|
Почитувани претседатели и судии на уставните судови, Ценети министри и пратеници, Ценети екселенции, Дами и господа,
Денес славиме 50 години уставно судство на Република Македонија. Години во кои стекнавме богато искуство и традиција на практикување на уставното судство. Искуство кое ни помогна во клучните мигови на уставниот развој на Република Македонија кој се стреми кон обезбедување праведен поредок за граѓаните.
Човекот има длабока потреба за правда и поредок. Аристотел смета дека правдата се состои во тоа секому да му се даде она што му следува. Поредокот, пак, го гарантира организираната држава. Но, како што потсетува Аристотел „траењето на државата зависи и од правдата и од законите". Мотивот на законитоста е општа, а мотивот на незаконитоста е индивидуална полза. Затоа ни се потребни законите.
Различни закони регулираат различни сфери на човековиот живот. Сфери кои меѓусебно се преплетуваат, преклопуваат, а некогаш и судираат. Оттука произлегува потребата законите да бидат усогласени. Усогласени преку Уставот, кој е единица-мерка за прифатливоста на законите.
Ценети присутни,
Уставот е израз на суверената волја на граѓаните и е највисок акт што нè дефинира како нација. Во Уставот е преточена визијата на граѓаните за тоа во каква држава сакаат да живеат, да работат и да напредуваат. Визија за тоа каква држава сакаат да им остават во наследство на своите потомци.
Уставот на Република Македонија ја одразува нашата реалност. Во него се вградени врвните вредности и придобивки од македонскиот модел на соживот и традиција на почитување на различноста. Затоа, денес, во нашиот Устав се гарантирани човековите права и слободи и правото на човечко достоинство.
Како рамка на нашиот поредок, со Уставот се омеѓени правните граници меѓу законодавната, извршната и судската власт. Оттука и прашањето за односот меѓу уставното судство и политиката, кое е старо колку и самото уставно судство. Дали уставното судство треба да се занимава со политички прашања, или треба да го чува просторот на слободното политичко уредување. Простор што е со Устав гарантиран за другите уставни гранки на власта.
Уставното судство е тоа што одлучува за правната рамка за дејствување на политиката. Рамка во која законодавната и извршната власт можат да постапуваат и да ги уредуваат односите.
Како чувар на уставноста, овој суд е фактор во остварувањето и во спроведувањето на Уставот и законите и обезбедува кохерентен и конзистентен уставно-правен систем.
Уставното судство не може и не треба да биде замена за законодавната власт. Но, иако не носи закони, уставното судство е сепак цврсто поврзано со законодавната власт. Можноста за независната проверка од страна на Уставниот суд ја зголемува веројатноста дека законите што се носат ќе ги задоволат потребите на државата во која владее правото. Уставното судство ѝ помага на државата да постигне подобри резултати, да донесе поквалитетни закони, за доброто на граѓаните.
Дами и господа,
Улогата на Уставниот суд, како независна институција, чии надлежности се дефинирани и се утврдени единствено во Уставот на Република Македонија, никогаш не била позначајна отколку денес.
Република Македонија спроведува постојано прилагодување на домашното право кон правото на Европската унија кон која се стремиме.
Со своите одлуки, Уставниот суд ги обезбедува приматот и супермацијата на Уставот над законите, и со тоа гарантира стабилен и функционален демократски поредок.
Се вели дека демократијата е неопходен, но не и доволен предуслов за зачувување на владеењето на правото. Затоа постои уставното судство како заштитен механизам кој ги оценува содржините на клучните области на човековите права и слободи и правото на човечко достоинство.
Уставното судство не ја контролира демократијата, ниту е недемократско. Напротив, како што Уставот претставува израз на волјата на уставотворниот законодавец, така и контролната функција на уставното судство се темели на одлуката на демократскиот законодавец.
Ценети присутни,
Како претседател на Република Македонија, во постојана соработка со граѓаните се трудам да ја издигнам културата на почитување на Уставот и законите.
Тоа е неопходно за доверба меѓу граѓанинот и државата, меѓу институциите на државата. А клучот за таа доверба е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност и секој кој носи одлуки презема одговорност за своите постапки.
Целта на Уставот и на уставното судство е токму тоа – да помогне во создавањето рамнотежа меѓу слободата на политичкиот систем, уставно ограничените гранки на власта и демократското учество на граѓаните.
Затоа, го честитам 50-годишниот јубилеј и посакувам успешна работа и плодна дебата на Конференцијата за современите предизвици на уставното судство.
Ви благодарам.

|