Oбраќање на претседателот Иванов на промоцијата на книгата „Камбана – Дипломатијата на Пупин", по повод одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Михајло Пупин
Понеделник, 16 Јуни 2014   

mihajlopupinПочитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Живееме во време на голема глобална трансформација, период на темелни промени, пропратени со неизвесност и несигурност. Време кога ни се потребни луѓе со визија за иднината, луѓе кои со своите дела и со своите животи ќе ги инспирираат и мотивираат младите да се стремат да бидат подобри, поуспешни, и пред се, почовечни.

Во годината кога одбележуваме еден век од почетокот на Првата светска војна, на сите нам во Македонија, на Балканот и на Европа потребни ни се брилијантни иноватори кои со својот ум ја менуваат реалноста и светот.
Потребни се дипломати кои со својот морален и професионален авторитет го освојуваат јавниот простор.
Потребни се луѓе со отворен ум, кои поврзуваат наместо да разединуваат.
На светот насушно му се потребни искрени хуманитарци, шампиони на малите народи, борци за човекови права и за човечко достоинство. Луѓе кои се длабоко свесни за минатото, а притоа недвосмислено насочени кон менување на сегашноста и создавање на подобра иднина.

Пред 160 години се роди еден човек во кој беа сплотени сите овие вредности, способности и одлики. Потекнувајќи од влашко семејство кое од Москополе, преку Вевчани во Македонија се насели во Идвор во Србија, Михајло Пупин стана успешен во Америка, од каде започна да го менува светот.

Тоа не треба да не чуди. Балканот отсекогаш давал големи луѓе кои со своите идеи, визии и дела ги надминуваат етничките, политичките и државните граници и го задолжуваат целото човештво. Македонија е среќна што е дел од тој балкански духовен, културен и креативен простор.

Затоа, како Претседател на Република Македонија, ми претставува чест да се придружам кон одбележувањето на овој значаен јубилеј – 160 години од раѓањето на Михајло Идворски Пупин. Благодарни сме му на господинот Жељко Шајн, кој во книгата „Камбана" расветлува помалку познати, а сепак многу значајни аспекти од животот на овој голем човек.

mihajlopupin1Ценети присутни,

Како врвен научник и иноватор, Пупин го вложи својот брилијантен ум во поврзувањето на светот. Цел еден век луѓето од различните континенти можат телефонски да комуницираат, меѓу другото, благодарение на Пупиновиот калем, еден од неговите многубројни пронајдоци.

Како професор и педагог Пупин го оствари сонот на секој учител – да биде надминат од своите студенти, од кои двајца ја добија Нобеловата награда за хемија.

Како нетипичен дипломат и миротворец, почитуван од американскиот претседател Вудро Вилсон, тој влијаеше на исцртувањето на балканските граници на Париската мировна конференција во 1919 година. И денес, многу балкански држави му се благодарни за неговиот ангажман.

Како човек свесен за своето минато, Пупин беше носталгичен за родниот крај на неговите предци каде сесрдно помагаше. Тоа никогаш нема да го заборавиме.

Како искрен верник, тој покажа дека е возможно и неопходно науката да биде морална, етичка и хумана.

Како добротвор, тој и ден денес воодушевува со неговата отвореност, пристапност и грижа за другите луѓе. Пупин успеа да го победи успехот и остана скромен, приземен, и секогаш подготвен да им помогне на сите оние кои ја барале неговата поддршка.

Сето тоа го постигна благодарение на неговата животна филозофија на усогласување и поврзување меѓу луѓето, народите и државите. Филозофија која ни е насушно потребна денес, повеќе од кога било порано.

Почитувани присутни,

Одлика на сите големи луѓе со отворени умови е тоа што не можат да бидат присвојувани, ограничувани и омеѓувани. Нивните дела не познаваат и не признаваат етнички, државни или други граници. Нивните дела се општочовечки и им припаѓаат на сите луѓе на оваа планета.

Михајло Пупин претставува пример за тоа како да се усогласуваме, како да се поврзуваме и обединуваме во остварувањето на споделените благородни цели. Преку својот живот и своето дело, тој и денес симболично ги поврзува Балканот, Европа и светот во нова надеж. Надеж дека со визионерство, иновативност, креативност и посветена работа можеме да им оставиме подобра иднина на нашите потомци.

Ви благодарам.
mihajlopupin2

  Back<<Назад