|

Ценети екселенции, Дами и господа,
Државите од Југоисточна Европа се соочуваат со сериозна закана. Балканот е првиот регион на Европа што се наоѓа на крвавата мапа на таканаречениот Исламски Калифат.
Со загриженост морам да констатирам дека Балканот веќе станува база за регрутација и радикализирање на нови странски борци за глобален џихад. Странските борци од Балканот во ИСИЛ и Џаб хат ал Нусра се групирани во етно-национални одреди, за да ја извезат џихадистичката идеологија во нивните матични држави, и со тоа да послужат за повисоките цели на џихадизмот.
Никој не може со сигурност да го каже точниот број на странски борци од Балканот на боиштата во Ирак и во Сирија. Нивниот број постојано се зголемува, и веќе не можеме да ги броиме.
Меѓу нив има џихадисти подготвени за воени операции за дефанзивен но и за офанзивен џихад. Нивната интеракција со други странски борци создава мултинационална структура што е ризик и опасност. Имаат надворешна мрежа на поддржувачи на Запад, имаат способност да планираат, поддржуваат и спроведуваат напади против Западот или нивните сфери на интерес. Некои се таму веќе три години. Други сега им се придружуваат. Некои ќе останат таму, но некои најверојатно ќе се вратат на Балканот. И кога ќе се вратат, со себе ќе ја донесат својата омраза кон различноста, својата погубна идеологија, со која ќе ги инфицираат нашите ранливи општества и држави.
Ценети екселенции,
За сега, Балканот не е база за операции за меѓународни терористички мрежи. Но, треба да ни биде јасно дека ова не е привремена, туку постојана закана, за која мора да се подготвиме. Не смееме да ги исклучиме како невозможни болните сценарија и вербалните закани од странските борци за создавање на таканаречен Балкански калифат. Ние сме под постојана закана. Нашиот регион и нашите држави не се подготвени за оваа опасност.
Ова е дијагнозата на болеста со која се соочуваме. Но, каде е лекот? Верувам дека лекот се состои во три неопходни чекори.
Прво, со нелегалната блокада на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО се врши сериозно блокирање на мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. На почетокот, бевме блокирани во Обединетите нации поради името на државата. Сега сме блокирани во НАТО и Европската унија, не само поради името, туку и поради идентитетот и јазикот на нејзините граѓани. Блокирањето е резултат на непочитувањето на резолуциите 817 и 845 од 1993 година донесени токму од овој Совет за безбедност на Обединетите нации, прекршувањето на Времената спогодба од 1995 година депонирана во овие Обединети нации, и непочитувањето на Пресудата од 5 декември 2011 година донесена од Меѓународниот суд на правдата, еден од главните органи на Обединетите нации. Тоа се причините поради кои 21 година не можеме да дојдеме до заемно прифатливо решение. Но, истовремено, тоа се причините поради кои во нашиот регион се создава амбиент на несигурност и нестабилност. Затоа, овој Совет може и мора да придонесе кон мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. Апелирам и очекувам Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на неговите резолуции. Очекувам Советот за безбедност да се ангажира и во насока на почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од случајот Македонија.
Второ, забрзана интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. А сите знаеме дека не постои вакуум во геополитичкиот простор. Порано или подоцна, вакуумот се стреми да биде пополнет. Европската унија не смее да заборави дека Балканот е дел од Европа, и дека одлагајќи го проширувањето, си создава проблем на сопствената територија. Неопходно е час поскоро да се интегрираат сите земји од Западен Балкан во Европската унија.
Трето, веруваме дека е неопходно формирање на Регионален центар за контратероризам во земјите од Западен Балкан што би работел на: - Утврдување на заканите и проценка на заканите од тероризам. - Оперативна координација, при што еден центар оперативно би ги следи заканите од тероризам на таргети по географски принцип.
Центарот би вршел оперативна соработка на разузнавачки информации за терористичките групи, нивни мрежи, локации, капацитети и намери, би обезбедувал рано предупредување, превенција и координација на активностите меѓу полициските и службите за разузнавање.
Дами и господа,
Веќе нема време и изговори за блокирање во европските и евроатлантските интеграции и иницијативи. Нашиот регион е ранлив, исто како и Европа.
Неопходно е да ги зацврстиме институциите на системот во сите држави од Западен Балкан, со финансирање на програми за де-радикализација и контра-радикализација за да обезбедиме навремена превенција и да развиеме против-мерки преку програми и планови за акција.
Сами не можеме да одговориме на оваа закана. Имаме ограничени финансиски капацитети. Затоа ни се потребни партнери, со кои можеме да изградиме капацитет и да се спротивставиме на насилниот екстремизам. Можеме да им го одземеме на терористичките групи оној ресурс што им е најпотребен – нови регрути, преку намалувањето на симпатијата и поддршката за екстремизмот.
Мора да бидеме одговорни. Мора да си помагаме едни на други. Стабилноста и безбедноста на секоја држава е важна врска во целиот регион.
Ви благодарам.

|