Почитувани присутни, Ценети колеги, Дами и господа,
Секој крај значи нов почеток. Тоа особено важи денес, кога ја имам честа да се обратам на затворањето на 18. Меѓународна конференција за достигнувањата во доменот на базите на податоци и информациони системи - АДБИС и отворањето на 6. ИТЦ Конференција за иновации.
На 8 Септември, Република Македонија одбележа 23 години од независноста. Години во кои носиме суверени одлуки за нашата сегашност и иднина. Славејќи ја независноста на Македонија, свесни сме за сè поголемата меѓузависност на луѓето, организациите и државите.
Живееме во хиперповрзан свет на глобална и динамична економија, изложена на постојани промени и неизвесности. Сведоци сме на невиден технолошки напредок, но и преиспитувања и парадокси.
Социјалните мрежи и сајбер-заедници постојано се продлабочуваат, мултиплицираат. Луѓето и владите се во потрага по златната средина меѓу сајбер-приватноста и сајбер-безбедноста. Вештачката интелигенција за едни е светиот грал, а за други пандорината кутија. Секојдневно се проширува јазот во дебатата околу роботиката и етиката.
Покрај физичките, сè понагласена улога имаат оптичките коридори и информатичките крстосници.
Секоја секунда се прават над 1500 Skype повици и се постираат 7.600 твитови.
Секоја секунда има 23.000 гигабајти интернет-сообраќај, 45.000 пребарувања на Google, 88.000 видеа погледнати на YouTube. Секоја секунда се праќаат над 2 милиона мејла. До крајот на овој мој краток говор, на интернет ќе се вклучат 1300 нови корисници ширум светот, кои ќе ги променат сите претходно спомнати статистики.
Почитувани присутни,
Интернетот стана 'рбет и нервен систем на глобализацијата.
И додека науката и технологиите вртоглаво го менуваат светот, ги менуваат нашите животи, потреби, цели и навики, едно нешто останува непроменето – а тоа е потребата за поголема предвидливост. Предвидливост од која зависат личниот и колективниот напредок, инвестициите, производството, профитот и квалитетот на живот. Предвидливоста ни е потребна за да создадеме одржлива и конкурентна економија и општество на благосостојба.
За да ја достигнеме иднината во Република Македонија, се зафативме со сериозни реформи на секој план.
Реформата подразбира форма, а формата подразбира дека сакаме да го менуваме светот околу нас, да ја менуваме Македонија, според конкретна визија, нешто што веќе го имаме замислено. Да имаме конкурентна економија, поволна бизнис-клима, ефикасна јавна администрација, напредно информатичко општество, квалитетно образование... Сè она што е неопходно за Македонија да биде успешна држава, држава во која може да се биде успешен.
Во напорите да ја достигнеме иднината, се водиме од нашите врвни вредности, стандарди и критериуми. Се водиме од идејата дека човечкиот капитал е нашиот најзначаен ресурс и потенцијал, кој треба да се искористи за да донесе богат плод.
Во трка со времето, знаеме дека еден од пократките патишта да ги оствариме овие цели е да се фокусираме на информациско– комуникациските технологии.
Информациската технологија може да биде генератор на економскиот раст во државата и средство за постигнување благосостојба во општеството.
Сите држави кои постигнале значителен раст и успеале да скокнат десетици места напред на светските ранг-листи на држави според богатство имаат едно нешто заедничко. Сите тие се напредни корисници на информациско-комуникациските технологии.
За разлика од другите технологии, кај информациските технологии државата не мора да биде изумител на нови технологии, не мора дури ни да биде произведувач, за да бележи економски раст. Доволно е да биде напреден корисник на информациската технологија.
Ценети присутни,
Иднината се случува додека ние зборуваме. Новите промени во современите технологии ќе дојдат со или без нас. Општествата кои сè повеќе се дигитализираат се во предност и токму тие ќе ги вкусат плодовите од овој процес на развој и примена на информациско-комуникациските технологии. Прашањето е дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија кои му се потребни на светот.
Затоа, неопходно ни е структурно приспособување. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучуваме во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании.
Неопходно е да го надминеме јазот меѓу академските институции и бизнис-секторот, меѓу научните истражувања и пазарот.
Ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.
Ги охрабрувам нашите универзитети да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите.
Ја охрабрувам Владата на Република Македонија да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати страни.
Само така ќе успееме да ја постигнеме целта – да имаме дигитално, е-општество во Македонија до 2020 година.
Драги пријатели,
Вакви конференции покажуваат дека во Македонија сериозно се работи во унапредувањето на информациско-комуникациските технологии, дека сме во тек со светските трендови и дека можеме да споделуваме искуства со експерти од целиот свет.
Ви благодарам.
|