„Барам целосна интеграција на Македонија во безбедносниот систем на ЕУ и НАТО“ - обраќање на претседателот Иванов на лидерскиот состанок во Брисел посветен на приливот на бегалци низ балканската рута
Недела, 25 Октомври 2015   

brisel
samit2Ценети екселенции,
Дами и господа,

Г.Јункер, благодарам што како регион сме поканети за да бидеме дел од решението на мигрантската криза. Оваа криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. Како Претседател на Република Македонија, ќе ја искористам оваа можност за да зборувам за предизвиците со кои се соочува мојата земја и мојот регион.

Предизвиците не се само за Европската унија, туку за Европа како континент. Ние ги трпиме последиците од мигрантската криза, без да ги уживаме придобивките од членството во Унијата.

Бегалците нè потсетија кој е клучниот коридор помеѓу Блискиот Исток и Европа.

Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, денес Шенген-границите ќе беа заштитени, а одговорноста на државите ќе беше поделена. Ако бевме дел од безбедносниот систем на Унијата и НАТО и ако имавме пристап до сите бази на податоци, тогаш немаше да бидеме затекнати од кризата.

Наместо тоа, постои сериозна опасност Балканскиот коридор да стане лавиринт во кој ќе се заглават и мигрантите и бегалците, но и земјите-кандидати за членство во Унијата. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти.

Според најновите сознанија што ги имаме, коридорот што го отворија бегалците од Сирија и од Ирак, сега го користат и економските мигранти од Африка и од Азија. Наместо со доаѓањето на зимата да се намалува бројот на мигрантите, тој постојано се зголемува. Притоа, уделот на бегалци од Сирија и од Ирак се намалува, а се зголемува уделот на мигранти од Азија и од Африка. Конкретните бројки можеме да Ви ги доставиме.

Покрај тоа, се очекуваше дека доаѓањето на зимата ќе го намали бројот на бегалци, но, напротив, тој се зголемува! Бројот на бегалци и мигранти што пристигнуваат на нашата јужна граница, границата помеѓу Македонија и ЕУ (поточно Шенген), во моментов е на рекордни високи нивоа, кои некои денови надминуваат и над 10 илјади луѓе. Во тоа и лично се уверив пред три дена кога го посетив кризното подрачје и лично разговарав со мигрантите.

Благодарни сме на Германија што не дозволи Балканскиот мигрантски коридор да биде целосно затворен. Г-ѓа Меркел беше во право кога истакна дека евентуалното германско затворање на коридорот може да доведе до колапс на општествата и државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Тоа ни помогна да издржиме до сега.

На 19 август 2015 година, Владата на Република Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба во времетраење од 30 дена на јужната и северната државна граница поради масовниот нелегален влез на странски државјани од територијата на ЕУ и НАТО.

Во интерес на националната безбедност на Република Македонија, а во смисла на безбедносните закани и ризици кои произлегуваат од нелегалната миграција од територијата на ЕУ и НАТО, би сакал да ги дадам следните коментари:


1. Потребна ни е постојана размена на информации со институциите на ЕУ и НАТО, како и со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство. Воспоставување на унифициран, стандардизиран и интегриран систем на информирање, заснован врз собирање на биометриски податоци за мигрантите и бегалците помеѓу сите земји на таканаречената Балканска рута, со земијте на ЕУ и Шенген.

2. Особено, во однсо на Грција, мора да воспоствиме соработка и комуникација помеѓу македонската и грчката полиција и разузнавачките служби во врска со заканите пред кои е исправен регионот. Во нацрт-декларацијата усвоена од Македонија и од Грција стои дека: треба неодложно да се имплементираат прекугранични мерки за градење на довербата помеѓу Грција и Македонија. Наместо тоа, би сакале да видиме целосна соработка на сите нивоа помеѓу полициските и разузнавачките служби на Грција и на Македонија. Мора да воспоставиме заеднички оперативни и тимови за брза интервенција, како и постојани офицери за врска во Скопје и Атина.

3. Понатаму, треба да се овозможи целосен пристап до базите на податоци на ЕУ- агенциите за сите земји од Балканот кои не се членки на ЕУ.

4. Следно, распоредување на ЕУ сили во делот на Балканскиот регион, кој не е во ЕУ, со цел да се обезбеди копнениот мигрантски коридор од „ изворната" територија до „дестинацијата". Кога веќе ЕУ ја има воспоставено операцијата MARE NOSTRUM во делот на Медитеранот кој не е во ЕУ - односно либиските територијални води, тогаш зошто силите на ЕУ да не бидат распоредени и во областа на Балканот?

5. Во однос на хотспот пристапот, потребна е дневна оперативна координација помеѓу сите балкански држави кои не се членки на ЕУ и на другите ЕУ земји кои се вклучени во хотспот стратегијата.

6. Поддршка за Турција во согласност со неодамна предложениот акциски план на ЕУ.

Во претстојнот период, Македонија ќе постапува во функција на заштита на својата национална безбедност. Секое решение кое вклучува прием на миграни во балканските држави кои не се членки на ЕУ ќе биде неодржливо, бидејќи овие замји немаат капацитет да се справат со очекуваниот обем на мигранти. Во таков случај постои голема веројатност за дестабилизација на државите. Исто така, не постои можност за воспоставување на бегалски кампови во балканските земји кои не се членки на ЕУ. На бегалците и мигрантите може да им се овозможи пристап до безбедните зони и центри за прием, со цел да им се даде безбедност, сигурност и хуманитарна помош.

Што се однесува до ветената помош и солидарност од страна на ЕУ, морам да кажам дека досега, Македонија беше оставена да се снаоѓа сама со оваа криза со употреба на сопствени ресурси (финансиски, технички и човечки). Благодарни сме за најавената финансиска и техничка помош, но не сме примиле ништо суштинско од ЕУ до денес.

Без да бидам погрешно разбран дека ја злоупотребувам говорницата, сакам да го порачам следново: Неопходно е итно интегрирање на Република Македонија и целиот Балкан во безбедносниот систем на Европската унија и НАТО. Неопходно е итно интегрирање во системите на Шенген и Frontex. Но, пристапот до Шенген и Frontex не може да биде замена за членство во Унијата.

Неопходна е целосна ингеграција на регионот во Европската унија, бидејќи ниту европската безбедност не е заокружена без балканските држави.

Ви благодарам.

samit1

  Back<<Назад