|

Почитувани присутни, Почитувани градоначалници, Драги вљубеници во спортот, Дами и господа,
Вистинско задоволство е кога ќе ги видите плодовите од напорната работа. Минатата година успешно го истрчавме првиот круг посветен на спортскиот бонтон во Република Македонија. Посетивме неколку повеќеетнички, повеќерелигиски и повеќејазични општини, и индиректно вклучивме илјадници ученици.
Денес, со потпишувањето на Меморандумот за соработка за имплементација на проектот „Спортски бонтон", сакаме да го потврдиме она во што сите ние цврсто веруваме.
Веруваме дека нашите деца треба да спортуваат, да растат и да живеат заедно. Да другаруваат, да градат пријателства, да се почитуваат и да си помагаат, независно од етничката, верската или јазичната припадност. Тоа е суштината на македонскиот модел на соживот и почитување, што се пренесува од предците на потомците, од родителите на децата, од наставниците на учениците.
Веруваме дека тоа можеме да го постигнеме и преку спортот кој, заедно со семејството и училиштето, е третиот столб на образованието на децата.
Почитувани присутни,
Разбран правилно, спортот има моќ да зближува, да поврзува и да интегрира, да ги брише етничките, јазичните, религиските и социјалните разлики. Разбран погрешно, спортот може да се претвори во борбено поле на меѓусебни навреди и омаловажувања од кое сите заминуваат поразени, вклучително и спортот.
Овој посветен тим правилно ја разбра моќта на спортот и реши дека е крајно време да се вратат вредностите, принципите и правилата на вистинскиот спорт, на спортскиот бонтон.
Најдобрата спортска победа е онаа добиена преку фер игра. Единствено вредна победа е онаа во која нема поразени. Проектот „Спортски бонтон" има за цел да им овозможи на децата да ја постигнат најдобрата и највредната спортска победа, во која има два победника – младите и Македонија.
Затоа, чест ми е што како претседател на Република Македонија сум покровител на ова значајно партнерство меѓу Геостратешкиот институт „Глобал" и градоначалниците на Охрид, Карпош, Маврово и Ростуше, Велес, Свети Николе и Ново Село. Партнерство за кое сум уверен дека ќе се проширува со нови општини и ќе се продлабочува со нови содржини.
Партнерство со кое се обврзуваме преку спортскиот бонтон да создаваме иднина за младите, а преку младите, да ја градиме иднината на Македонија.
Ви благодарам.

|