Говори и обраќања
slovacka_premiera
Обраќање на премиерата на словачкиот документарен филм „Мисијата на браќата Константин и Методиј“
Среда, 09 Декември 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Вчера го празнувавме денот на св. Климент Охридски, најголемиот светител и учител на Македонија и на македонскиот народ.
Денес, имаме можност да се потсетиме на учителите на нашиот учител, на светите Кирил и Методиј.

Врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун, меѓу кои и племињата на Драговитите, Сагудатите и Ринхините, солунските браќа ја составиле првата словенска азбука – глаголицата. А со помош на глаголицата постигнале многу.

Успеале старословенскиот јазик да го трансформираат во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го растераат духовниот мрак и маглата на незнаењето.
Едно нешто особено ме импресионира кај светите Кирил и Методиј.

Со помош на глаголицата тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.

Но, знаеме дека јазикот постои заради луѓето, а не обратно. За да ги долови автентичните искуства на секој народ, јазикот се менувал и се збогатувал. Па така, наместо еден, вечерва, ние што сме собрани тука зборуваме на повеќе словенски јазици и, наместо едно, користиме повеќе писма.

Но, независно на кој словенски јазик ќе го изговориме, и со кое писмо ќе го напишеме, дали на кирилица или на латиница, зборот си останува збор. А токму делото на светите Кирил и Методиј останува вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме.
Затоа, минатиот месец во името на благодарниот македонски народ поставив плоча во Базиликата на Санта Марија Маџоре во Рим. Благодарност каква што чувствуваат сите народи кои се дел од словенството како јазична заедница.

Благодарност каква што чувствувале и авторите на овој извонреден словачки документарен филм што премиерно се прикажува во Македонија. Режисерот Кристијан Безак и сценаристот Бернадета Токарова успеаја да ни расветлат нови моменти од животот на оние на кои им должиме толку многу.

Ќе завршам со следнава мисла од еден наш творец, кој рече дека довербата во сопствениот јазик е најсигурната доверба и во себеси и во сите нас заедно. Зашто само јазикот никогаш не нè оставил сами. И, зашто само тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме. И сето тоа поради св. Константин-Кирил и Методиј и нивните ученици.

Ви благодарам.
slovacka_premiera_1

simpozium00
Отворање на Mеѓународниот симпозиум „100-годишнина од Првата светска војна, фронтот на Чанакале и нивните глобални последици“
Среда, 09 Декември 2015

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, но и како универзитетски професор, чест ми е да бидам покровител на овој меѓународен симпозиум посветен на битката на Чанакале. Ме радува што соработката меѓу научните и образовните институции на Република Македонија и на Република Турција се проширува и се збогатува. Нè поврзуваат многу нешта, вклучително и оваа тема.

Почнувајќи од 2014-та, одбележуваме еден век од почетокот и текот на Првата светска војна. Еден испукан куршум во Сараево го означи почетокот на Големата војна, која доведе до рушење на три империи. Овој настан покажа колку е важен мирот на Балканот за европскиот мир. Со тоа почна краткиот и крвав 20 век.

Оваа година се сеќаваме на една од најголемите битки во самоубиствената војна на Европа, но и светот. Поради истрајноста на Мустафа Кемал Ататурк, Дарданелската воена операција на Антантата против Турција заврши со неуспех. Антантата не смеела да си дозволи уште еден пораз на Балканот. Исходот од битката на Галиполи бил вовед во Македонскиот фронт.

Македонскиот фронт бил отворен во октомври 1915 година и се протегал цели 600 км, од Егејското Море на исток до Јадранското Море на запад.

Повеќе објект отколку субјект во Големата војна, Македонија беше несреќното боиште на кое Европа се уништуваше самата себе. На Македонскиот фронт се судрија речиси еден милион војници од 20 нации групирани во десетина различни армии. На фронтот се издавале наредби на различни јазици, се вееле различни знамиња, се носеле различни униформи.

Но, за 200.000 војници на фронтот, единствената разлика била во униформата што ја носеле и во знамето под кое се бореле. Тие војници биле Македонците, кои со Букурешкиот договор се најдоа на различни страни од границите, а со почетокот на Војната биле присилно мобилизирани.

Ценети присутни,

Еден наш творец напиша дека минатото време никогаш не е толку минато за да не може да ја допира и сегашноста.

Ататурк, пак, рекол „мир во земјата – мир во светот". Тоа било во време на создавање на новите држави. Денес, кога во ерата на глобализацијата, државата се соочува со криза, важи обратното „мир во светот – мир во земјата". Мирот во секоја од земјите сè повеќе зависи од мирот во светот.

Тажно е што во 21 век, во годините прогласени за меѓународни години на мирот, нема мир во светот.

На Блискиот Исток и во Северна Африка, радикалните екстремисти ја уништуваат различноста негувана со векови. Европа повторно се соочува со ксенофобијата. Двојните стандарди го суспендираат меѓународното право и ги држат во заложништво меѓународните институции кои сè потешко ги исполнуваат функциите за кои беа создадени.

Со затегнатите односи меѓу Истокот и Западот, состојбата сè повеќе наликува на периодот на Студената војна. Цената за оваа состојба ја плаќа Европа, која го губи капацитетот да биде фактор на обединување.

Заедно со недовербата меѓу државите расте непредвидливоста во меѓународните односи.

Зошто се случува сево ова?

Според Хегел, од историјата учиме дека ништо не научивме од историјата. Но, исто така, забележуваме дека во услови на глобализација сè помалку се трудиме да научиме нешто од историјата.

Ни се одзеде слободното време, а без слободно време нема ниту читање книги, ниту размислување. Откажувањето од читањето и од размислувањето е декларација за духовен и интелектуален банкрот.

Тоа значи дека вие, историчарите и архиварите имате полни раце работа. Ве повикувам да ги отворите дефтерите, да ги препрочитате старите книги, да ги извадите на виделина старите сведоштва, и со тоа да ни помогнете да ја научиме лекцијата од минатото за да не ни се повторува постојано.

Со таа мисла, ви посакувам успешен симпозиум.

Ви благодарам.


simpozium3

132924010
Иванов: Честитки до Црна Гора, НАТО да го почитува меѓународното право и преземените обврски за членство на Македонија
Среда, 02 Декември 2015

Почитувани,

Министрите за надворешни работи на 28 земји членки на НАТО, упатија покана Црна Гора да стане 29 земја членка на НАТО.

Ние искрено сакаме да им честитаме на граѓаните на Црна Гора и на сите официјални претставници на Црна Гора за овој успех. Затоа, и утрово остварив телефонски разговор со претседателот на Црна Гора, г-динот Вујановиќ и од името на македонските граѓани, честитав за сето она што до сега тие го постигнаа и за добиената покана за НАТО.

Ние како земја од овој регион се радуваме за секој успех на секоја земја, затоа што успехот на секоја поединечна земја придонесува кон стабилноста и сигурноста на целиот наш регион. Меѓутоа, мора да се има предвид дека Македонија одамна ги има исполнето сите услови кои се предвидени за членство за НАТО, но поради блокадата од нашиот јужен сосед се уште сме во статус-кво состојба.

За сите овие работи во изминатиот период информирав многу светски државници со кои остварив и средби. На сите тие средби беше укажано на последиците од блокадите и статус-кво состојбата во која се наоѓа Македонија. Блокадите предизвикуваат фрустрации кај нашето население, но и кај целото општество. Македонија до сега се покажа како почитуван, извонреден партнер на Алијансата, затоа што учествува во сите мисии во кои е поканета, но и до сега остваривме 16 акциони планови за членство и го почнуваме 17-ти т.н. МАП, а се уште го немаме добиено она што го заслужуваме.

Состојбите во светот и во нашиот регион укажуваат на се позачестени терористички акти, укажуваат дека бегалската и мигрантската криза ја нарушуваат безбедноста во целиот наш регион. Се соочуваме со закани кои ги имаме, а кои до сега не биле присутни, што укажува дека имаме нова реалност која мора да ја има предвид НАТО кога ги носи своите одлуки.

Не можеме се уште да опстојуваме на тоа дека станува збор за политичка одлука која е донесена на Самит, а имаме пресуда која треба да биде исполнета. Затоа што до сега, Алијансата постојано се повикува дека мора да биде почитувано меѓународното право и сите преземени обврски. Мислам дека тоа треба да се однесува и на Македонија.

Затоа, уште еднаш сакаме да им честитаме на граѓаните на Црна Гора за овој успех, но очекуваме Алијансата да го има предвид сето она што е нова реалност и сето она што до сега Македонија го остварила на патот на нејзиното членство во НАТО.

Благодарам.

SAMIT_PARIZ_2
Обраќање на претседателот Иванов на Климатскиот самит во Париз
Понеделник, 30 Ноември 2015

Ценети екселенции,
Дами и господа,

Денес, во Париз, кога сме собрани да постигнеме мир со природата, загрижува што нема мир меѓу луѓето. Во време кога се обидуваме да го склучиме последниот договор што треба да ни овозможи одржлив развој, на повидок е сериозна безбедносна бура што може да однесе сè што досега е направено.

Како што е неопходно да бидеме здружени во борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, така мора да бидеме здружени и во напорите за постигнување климатски договор.

Како што ни е неопходен мир меѓу луѓето и народите, така ни е неопходен и мир со природата. А мирот е невозможен без правда и кон луѓето и кон природата.

Правдата ја вброивме меѓу загрозените видови.
Се поставивме за господари на природата, без да умееме да господариме со сопствената алчност.
Наспроти нашите речиси неограничени технолошки можности, останавме со ограничено чувство за одговорност кон нашиот заеднички дом.
Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци.

Денес сме тука за да се обидеме да ја избегнеме провалијата кон која се стремиме.
Денес сме тука за да покажеме дека имаме доволна политичка волја за да се соочиме со реалноста на глобалното затоплување.

Република Македонија веќе ги утврди националните придонеси кон климатските промени.

Нашиот став е јасен. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и применлив за сите земји. Овој сеопфатен договор треба да содржи конкретни чекори за ублажување и адаптација кон климатските промени, за финансирање, јакнење на капацитетите и трансфер на технологии. Треба да содржи начин на спроведување и транспарентност на активностите и поддршка. Во рамките на нашите можности ќе се придржуваме кон таков климатски договор. Тоа е наш став и како претседавач со Централно европската иницијатива.

Тука, во Париз треба конечно да го затвориме кругот на одговорност.
Но, за да го направиме тоа неопходна е подлабока промена.

Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство.

Ви благодарам.
SAMIT_PARIZ_1

1mk2025
Обраќање на гала-вечерата во рамки на Македонскиот економски самит 2015
Четврток, 19 Ноември 2015

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми претставува чест и големо задоволство да ви посакам топло добредојде во Република Македонија, на Македонскиот економски самит.

Вечерва, во амбиентот на минатото, зборуваме за тоа како да ги искористиме можностите што ни ги дава сегашноста за да ја достигнеме иднината.

Кога пред 4 години го отворив овој музеј, во него лично ги положив клучните документи на нашата државност. Еден од тие документи е и Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава. Таа декларација беше донесена пред 24 години. На 19 декември 1991 година, пратениците во македонското Собрание, независно од нивната идеолошка, етничка и верска припадност, едногласно ја донесоа Декларацијата.
Денес, 24 години подоцна, Македонија е призната и почитувана европска држава. Но, и повеќе од тоа.

Предводена од еден исклучително посветен и успешен економски тим, Македонија во време на глобална економска криза прерасна во привлечна бизнис-дестинација.

Со напорни реформи успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции. За тоа зборуваат и глобалните извештаи за кои сигурно сте веќе информирани.

Отворени кон светот, успеавме да изградиме силна поврзаност и партнерство со бројни развиени и растечки економии и од Западот и од Истокот. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави.

Дами и господа,

Не можеме да живееме изолирани од свет кој се соочува со големи предизвици. По Париз имаме нова реалност во Европа што ни зборува дека ниту најбезбедните држави во светот не се доволно безбедни.

Точно е дека и Македонија мина низ периоди на политичка криза кои не беа лесни. Но, треба да имаме предвид дека дури и во такви услови, Македонија продолжи да биде посакувана дестинација за бројни инвеститори, за десетици илјади странски туристи, но и за илјадници странски студенти.

За да се препознаат бизнис-можностите што ги дава Македонија, потребно е одново да се дефинира и концептот на стабилност. Стабилноста не значи атмосфера без политички кризи, туку владеење на правото и принципите дури и во услови на политички кризи. Како бизнисмени, вам ви е потребна држава што има политичка волја и капацитет да ги решава проблемите со кои ќе се соочувате додека водите бизнис. И токму тоа континуирано го правиме.

Во Македонија ќе најдете сигурни бизнис-партнери и лојални работници. Располагаме со релативно млада, високообразована работна сила која е талентирана и напорно работи.

Во Македонија, секој еден од вас е посакуван партнер, инвеститор и работодавач. За секој еден од вас, вратите на институциите на државата се отворени.
Како претседател ги упатувам сите наши амбасадори кои ја претставуваат Македонија во странство. Но, зарем постојат подобри амбасадори на Македонија од луѓето кои одлучиле својот капитал да го инвестираат во државата? Сакам да знаете дека за нас, вие не сте само потенцијални инвеститори. Вие сте, пред сè, пријатели на Македонија.

Драги пријатели,

Меѓу вас има и бизнисмени со македонско потекло. Не случајно на почетокот ја спомнав Декларацијата за меѓународно признавање, што сведочи дека Македонија се соочи со потешкотии при своето интегрирање во меѓународната заедница. Благодарение на вас, Република Македонија беше во можност да влезе во кабинетите на лидерите во светот.

Моите сонародници во дијаспората често ме прашуваат што треба да направат за Македонија. Мојот одговор е дека треба да бидат интегрирани во нивните втори татковини како врвни бизнисмени, уметници, спортисти, научници. Така ќе придонесат и кон успехот на Македонија.

На крај, ве повикувам да ги искористите можностите што ги нуди нашата држава која е пријателски настроена кон странските инвеститори и, преку вашиот успех во Македонија, да бидете промотори и на Македонија.

Ви благодарам.

2mk2025

Nacionalen_Sovet_za_odrzliv_razvoj_1
Потребни се конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени - обраќање на 5. Седница на Националниот совет за одржлив развој
Среда, 18 Ноември 2015

Почитувани членови на Националниот совет за одржлив развој,
Ценети министри,
Екселенции,
Дами и господа,

Ви благодарам што ја прифативте поканата и дојдовте на овој состанок на Националниот совет за одржлив развој што го свикавме заедно со заменикот на претседателот на Владата, г. Владимир Пешевски.

Пред само два дена бев во Париз, на лидерскиот форум на УНЕСКО. Атмосферата во градот на светлината беше тажна. Несомнено слично ќе биде и на Климатскиот самит што треба да се одржи за 10-тина дена.

Во моменти кога Париз е завиен во црно, тешко е да зборуваме за прашања како што се одржливиот развој и климатските промени, но е неопходно. Неопходно е да им пратиме порака на терористите дека нема да нè сопрат и нема да ни го одземат мирот.

Се покажува дека како држави сме премали за големите предизвици што ги наметна глобализацијата. Тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, климатските промени, природните непогоди се преголем предизвик за која било држава посебно. Но, истовремено како држави, ние честопати сме преголеми за малите предизвици и потреби на нашите граѓани. А тоа се потребите за безгрижно детство, просперитетна кариера, и спокојна старост.

17-те приоритети за одржлив развој што беа усвоени на Самитот за одржлив развој во Њујорк се дел од одговорот на овие двојни предизвици со кои се соочуваат државите во светот.
13-от приоритет за одржлив развој е директно поврзан со темата на денешниот состанок и се однесува на итна акција за намалување на климатските промени.

И покрај терористичките напади, државниците не го откажаа своето учество на Климатскиот самит во Париз, покажувајќи со тоа две нешта:
Прво, солидарност со Франција во овие тешки моменти.
Второ, посветеност кон глобалната агенда.

Како претседател на Република Македонија ќе ја предводам македонската делегација. На 30 ноември ќе учествувам на лидерскиот сегмент на Конференцијата и ќе ги пренесам ставовите на нашата држава.

Република Македонија веќе ги утврди националните придонеси кон климатските промени.

Како и за многу прашања, и во однос на климатските промени, Република Македонија излегува од рамките.
Од една страна, не припаѓаме во Анексот 1 на Конвенцијата за климатски промени, бидејќи сме третирани како земја во развој. Поради тоа досега немавме квантифицирани обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Од друга страна, имаме статус на земја-кандидат за членство во Европската унија од каде произлегува барањето за следење на европската политика за клима и енергија која, пак, ги следи обврските за земјите кои припаѓаат на Анексот 1.

Во рамките на нашите можности, на доброволна основа се трудиме со начинот на известување да ги вградиме и двата аспекта во нашите национални извештаи за климатски промени.

Nacionalen_Sovet_za_odrzliv_razvoj_2
Во Париз ќе настапам не само во името на Република Македонија, туку и во името на 18-те земји-членки на Централно европската иницијатива со која претседаваме.

Земјите-членки на ЦЕИ во два наврата ја потврдија својата поддршка за агендата за одржлив развој и климатски промени. На неодамнешниот состанок на маргините на Самитот за одржлив развој во Њујорк, земјитечленки на ЦЕИ донесоа заедничка изјава за поддршка на спроведувањето на Агендата за одржлив развој. Пред 10-тина дена бевме домаќини и на Министерскиот состанок на ЦЕИ на кој беше усвоена декларација во таа насока.

Кои се нашите очекувања од Париз?
Во Париз очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција.

Како држава се приклучуваме кон ставовите на Европската унија. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и ќе биде применлив за сите земји. Воедно, сметаме дека овој договор треба да биде холистички, сеопфатен. Тоа подразбира договорот да содржи конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени, адаптација кон климатските промени, начин на спроведување, и транспарентност на активностите и поддршка.
Со други зборови, во Париз треба конечно да го затвориме кругот на одговорност.

Сепак, треба да бидеме реални. Свесни сме дека во услови на глобален непоредок, особено по Париз, безбедносните прашања го преокупираат вниманието на државите. Свесни сме дека постои опасност на одржливиот развој и на климатските промени да им се посвети помалку време и да се вложи помалку енергија. Но, не смее да се изгуби од вид дека климатските промени се дел од предизвикот за човечката безбедност.

Во моментов Европа се соочува со мигрантска и бегалска криза. Но, Обединетите нации најавуваат и климатски бегалци и мигранти, кои можат да бидат и неколкупати побројни. Затоа ни е потребен таков договор.

Овој петти по ред состанок на Националниот совет го свикавме за да ги чуеме и вашите мислења за македонските позиции во Париз.

Ви благодарам.
Nacionalen_Sovet_za_odrzliv_razvoj_3

 
Почеток < Пред 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Следно > Крај
Страница 21 од 64