Обраќање на конференцијата на Низами Ганџави на тема „Што значи солидарноста во контекст на актуелните глобални предизвици?“
Четврток, 08 Октомври 2015   

konf0Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Живееме во време на прогонети и изгонети, на емигранти и бегалци. Сè повеќе луѓе се без корен и никаде не се чувствуваат како дома. Милиони го искусиле 20 век како живот во бегство. До пред една година, околу 60 милиони луѓе беа присилно раселени поради војни, конфликти и прогонства низ светот. Денес, тој број е уште поголем. Бегајќи од хаосот на пропаднатите држави и разорените општества, голем дел од нив се упатени кон Европа.

Најголема потврда дека Европската унија навистина ја заслужи Нобеловата награда за мир се мигрантите и бегалците. За нив Европа е простор на мирот, безбедноста, стабилноста и доброто владеење, симбол за добар и просперитетен живот.

Ако за миг размислуваме за нашиот континент и за нашата планета без концептот на државата и границите, ќе видиме дека од мугрите на човештвото, народите се во постојано движење. Нема човек во оваа просторија чии поблиски или подалечни предци не дошле од некаде.

Ако знаеме да ги оправдуваме миграциите на нашите предци, зошто тогаш брзаме да ги осудуваме современите миграции? Зошто брзаме да ги спречиме со ѕидови и со тврдини?

Низ историјата, ниту една човечка тврдина не успеала да ги спречи природните миграции на луѓето и идеите. Големиот кинески ѕид не го спречи продирањето на освојувачите во Кина. Римскиот лимес што се протегаше од Атлантикот до Црното Море не успеа да ги држи на дистанца северните европски народи. Средновековните тврдини што со векови ги одвојуваа феудалците од народот сега се туристички атракции. Колку и да беше обезбедувана, Железната завеса што ја делеше Европа не издржа ни половина век.

Европа, за жал, не издржа ни 30 години без градење ѕидови. Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа произлегуваат од менталните ѕидови – предрасудите, ксенофобијата и стравот од различноста. Како Европа да заборава дека демократијата не е само правото да се биде рамноправен, туку и правото да се биде различен.

Подигнувајќи ѕидови, некои држави во Европа денес се повикуваат на националните интереси. Ќе потсетам на она што пред 15-тина години го рече Вацлав Хавел. Има нешто што е повисоко од нашите национални интереси, тоа се принципите за кои се залагаме. Принципите нè обединуваат наместо да нè разединуваат. Уште повеќе, тие се аршинот за мерење на легитимноста или нелегитимноста на нашите интереси.

А принципите се општочовечки и универзални. Еден од тие принципи е солидарноста кон послабите, немоќните и угнетените.

По Втората светска војна, светот беше солидарен кон разрушената Европа. Денес, се очекува солидарност од Европа во однос на Блискиот Исток и Северна Африка. Европа е обврзана да биде солидарна кон регионот на кој му должи толку многу.

Прво, името на Европа потекнува од феникиската принцеза од Блискиот Исток која била грабната од Ѕевс.

Второ, науката во Европа дојде од Александриската библиотека и од другите големи блискоисточни центри на знаење. Благодарение на таа наука, Европа долго време беше културен, економски, политички и воен центар на светот. Денес, Европа е суперсила на животниот стил.

Трето, христијанството. Апостолот Павле го донесе христијанството во Европа од Блискиот Исток. Една од централните христијански пораки е да го сакаме нашиот ближен, нашиот сосед како себеси. Параболата за добриот Самарјанин многу јасно ни илустрира дека дури и туѓинецот во неволја е наш ближен кон кого сме обврзани да бидеме солидарни.

Значи, во идентитетски, интелектуален и вредносен поглед, Европа е ќерка на Блискиот Исток. Но, како денес Европа се однесува кон својата мајка и кон нејзиното наследство?

konf11Дами и господа,

Кога во 2004-та се носеше Европскиот устав, европските уставотворци решија во Преамбулата да не се истакнуваат јудео-христијанските корени на Европа. Од денешна перспектива, тоа можеби беше еден од ретките моменти на европска искреност кон себе и кон другите. Зошто? Европската солидарност беше тестирана три пати и три пати Европа падна на тестот.

Првиот случај е поврзан со европското соседство. Ако Европа живееше според јудео-христијанските вредности и принципи на солидарност кон соседот, тогаш, во нејзиното соседство најверојатно немаше да има пропаднати држави и разорени општества.

Фокусирана на самата себе, Европа ја испушти историската можност да го трансформира своето соседство. Ја испушти можноста преку европската политика кон соседството, Источното партнерство, Евро-медитеранската унија и Барселонскиот процес на своите граници да создаде простор на мир, соработка, просперитет и демократија. Наместо тоа, денес го имаме спротивното – конфликти, анархија, назадување и враќање на диктатурата.

Вториот пропуст се случи кога требаше да се менаџираат веќе настанатите конфликти. Кога на Блискиот Исток започна систематското уништување на цели заедници, кога нивните домови и светилишта беа уништувани, Унијата немаше линија на помал, туку на најмал отпор. Премногу блага во осудата и спротивставувањето на злосторствата, сега, на Унијата ѝ пречат последиците од истите тие злосторства.

Третиот пропуст се случува додека зборуваме. Ако Европа вистински живееше според јудео-христијанските вредности и принципи, вградени во трите аврамски религии, ќе беше солидарна кон мигрантите. Наместо солидарност кон децата од Блискиот Исток кои бегаат кон неа, Европа покажува себичност. Иако некои европски држави се поотворени кон мигрантите, повеќето држави бараат мигрантите да минуваат низ некои други рути и да се упатуваат кон некои други дестинации.

Ценети присутни,

Свесни сме дека мигрантската криза ги погодува сите страни. И земјите од каде потекнуваат, и земјите низ кои минуваат и земјите во кои се упатуваат мигрантите. Но, како Претседател на Република Македонија, ќе си земам за право да зборувам за предизвиците со кои се соочува мојата земја и мојот регион.

Мигрантската криза ја потсети Унијата дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Ако Унијата навреме го интегрираше овој коридор, состојбата со мигрантите ќе беше поинаква. Шенген-границите ќе беа заштитени. Одговорноста на државите ќе беше поделена. Сега Балканскиот коридор и мигрантската криза го тестираат Шенген.

Унијата дозволи Балканскиот коридор да стане лавиринт во кој се заглавија и мигрантите и земјите-кандидати за членство во Унијата. Сега и државите и мигрантите ги трпат последиците од овие пропусти на Унијата. А во тој лавиринт најлесно се снаоѓаат проблематичните категории како што се организираните криминални групи и нивните мрежи.

konf1Драги пријатели,

Отсуството на солидарност се препознава и во самиот јавен дискурс кој, во моментов, изобилува со пасивни глаголи. Наместо да кажеме дека треба да им дадеме помош на мигрантите, ние велиме дека треба да им биде обезбедена финансиска помош. Наместо да повикаме сите општествени чинители да ги згрижат мигрантите, ние велиме дека треба да им биде обезбедено сместување. Наместо да кажеме дека луѓето треба да ги снабдат мигрантите со храна, вода, облека, ние велиме дека треба да им бидат обезбедени животните потреби.

Значи, имаме поддршка без поддржувачи, грижа без згрижувачи, снабдување без снабдувачи. Од јавниот дискурс е отстранет концептот на лична и колективна должност и одговорност, која ја префрламе на неодредените други. И така се вртиме во круг. Дали ваквиот пасивен дискурс е, всушност, фројдовска грешка што ги разоткрива потсвесните европски ставови и стравови за мигрантите? Дали пасивните глаголи зборуваат за ксенофобијата и стравот од различноста?

Мигрантската криза ја разоткри суштината на Европа. Фокусирана на самата себе, неодлучна кон соседството, рамнодушна кон мигрантите.

Но, секоја криза е и можност.

Нобеловецот Алберт Швајцер рече дека „првиот чекор во еволуцијата на етиката е чувството за солидарност со другите луѓе". Мигрантската криза е електро-шок за реанимација на стврднатото и рамнодушно европско срце. Значи, првата можност е враќање на солидарноста и ревитализација на етиката и на моралот.

Втората можност е практична. Демографското сценарио за Европа е загрижувачко. Европа старее. Набргу ќе дојде време кога остарените Европејци ќе ја креираат иднината на Европа. Во демографски старата Европа, пензиските и здравствените системи ќе имаат предност во однос на фондовите за нови вработувања, развој и иновации. Оттука, европската економска конкурентност во светски рамки сè повеќе зависи од мигрантите како двигател на европската економија.

А тие со себе ја носат сета своја етничка, јазична и религиска различност. Европа мора одново да научи да живее со своите најдлабоки религиски и културни разлики. Тоа е третата можност за Европа. Неопходен е одржлив модел на интегрирање на бројните имигранти во европските општества. Единствен одржлив модел е моделот на интеграција без асимилација, што подразбира почитување и прифаќање на различноста.

Впрочем, синоним за убавиот дом е персискиот килим. А најубавите персиски килими не се еднобојни, туку разнобојни.

Ви благодарам.


  Back<<Назад