Говори и обраќања
Unesko_rotator
Обраќање на претседателот Иванов по повод 70 годишнината од основањето на УНЕСКО
Понеделник, 16 Ноември 2015


UNESKO_1Почитуван генерален директор на УНЕСКО г-ѓа Бокова

Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува чест, како претседател на Република Македонија да се обратам на овој историски настан. Ја користам оваа можност, уште еднаш да го пренесам длабокото сочувство од македонските граѓани до граѓаните на Франција.

Мора да бидеме искрени.

Тешко е да зборуваме за образованието, науката и културата во моменти кога Париз е завиткан во црно.

Тешко е да зборуваме за културното наследство и одржливиот развој кога сеуште не пресушиле солзите на семејствата на загинатите.

Но, токму затоа што е тешко, ние мора да зборуваме за овие нешта, бидејќи тие се дел од нашиот одговор на терористите.

Големиот наратив на човечката историја е одбележан со судирот меѓу градителите и рушителите, меѓу создавачите и уништувачите, меѓу уметниците и цензорите, меѓу бранителите и непријателите на различноста, меѓу оние кои го пренесуваат и оние кои го забрануваат знаењето.

Денес, во нашата епоха во која глобалната поврзаност достигна невидена брзина, обем и опсег, сите ние сме сведоци, но и учесници во судирот меѓу глобалната цивилизација и глобалниот хаос, меѓу поредокот и непоредокот.

Веќе 70 години, во центарот на таа борба се Обединетите нации и УНЕСКО. Пред два дена, тука, во Париз, започна нова етапа во таа борба. Пред два дена, тука, во Париз, не беше нападната само Француската Република, туку целиот цивилизиран свет.

Денес, нашиот цивилизиран свет преку УНЕСКО дава дел од својот одговор. Нема да им дозволиме на терористите да ни ги одземат мирот, слободата и правдата.

Дами и господа,

Во рамките на Обединетите нации постојат бројни специјализирани агенции кои се занимаваат со прашања поврзани со егзистенционалните потреби на човекот, како што се храната, водата, животната средина... Но, во фокусот на УНЕСКО се оние нешта кои, условно речено, не се неопходни за живот, но без кои животот би бил тешко поднослив.

Зошто? Бидејќи, основна одлика на нашиот човечки живот е длабоката потреба за смисла и за припадност. А чувството за припадност не лебди во воздух.
Припадноста се гради преку образованието што нè воведува во светот, преку луѓето со кои комуницираме, музиката во која уживаме, уметноста на која ѝ се восхитуваме, науката што ни ги проширува видиците и сето она што го дефинира нашиот светоглед. Културното наследство ни помага во нашата потрага по смисла и припадност во ова време на нов светски непоредок.

Заштитувајќи го културното наследство, ние едноставно признаваме дека светот не започнува и не завршува со нас.

Ценети екселенции,UNESKO_2

Република Македонија припаѓа на културниот мозаик на човештвото обединето во УНЕСКО. Во УНЕСКО ние се чувствуваме како во свој дом. Заедно постигнавме многу. Ќе издвојам само неколку моменти.

Го заштитуваме и го промовираме природното и културното богатство на Охридскиот регион. Со неговите неолитски населби, древни ѕидини, ранохристијански базилики, византиски фрески и икони и отоманско наследство, Охридскиот регион е пресек на милениумското човечко живеење на културната раскрсница во симбиоза со природата.

Во 2008-та го отворивме Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство за да го споделиме богатството од Југоисточна Европа со светот.

Во 2013-та Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје прерасна во единствен Институт на УНЕСКО во светот посветен на заштитата на културното наследство од ризици од големи земјотреси.

Со УНЕСКО ја одбележавме 100-годишнината од раѓањето на мајката на 20 век – скопјанката Мајка Тереза. Заедно ја прославивме 50-годишнината од Струшките вечери на поезијата, еден од најстарите поетски фестивали во светот, кој е дом и на бројни нобеловци.

Но, УНЕСКО ни помогна и во тешките мигови, кога во 2009-та гореше манастирот Св. Јован Бигорски.

Заедно се бориме против недозволената трговија со културните добра.

Како членка на Извршниот одбор во изминативе четири години, доследно се залагавме за зајакнување на меѓународната улога на УНЕСКО.

Организацијата е посветена на образованието на младите, а образованието се пренесува преку јазикот. Наредната, 2016-та одбележуваме 1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител св. Климент Охридски. Тоа ќе биде можност да се навратиме на корените на словенската писменост. Кон иницијативата на Македонија се приклучија Бугарија, Полска и Русија. Заедно ќе го промовираме делото на овој голем светител и учител, чие наследство е вградено во словенските јазици говорени од 315 милиони луѓе низ светот. Една од неговите универзални пораки е дека треба да се престигнуваме во добрина, бидејќи добрината денес ни е потребна повеќе од кога и да е порано.

Ценети присутни,

Пред 11 века, над Охридското Езеро се издигна манастирот Св. Наум Охридски. Со векови овој христијански манастир е место каде и христијаните и муслиманите го слават Бога под ист покрив. И не е единствениот. Во Македонија има многу вакви мултирелигиозни верски објекти кои се израз на македонскиот модел на соживот и на почитување и прифаќање на различноста. Ние различноста не ја сфаќаме како закана, туку како потенцијален извор за збогатување на нашата култура и идентитет.

Македонија не е единствената држава со вакво наследство. Балканот е пребогат цивилизациски коридор што ги поврзува Истокот и Западот, Северот и Југот.

Но, дами и господа, постои сериозна опасност Македонија наскоро да биде една од ретките земји со ваков пример.

На бројни, духовно и културно, богати региони денес им се заканува опасност да потонат во духовна и културна беда.

Пред само три месеци, на 21 август 2015 година, ИСИС уништија токму таков манастир во Сирија. Манастирот Св. Елијан не беше на листата на светското културно наследство и ретко кој надвор од Сирија знаеше за него. Но, наместо магнет за туристи, овој манастир бил жива врска меѓу локалните христијани и муслимани. Денес, овој и многу други слични духовни центри на Блискиот Исток се само рушевини. А со рушењето на овие свети места, се руши соживотот меѓу религиите.

Културното наследство е многу повеќе од туристичка атракција. Тоа е темелот врз кој се надградува зданието на целата човечка цивилизација. Без тој цврст темел, нашите нови материјални и нематеријални градби би биле положени во жив песок и неминовно би потонале во заборавот на времето.

Во овој глобален непоредок, неповратното уништување на наследството на Блискиот Исток е еднакво на поткопување на темелите на нашата човечка цивилизација.

Кога на Блискиот Исток започна систематското уништување на цели заедници, на нивните домови и светилишта, светот немаше линија на помал, туку на најмал отпор. Заборавивме дека тоа не е само нивно, туку и наше минато.

Сега сме 2015 година во која ја утврдуваме агендата за одржлив развој преку намалување на ризиците од катастрофи и од климатски промени. Но, како што немаме резервна планета, исто така немаме ниту резервна цивилизација, ниту резервно минато. Ако така се однесуваме кон минатото, тогаш каква ли ќе ни биде иднината?

Со нашата неодлучност ги оставаме идните генерации посиромашни за сето она што ние не успеваме да го заштитиме.

Низ историјата имало и градители и рушители. И не е првпат рушителите да имаат свои 5 минути.
Кога пред 70 години ги основавме Обединетите нации и УНЕСКО, си ветивме дека веќе нема да бидеме пасивни набљудувачи на злото. Но, повторно им се гледа низ прсти на рушителите.

Далеку од тоа да ја споредуваме вредноста на човечките градби и човечкиот живот. Но не смееме да изумиме тоа наследство е дел од културната ДНК на човештвото.

UNESKO_3Дами и господа,

Каде скршнавме од патот и како се изгубивме во овој лавиринт?
Како дозволивме насилство насочено против сегашната, но и против минатите и иднините генерации?

Водени од идејата дека „човекот е мерка на сите нешта" направивме погрешна пресметка. Влеговме во трка за напредок и нови откритија, која се одвива паралелно со трката за нерамномерна експлоатација на ресурсите. Трка во која единственото правило е дека нема правила.

Го прегрнавме напредокот, но притоа ја отфрливме традицијата.

Станавме преносители на глобалната пандемија на вирусот познат како homo consumericus.

Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација без етика.

Станавме виртуози на политичката коректност. Ја плакнеме совеста тврдејќи дека сме толерантни, заборавајќи дека се толерира она што се мора, а се почитува и се прифаќа она што се сака.

Ја маргинализиравме религијата, заборавајќи дека најголем дел од луѓето во светот веруваат во трансцедентното.

Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите.

Каде нè доведе сево ова?

Во изминатите децении, многу глобални и регионални организации, за жал, беа заведени од идејата дека религијата е мода што одминува, и решија да ја маргинализираат. Но, не и УНЕСКО.
Многу организации ја демонизираа религијата како причина за конфликтите во светот. Но, не и УНЕСКО.

УНЕСКО правилно разбра дека причините за конфликтите не треба да се бараат во религијата, туку во злоупотребата на религијата. Бидејќи насилството, во името на религијата, е насилство против религијата.

Дами и господа,

Наспроти оние кои сметаа дека светот сè повеќе се секуларизира, гледаме дека светот сè повеќе се десекуларизира, без притоа да се хомогенизира.

И ако светот станува повеќе, а не помалку религиозен, тогаш, лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку религија, туку во повеќе меѓурелигиски дијалог.

УНЕСКО навреме ја препозна оваа потреба. Затоа, кога во 2003 година Македонија го иницираше првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, тоа го направи во соработка со УНЕСКО.

Овој форум на лидери од Југоисточна Европа ни помогна да се сетиме дека, колку и да сме различни, сите ние сме дел од заедничкиот балкански културен простор.

За жал, Дијалогот замре тогаш кога беше најпотребен – кога Европа одново се соочува со рецидив од својата стара болест – ксенофобијата. И не само Европа. Нетрпеливоста, исклучивоста и расизмот во светот се многукратно зголемени. Оттука, и потребата за дијалог е многукратно поголема.

Затоа, планираме да го обновиме Дијалогот меѓу цивилизациите во соработка со УНЕСКО. Ќе ја организираме и 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Притоа, како и до сега, во сите наши напори ќе се водиме од увереноста дека дијалогот меѓу различните религии и светогледи завршува онаму каде што започнува нивната различност. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Тоа е особено важно денес. И особено за Европа, кон која се слева река од бегалци и од мигранти, кои со себе ја носат сета своја етничка, јазична, религиска и културна различност. И особено после Париз, кога имаме нова реалност. Мигрантската и бегалската криза истовремено е и можност одново да научиме како да живееме со нашите најдлабоки религиски и културни разлики. Образованието, културата и науката се пресудни за овој потфат.UNESKO4

Ценети екселенции,

Каква врска има сево ова со одржливиот развој? Безмалку, секаква.

За да се постигне одржлив развој, неопходен е холистички пристап, што ќе опфаќа финансирање за развој, намалување на ризиците од катастрофи и постигнување нов климатски договор тука, во Париз. Но, сето тоа е неспроведливо без градење култура на одржливост. А културата се гради преку образованието. Пресудна улога ќе има големиот проект на УНЕСКО посветен на младите „Образование 2030".

Повеќе од кога и да е порано, на светот денес му е потребно УНЕСКО.
Но, УНЕСКО се соочува со сериозни предизвици.

Трагедијата на Блискиот Исток нè потсетува дека одржливоста на развојот е тешко остварлива во услови на глобален непоредок.
Трагедијата во Париз не потсети колку и ние, во Европа, сме ранливи на глобалниот непоредок.
И токму тој непоредок е првиот предизвик за УНЕСКО. Непочитувањето на меѓународното право доведе до тоа УНЕСКО да стане колатерална жртва на глобалниот непоредок. А токму оваа организација треба да ни помогне да го вратиме поредокот.

Вториот предизвик е недостатокот од заслужената и неопходна финансиска и политичка поддршка. Во услови на економска криза, прво страдаат проектите за образование, култура, наука... Но, без нив, само го потхрануваме негативниот циклус.

Повеќе од кога и да е порано, на светот денес му е потребно УНЕСКО.
Но, и ние, државите сме му потребни на УНЕСКО. А ќе му помогнеме со тоа што ќе се погрижиме реалполитиката да ги тргне рацете од Организацијата. Ќе му помогнеме со тоа што ќе му ја дадеме заслужената и финансиска поддршка неопходна за заокружување на успешните реформи на Организацијата.

Оваа јубилејна година треба да биде будилник за сите нас. Во спротивно ќе ни се потребни децении за да излеземе од лавиринтот во кој се заглавивме.

УНЕСКО е наша надеж за да се вратиме на патот од кој скршнавме. Исклучивоста да ја замениме со прифаќање, ксенофобијата со почитување и со прифаќање на различноста. Монологот да го замениме со дијалог меѓу цивилизациите, хронолошкиот снобизам да го замениме со почитување на минатото.

А за сето тоа може да ни помогне УНЕСКО, чуварот на културната ДНК на човештвото.

Ви благодарам.
UNESKO_5 

CEII
Обраќање на претседателот Иванов на свеченото отворање на Првиот Дипломатски форум на ЦЕИ
Среда, 11 Ноември 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е како претседател на Република Македонија да се обратам на овој дипломатски форум во рамките на македонското претседавање со Централно европската иницијатива – ЦЕИ. Честа е дотолку поголема бидејќи една од најстарите европски иницијативи посветува внимание на една од најважните теми – регионалната соработка во функција на младите.

Живееме во епоха што не е слична со ниту една претходна. Во нашиот хиперповрзан свет што бргу се менува, денешниот датум, 11.11. е најпознат по попустот што го дава глобалниот дуќан наречен AliBaba и AliExpress.

Ретко кој се сеќава дека на 11.11.1918 година во 11 часот беше потпишано примирјето со кое заврши Првата светска војна. Поредокот што беше разнишан со Првата, беше целосно разрушен со Втората светска војна. На тлото на Европа се издигна Железната завеса што половина век физички ги делеше народите. Како последица на физичките се јавија менталните бариери.

Но, на Европа ѝ пречеше тој неприроден ѕид. Централно европската иницијатива, со која денес претседава Република Македонија, беше една од неколкуте автохтони европски реакции на таа вештачка поделеност. Уште од своите почетци во 1989 година, целта на ЦЕИ, како и на Европската унија беше уривање на геополитичките и идеолошките бариерите кои го делеа Европскиот континент.

Регионалните иницијативи како ЦЕИ одиграа клучна улога во ширењето на демократијата и во повторното обединување на Европа.

Бенелукс, Вишеградската група, Нордискиот совет, Балтичкиот совет, кои и денес се активни, станаа инспирација и поттик за државите од нашиот регион во 1997 година да го отпочнат Процесот за соработка во Југоисточна Европа.CEI3

Но, и самиот Балкан беше предводник на позитивни процеси. Во 2003 година, кога нашиот дел од Европа сè уште беше синоним за конфликти, поделби и изолација, ние го инициравме Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите што се одржа во Охрид, под водство на поранешниот претседател Трајковски. Дијалогот меѓу цивилизациите стана предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Сепак, не можеме, а да не забележиме дека состојбата не е идеална. Како и за многу други нешта, и за регионалната соработка може да се каже дека е во криза.

Причини има многу.

Првите посериозни предизвици, како глобалната економска криза и сегашната мигрантска и бегалска криза, беа тест за регионалните иницијативи. Од тој тест не беше поштедена ниту самата Европска унија која, како мировен проект, одлично функционира во време на мир, не се снаоѓа најдобро во време на криза. Иако Железната завеса што ја делеше Европа не издржа ни половина век, Европа не издржа ни 30 години без градење нови ѕидови. Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа се темелат врз менталните бариери и ѕидови, а тоа се предрасудите и стравот од различноста.

Спореден со своите почетоци, Процесот за соработка во Југоисточна Европа веќе почна да покажува слабости со исклучок на парламентарната димензија.

Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите, за жал, замре токму кога беше најпотребен – кога Европа одново се соочува со рецидив од нејзината стара болест – ксенофобијата.

Дури и ЦЕИ, како најстара регионална иницијатива, како да почна да ја губи својата виталност и привлечност.

На што се должи сево ова? Тешко е да се даде унифициран одговор.

Некои регионални иницијативи не му одолеаја на искушението со кое се соочува речиси секоја организација, а тоа е да стане цел сама за себе.

Кај други иницијативи се задржа формата, но се изгуби суштината на регионалната соработка, која се сведе на декларативност без акција, на многу убави желби без сериозни намери за нивна имплементација.

Некои иницијативи кои ги преценија своите капацитети, паднаа во замката на хиперактивноста и се обидоа да ги покријат сите актуелни прашања. Тоа, за жал, доведе до дуплирање на надлежностите, трошоците и активностите, без притоа да се испорача ветеното.

Како последица од сево ова, се создаде сериозен вакуум во регионалната соработка.

Ценети присутни,

Во вакви сложени услови, сосема е нормално државите да се фокусираат на она што дава резултати. Носителите на власта сè повеќе го пренасочуваат своето време, внимание и посветеност кон оние регионални иницијативи кои, условно речено, нудат најдобри и најквалитетни услуги на пазарот.

Додека некои од постарите механизми замреа, новите механизми го пополнуваат вакуумот во соработката. Ќе ви дадам само два примера.

Првиот пример е резултат на иницијатива од самиот регион.

За разлика од некои постари земји-членки на Унијата, кои како да го заборавија регионот во кој се наоѓаат, Словенија и Хрватска покажаа одговорност кон регионот во кој природно припаѓаат. Тие го иницираа процесот „Брдо Бриони" што ни овозможува декларативноста да ја замениме со конкретни проекти што даваат конкретни резултати. Ни овозможува и формалноста да ја замениме со неформален, но искрен дијалог околу сите прашања што се важни за земјите од регионот.

За земјите-кандидати за членство во Унијата, Брдо-Бриони стана глас за безгласните бидејќи успеа да го врати нашиот регион на агендата на Брисел. Во изминатите две години, имавме три мошне продуктивни самити со претседателот Оланд, канцеларот Меркел и претседателот Фишер.

Неодамна, Словенија и Хрватска во името на сите земји-учеснички на процесот „Брдо-Бриони" упатија писмо до претседателот на Европскиот совет во кое ги пренесоа заклучоците од последниот самит на Процесот.

Меѓу заклучоците беше дека одлагањето на проширувањето во комбинација со економската криза и со глобалните безбедносни предизвици го направија нашиот регион уште поранлив на надворешните фактори на дестабилизација. Дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Од господинот Туск побараа заеднички самит на лидерите на Унијата и на процесот „Брдо-Бриони", целосно посветен на рестартирање на процесот на проширување.

CEI4Процесот даде и конкретен резултат, а тоа е Самитот меѓу Европската унија и Западен Балкан. Од двата самита во Берлин и во Виена, на кои учествуваа премиерите и министрите за надворешни работи, произлегоа конкретни проекти за Јадранско-јонската магистрала и пругата Минхен-Истанбул.

Тоа е првиот пример на регионална соработка во која иницијативата произлегува од внатре.

Но, имаме и втор пример за конкретна регионална соработка каде иницијативата доаѓа од надвор.

Денес, 13 од 18-те земји-членки на ЦЕИ се дел од 16+1 иницијативата на Народна Република Кина за соработка со државите од Централна и од Источна Европа. Како резултат на таа соработка само во Македонија се градат два клучни автопати.

Ја повикувам ЦЕИ да го покаже истиот ентузијазам и за заокружување на европската интеграција. Време е континентот да добие едно знаме – знамето на Европската унија.

Дами и господа,

Се покажува дека како држави сме премали за големите предизвици што ги наметна глобализацијата, но истовремено сме преголеми за малите предизвици на нашите граѓани. А тоа е потребата за безгрижно детство за децата, просперитетна кариера за вас, младите, и спокојна старост за нашите постари граѓани.

Одговорот за двата предизвици го бараме и во регионалната соработка што треба да ни помогне да најдеме заеднички решенија.

Постарите регионални иницијативи го оправдаа своето постоење. ЦЕИ придонесе кон обединувањето и демократизацијата на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Процесот за соработка и Дијалогот меѓу цивилизациите ги релаксираа тензичните односи меѓу земјите од регионот кои минаа низ турбулентните 90-ти.

Се покажа дека најдобри се оние иницијативи кои се создадени и изградени од самиот регион, наместо наметнати од далечни центри на влијание. Но, сега е 2015-та година. Светот драстично се промени. Време е иницијативите да се прилагодат на конкретните и реални потреби на граѓаните од нашите региони.

Почитувани млади дипломати,

Свесен сум дека мојот говор не е дипломатски, но затоа е искрен. Мојот апел до вас, денес, е да бидете будилник за регионалните иницијативи.

Не се вклопувајте во калапот на организациите и иницијативите, бидејќи вие не постоите за нив, туку тие постојат за вас, иако со текот на времето некои од нив ја заборавиле смислата на нивното постоење.

Помогнете им одново да ја откријат причината за нивното постоење.
Помогнете им да ги препознаат вашите реални потреби, потребите на младите генерации. Тоа ќе го постигнете само со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и предлози втемелени врз реалноста.

Вие сте генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Вие веќе живеете во свет во кој имате пристап до огромен број сознанија и информации.

Во регионалните иницијативи и организации внесете го вашиот идеализам и вашите перцепции. Внесете го вашиот свеж поглед на новата реланост во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото.
CEI_1

Можеби едно решение е поголем фокус на оние прашања кои се силна страна на иницијативите. Бидејќи, се покажа дека сите не можат да постигнат сè. Но, секоја организација може да постигне по нешто и со тоа да придонесе кон регионалната соработка, кон создавање позитивен амбиент за вас, младите.

А за да го постигнат тоа, неопходно е да се реформираат, уште повеќе да се отворат за младите и да ви овозможат да се чуе вашиот глас.

Како претседател, но и како универзитетски професор, јас го слушам гласот на младите и знам дека целиот регион се соочува со одлив на мозоци. Целосно го разбирам копнежот на младите да бараат подобар живот во странство. Но, далеку поважно и похрабро е младите да ги отфрлат парадигмите на старото лидерство и да го создадат таквиот подобар живот во своите земји, наместо да го бараат во туѓите.

За да го постигнете тоа, неопходно е да бидете во организациите, но без да станете заробеници на организациската логика.

Со таа мисла, ви посакувам успешна конференција.

Ви благодарам.

bazilika_1
Обраќање по повод поставувањето на плочата во чест Св. Кирил и Методиј во базиликата на Санта Марија Маџоре во Рим
Понеделник, 02 Ноември 2015

Почитувани присутни,

Едно камче понекогаш решава за правецот во кој ќе се движи лавината на нечија судбина. Во 868 година, на ова место, во оваа базлика на Санта Марија Маџоре, папата Адријан II ги освети словенските книги на светите Константин-Кирил и Методиј, по што се одржа првата богослужба на словенски јазик. Тоа е она камче што ја загарантира иднината на словенските народи во Европа.

Денес сум тука за да ја изразам благодарноста на македонските граѓани и на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители – Кирил и Методиј. Оваа плоча, што денес ја поставуваме е резултат на повеќегодишни напори и залагања, но и остварување на сонот на многу генерации Македонци.

Јазикот е душата на народот. Но, додека кажаното некогаш се заборава, пишаниот збор секогаш останува. Бидејќи, преку писмото, ние на автентичен начин им го пренесуваме на идните генерации она што сме го наследиле од нашите претци. А сме наследиле многу.

bazilika_2Се вели дека „верата доаѓа од слушањето, а слушањето доаѓа од словото," од изговорениот и пишаниот збор. Делото на светите Константин-Кирил и Методиј е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Токму јазикот и верата не одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава, и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик била нашата единствена комплетна татковина. А меѓите на таа татковина ги поставија токму светите Кирил и Методиј.

Тие ни оставија и комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави. Без нив, денес ќе живеевме во поинаква, духовно, културно и цивилизациски сиромашна Европа. Без словенството, со сета негова креативност и иновативност, не ќе можеше да се зборува за Европа. Затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, Папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи светите Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Дами и господа,

Народите без писменост неповратно исчезнале во историјата. Македонскиот е еден од народите кои опстанаа благодарение и на делото на светите Кирил и Методиј. Затоа, со оваа плоча ние ништо не присвојуваме, туку само ја изразуваме нашата искрена и длабока благодарност.

Но, благодарноста кон Св. Кирил и Методиј не се изразува само со оваа плоча. Благодарноста ја изразуваме користејќи го македонскиот јазик и неговото кирилично писмо за постигнување нови дострели во културата, уметноста и науката. Бидејќи, јазикот е најголемиот жив споменик кои ние сме должни да го чуваме и унапредуваме, за оваа и идните генерации.

Ви благодарам.
bazilika_3

brisel
„Барам целосна интеграција на Македонија во безбедносниот систем на ЕУ и НАТО“ - обраќање на претседателот Иванов на лидерскиот состанок во Брисел посветен на приливот на бегалци низ балканската рута
Недела, 25 Октомври 2015


samit2Ценети екселенции,
Дами и господа,

Г.Јункер, благодарам што како регион сме поканети за да бидеме дел од решението на мигрантската криза. Оваа криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. Како Претседател на Република Македонија, ќе ја искористам оваа можност за да зборувам за предизвиците со кои се соочува мојата земја и мојот регион.

Предизвиците не се само за Европската унија, туку за Европа како континент. Ние ги трпиме последиците од мигрантската криза, без да ги уживаме придобивките од членството во Унијата.

Бегалците нè потсетија кој е клучниот коридор помеѓу Блискиот Исток и Европа.

Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, денес Шенген-границите ќе беа заштитени, а одговорноста на државите ќе беше поделена. Ако бевме дел од безбедносниот систем на Унијата и НАТО и ако имавме пристап до сите бази на податоци, тогаш немаше да бидеме затекнати од кризата.

Наместо тоа, постои сериозна опасност Балканскиот коридор да стане лавиринт во кој ќе се заглават и мигрантите и бегалците, но и земјите-кандидати за членство во Унијата. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти.

Според најновите сознанија што ги имаме, коридорот што го отворија бегалците од Сирија и од Ирак, сега го користат и економските мигранти од Африка и од Азија. Наместо со доаѓањето на зимата да се намалува бројот на мигрантите, тој постојано се зголемува. Притоа, уделот на бегалци од Сирија и од Ирак се намалува, а се зголемува уделот на мигранти од Азија и од Африка. Конкретните бројки можеме да Ви ги доставиме.

Покрај тоа, се очекуваше дека доаѓањето на зимата ќе го намали бројот на бегалци, но, напротив, тој се зголемува! Бројот на бегалци и мигранти што пристигнуваат на нашата јужна граница, границата помеѓу Македонија и ЕУ (поточно Шенген), во моментов е на рекордни високи нивоа, кои некои денови надминуваат и над 10 илјади луѓе. Во тоа и лично се уверив пред три дена кога го посетив кризното подрачје и лично разговарав со мигрантите.

Благодарни сме на Германија што не дозволи Балканскиот мигрантски коридор да биде целосно затворен. Г-ѓа Меркел беше во право кога истакна дека евентуалното германско затворање на коридорот може да доведе до колапс на општествата и државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Тоа ни помогна да издржиме до сега.

На 19 август 2015 година, Владата на Република Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба во времетраење од 30 дена на јужната и северната државна граница поради масовниот нелегален влез на странски државјани од територијата на ЕУ и НАТО.

Во интерес на националната безбедност на Република Македонија, а во смисла на безбедносните закани и ризици кои произлегуваат од нелегалната миграција од територијата на ЕУ и НАТО, би сакал да ги дадам следните коментари:


1. Потребна ни е постојана размена на информации со институциите на ЕУ и НАТО, како и со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство. Воспоставување на унифициран, стандардизиран и интегриран систем на информирање, заснован врз собирање на биометриски податоци за мигрантите и бегалците помеѓу сите земји на таканаречената Балканска рута, со земијте на ЕУ и Шенген.

2. Особено, во однсо на Грција, мора да воспоствиме соработка и комуникација помеѓу македонската и грчката полиција и разузнавачките служби во врска со заканите пред кои е исправен регионот. Во нацрт-декларацијата усвоена од Македонија и од Грција стои дека: треба неодложно да се имплементираат прекугранични мерки за градење на довербата помеѓу Грција и Македонија. Наместо тоа, би сакале да видиме целосна соработка на сите нивоа помеѓу полициските и разузнавачките служби на Грција и на Македонија. Мора да воспоставиме заеднички оперативни и тимови за брза интервенција, како и постојани офицери за врска во Скопје и Атина.

3. Понатаму, треба да се овозможи целосен пристап до базите на податоци на ЕУ- агенциите за сите земји од Балканот кои не се членки на ЕУ.

4. Следно, распоредување на ЕУ сили во делот на Балканскиот регион, кој не е во ЕУ, со цел да се обезбеди копнениот мигрантски коридор од „ изворната" територија до „дестинацијата". Кога веќе ЕУ ја има воспоставено операцијата MARE NOSTRUM во делот на Медитеранот кој не е во ЕУ - односно либиските територијални води, тогаш зошто силите на ЕУ да не бидат распоредени и во областа на Балканот?

5. Во однос на хотспот пристапот, потребна е дневна оперативна координација помеѓу сите балкански држави кои не се членки на ЕУ и на другите ЕУ земји кои се вклучени во хотспот стратегијата.

6. Поддршка за Турција во согласност со неодамна предложениот акциски план на ЕУ.

Во претстојнот период, Македонија ќе постапува во функција на заштита на својата национална безбедност. Секое решение кое вклучува прием на миграни во балканските држави кои не се членки на ЕУ ќе биде неодржливо, бидејќи овие замји немаат капацитет да се справат со очекуваниот обем на мигранти. Во таков случај постои голема веројатност за дестабилизација на државите. Исто така, не постои можност за воспоставување на бегалски кампови во балканските земји кои не се членки на ЕУ. На бегалците и мигрантите може да им се овозможи пристап до безбедните зони и центри за прием, со цел да им се даде безбедност, сигурност и хуманитарна помош.

Што се однесува до ветената помош и солидарност од страна на ЕУ, морам да кажам дека досега, Македонија беше оставена да се снаоѓа сама со оваа криза со употреба на сопствени ресурси (финансиски, технички и човечки). Благодарни сме за најавената финансиска и техничка помош, но не сме примиле ништо суштинско од ЕУ до денес.

Без да бидам погрешно разбран дека ја злоупотребувам говорницата, сакам да го порачам следново: Неопходно е итно интегрирање на Република Македонија и целиот Балкан во безбедносниот систем на Европската унија и НАТО. Неопходно е итно интегрирање во системите на Шенген и Frontex. Но, пристапот до Шенген и Frontex не може да биде замена за членство во Унијата.

Неопходна е целосна ингеграција на регионот во Европската унија, бидејќи ниту европската безбедност не е заокружена без балканските држави.

Ви благодарам.

samit1

prm_rotator
Мора да бидеме на „масата“ кога ЕУ ќе одлучува за балканскиот мигрантски коридор - обраќање на форумот „Кран Монтана“
Петок, 16 Октомври 2015


govor_kran_montanaПочитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Темата на овој панел е „Западниот Балкан како нова рута на мигрантите кон Западот". Морам да ви признаам дека насловот на денешниот панел ме изненади. За каква нова рута станува збор? Дали воопшто можеме да зборуваме за Балканот како за нова рута? Зошто воопшто зборуваме за Западен Балкан?

Балканот отсекогаш бил главен коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Со векови низ Балканот минувале римските патишта Via Egnatia и Via Militaris, кои денес се познати како Коридор 8 и Коридор 10.

Римските легии од Западот врвеа по Via Egnatia за да го освојат Истокот. Патот по кој Римската империја воено го покори Истокот, беше истиот пат по кој Христијанството од Истокот духовно ја покори Империјата.

Вториот антички пат, Via Militaris, по кој врвеле многу европски освојувачи и многу освојувачи на Европа минува низ Вардарската долина. Затоа, уште Бизмарк рекол дека „оние кои ја контролираат долината на реката Вардар во Македонија, се господари и на Балканот".

По се изгледа дека носителите на одлуки во Брисел ги пропуштиле часовите по историја и географија. Зарем толку бргу заборавија дека Балканот е порта на Европа и дека таа порта се одликува со мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични разлики? Станаа заложници на реториката и терминологијата што не е втемелена врз историјата и географијата. Како инаку да се објасни вештачката поделба на Балканот на Источен и Западен? Како се случи денес за Балканот да зборуваме како за нова рута кон Западот?

Одговорот лежи во човековиот бунт против географијата во 20 век. Комуникациските и економските коридори беа испресечени со тешко проодни политички граници кои сè повеќе се разгрануваа, делејќи го отворениот простор. Со текот на времето, физичките граници што ги пресекоа коридорите создадоа ментални граници и ѕидови. Токму врз менталните ѕидови од 20 век денес се темелат физички ѕидови што никнуваат низ Европа како препрека за мигрантите. Тоа се ѕидови изградени од предрасуди, ксенофобија и страв од различноста.

Дами и господа,

21 век започна со терористичките напади од 11 септември. Денес, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави на Блискиот Исток и Африка. Бегалците станаа мигранти, а илегалната миграција и ризиците кои доаѓаат со неа почнаа да надоаѓаат во Европа.

Најголема потврда дека Европската унија ја заслужи Нобеловата награда за мир се мигрантите и бегалците. Тие бегаат кон Европа како простор на мир. Но, како Европа се однесува кон нив?

Слушаме дека се почесто се зборува за културно самоубиство на Европа. Но, ако Европа не биде солидарна кон мигрантите, дали тогаш можеме да констатираме смрт на моралот и етиката во Европа?

Слушаме изјави дека мултикултурализмот во Европа е мртов. Но, која е алтернативата? Дали наместо обединета во различноста, Европа сега ќе се обединува против различноста? Дали наместо интеграција без асимилација, Европа сега претпочита интеграција со асимилација? Дали конечно дојде времето да го редефинираме концептот на интеграција? Дали интеграцијата ќе ја разбереме како способност на различните да живеат во хармонија или ќе продолжиме интеграцијата да ја користиме за да ги воспитуваме различните од нас да станат како нас?

Слушаме изјави дека муслиманите мигранти од Блискиот Исток се закана за христијанска Европа. Но, дали Европа заборави дека Христијанството му го должи токму на Блискиот Исток? Ако Апостолот Павле немаше видение во кое Македонецот го повика да дојде во Европа, дали денес воопшто ќе можевме да зборуваме за христијанска Европа? Ќе ве потсетам на уште едно нешто. Поголемиот дел од Балканот има неколкувековно искуство од соживот со Исламот. Дали тоа искуство нас не направи помалку христијани?

Слушаме изјави дека меѓу мигрантите се кријат и екстремисти и странски терористички борци. Парадоксално, еден од главните преносители на радикализмот насочен против Европа е самата европска ксенофобија. Ако Европа ги отвори вратите за мигрантите, тогаш ги побива радикализираните поединци. Но, ако Европа ги затвора вратите за мигрантите, тогаш, во очите на мнозинството невини мигранти го потврдува она што за неа го кажуваат радикализираното малцинство.
govor_kran_montana_2

Ценети екселенции,

Развојот на настаните укажува на тоа дека мигрантската криза дополнително ќе се комплицира. Крајот на граѓанската војна во Сирија сеуште не е на повидок. Напротив, конфликтот дополнително се продлабочува и веќе наликува на војна на секој против секого.

Мигрантите се наоѓаат притеснети меѓу разорените општества од кои бегаат, и портите на Европа што полека се затвораат.

Медитеранот стана масовна гробница на мигрантите. Бегалците што се засолнуваат во Турција, Либан и Јордан стануваат неспокојни, масовно ги напуштаат камповите и се насочуваат кон Грција, каде Шенгенската граница е порозна. Во вакви услови, Коридорот 10 е најбрзата, најбезбедната и најефтината транзитна рута за мигрантите.

Значи, Балканот воопшто не е нова, туку стара рута со ново име. Ако некогаш името на таа рута било Via Egnatia или Via Militaris, денес тоа е Via Migrantes. Но, за разлика од минатото, денес, поради неефективни политики, овој коридор е прекинат со ѕидови, со одбрана на националните граници и територијалниот суверенитет.

Ценети присутни,

Мигрантската криза ја разоткри кризата на европските институции. Се покажа дека Унијата добро функционира во време на мир и просперитет, но не и во време на криза. Во услови на криза, Унијата не може да носи одлуки, а со тоа кризата се продлабочува.

Неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата придонесе овој хуманитарен и социјален феномен да прерасне во сериозен безбедносен предизвик. Владите беа принудени преку ноќ да станат криумчари префрлајќи ги мигрантите преку своите територии.

Надворешните граници на НАТО и Унијата се порозни. Државите задолжени со обврска да ги чуваат тие надворешните граници потфрлија. Земјите-членки беа оставени сами на себе, и секоја од нив си изнајде своја политика на соочување со кризата. Интегрираното гранично управување се замени со изградба на зидови и употреба на армиски сили. Шенгенскиот систем беше практично суспендиран а регулативата Даблин 3 се менува. Во услови на криза, Унијата нема механизам за да санкционира однесување на своја држава-членка.

Границите што се затвораат, рампите што се спуштаат, ѕидовите што се подигнуваат имаат два негативни ефекти. Прво, ги затегнуваат билатералните односи меѓу државите. Второ, вршат притисок врз мигрантите кои на сето ова гледаат како на врата која се побрзо се затвора.
govor_kran_montana_1

Дами и господа,

Како Република Македонија се соочува со мигрантската криза? Македонија е прва држава во Европа која прогласи кризна состојба поради мигрантската криза.

Од почетокот на оваа година низ Република Македонија минаа околу 300.000 мигранти. Само во изминатите 5 месеци минаа над 120.300. Дневно, низ Македонија минуваат меѓу 4000 и 7000 мигранти. Им се дава вода, храна, брз и безбеден транспорт.

Месечно Македонија троши над еден милион евра од својот буџет за мигрантите и го активира Системот за управување со кризи. Сеуште ја чекаме помошта од Унијата за соочувањето со мигрантската криза.

Мигрантската криза ја потсети Европската унија дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Балканскиот мигрантски коридор е продолжение на Источно-медитеранскиот коридор. Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, состојбата со мигрантите ќе беше поинаква.

Ако коридорот го испресечете со ѕидови и бариери, ќе го претворите во слепа улица во која ќе заглават и државите и мигрантите. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти на Унијата. А во тавки услови најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.

Згрижувањето на мигрантите во Балкански држави кои не се членки на Унијата е неодржливо, бидејќи тие држави немаат ниту капацитет ниту ресурси за да се справат со надоаѓачките бранови на мигранти.

Ценети екселенции,

Бегалците-мигранти претставуваат политички, економски, социјален, безбедносен, демографски и конфесионален предизвик за кој Европа треба допрва да даде кохерентен колективен одговор. Досегашните напори на Унијата да ја сопрат миграцијата не само што не вродија со плод, туку дополнително го влошија проблемот. FRONTEXT и Mare Nostrum ги охрабрија мигрантите дека успешно ќе стигнат до нивната цел. Неопходен е нов пристап што ќе ги пренесе мигрантите од почетната до крајната цел. Ја следиме и имплементацијата на Хот спот стратегијата на Унијата, која, за жал, не ја намалува илегалната миграција. Во иднина многу критичари ќе коментираат дека оваа одлука служи за селекција на подобни и неподобни мигранти.

Очигледно е дека Унијата нема заедничка политика во однос на мигрантската криза. Ние мора да бидеме на масата тогаш кога ќе се креира таа политика. Не може да се одлучува за Балканскиот мигрантски коридор без учество на земјите низ кој минува тој коридор, независно дали се членки или кандидати за членство во Унијата. Балканот е дел од Европа, и Европската унија не може да зборува во името на цела Европа се додека не го интегрира Балканот.

Свесни сме дека мигрантската криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. И затоа е неопходен одговор во кој ќе бидат вклучени сите страни. А тој одговор треба да ги опфати не само последиците, туку и причините за мигрантската криза. Неопходен е мир во кризните региони. Најдобра политика за безбедност на европскиот контитент е политика што ќе обезбеди просперитет, економски и демократски развој на непосредното и поширокото европското соседство.

Ви благодарам.
govor_kran_montana_4

zeneva_montana1
Потребно е интегрирање на Западениот Балкан во безбедносниот систем на ЕУ - обраќање на отварањето на форумот „Кран Монтана“ во Женева
Четврток, 15 Октомври 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Живееме во свет чија сложеност и нестабилност секојдневно се зголемува. Во годините што следат ќе мора да се навикнеме да живееме во состојба на постојана криза.

Се покажа дека Балканот, Кафказот и Блискиот Исток го чинат Бермудскиот триаголник на Европа. Унијата можеше да го разреши овој проблем со целосна интеграција на Балканот, но, и со похрабра политика кон Блискиот Исток и Северна Африка. Наместо да се посвети на Европската политика кон соседството, Источното партнерство, Евромедитеранската унија и Барселонскиот процес, Унијата покажа нерешителност и дозволи соседството да стане зона на конфликти, анархија и назадување.

Светот и Европа се соочуваат со закана од насилен екстремизам и радикализам и појава на странски терористички борци. Главен извор на терористите е Блискиот Исток, регион каде што се судираат глобалните интереси на големите сили. Таму состојбата е загружувачка.

Конфликтот во Сирија започна како граѓанска а прерасна во верска регионална војна. Сега, постои сериозна опасност регионална војна да ги надмине границите на Блискиот Исток. Практично, на сириското војувалиште во моментов се вклучени речиси сите светски супер сили. Притоа, речиси секоја групација води битки на два фронта.

На прв поглед, состојбата наликува на она што Хобс го нарече војна на секој против секого - Bellum omnium contra omnes. Имаме парадоксални сојузи од типот пријателот на мојот пријател е мој непријател.

Конфликтите на Блискиот Исток предизвикаа верски фанатизам и насилен екстремизам. Како последица, милиони луѓе бегаат од хаосот на пропаднатите држави и разорените општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Бегалците станаа мигранти кои мирот и безбедноста ја бараат во Европа.
zeneva_montana3

Дами и господа,

Мигрантите ја потсетија Европската унија дека Балканот е клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантската криза што започна како хуманитарен и социјален феномен, сега веќе прерасна во сериозен безбедносен предизвик. Кон тоа придонесе неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата.

Кои се последиците од неефикасните политики?

Надворешните граници на Европската унијата и НАТО не се чуваат. Механизмите за надзор и контрола над државните граници потфрлија. Се нарушија билатералните односи меѓу државите. Се напушти солидарноста. Во оваа матна вода најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.

Превенцијата и справувањето со илегалната миграција и латентната опасност од трансфер на странски терористички борци во мигрантскиот коридор се сериозни предизвици за државните институции.

Во услови на мигрантска криза и европска ксенофобија да се случи напад каков што неодамна имаше во Анкара. До што ќе доведе тоа?

Соочена со сериозни закани од тероризам, насилен екстремизам и радикализација, форми на организиран криминал и бирократија, Европа се соочува со дилемата на Хобс: како да се постигне баланс меѓу слободата и сигурноста, меѓу човековите права и безбедноста. Како Европа ќе ја разреши оваа квадратура на кругот?

Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата.

Справувањето со оваа криза е можно само со целосно интегрирање на полициските и разузнавачките служби низ Европа. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам, странските терористички борци и ризиците од илегалната миграција. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.

Во таа смисла, потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите но и развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Државите од Западен Балкан мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на Унијата со непречен пристап до сите бази на податоци. Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство.

Помина времето кога европската безбедност и сигурност се чуваше само на тлото на Европа. Сега Европа се чува на Блискиот Исток, на Кафказот и во Северна Африка. Единствена долгорочна гаранција за мирот и безбедноста во Европа е градењето на мир и безбедност во кризните региони што се наоѓаат во непосредното и поширокото европско соседство.

Ви благодарам.
zeneva_montana_2

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 22 од 64