Почитувани вљубеници во уметноста, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Секоја промена во светот најпрво започнува во човековиот ум и во човековото срце.
Вечерва сме тука, во нашиот древен Охрид, бидејќи веруваме во моќта на музиката и уметноста, да го промени и да го облагороди човекот, а со тоа и светот и векот во кој живееме.
Како ретко кој човечки феномен, уметноста има способност да ја изрази вистината за човековата душа. Вистина која иако не се изговара, сепак не смее да се премолчи – дека од искона луѓето имале творечки дух кој им овозможува и кога се слаби да бидат силни, и кога се сиромашни да бидат богати, и кога се во пранги да бидат слободни.
Музиката е второто име на слободата. Да се твори значи да се биде слободен, и да се биде слободен, значи да се твори. Пред речиси седум децении, на ден Илинден, се роди слободна АСНОМ-ска Македонија. Пред седум децении се роди и Македонската филхармонија. И како што АСНОМ го проби патот до слободата, Филхармонијата го отвори „Охридско лето" како најзначаен коридор на уметноста.
Нашиот фестивал прерасна во современа уметничка Via Egnatia што одново ги поврза Охрид и Македонија со Европа и со светот. Via Egnatia по која чекорат врвни домашни и странски уметници, кои со моќта на звукот и танцот, зборот и сликата, ги менуваат нашите срца и мисли, а со тоа и нашиот светоглед.
Со таа мисла, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето" за отворен!

|