|
Почитуван потпретседател на Владата на Република Македонија, г. Владимир Пешевски, Почитуван заменик-претседател на Владата на Република Турција, г. Емруллах Ишлер, Почитувани министри, пратеници, Ценети екселенции, Почитувани претставници на медиумите, Драги пријатели,
Ми претставува чест и задоволство да ве поздравам во планинскиот Коџаџик, родното место на Али Риза, таткото на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Како што за синот е драг татковиот роден крај, така и за државата е значаен родниот крај на нејзиниот основач. Република Македонија е горда што може да се нарече роден крај и на Ататурк и на неговиот татко. Но, и на многу други значајни дејци, како талентираниот писател и поет Јахја Кемал и дипломатот Али Фети.
Тие, и уште многу други, се наши споделени вредности кои ја одразуваат традицијата на соживот и на меѓусебно почитување во нашето повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично македонско општество.
Конкретен израз на македонскиот модел на соживот е и проектот за обнова на спомен куќата на Али Риза, проект што силно го поддржав од самиот почеток. Посветеноста кон реализирањето на проектот, но и кон добрите билатерални односи, ја потврдивме и со донирањето на еден автентичен камен од куќата во музејот на Ататурк во Турција.
Уверен сум дека преку овој проект многу странски и домашни туристи ќе го посетуваат Коџаџик и ќе имаат можност да го запознаат нашето споделено културно богатство.
Почитувани гости,
Како претседател на Република Македонија, уверен сум дека македонските граѓани нема никогаш да ја заборават поддршката и солидарноста што Република Турција ја покажа кон нас уште од првите денови на независноста на Македонија.
Со отворањето на овој историски објект остануваме доследни на традиционално добрата соработка со пријателската Република Турција. Соработка што се манифестира во многу области. Од економијата до туризмот, од надворешната политика до културата.
Конкретен пример за нивото на соработка меѓу двете земји се проектите на Турската агенција за соработка и развој – ТИКА, која секогаш излегува во пресрет за потребите на нашите граѓани. Затоа, ја користам оваа свечена пригода да изразам благодарност до Република Турција и до ТИКА за севкупната поддршка. Ние ќе продолжиме да ја унапредуваме нашата соработка и во иднина.
Во средиштето на нашата соработка се припадниците на турската заедница во Република Македонија, кои се културен мост меѓу двете земји. Како лојални граѓани на Република Македонија, тие даваат значаен придонес кон политичкиот, економскиот и општествениот развој на нашата држава. Верувам дека Турците во Македонија, како и илјадниците иселеници во Република Турција со потекло од Македонија, ќе продолжат да бидат амбасадори на пријателството и на цврстата соработка меѓу нашите две држави.
Почитувани гости,
Денешниот настан го празнуваме со измешани чувства на радост и тага. Се радуваме што, на државниот празник на Република Турција, го гледаме финалниот резултат на проектот што дополнително ги поврзува нашите две држави. Но, истовремено тагуваме поради големата рударска несреќа што минатата недела се случи во Маниса, Сома.
Затоа, од ова место, сакам да им изразам најдлабоко сочувство на семејствата на рударите што ги загубија животите во оваа трагична несреќа. Во овие тешки времиња, ја споделуваме тагата на граѓаните на Република Турција и нашите мисли се со семејствата на настраданите.
Ви благодарам.

|