Почитувани гости, Дами и господа,
Знаењето и образованието не познаваат граници. Тие се дел од отворен простор, кој создава луѓе со отворен ум. Луѓе кои во предизвиците гледаат можност, а во соседот гледаат пријател. Денес потпишуваме уште еден протокол за соработка, со кој ќе отвориме простор за стипендирање на 20 нови студенти од Република Македонија за мастер студиите на престижниот солунски Сити колеџ, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд", Велика Британија. Особено сум горд што овие стипендии го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски, кој беше светлина за Република Македонија и кој на регионот му понуди светоглед на дијалогот како предуслов за градење доверба и заедништво меѓу луѓето, државите и народите. Како и секоја година така и во академската 2014/2015 очекувам од стипендистите да го надградат своето знаење и да покажат дека, градењето квалитетни, високообразовани кадри секогаш е најисплатлива инвестиција. На Република Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот, финансиите. Не се сомневам дека токму преку овие студии стипендистите ќе се доизградат во врвни претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството кое инвестирало во нив.
Почитувани,
Дозволете во оваа пригода да се заблагодарам на Министерството за образование и наука и на Сити колеџот од Солун, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот „Шефилд," кои како посветени партнери го овозможија доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски". Во изминатите неколку години имавме одлична трилатерална соработка и верувам дека така ќе биде и во иднина. На крајот би сакал да ги охрабрам сите кои ги исполнуваат условите, да се пријават на конкурсот и да се стекнат со шанса за добивање нови знаења и искуства. Можност, да се изградат како луѓе со отворен ум што ќе создаваат отворен простор за идните генерации.
Ви благодарам.

|