Обраќање на претседателот Иванов на Климатскиот самит во Париз
Понеделник, 30 Ноември 2015   

SAMIT_PARIZ_2Ценети екселенции,
Дами и господа,

Денес, во Париз, кога сме собрани да постигнеме мир со природата, загрижува што нема мир меѓу луѓето. Во време кога се обидуваме да го склучиме последниот договор што треба да ни овозможи одржлив развој, на повидок е сериозна безбедносна бура што може да однесе сè што досега е направено.

Како што е неопходно да бидеме здружени во борбата против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам, така мора да бидеме здружени и во напорите за постигнување климатски договор.

Како што ни е неопходен мир меѓу луѓето и народите, така ни е неопходен и мир со природата. А мирот е невозможен без правда и кон луѓето и кон природата.

Правдата ја вброивме меѓу загрозените видови.
Се поставивме за господари на природата, без да умееме да господариме со сопствената алчност.
Наспроти нашите речиси неограничени технолошки можности, останавме со ограничено чувство за одговорност кон нашиот заеднички дом.
Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци.

Денес сме тука за да се обидеме да ја избегнеме провалијата кон која се стремиме.
Денес сме тука за да покажеме дека имаме доволна политичка волја за да се соочиме со реалноста на глобалното затоплување.

Република Македонија веќе ги утврди националните придонеси кон климатските промени.

Нашиот став е јасен. Се залагаме за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и применлив за сите земји. Овој сеопфатен договор треба да содржи конкретни чекори за ублажување и адаптација кон климатските промени, за финансирање, јакнење на капацитетите и трансфер на технологии. Треба да содржи начин на спроведување и транспарентност на активностите и поддршка. Во рамките на нашите можности ќе се придржуваме кон таков климатски договор. Тоа е наш став и како претседавач со Централно европската иницијатива.

Тука, во Париз треба конечно да го затвориме кругот на одговорност.
Но, за да го направиме тоа неопходна е подлабока промена.

Очекуваме сета досегашна декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција. Очекуваме, краткорочните, да ги замениме со долгорочни решенија. Културата на расфрлање да ја замениме со култура на одржливост. Себичните интереси да ги замениме со интересите на човештвото. Површната реторика да ја замениме со конкретни дела. И тоа не заради нас, туку заради нашето потомство.

Ви благодарам.
SAMIT_PARIZ_1

  Back<<Назад