Обраќање на отворањето на Европското првенство во борење - јуниори
Среда, 03 Јули 2013   

borenje1Почитувани присутни,
Драги пријатели,


Вистинска чест е да ви се обратам вечерва, на отворањето на Европското јуниорско првенство во борење во женска и во машка конкуренција. Му честитам на секој еден од вас што успеал со својата посветеност, сила и вештина да се избори за учество на ова првенство. Првенство кое е симбол за човековата борба и стремеж кон подобро и поуспешно.


Почитувани,

Спортот има две основи улоги. Преку дисциплината, издржливоста и посветеноста, да создава здрави и одговорни поединци и генерации. Втората, универзална улога е да ги брише границите, да ги поврзува народите и да ги сплотува спортистите и нивните верни навивачи. Во ова Европско првенство се обединети двете улоги на спортот.

borenje2Навистина се гордеам што Република Македонија е домаќин на овој значаен спортски настан. Како длабока традиција, македонското борење е нашиот најтрофеен спорт на меѓународен план. Но, уште поважна е можноста што ви се дава вам, борачите што учествувате на ова јуниорско првенство. Вие сте сегашноста, но и иднината на европското борење. Вам ви ја даваме сета поддршка за и натаму да продолжете со врвни резултати во овој спорт.

Ја користам оваа пригода да им се заблагодарам на европската и на светската боречка федерација за укажаната можност да бидеме домаќини на овој настан. И благодарам и на нашата боречка федерација за сите активности и подготовки околу реализацијата на ова првенство. Не се сомневам дека ова ќе биде успех за кој долго време ќе се зборува.


Почитувани учесници,

Верувам дека на душекот ќе го дадете својот максимум и ќе ги импресионирате гледачите. Ви посакувам да имате незаборавно првенство исполнето со највисоки спортски достигнувања, но и градење на пријателства со останатите учесници.

Не заборавајте. Во спортот, како и во животот, разликата меѓу невозможното и возможното лежи во човековата упорноста. Само најупорните стигнуваат до крајот. Со таа мисла, го прогласувам првенството за отворено.


Ви благодарам.

borenje3

  Back<<Назад