Обраќање на отворањето на 35. издание на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
|
Сабота, 13 Септември 2014
|
|
Почитувани вљубеници во филмската уметност, Ценети присутни, Дами и господа,
Секој човек има своја приказна, и секоја приказна има раскажувач. Првата приказна веројатно почнала ноќта кога човекот за прв пат со восхит погледнал кон ѕвезденото небо. Восхит што сè уште трае.
Нашава вечерашна приказна започна пред повеќе од еден век, кога двајца браќа од Македонија, од Битола, купија една филмска камера, и со тоа станаа првите филмски сниматели на Балканот. Благодарение на нивната визија, ние знаеме повеќе за светот и векот во кој живееле нашите предци. Благодарение на нивниот завет, Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот меѓународен фестивал на филмската камера што во нивна чест го носи името „Браќа Манаки".
Во изминатите 35 години фестивалот стана дом на филмските ѕвезди од Македонија, Европа и светот. И покрај сите разлики, се покажа дека ѕвездите на филмското платно и ѕвездите на небото имаат едно нешто заедничко – нè поттикнуваат да размислуваме за нашата приказна, за нашиот поглед на светот и за нашето место во него.
Филмот има моќ да ги долови наративите во кои се препознаваме и со кои се поистоветуваме. Ги помниме оние филмски сцени кои од нас ќе украдат насмевка и солза, кои ќе нè зачудат и ќе нè променат. Филмови што ќе направат да посакаме моментот да не престане, приказната да продолжи, за што подолго да бидеме дел од неа.
Како претседател на Република Македонија чест ми е да бидам покровител на фестивал што нуди такви врвни филмски остварувања. Уверен сум дека досегашните успеси ќе нè мотивираат да трасираме пат кон ѕвездите поплочен со креативност, човекољубие и убавина.
Со таа мисла го прогласувам меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки" за отворен!
Ви благодарам.

|