Почитувани студенти,
Ми претставува огромно задоволство што, како Претседател на Република Македонија сум покровител на оваа манифестација која, наградувајќи го трудот, придонесува за формирање на квалитетен инженерски подмладок.
Пред 12 века, тука на Плаошник Св. Климент го основа првиот словенски универзитет во светот. Тој веруваше во моќта на знаењето. Веруваше дека само писмени луѓе можат да ја спознаат вистината, која ќе ги ослободи.
Денес сме собрани тука, на Плаошник бидејќи и ние, како и нашите духовни предци, веруваме во моќта на знаењето. Веруваме дека првата и основна цел на науката е без предрасуди да го толкува јазикот на природата. Преку образованието, науката не води кон разбирање, а разбирањето не води до вистината, која ослободува.
Почитувани,
Хероите на современиот глобален, и меѓуповрзан свет веќе не се бараат на бојните полиња, туку во универзитетските аури, лабораториите и технолошките паркови. Научниците и инженерите се вистинските двигатели на напредокот на секоја земја и на светот воопшто.
Денес, вам најуспешните и најпосветените млади инженери сакам да ви порачам дека живееме во можеби највозбудливото време за науката, техниката и технологијата. Време кога Република Македонија целосно и посветено се вклучува во глобалната трка за знаење, иновации и креации.
Успехот на оваа трка се мери во бројот на нови технологии, изуми, решенија и патенти. Се мери со нивото техничко-технолошкиот и материјалниот напредок на општеството и економијата. Но, сето тоа зависи од главниот ресурс, а тоа сте вие, нашите млади, образувани, иновативни и креативни инженери. Луѓе со отворен ум и поглед насочен кон иднината.
Затоа, денес, тука, на Плаошник, кога го примате Инженерскиот прстен, ве повикувам да се вклучите со сиот ваш интелектуален капацитет и, преку вашиот личен успех, да придонесете и кон севкупниот успех на Македонија.
Ви благодарам.

|