Почитувани присутни, Драги пријатели,
Ми претставува чест и големо задоволство да ви посакам добредојде во Република Македонија. Ви посакувам добредојде во музејот што нè потсетува дека секоја генерација има своја борба. Нашите славни илинденци и АСНОМ-ци се бореле за слободна, суверена и независна Македонија. Ние, пак, се бориме за почитувана, успешна и просперитетна, европска и евроатлантска Република Македонија.
Нашата борба е на два фронта. Преку напорни реформи дома, Македонија денес ја градиме во височина, со највисоки вредности, критериуми и стандарди. Преку отвореност кон надвор, го унапредуваме угледот на Македонија во светот. Борејќи се на два фронта, неопходна ни е помош од дијаспората.
Драги пријатели,
Постојат три начини како човек може да ја разбере вистината за Македонија. Првиот е да чита за нашата богата историја и култура. Вториот е да ја посети Македонија и лично да се запознае со нашата традиција. Третиот начин е да ја запознае македонската дијаспора. Да се запознае со секој од вас, да ги чуе вашите животни приказни, да дознае за вашите дела и посветеност кон Македонија.
Токму вие, заслужни поединци и организации од целиот свет ја доловувате вистинската претстава за Македонија.
Македонија е земја на хумани луѓе. Македонците отсекогаш давале и помагале и тогаш кога им било најтешко. Така било во минатото, така е и сега. Преку вашите добротворни активности, вие ја негувате таа длабока македонска традиција.
Македонија отсекогаш давала луѓе со отворен ум и со креативен дух. Уметници кои преку музиката и танцот, преку зборот и сликата ги освојувале светските сцени и галерии. Со нивното творештво Македонија е дел од богатиот мозаик на култури и традиции во светот.
Македонија е и земја на правдољубивите, на борци за човекови права и човечко достоинство. Меѓу вас има и историчари, кои неуморно го истражуваат нашето богато минато, претставници на медиуми и активисти, кои го запознаваат светот со вистината за Македонија, но и визионери, иноватори и претприемачи, кои ни помагаат да достигнеме уште посветла иднина.
Почитувани иселеници,
Вечерва, тука, ве има и стари и млади. Потекнувате од различни краишта на нашата заедничка татковина, имате различна етничка и верска припадност, раселени сте по сите меридијани.
Но, и покрај сите разлики, има едно нешто што ве поврзува. Сите вие сте вљубени во Македонија. За тоа зборуваат вашите животи, вашите дела, но и вашите лица вечерва. Дојдовте од сите страни на светот за да бидете тука, во Македонија, меѓу своите роднини, меѓу своите сонародници.
Дојдовте, бидејќи Македонија ве повика. Македонија која памети, која препознава и која вреднува сè што досега сте направиле за неа.
Секој ваш успех е и успех за Македонија. Секој концерт и уметничко дело, секој објавен труд и напишана книга, секој глас подигнат во името на правдата и достоинството е глас и придобивка за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.
Вие сте наши амбасадори и промотори во државите кои станаа ваши втори татковини. Ни давате мотив и можност да ги развиваме и да ги унапредуваме односите со земјите во кои живеете и творите. Ги вложувате вашите таленти, време и енергија во промовирањето на вистината за Македонија, на македонските инвестициски можности и поволности.
Затоа, како претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани, но и во мое, лично, име сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија.
Признанието за вас е воедно и признание за целата македонска дијаспора. Дијаспора која направи многу. Но, вечерва ќе спомнам само едно нешто.
На денешен ден, на 24 јули 1957 година, пред точно 57 години, речиси нечујно згасна животот на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.
Уште додека беше жив, неговите заслуги за Македонија беа неправедно оспорувани, а неговото име, тука во неговата родна Македонија, беше забранувано, бришено и заборавано. Но, споменот за Ченто продолжи да живее во сеќавањата на неговите најблиски и на македонската дијаспора.
Како што дијаспората ни врати дел од заборавеното минато, така со дијаспората можеме да ја достигнеме и посакуваната иднина. Да ја оствариме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење.
Драги пријатели,
Со Медалот за заслуги за Македонија и со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме.
Со ова признание ве повикувам заедно, како тим, да ги поврземе успешните иселеници од целиот свет со институции и со поединци во Македонија. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија.
Ве повикувам уште посилно да се вклучите со сиот ваш духовен, интелектуален и творечки капацитет и, преку вашиот личен успех, да придонесете и кон севкупниот успех на Македонија.
Ви благодарам.

|