Потребно е интегрирање на Западениот Балкан во безбедносниот систем на ЕУ - обраќање на отварањето на форумот „Кран Монтана“ во Женева
Четврток, 15 Октомври 2015   

zeneva_montana1Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Живееме во свет чија сложеност и нестабилност секојдневно се зголемува. Во годините што следат ќе мора да се навикнеме да живееме во состојба на постојана криза.

Се покажа дека Балканот, Кафказот и Блискиот Исток го чинат Бермудскиот триаголник на Европа. Унијата можеше да го разреши овој проблем со целосна интеграција на Балканот, но, и со похрабра политика кон Блискиот Исток и Северна Африка. Наместо да се посвети на Европската политика кон соседството, Источното партнерство, Евромедитеранската унија и Барселонскиот процес, Унијата покажа нерешителност и дозволи соседството да стане зона на конфликти, анархија и назадување.

Светот и Европа се соочуваат со закана од насилен екстремизам и радикализам и појава на странски терористички борци. Главен извор на терористите е Блискиот Исток, регион каде што се судираат глобалните интереси на големите сили. Таму состојбата е загружувачка.

Конфликтот во Сирија започна како граѓанска а прерасна во верска регионална војна. Сега, постои сериозна опасност регионална војна да ги надмине границите на Блискиот Исток. Практично, на сириското војувалиште во моментов се вклучени речиси сите светски супер сили. Притоа, речиси секоја групација води битки на два фронта.

На прв поглед, состојбата наликува на она што Хобс го нарече војна на секој против секого - Bellum omnium contra omnes. Имаме парадоксални сојузи од типот пријателот на мојот пријател е мој непријател.

Конфликтите на Блискиот Исток предизвикаа верски фанатизам и насилен екстремизам. Како последица, милиони луѓе бегаат од хаосот на пропаднатите држави и разорените општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Бегалците станаа мигранти кои мирот и безбедноста ја бараат во Европа.
zeneva_montana3

Дами и господа,

Мигрантите ја потсетија Европската унија дека Балканот е клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантската криза што започна како хуманитарен и социјален феномен, сега веќе прерасна во сериозен безбедносен предизвик. Кон тоа придонесе неефикасната безбедносна и мигрантска политика на Унијата.

Кои се последиците од неефикасните политики?

Надворешните граници на Европската унијата и НАТО не се чуваат. Механизмите за надзор и контрола над државните граници потфрлија. Се нарушија билатералните односи меѓу државите. Се напушти солидарноста. Во оваа матна вода најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.

Превенцијата и справувањето со илегалната миграција и латентната опасност од трансфер на странски терористички борци во мигрантскиот коридор се сериозни предизвици за државните институции.

Во услови на мигрантска криза и европска ксенофобија да се случи напад каков што неодамна имаше во Анкара. До што ќе доведе тоа?

Соочена со сериозни закани од тероризам, насилен екстремизам и радикализација, форми на организиран криминал и бирократија, Европа се соочува со дилемата на Хобс: како да се постигне баланс меѓу слободата и сигурноста, меѓу човековите права и безбедноста. Како Европа ќе ја разреши оваа квадратура на кругот?

Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата.

Справувањето со оваа криза е можно само со целосно интегрирање на полициските и разузнавачките служби низ Европа. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам, странските терористички борци и ризиците од илегалната миграција. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување.

Во таа смисла, потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите но и развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Државите од Западен Балкан мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на Унијата со непречен пристап до сите бази на податоци. Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство.

Помина времето кога европската безбедност и сигурност се чуваше само на тлото на Европа. Сега Европа се чува на Блискиот Исток, на Кафказот и во Северна Африка. Единствена долгорочна гаранција за мирот и безбедноста во Европа е градењето на мир и безбедност во кризните региони што се наоѓаат во непосредното и поширокото европско соседство.

Ви благодарам.
zeneva_montana_2

  Back<<Назад