|

Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Темата на овој панел е „Западниот Балкан како нова рута на мигрантите кон Западот". Морам да ви признаам дека насловот на денешниот панел ме изненади. За каква нова рута станува збор? Дали воопшто можеме да зборуваме за Балканот како за нова рута? Зошто воопшто зборуваме за Западен Балкан?
Балканот отсекогаш бил главен коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Со векови низ Балканот минувале римските патишта Via Egnatia и Via Militaris, кои денес се познати како Коридор 8 и Коридор 10.
Римските легии од Западот врвеа по Via Egnatia за да го освојат Истокот. Патот по кој Римската империја воено го покори Истокот, беше истиот пат по кој Христијанството од Истокот духовно ја покори Империјата.
Вториот антички пат, Via Militaris, по кој врвеле многу европски освојувачи и многу освојувачи на Европа минува низ Вардарската долина. Затоа, уште Бизмарк рекол дека „оние кои ја контролираат долината на реката Вардар во Македонија, се господари и на Балканот".
По се изгледа дека носителите на одлуки во Брисел ги пропуштиле часовите по историја и географија. Зарем толку бргу заборавија дека Балканот е порта на Европа и дека таа порта се одликува со мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични разлики? Станаа заложници на реториката и терминологијата што не е втемелена врз историјата и географијата. Како инаку да се објасни вештачката поделба на Балканот на Источен и Западен? Како се случи денес за Балканот да зборуваме како за нова рута кон Западот?
Одговорот лежи во човековиот бунт против географијата во 20 век. Комуникациските и економските коридори беа испресечени со тешко проодни политички граници кои сè повеќе се разгрануваа, делејќи го отворениот простор. Со текот на времето, физичките граници што ги пресекоа коридорите создадоа ментални граници и ѕидови. Токму врз менталните ѕидови од 20 век денес се темелат физички ѕидови што никнуваат низ Европа како препрека за мигрантите. Тоа се ѕидови изградени од предрасуди, ксенофобија и страв од различноста.
Дами и господа,
21 век започна со терористичките напади од 11 септември. Денес, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави на Блискиот Исток и Африка. Бегалците станаа мигранти, а илегалната миграција и ризиците кои доаѓаат со неа почнаа да надоаѓаат во Европа.
Најголема потврда дека Европската унија ја заслужи Нобеловата награда за мир се мигрантите и бегалците. Тие бегаат кон Европа како простор на мир. Но, како Европа се однесува кон нив?
Слушаме дека се почесто се зборува за културно самоубиство на Европа. Но, ако Европа не биде солидарна кон мигрантите, дали тогаш можеме да констатираме смрт на моралот и етиката во Европа?
Слушаме изјави дека мултикултурализмот во Европа е мртов. Но, која е алтернативата? Дали наместо обединета во различноста, Европа сега ќе се обединува против различноста? Дали наместо интеграција без асимилација, Европа сега претпочита интеграција со асимилација? Дали конечно дојде времето да го редефинираме концептот на интеграција? Дали интеграцијата ќе ја разбереме како способност на различните да живеат во хармонија или ќе продолжиме интеграцијата да ја користиме за да ги воспитуваме различните од нас да станат како нас?
Слушаме изјави дека муслиманите мигранти од Блискиот Исток се закана за христијанска Европа. Но, дали Европа заборави дека Христијанството му го должи токму на Блискиот Исток? Ако Апостолот Павле немаше видение во кое Македонецот го повика да дојде во Европа, дали денес воопшто ќе можевме да зборуваме за христијанска Европа? Ќе ве потсетам на уште едно нешто. Поголемиот дел од Балканот има неколкувековно искуство од соживот со Исламот. Дали тоа искуство нас не направи помалку христијани?
Слушаме изјави дека меѓу мигрантите се кријат и екстремисти и странски терористички борци. Парадоксално, еден од главните преносители на радикализмот насочен против Европа е самата европска ксенофобија. Ако Европа ги отвори вратите за мигрантите, тогаш ги побива радикализираните поединци. Но, ако Европа ги затвора вратите за мигрантите, тогаш, во очите на мнозинството невини мигранти го потврдува она што за неа го кажуваат радикализираното малцинство.

Ценети екселенции,
Развојот на настаните укажува на тоа дека мигрантската криза дополнително ќе се комплицира. Крајот на граѓанската војна во Сирија сеуште не е на повидок. Напротив, конфликтот дополнително се продлабочува и веќе наликува на војна на секој против секого.
Мигрантите се наоѓаат притеснети меѓу разорените општества од кои бегаат, и портите на Европа што полека се затвораат.
Медитеранот стана масовна гробница на мигрантите. Бегалците што се засолнуваат во Турција, Либан и Јордан стануваат неспокојни, масовно ги напуштаат камповите и се насочуваат кон Грција, каде Шенгенската граница е порозна. Во вакви услови, Коридорот 10 е најбрзата, најбезбедната и најефтината транзитна рута за мигрантите.
Значи, Балканот воопшто не е нова, туку стара рута со ново име. Ако некогаш името на таа рута било Via Egnatia или Via Militaris, денес тоа е Via Migrantes. Но, за разлика од минатото, денес, поради неефективни политики, овој коридор е прекинат со ѕидови, со одбрана на националните граници и територијалниот суверенитет.
Ценети присутни,
Мигрантската криза ја разоткри кризата на европските институции. Се покажа дека Унијата добро функционира во време на мир и просперитет, но не и во време на криза. Во услови на криза, Унијата не може да носи одлуки, а со тоа кризата се продлабочува.
Неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата придонесе овој хуманитарен и социјален феномен да прерасне во сериозен безбедносен предизвик. Владите беа принудени преку ноќ да станат криумчари префрлајќи ги мигрантите преку своите територии.
Надворешните граници на НАТО и Унијата се порозни. Државите задолжени со обврска да ги чуваат тие надворешните граници потфрлија. Земјите-членки беа оставени сами на себе, и секоја од нив си изнајде своја политика на соочување со кризата. Интегрираното гранично управување се замени со изградба на зидови и употреба на армиски сили. Шенгенскиот систем беше практично суспендиран а регулативата Даблин 3 се менува. Во услови на криза, Унијата нема механизам за да санкционира однесување на своја држава-членка.
Границите што се затвораат, рампите што се спуштаат, ѕидовите што се подигнуваат имаат два негативни ефекти. Прво, ги затегнуваат билатералните односи меѓу државите. Второ, вршат притисок врз мигрантите кои на сето ова гледаат како на врата која се побрзо се затвора.

Дами и господа,
Како Република Македонија се соочува со мигрантската криза? Македонија е прва држава во Европа која прогласи кризна состојба поради мигрантската криза.
Од почетокот на оваа година низ Република Македонија минаа околу 300.000 мигранти. Само во изминатите 5 месеци минаа над 120.300. Дневно, низ Македонија минуваат меѓу 4000 и 7000 мигранти. Им се дава вода, храна, брз и безбеден транспорт.
Месечно Македонија троши над еден милион евра од својот буџет за мигрантите и го активира Системот за управување со кризи. Сеуште ја чекаме помошта од Унијата за соочувањето со мигрантската криза.
Мигрантската криза ја потсети Европската унија дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Балканскиот мигрантски коридор е продолжение на Источно-медитеранскиот коридор. Ако Унијата навреме го интегрираше овој клучен коридор, состојбата со мигрантите ќе беше поинаква.
Ако коридорот го испресечете со ѕидови и бариери, ќе го претворите во слепа улица во која ќе заглават и државите и мигрантите. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти на Унијата. А во тавки услови најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.
Згрижувањето на мигрантите во Балкански држави кои не се членки на Унијата е неодржливо, бидејќи тие држави немаат ниту капацитет ниту ресурси за да се справат со надоаѓачките бранови на мигранти.
Ценети екселенции,
Бегалците-мигранти претставуваат политички, економски, социјален, безбедносен, демографски и конфесионален предизвик за кој Европа треба допрва да даде кохерентен колективен одговор. Досегашните напори на Унијата да ја сопрат миграцијата не само што не вродија со плод, туку дополнително го влошија проблемот. FRONTEXT и Mare Nostrum ги охрабрија мигрантите дека успешно ќе стигнат до нивната цел. Неопходен е нов пристап што ќе ги пренесе мигрантите од почетната до крајната цел. Ја следиме и имплементацијата на Хот спот стратегијата на Унијата, која, за жал, не ја намалува илегалната миграција. Во иднина многу критичари ќе коментираат дека оваа одлука служи за селекција на подобни и неподобни мигранти.
Очигледно е дека Унијата нема заедничка политика во однос на мигрантската криза. Ние мора да бидеме на масата тогаш кога ќе се креира таа политика. Не може да се одлучува за Балканскиот мигрантски коридор без учество на земјите низ кој минува тој коридор, независно дали се членки или кандидати за членство во Унијата. Балканот е дел од Европа, и Европската унија не може да зборува во името на цела Европа се додека не го интегрира Балканот.
Свесни сме дека мигрантската криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. И затоа е неопходен одговор во кој ќе бидат вклучени сите страни. А тој одговор треба да ги опфати не само последиците, туку и причините за мигрантската криза. Неопходен е мир во кризните региони. Најдобра политика за безбедност на европскиот контитент е политика што ќе обезбеди просперитет, економски и демократски развој на непосредното и поширокото европското соседство.
Ви благодарам.

|