Почитувани присутни,
Едно камче понекогаш решава за правецот во кој ќе се движи лавината на нечија судбина. Во 868 година, на ова место, во оваа базлика на Санта Марија Маџоре, папата Адријан II ги освети словенските книги на светите Константин-Кирил и Методиј, по што се одржа првата богослужба на словенски јазик. Тоа е она камче што ја загарантира иднината на словенските народи во Европа.
Денес сум тука за да ја изразам благодарноста на македонските граѓани и на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители – Кирил и Методиј. Оваа плоча, што денес ја поставуваме е резултат на повеќегодишни напори и залагања, но и остварување на сонот на многу генерации Македонци.
Јазикот е душата на народот. Но, додека кажаното некогаш се заборава, пишаниот збор секогаш останува. Бидејќи, преку писмото, ние на автентичен начин им го пренесуваме на идните генерации она што сме го наследиле од нашите претци. А сме наследиле многу.
Се вели дека „верата доаѓа од слушањето, а слушањето доаѓа од словото," од изговорениот и пишаниот збор. Делото на светите Константин-Кирил и Методиј е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Токму јазикот и верата не одржале како народ и тогаш кога не сме имале наша сопствена држава, и тогаш кога сме биле поделени, покорени и прогонувани. Во такви тешки услови, македонскиот јазик била нашата единствена комплетна татковина. А меѓите на таа татковина ги поставија токму светите Кирил и Методиј.
Тие ни оставија и комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави. Без нив, денес ќе живеевме во поинаква, духовно, културно и цивилизациски сиромашна Европа. Без словенството, со сета негова креативност и иновативност, не ќе можеше да се зборува за Европа. Затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, Папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи светите Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.
Дами и господа,
Народите без писменост неповратно исчезнале во историјата. Македонскиот е еден од народите кои опстанаа благодарение и на делото на светите Кирил и Методиј. Затоа, со оваа плоча ние ништо не присвојуваме, туку само ја изразуваме нашата искрена и длабока благодарност.
Но, благодарноста кон Св. Кирил и Методиј не се изразува само со оваа плоча. Благодарноста ја изразуваме користејќи го македонскиот јазик и неговото кирилично писмо за постигнување нови дострели во културата, уметноста и науката. Бидејќи, јазикот е најголемиот жив споменик кои ние сме должни да го чуваме и унапредуваме, за оваа и идните генерации.
Ви благодарам.

|