Почитуван маестро Борис Трајанов,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Вчера, на 8 Септември прославивме 23 години од независноста на Република Македонија. Независноста на татковината се стекнува еднаш, но се чува, негува и промовира постојано, секој ден, секој час. Се брани и дома и надвор, и на просторните граници на татковината, но и во културните и духовните простори ширум светот.
Во големиот историски потфат беа вклучени и нашите творци, нашите уметници кои за Македонија ги освојуваа светските сцени. Тие настапуваат во името на уметноста, но и во името на Македонија. Благодарение на нивните заложби, во очите на сите македонски граѓани, тие станаа национални уметници.
Со особена чест и задоволство, денес, по четврти пат ќе прогласиме Национален уметник на Република Македонија. По Симон Трпчевски, Милчо Манчевски и Есма Реџепова годинава титулата се доделува на маестро Борис Трајанов.
Денес имаме можност да се потсетиме на неговата богата кариера исполнета со маестрални изведби и да му се заблагодариме за големите заслуги во афирмирањето на нашата држава.
Ценети присутни,
Трајанов со својот глас на најпрестижните светски оперски сцени ја претставува Република Македонија во најдобро светло и посведочува за нашата култура, уметност и духовност.
На репортоарот на Маестро Трајанов отсекогаш биле улоги со особена музичка но и драмска тежина кои бараат голем напор и беспрекорни гласовни капацитети. И тоа го постигна во една од најтешките музички и уметнички форми – операта. Затоа сме особено горди што токму Трајанов со своите незаборавни изведби остави траен печат како врвен баритон.
Се вели дека музиката е универзалниот јазик на човештвото. Јазик со кој се промовира мир, добра волја и пријателство меѓу луѓето и народите. Како глас на уметноста, Маестро Трајанов стана и глас на човечноста. За својата несебична хуманитарна активност во 2005 година Борис Трајанов беше прогласен и за „Уметник на мирот на УНЕСКО".
Дами и господа,
Уметноста е човекова природа, а природата е Божја уметност. Во таа смисла, сите ние сме должни да се грижиме за тоа најголемо уметничко дело. Но, кој подобро ќе го направи тоа од еден уметник?
Маестро Трајанов имаше визија да ја види Македонија пошумена, а природата околу нас зелена и препородена. И со својот личен пример го мотивираше целото македонско општество, не мотивираше секој еден од нас, на Денот на дрвото, да ги засукаме ракавите и да ја засадиме нашата иднина.
Со своите иницијативи и проактивност Борис Трајанов покажа дека уметниците со своите идеи и креативност можат себеси и својата енергија да ја вложат за доброто на сите.
Музиката е можеби доволна за цел живот, но цел еден човечки живот не е доволен за музиката. Таа се пренесува од генерација на генерација. Како посветен педагог на музичката академија на универзитетот Гоце Делчев во Штип, маестро Трајанов веќе се грижи да и остави на Македонија достојни наследници.
Сето она што досега го има направено маестро Борис Трајанов му ја донесе и најпрестижната државна награда од културата - титулата Национален уметник на Република Македонија.
Со овој чин ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и кон трајните културни вредности. Културата и уметноста се стожерот на секоја нација и оттука треба постојано да го унапредуваме условите за нивен развој.
Досегашните добитници на титулата Национален уметник, но и бројни други уметници, културни дејци секојдневно му покажуваат на светот дека Македонија е расадник на таленти и е татковина на извонредни креативци. Со чиста мисла, добра волја и беспрекорно владеење на универзалниот јазик на уметноста тие се нашите амбасадори низ сите меридијани на земјината топка. Горди сме што еден од нив е Борис Трајанов.
Ви благодарам.

|