Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,
Ми претставува чест и големо задоволство да ви посакам топло добредојде во Република Македонија, на Македонскиот економски самит.
Вечерва, во амбиентот на минатото, зборуваме за тоа како да ги искористиме можностите што ни ги дава сегашноста за да ја достигнеме иднината.
Кога пред 4 години го отворив овој музеј, во него лично ги положив клучните документи на нашата државност. Еден од тие документи е и Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава. Таа декларација беше донесена пред 24 години. На 19 декември 1991 година, пратениците во македонското Собрание, независно од нивната идеолошка, етничка и верска припадност, едногласно ја донесоа Декларацијата. Денес, 24 години подоцна, Македонија е призната и почитувана европска држава. Но, и повеќе од тоа.
Предводена од еден исклучително посветен и успешен економски тим, Македонија во време на глобална економска криза прерасна во привлечна бизнис-дестинација.
Со напорни реформи успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции. За тоа зборуваат и глобалните извештаи за кои сигурно сте веќе информирани.
Отворени кон светот, успеавме да изградиме силна поврзаност и партнерство со бројни развиени и растечки економии и од Западот и од Истокот. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави.
Дами и господа,
Не можеме да живееме изолирани од свет кој се соочува со големи предизвици. По Париз имаме нова реалност во Европа што ни зборува дека ниту најбезбедните држави во светот не се доволно безбедни.
Точно е дека и Македонија мина низ периоди на политичка криза кои не беа лесни. Но, треба да имаме предвид дека дури и во такви услови, Македонија продолжи да биде посакувана дестинација за бројни инвеститори, за десетици илјади странски туристи, но и за илјадници странски студенти.
За да се препознаат бизнис-можностите што ги дава Македонија, потребно е одново да се дефинира и концептот на стабилност. Стабилноста не значи атмосфера без политички кризи, туку владеење на правото и принципите дури и во услови на политички кризи. Како бизнисмени, вам ви е потребна држава што има политичка волја и капацитет да ги решава проблемите со кои ќе се соочувате додека водите бизнис. И токму тоа континуирано го правиме.
Во Македонија ќе најдете сигурни бизнис-партнери и лојални работници. Располагаме со релативно млада, високообразована работна сила која е талентирана и напорно работи.
Во Македонија, секој еден од вас е посакуван партнер, инвеститор и работодавач. За секој еден од вас, вратите на институциите на државата се отворени. Како претседател ги упатувам сите наши амбасадори кои ја претставуваат Македонија во странство. Но, зарем постојат подобри амбасадори на Македонија од луѓето кои одлучиле својот капитал да го инвестираат во државата? Сакам да знаете дека за нас, вие не сте само потенцијални инвеститори. Вие сте, пред сè, пријатели на Македонија.
Драги пријатели,
Меѓу вас има и бизнисмени со македонско потекло. Не случајно на почетокот ја спомнав Декларацијата за меѓународно признавање, што сведочи дека Македонија се соочи со потешкотии при своето интегрирање во меѓународната заедница. Благодарение на вас, Република Македонија беше во можност да влезе во кабинетите на лидерите во светот.
Моите сонародници во дијаспората често ме прашуваат што треба да направат за Македонија. Мојот одговор е дека треба да бидат интегрирани во нивните втори татковини како врвни бизнисмени, уметници, спортисти, научници. Така ќе придонесат и кон успехот на Македонија.
На крај, ве повикувам да ги искористите можностите што ги нуди нашата држава која е пријателски настроена кон странските инвеститори и, преку вашиот успех во Македонија, да бидете промотори и на Македонија.
Ви благодарам.

|