Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Со големо задоволство ја прифатив поканата да присуствувам на отворањето на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Семинар што го организира мојот матичен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Семинар кој секоја година ни носи многу нови почитувачи и вљубеници во културата, јазикот и литературата во Република Македонија.
Додека лани, семинарот го одбележа историскиот, 45-годишен јубилеј, би можело да се каже дека годинава го прославува својот духовен јубилеј. Годинава, одбележуваме 1150 години од Моравската мисија на сесловенските светители и просветители Кирил и Методиј. Мисија во која тие се бореа за правото на секој народ да зборува, да чита и да пишува на сопствениот, мајчин јазик.
Составувајќи ја глаголицата и преведувајќи го Светото писмо, тие го засадија семето од кое никна големото, богато и разгрането стебло на словенските јазици. Денес, тука, во нашата древна духовна и културна престолнина Охрид, ги собираме плодовите од стеблото што солунските браќа го засадија пред речиси дванаесет века во срцето на Европа.
Ценети присутни, Зборовите изговорени на јазик што човекот го разбира, допираат до неговиот ум. Зборовите, пак, изговорени на неговиот мајчин јазик допираат до неговото срце. Нашите срца се преполни со радост кога ве слушаме како зборувате македонски, а за тоа има добра причина.
Македонскиот јазик е срцето на Македонија. Како што рече Блаже Конески, нашиот јазик е нашата единствена комплетна татковина. Ќе се согласите дека во оваа кратка мисла одекнуваат зборовите на Крсте Петков-Мисирков, кој пред 110 години, во делото „За македонцките работи“, меѓу другото, напиша:
 „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добивме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше сè што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и предедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи.“Дами и господа,
Во јазикот се препознава минатото, сегашноста и иднината на еден народ. Преку јазикот гледаме какво е неговото историско искуство, каде се наоѓа и кон каде се стреми.
Според некои процени, во богатата европска лингвистичка градина денес има околу 230 живи јазици, а македонскиот јазик е еден од нив. Крсте Петков-Мисирков пишуваше во време кога постоеја обиди македонскиот јазик, како неразделив дел од македонскиот идентитет, да биде трајно искорнат од европската многујазична градина. Период кога некои држави се обиделе делови од градината да сведат на еднокултурна плантажа.
Но, како што вели Петре М. Андреевски: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“. Денешниот собир доволно зборува за нивниот неуспех.
Со самото тоа што денес македонскиот јазик го зборуваат неколку милиони Македонци во Република Македонија и надвор од неа, иднината е обезбедена и сигурна. Но, токму преку вас, славистите од целиот свет, македонскиот јазик, како и македонската култура и литература, се здобиваат со најдобрите амбасадори на светските меридијани. Најискрено ви благодарам за сиот ваш труд и посветеност.
Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам успешна работа во летната школа и пријатен престој во Република Македонија.
Ви благодарам.

|