Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Чест ми е како претседател на Република Македонија да се обратам на овој дипломатски форум во рамките на македонското претседавање со Централно европската иницијатива – ЦЕИ. Честа е дотолку поголема бидејќи една од најстарите европски иницијативи посветува внимание на една од најважните теми – регионалната соработка во функција на младите.
Живееме во епоха што не е слична со ниту една претходна. Во нашиот хиперповрзан свет што бргу се менува, денешниот датум, 11.11. е најпознат по попустот што го дава глобалниот дуќан наречен AliBaba и AliExpress.
Ретко кој се сеќава дека на 11.11.1918 година во 11 часот беше потпишано примирјето со кое заврши Првата светска војна. Поредокот што беше разнишан со Првата, беше целосно разрушен со Втората светска војна. На тлото на Европа се издигна Железната завеса што половина век физички ги делеше народите. Како последица на физичките се јавија менталните бариери.
Но, на Европа ѝ пречеше тој неприроден ѕид. Централно европската иницијатива, со која денес претседава Република Македонија, беше една од неколкуте автохтони европски реакции на таа вештачка поделеност. Уште од своите почетци во 1989 година, целта на ЦЕИ, како и на Европската унија беше уривање на геополитичките и идеолошките бариерите кои го делеа Европскиот континент.
Регионалните иницијативи како ЦЕИ одиграа клучна улога во ширењето на демократијата и во повторното обединување на Европа.
Бенелукс, Вишеградската група, Нордискиот совет, Балтичкиот совет, кои и денес се активни, станаа инспирација и поттик за државите од нашиот регион во 1997 година да го отпочнат Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Но, и самиот Балкан беше предводник на позитивни процеси. Во 2003 година, кога нашиот дел од Европа сè уште беше синоним за конфликти, поделби и изолација, ние го инициравме Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите што се одржа во Охрид, под водство на поранешниот претседател Трајковски. Дијалогот меѓу цивилизациите стана предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.
Сепак, не можеме, а да не забележиме дека состојбата не е идеална. Како и за многу други нешта, и за регионалната соработка може да се каже дека е во криза.
Причини има многу.
Првите посериозни предизвици, како глобалната економска криза и сегашната мигрантска и бегалска криза, беа тест за регионалните иницијативи. Од тој тест не беше поштедена ниту самата Европска унија која, како мировен проект, одлично функционира во време на мир, не се снаоѓа најдобро во време на криза. Иако Железната завеса што ја делеше Европа не издржа ни половина век, Европа не издржа ни 30 години без градење нови ѕидови. Физичките ѕидови што сега никнуваат низ Европа се темелат врз менталните бариери и ѕидови, а тоа се предрасудите и стравот од различноста.
Спореден со своите почетоци, Процесот за соработка во Југоисточна Европа веќе почна да покажува слабости со исклучок на парламентарната димензија.
Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите, за жал, замре токму кога беше најпотребен – кога Европа одново се соочува со рецидив од нејзината стара болест – ксенофобијата.
Дури и ЦЕИ, како најстара регионална иницијатива, како да почна да ја губи својата виталност и привлечност.
На што се должи сево ова? Тешко е да се даде унифициран одговор.
Некои регионални иницијативи не му одолеаја на искушението со кое се соочува речиси секоја организација, а тоа е да стане цел сама за себе.
Кај други иницијативи се задржа формата, но се изгуби суштината на регионалната соработка, која се сведе на декларативност без акција, на многу убави желби без сериозни намери за нивна имплементација.
Некои иницијативи кои ги преценија своите капацитети, паднаа во замката на хиперактивноста и се обидоа да ги покријат сите актуелни прашања. Тоа, за жал, доведе до дуплирање на надлежностите, трошоците и активностите, без притоа да се испорача ветеното.
Како последица од сево ова, се создаде сериозен вакуум во регионалната соработка.
Ценети присутни,
Во вакви сложени услови, сосема е нормално државите да се фокусираат на она што дава резултати. Носителите на власта сè повеќе го пренасочуваат своето време, внимание и посветеност кон оние регионални иницијативи кои, условно речено, нудат најдобри и најквалитетни услуги на пазарот.
Додека некои од постарите механизми замреа, новите механизми го пополнуваат вакуумот во соработката. Ќе ви дадам само два примера.
Првиот пример е резултат на иницијатива од самиот регион.
За разлика од некои постари земји-членки на Унијата, кои како да го заборавија регионот во кој се наоѓаат, Словенија и Хрватска покажаа одговорност кон регионот во кој природно припаѓаат. Тие го иницираа процесот „Брдо Бриони" што ни овозможува декларативноста да ја замениме со конкретни проекти што даваат конкретни резултати. Ни овозможува и формалноста да ја замениме со неформален, но искрен дијалог околу сите прашања што се важни за земјите од регионот.
За земјите-кандидати за членство во Унијата, Брдо-Бриони стана глас за безгласните бидејќи успеа да го врати нашиот регион на агендата на Брисел. Во изминатите две години, имавме три мошне продуктивни самити со претседателот Оланд, канцеларот Меркел и претседателот Фишер.
Неодамна, Словенија и Хрватска во името на сите земји-учеснички на процесот „Брдо-Бриони" упатија писмо до претседателот на Европскиот совет во кое ги пренесоа заклучоците од последниот самит на Процесот.
Меѓу заклучоците беше дека одлагањето на проширувањето во комбинација со економската криза и со глобалните безбедносни предизвици го направија нашиот регион уште поранлив на надворешните фактори на дестабилизација. Дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Од господинот Туск побараа заеднички самит на лидерите на Унијата и на процесот „Брдо-Бриони", целосно посветен на рестартирање на процесот на проширување.
Процесот даде и конкретен резултат, а тоа е Самитот меѓу Европската унија и Западен Балкан. Од двата самита во Берлин и во Виена, на кои учествуваа премиерите и министрите за надворешни работи, произлегоа конкретни проекти за Јадранско-јонската магистрала и пругата Минхен-Истанбул.
Тоа е првиот пример на регионална соработка во која иницијативата произлегува од внатре.
Но, имаме и втор пример за конкретна регионална соработка каде иницијативата доаѓа од надвор.
Денес, 13 од 18-те земји-членки на ЦЕИ се дел од 16+1 иницијативата на Народна Република Кина за соработка со државите од Централна и од Источна Европа. Како резултат на таа соработка само во Македонија се градат два клучни автопати.
Ја повикувам ЦЕИ да го покаже истиот ентузијазам и за заокружување на европската интеграција. Време е континентот да добие едно знаме – знамето на Европската унија.
Дами и господа,
Се покажува дека како држави сме премали за големите предизвици што ги наметна глобализацијата, но истовремено сме преголеми за малите предизвици на нашите граѓани. А тоа е потребата за безгрижно детство за децата, просперитетна кариера за вас, младите, и спокојна старост за нашите постари граѓани.
Одговорот за двата предизвици го бараме и во регионалната соработка што треба да ни помогне да најдеме заеднички решенија.
Постарите регионални иницијативи го оправдаа своето постоење. ЦЕИ придонесе кон обединувањето и демократизацијата на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Процесот за соработка и Дијалогот меѓу цивилизациите ги релаксираа тензичните односи меѓу земјите од регионот кои минаа низ турбулентните 90-ти.
Се покажа дека најдобри се оние иницијативи кои се создадени и изградени од самиот регион, наместо наметнати од далечни центри на влијание. Но, сега е 2015-та година. Светот драстично се промени. Време е иницијативите да се прилагодат на конкретните и реални потреби на граѓаните од нашите региони.
Почитувани млади дипломати,
Свесен сум дека мојот говор не е дипломатски, но затоа е искрен. Мојот апел до вас, денес, е да бидете будилник за регионалните иницијативи.
Не се вклопувајте во калапот на организациите и иницијативите, бидејќи вие не постоите за нив, туку тие постојат за вас, иако со текот на времето некои од нив ја заборавиле смислата на нивното постоење.
Помогнете им одново да ја откријат причината за нивното постоење. Помогнете им да ги препознаат вашите реални потреби, потребите на младите генерации. Тоа ќе го постигнете само со помалку декларативност, а со повеќе конкретни иницијативи и предлози втемелени врз реалноста.
Вие сте генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Вие веќе живеете во свет во кој имате пристап до огромен број сознанија и информации.
Во регионалните иницијативи и организации внесете го вашиот идеализам и вашите перцепции. Внесете го вашиот свеж поглед на новата реланост во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото.

Можеби едно решение е поголем фокус на оние прашања кои се силна страна на иницијативите. Бидејќи, се покажа дека сите не можат да постигнат сè. Но, секоја организација може да постигне по нешто и со тоа да придонесе кон регионалната соработка, кон создавање позитивен амбиент за вас, младите.
А за да го постигнат тоа, неопходно е да се реформираат, уште повеќе да се отворат за младите и да ви овозможат да се чуе вашиот глас.
Како претседател, но и како универзитетски професор, јас го слушам гласот на младите и знам дека целиот регион се соочува со одлив на мозоци. Целосно го разбирам копнежот на младите да бараат подобар живот во странство. Но, далеку поважно и похрабро е младите да ги отфрлат парадигмите на старото лидерство и да го создадат таквиот подобар живот во своите земји, наместо да го бараат во туѓите.
За да го постигнете тоа, неопходно е да бидете во организациите, но без да станете заробеници на организациската логика.
Со таа мисла, ви посакувам успешна конференција.
Ви благодарам.
|