според рангирањето на Светската банка за 2013 година, Република Македонија се наоѓа на високото 5. место според поволноста за започнување бизнис. Четврти сме според олеснувањето на даноците за 2012 година. Ние сме трети најдобри реформатори во светот.
Почитувани присутни,
Сите ние сме дел од бродот наречен Европа. Пред неколку години, нашиот европски брод беше зафатен од глобалната економска, кредитна и финансиска бура. Сакам да верувам дека наскоро ќе влеземе во помирни води. До тогаш, ние треба да знаеме кои делови од бродот ќе треба да се заменат, кои да се санираат, а кои да се зајакнат. Она што сега е најважно е да не го изгубиме компасот. Тоа е и целта на стратегијата за раст за посткризното закрепнување, кон која сите ние можеме да придонесеме.
Европската унија е создадена како мировен проект и беспрекорно функционираше во услови на економски просперитет на континентот. Но, се појави кризата, и, Унијата покажа слабост.
Ги цениме напорите на сите вклучени во изнаоѓањето решенија, но е потребно да се размисли за подобрување на системот, со цел да биде поотпорен на економските кризи. Неспорно е дека одговорноста на секоја членка е битна, но, во едно семејство ако се запали куќата, не е важно кој член на семејството го предизвикал пожарот. Важно е да се спаси, а потоа и да се поправи куќата.
Верувам дека дел од одговорот е во натамошна европска интеграција. Ќе го земам за пример нашиот денешен состанок, кој има два тима. Во првата група се земјите-членки на Европската унија, а во втората, оние кои не се, но сакаат тоа да бидат. Република Македонија е во втората група. Сите знаеме каде лежи победата. И покрај предизвиците со кои се соочува во поглед на нејзината економија, управување и одговорност, Европа е фаворитот.
Веќе од идниот месец, тимот на Европската унија ќе се зајакне со еден член повеќе од регионот на Југоисточна Европа. Со тоа, овој наш ценет форум ќе добие уште една земја-членка на Унијата, а Унијата ќе се збогати со уште една земја-членка од форумот. Со проширувањето на Европската унија, сите ние добиваме, а особено Унијата.
Почитувани присутни,
Европската унија без нашиот регион, без секоја од нашите земји, вклучително и Република Македонија, е незавршен проект. Веројатно повеќето меѓу нас се сеќаваат на зборовите што нашиот ценет колега, претседателот Наполитано, ги кажа во Варшава, на вечерата со претседателот Обама. Европската унија не е Европа, ниту пак Европа е само Европската унија. Јас целосно се согласувам со неговиот став. Европската унија треба уште да работи и да се проширува за да може да зборува во името на Европа. За две недели ќе се отвори уште една можност за да се намалат разликите меѓу Европската унија и Европа. Уште една можност Унијата да се приближи кон Европа.
Во очекување сме на Европскиот совет, каде очекуваме и се надеваме дека секоја земја од регионот ќе направи чекор напред. Република Македонија и Република Србија да добијат датум за преговори. Црна Гора успешно да напредува во преговорите до нивното завршување. Република Турција да продолжи со преговорите. Република Албанија да стане кандидат. Босна и Херцеговина, Република Молдова и Косово да напредуваат на европската агенда.
Ценети присутни,
Со приближувањето кон европското семејство, ние, кои сакаме да сме дел од клубот, ги движиме општествата кон слободниот проток на луѓе, капитал, стоки и услуги. Тоа нè поттикнува и нè фокусира на реформите. Нè навикнува на поголема економска и фискална дисциплина. Ни помага на европски начин да ги затвораме отворените прашања.
Регионот на Југоисточна Европа полека, но сигурно закрепнува од периодите на изолација, поделби и конфликти што ја обележаа последната деценија на 20 век. Регионот повторно се обединува и се интегрира кон нашиот заеднички дом – Европа. Се градат транспортни, инфраструктурни и енергетски коридори. Се развиваат индустриски капацитети. Се разгранува и се продлабочува протокот на луѓето, стоките, капиталот и услугите. Се градат мостови на разбирање.
Охрабрува и тоа што Југоисточна Европа е собрана тука, во Централна Европа. За жал, по се изгледа дека земјите од Југоисточна Европа немаат проблем да се состануваат надвор од сопствениот терен, од сопствениот регион. Се надевам дека и тој предизвик ќе биде надминат.
Инспирирани од „Европа 2020: Стратегија за мудар, одржлив и инклузивен раст", работиме на заедничка стратегија на Југоисточна Европа за економски раст. Раст што треба да го достигнеме до 2020, за помалку од 7 години. Тоа е голем предизвик, но и голема историска можност за секоја од нашите држави, за нашите граѓани, за нашите деца. Република Македонија е особено посветена на развојот на оваа регионална стратегија, која треба да биде хармонизирана и со стратегијата за која денес зборуваме.
Дами и господа,
Се вели дека кога дуваат ветровите на промените, некои луѓе градат засолништа, додека други градат ветерници. Дали промената ќе ни биде пријател или непријател, зависи од нашиот пристап. Ако бегаме од неа, ни станува непријател. Ако се соочиме со промената, ако се обидеме да научиме нешто од неа, станува наш најверен сојузник.
Ви благодарам.