|
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Ми претставува особена чест и големо задоволство да ве поздравам и да се заблагодарам за гостопримството. Честа е дотолку поголема, бидејќи годинава нашите две пријателски држави прославуваат значаен јубилеј – 20 години од воспоставување на дипломатските односи. 20 години пријателство меѓу Република Македонија и Светиот Престол. Години исполнети со плодна соработка и со заемно почитување. Убеден сум дека и во следните децении, со заеднички ангажман, ќе го надградуваме традиционалното пријателство.
Пријателските односи и соработката меѓу двете држави се потпираат на три столба: длабоката христијанска традиција, споделената грижа за Европа и промовирањето на мирот, дијалогот, соживотот и почитувањето на различностите. Столбови втемелени врз златното правило што од нас бара да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас.
Низ вековите ова правило ниту застарело, ниту изгубило значење. Напротив, повеќе од кога било порано, тоа денес е во центарот на одговорот на многу актуелни европски и глобални предизвици.
Република Македонија овој принцип го има вградено во својот македонски модел на соживот и почитување на различноста во нашето повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество.
Ценети присутни,
Оние поединци што сериозно го сфатиле златното правило, ја промениле Европа и го промениле светот на подобро. Токму такви поединци, кои ги посветија животите на Христос, на милосрдието и просветителството, и денес силно ги поврзуваат Македонија и Светиот Престол. Мајка Тереза, која се роди во Скопје, и Свети Кирил, кој се упокои во Рим.
Благодарение на светите Кирил и Методиј, веќе не се поставува прашањето дали народите имаат право на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација, туку како да се обезбеди и како да се оствари тоа право. За тоа сведочи и оваа изложба на средновековни ракописи.
Благодарение на Мајка Тереза и на луѓето, кои своите животи ги посветиле на милосрдието кон сиромашните и отфрлените, веќе не се поставува прашањето дали треба да им се помогне на најсиромашните, туку како да им се помогне.
Ако светите Кирил и Методиј во 9 век беа моралната совест на Европа, Мајка Тереза во 20 век стана моралната совест на светот.
Споделена одговорност на Република Македонија и на Светиот Престол е да продолжат заедно да ги негуваат и да ги промовираат овие споделени вредности: мирот, дијалогот, духовното разбирање, соживотот и почитувањето на различностите.
Ви благодарам.

|